Самир Љума со босанскиот филм „Моето заробено срце“ на фестивалот во Талин

post-count icon
11.08.26

На 11 ноември на 30. издание на „Црните ноќи во Талин“ македонскиот директор на фотографија, Самир Љума, заедно со режисерот Џан Харба и продуцентот Зоран Ковачевиќ, ќе ја претстави краткометражната босанско-американска драма „Моето заробено срце“ пред естонската публика. Темата на филмот е копнежот и носталгијата по својата „загубена“ земја, за што Харба вели: „Се надевам дека филмот ќе го предизвика тоа толку присутно чувство на талкање низ светот во потрага по дом што сега постои само како сеќавање.“ Притоа, истакнувајќи го значењето на придонесот на Самир Љума во „артикулирањето на визуелниот јазик на филмот“

Македонскиот директор на фотографија и продуцент, Самир Љума, кој работеше на еден од најтрофејните и светски најпопуларните македонски документарни филмови, „Медена земја“, со новиот краток босанско-американски филм „Моето заробено срце“ на режисерот и сценарист Џан Харба следната недела ќе се претстави во главната натпреварувачка програма на кратки филмови на 30. Филмски фестивал во Талин, Естонија (од 6 до 22 ноември). На 11 ноември овој филм ќе ја има својата светска премиера во киното „Аполо“ во рамките на главната селекција на познатите „Црни ноќи во Талин“, каде што Самир Љума, заедно со режисерот Џан Харба и продуцентот Зоран Ковачевиќ, ќе го претстави филмот и по проекцијата ќе одговараат на прашањата публиката. Инаку, во Талин вообичаено салите на овој доста возбудлив фестивал, кој има А-категорија, се полни, особено што се одржува и во прекрасното предбожиќно време, кое таму на многу особен начин се одбележува, некако споено со традицијата и бајковитоста на ова средновековно гратче.

„Моето заробено срце“ е босанска драма, што ја напиша и ја режираше Џан Харба, кој по потекло е од Босна, но пораснал во Њу Џерси. Станува збор за една многу интимна и многу универзална приказна, а во денешно време, дефинитивно, и многу актуелна. Авдо (Изудин Бајровиќ) и Златка (Јасна Жалица) решаваат да се вратат во Босна по првпат откако од неа побегнале за време на војната во деведесеттите години на минатиот век. Едноставно, Авдо е обземен со својата идеализирана носталгија и копнее повторно да ја види својата земја. Но, нивното патување ќе открие една сосем поинаква, многу променета земја и се наметнува прашањето дали, воопшто, е можно да го пронајдат оној дом што некогаш го знаеле.

Како што вели Џан Харба, од почетокот овој филм е вкоренет во прашањето што значи да копнееш по дом, што повеќе не постои. А тоа е сигурно она прашање кое го носат во себе милиони луѓе денеска во светот, раселени насекаде, во земји кои таа нивна носталгија и копнеж понекогаш многу тешко можат да ја разберат.

Но, целта на Џан Харба не е тоа, туку неговото искуство во семејство, кое додека тој растел и се школувал во туѓина, морало да се бори со тие болни чувства на раселеност, носталгија и загубеност. „Сакав да ги драматизирам тие чувства, вели Харба, преку патувањето на Авдо и Златка, луѓе што сакаат да ги надминат поголемите општествено-историски проблеми, ризикувајќи да бидат проголтани од сопствениот идеализам. Се надевам дека филмот ќе го предизвика тоа толку присутно чувство на талкање низ светот во потрага по дом што сега постои само како сеќавање.“

Тоа е навистина исклучителна тема, која ја носат двајца извонредни актери, а филмот е снимен во црно-бела што му дава уште поголема автентичност. Не случајно, иако овој филм е негов дипломски проект, продуциран за NYU Tisch School of the Arts, тој веќе ги има освоено наградите National Board of Review Student Grant 2026 и Norman T. Strauss Award 2026. Нашиот Самир Љума, како што вели, веднаш по читањето на сценариото сакал да биде дел од овој проект. „Мајка ми е од Сараево, иако јас пораснав во Македонија, па мојот контакт со повоена Босна веројатно беше многу поинаков од оној на нашите протагонисти“, додава Самир, кој можеби токму затоа во него и може да ги прочита сите оние поттексти што оваа приказна ги содржи, а во која, како што истакнува, успеале да ја снимат, односно да ја доловат тишината како лик кој гласно зборува во самиот контекст.

Сето тоа звучи навистина многу силно, а особено кога ќе го погледнете трејлерот за овој филм. Самиот Харба го истакнува значењето на учеството на Самир Љума во „артикулирањето на визуелниот јазик на филмот“. „Работата со Самир беше еден од најзадоволувачките делови во создавањето на ова дело. Како студент, бев неизмерно благодарен кога дознав дека толку почитуван, искусен директор на фотографија ја препозна ветувачката страна на приказната и се приклучи кон неа. Покрај искуството и стручноста, Самировите животни перспективи и увиди неизбришливо ја обликуваа приказната: тој воведе гледишта за кои не сум ни размислувал. Најмногу ја почитував неговата чувствителност и великодушност со кои и пристапи на работата. Тоа беше толку исполнувачки, збогатувачки творечки однос, кој придонесе, не само да направам филм на каков што се надевав, туку и значително да пораснам како автор. Тоа е нешто што исклучително го почитувам во работата со Самир“, изјави Џан Харба.

Да потсетиме дека дека Самир Љума заедно со Фејми Даут ја потпишаа фотографијата во документарниот филм „Медена земја“, кој беше првиот македонски филм номиниран во две категории за „оскар“. За фотографијата во „Медена земја“ тој во 2019 ја доби наградата на фестивалот во Санденс, а заедно со Фејми Даут и наградата на Американското здружение на директори на фотографија за документарен филм. Инаку Самир Љума е познат по работата на меѓународни проекти, како и по соработката со млади режисери на почетокот од нивната кариера. Го има снимено и продуцирано краткиот филм „Мишко“ на Ханис Багашов (2018), направен кога режисерот имаше само 17 години, потоа го снимаше дипломскиот филм „Никола, Никола“ на Леон Ристов, дипломец на универзитетот „Колумбија“, а неодамна соработувал и со египетско-канадскиот режисер Марко Адли, школуван на NYU, на неговиот прв долгометражен филм „Stanza“. „Заробено срце мое“ е негова прва соработка со Џан Харба. Самир е член на македонската Асоцијација на директори на кинематографија при ДФРМ.

Што се однесува до младиот Харба, тој е писател и филмски режисер со седиште во Њујорк. Има дипломирано филозофија на Универзитетот во Чикаго, а ја добил и Фулбрајтовата стипендија за предавање англиски јазик на Универзитетот во Призрен на Косово. Моментално е дипломец на филмската програма во школото NYU Tisch. Досега има режирано неколку кратки филмови, меѓу кои: „Deus Ex Gym Machina“ (2021), „In Medium Res“ (2022) i „The Fifth Column“ (2024).

И, на крајот да кажеме дека оригиналниот наслов на „Моето заробено срце“ е MY ENSLAVED HEART, направен како босанско-американска копродукција, чии продуценти се: Зоран Ковачевиќ и Макс Вилсон. Веќе рековме дека е црно-бел, јазикот е босански, а монтажата е на Кемал Бурак Чухадар. Времетраењето на филмот е 26 минути. По светската премиера, Џан Харба и Самир Љума, како и целата екипа, се надеваат дека овој филм ќе може да го види и нашиот поширок регион. (С.У.)