„Клупа“ на Трифун Ситниковски и „No Skate!“ на Гил Села ги освоија главните награди на „Ѕирни“

post-count icon
10.03.26

Осмото издание на Фестивалот на кратки филмови донесе многу нови остварувања, дефинитивно, открива автори и секојдневно ги полни салите во „Котур“ и во Домот на АРМ. Победник, пак, во Студентската програма во домашната селекција е „Борби со ветерници“ на Борјан Гаговски, а интересно е дека и гласовите на публиката ги освои студентски филм, „Езерото“ на Софија Христовска. За крај следуваат „Казабалкан“ и 48-часовниот предизвик

Осмото издание на фестивалот на кратки филмови „Ѕирни“ (28 септември – 5 октомври), кое се одржува во „Котур“ и пред платото на Домот на АРМ, покажа дека и тоа како е жива и плодна независната кинематографија кај нас. Но, и не само тоа, туку дека смената на генерации донесе нова публика, која ги полни проекциите и создава навистина ветувачка и инспиративна атмосфера. Пред полна сала на 1 октомври беа доделени наградите во домашната и меѓународна програма.

Така, триумфот му припадна на Трифун Ситниковски, кој ја освои главната награда за најдобар краток филм во национална конкуренција, за неговото ново остварување „Клупа“. Според образложението на жирито, ова е филм кој на генијален, но сепак, крајно реалистичен начин го презентира јазот во меѓугенерациските односи, што длабоко во себе го крие автентичниот балкански идентитет, темпераментен, експлозивен, а истовремено произлезен од чувство на вистинска љубов. Филмот е проткаен со чувство на хумор и со деконструкција на стереотипите, што му овозможува на гледачот да се поистовети.

Жирито, кое одлучуваше за домашната и за меѓународната селекција, беше составено од: Сара Климоска, актерка, Дарко Набаков, актер и историчар на уметност и Василис Терзопулос, програмер на „Драма“ во Грција. За најдобар филм во меѓународната програма беше прогласен „No Skate!“ на Гил Села од Шпанија, за „неговото искрено и тивко набљудување на секојдневниот живот и за способноста да се доловат здодевноста и малите човечки мигови среде вревата на Париз, како и за пронаоѓањето нешто интимно и длабоко човечко во едноставниот чин на забавување и набљудување“.

Додека, Специјалното признание во оваа програма му припадна на „Nestling“ („Птичка во гнездо“) на Георги Мартев поради „чувствителниот начин на кој ја истражува тагата низ детската перспектива, поради неговиот визуелен поетски јазик, носталгичните пејзажи и атмосферата слична на сон, што создаваат посебен свет во кој загубата се изразува преку слики, тишина, набљудување…“

Во студентската програма, пак, за најдобар филм во националната селекција беше награден „Борби со ветерници“ на Борјан Гаговски. Жирито во кое беа: Тамара Ристоска, актерка, Атанас Велковски, снимател и Игор Христов, режисер, ја истакнаа неговата „документарна искрена наративност во начинот на кој се занимава со маргиналните карактери, кои најчесто, за жал, се заборавени од општеството. Но, здружението гледа потенцијал во нив и им овозможува креативен простор во кој ќе можат да се изразат, бидејќи уметноста е онаа која секогаш ќе најде начин“.

Специјалното признание во оваа програма го доби „Сѐ уште трчаме“ на Матија Штифаниќ, „за храбриот поглед кон една генерација која својот пат го претвори во порака, а сопствената издржливост во сведоштво. Тоа е филм, кој потсетува дека кога институциите се неми, истрајноста станува глас“.

А главната награда во интернационалната студентска програма отиде кај Кевин Кох за „Мајка на еден син“. „Режисерот вешто владее со кратката форма, има силен и зрел филмски израз кој навлегува во тешката и чувствителна тема, успешно доловувајќи го чувството на вина. ‘Мајка на еден син’ има извонредна фотографија, снимен на 16мм лента, исполнет со траорна атмосфера која му дава дополнителна тежина“, напиша жирито во своето образложение.

Додека публиката за најдобар филм го избра студентскиот „Езерото“ во режија на Софија Христовска.

Осмото издание на фестивалот „Ѕирни“ завршува на 5 октомври. Во недела во кафе и филм „Котур“ во 12 часот предвидено е да се одржи концертот на „Hot jazz orkestar“, а во 20 часот ќе може премиерно да се види театарската претстава „Казабалкан“ во режија на Дамјан Костовски, по текст на Горан Стефановски. „Дејството во оваа претстава стилски и жанровски се развива од реализам до драма на апсурд, па поради тоа претставата гради специфичен јазик и една надреална димензија на односите помеѓу ликовите. Духовитоста на оваа ‘трагедија’ во време на војна, ги урива рамките на стандардното гледање и доживување на делото и на брехтовски начин станува коментар за лицемерното време во кое живееме.“

Фестивалот се затвора во понеделник со проекциите и прогласување на победниците на филмовите кои беа продуцирани за време на 48-часовниот предизвик. Локацијата, како и на отворањето, е платото пред Домот на АРМ, а на крајот следи музичката селекција на „Double G“. (С.У.)