Црните ноќи во Талин во текот на есента како да траат и по 20 часа, па токму затоа организаторите фестивалот го сместуваат во ноември, со цел филмските проекции да ги стоплат и осветлат црните ноќи. А филмот на Волкашин како да одговара токму на овој предизвик: „природата ја третирам како активен дел од филмскиот израз, а не само како амбиент. Преку односот меѓу ликовите и пејзажот, сакав да создадам визуелен свет во кој природата ја одразува и ја открива човечката природа“. Додека Зорица Нушева вели дека ова е патување на болка и надеж, лик кој е во постојана борба меѓу светлината на домот и темнината на сопствените сенки. Неговата премиера ќе се одржи на 17 ноември

Долгометражното деби на македонскиот режисер и сценарист, Андреј Волкашин, насловено „Сладоста на горчливите нешта“ ќе ја има својата светска премиера на јубилејниот 30. Филмски фестивал во Талин, Естонија (од 6 до 22 ноември), чие официјално име е „Црните ноќи на Филмскиот фестивал во Талин“.
Не случајно, бидејќи овој фестивал, кој веќе се наоѓа на листата на фестивали од А-категорија, е особен по многу нешта. Црните ноќи во Талин во текот на есента се чини како да траат и по 20 часа, па токму затоа организаторите фестивалот го сместуваат во ноември, со цел филмските проекции да ги стоплат и осветлат овие црни ноќи, чија маскота, се разбира, е токму осамениот волк, кој завива на месечината. Филмот на Волкашин, се чини, некако совршено се вклопува во целата оваа атмосфера, која е карактеристична по тоа што се труди на сѐ што се случува во и на фестивалот да му даде душа, е влезен во главната натпреварувачка програма, посветена на дебитантските долгометражни играни филмови.

Како што објаснија на денешната прес-конференција, неговиот автор, актери и продуцент, се работи за филм што е направен со многу љубов, многу страст, многу душа, сместен во прекрасна природа, која секогаш во себе некако ги спојува видливото и невидливото, како во природата, така и во човекот. „Во ‘Сладоста на горчливите нешта’ природата ја третирам како активен дел од филмскиот израз, а не само како амбиент. Преку внимателно кадрирање, композиција, светлина и односот меѓу ликовите и пејзажот, сакав да создадам визуелен свет во кој природата ја одразува, но и ја открива човечката природа. Ме интересираше контрастот меѓу природата, како простор на слобода и исконски инстинкти, и општеството, што нè учи да ги потиснуваме нештата во себе“, истакна Волкашин, додавајќи дека визуелниот пристап му овозможил внатрешната борба да ја раскаже, не само преку дијалогот и дејствието, туку и преку сликата, атмосферата и присуството на природата.

Имено, тоа е филм кој ги отвора прашањата за љубовта, за потиснатите чувства и за храброста да се соочиме со себе. Во фокусот е приказната за Дора, мајка, сопруга и ќерка во мало гратче во југозападна Македонија, опкружено со раскошна природа. Нејзиниот уреден и предвидлив живот, посветен на семејството, се менува кога грижата за една ранета и непозната жена ќе ја соочи со љубовта што долго ја потиснувала.

„Уште на првото читање на ова преубаво и во многу сцени, поетски напишано сценарио, беше јасно дека ликот е длабоко емотивно слоевит и во многу наврати контрадикторен, како фигура која постојано се движи меѓу грижата, страста, тајноста и вината“, зборуваше главната протагонистка Зорица Нушева, која ја игра Дора. Таа рече дека создавањето на овој лик го почувствувала како патување на болка и надеж, како лик кој е во постојана борба меѓу светлината на домот и темнината на сопствените сенки, во чија контрадикторност се крие токму силата и кревкоста на ликот.
Додека актерот Лео Долорес Поповиќ објаснуваше, што значи предизвикот да се толкува лик што ги отвора потиснатите страни на човечката природа. „Омилените ликови ми се оние што ме тераат да се соочам со себе и со сè што е прикриено во човечката природа. Во Бендида видов мозаик од сè од што просечниот човек истовремено е инспириран и исплашен“, истакна Поповиќ.

Премиерата на филмот во Талин е закажана за 17 ноември, а предвидени се уште 3 проекции. Инаку, филмот е снимен во селото Петрово, Гевгелиско, како и во Демир Капија. Како што додаде режисерот Волкашин, тој верува дека со актерите успеале да ги направат ликовите во филмот многу живи и реални, а приказната да ја сместат на локација што изобилува со прекрасни пејзажи во Македонија.
Продуцентката Елена Станишева нагласи дека филмот е резултат на меѓународна соработка и голема верба во приказната. „Овој филм е создаден низ многу разговори, ризици, компромиси и, пред сè, со голема верба. Тој е резултат на една вистинска интернационална соработка на филмски професионалци од различни земји, кои заедно препознаа нешто универзално во оваа приказна, а тоа е темата за љубовта. Сметам дека најдобро нè претставуваат токму приказните што се локално искрени, но можат емотивно да допрат до луѓето без разлика од кој дел од светот доаѓаат“, рече Станишева.
Таа додаде дека најубавиот дел од продуцентската работа е моментот кога филмот престанува да биде само на екипата и започнува свој живот, овој пат во официјалната програма на фестивалот во Талин. А понекогаш работите навистина интересно се склопуваат, бидејќи Талин во овој предновогодишен период навистина личи на бајка, првенствено поради целата негова неверојатна визуелност, но и поради топлината, нежноста, разбирањето и духовноста со која буквално сѐ е натопено. Впрочем, стариот средновековен град во срцето на Талин, кој инаку е заштитен од Унеско, важи за еден од најубавите стари градови во Европа, чија атмосфера, и покрај црните ноќи, нуди навистина неверојатно доживување, токму во поглед на оние надворешни и внатрешни предизвици, кои се присутни на секој чекор.

Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, рече дека филмот е поддржан со 19 милиони денари на конкурсот на Агенцијата во 2020 година, во првиот рок на одлучување, а реализиран е како копродукција меѓу Македонија, Бугарија и Хрватска, со македонски мнозински удел од 64 проценти.
Во „Сладоста на горчливите нешта“, покрај Зоруца Нушева и Лео Долорес Поповиќ, играат и: Јана Никодиновска, Ана Костовска и Гораст Цветковски. Директор на фотографија е Кирил Проданов, сценографијата е на Бојана Бучварова, монтажер е Невелин Вулчев, а музиката е на Ален и Ненад Синкауз.
Филмот е во продукција на „Веда филм“ од Македонија, и во копродукција со Screening Emotions од Бугарија и Studio Corvus од Хрватска. Главен продуцент е Елена Станишева, а копродуценти се: Поли Ангелова, Николај Тодоров и Звонимир Муниварана. Поддршката, освен од нашата Агенција за филм, доаѓа и од: Ннационалниот филмски центар од Бугарија, од Хрватскиот аудиовизуелен центар и од „Еуроимаж“. (С.У.)