Сараевски фестивал: Нашата актерка Сара Климоска втор пат ја носи Македонија во главното жири во Сараево

post-count icon
07.24.26

На 32. издание на фестивалот Македонија има големо учество, што одамна не се случило. Во главната програма влегоа филмовите на Дина Дума, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ и на Косара Митиќ, „17“, како и филмот на Висар Морина, „Срам и пари“, во кој Македонија е малцински копродуцент. * Куриозитет е што новиот документарец на Милчо Манчевски, „Добри луѓе“, направен во знак на почит кон жртвите во Кочани, ќе има светска премиера во Сараево. * Инаку, фестивалот на 14 август го отвора Павел Павликовски со „Татковина“, а годинава главната почест е резервирана за иранскиот режисер, Азгар Фаради

Пишува: Сунчица Уневска

Македонската актерка Сара Климоска ќе биде член на главното жири на 32. Сараевски филмски фестивал (од 14 до 21 август), кое ги доделува наградите „Срце на Сараево“ за филмовите од натпреварувачката програма на долгометражни играни филмови. Ова петчлено жири годинава го предводи познатата данска актерка, Емили Вотсон (која направи меѓународна кариера и освои повеќе награди, два пати беше номинирана за „оскар“, но улогата што ја вивна и ѝ донесе светска слава и по која, секако, најмногу ја паметиме, е „Кршејќи ги брановите“ на Ларс фон Трир), на која годинава ќе и биде доделено и почесното „Срце на Сараево“, додека останатите членови се: хрватскиот режисер, Игор Бежиновиќ, потоа директорот на Европската филмска академија, Матијас Ваутер Кнол од Холандија и грчката режисерка и продуцентка, Атина Рахел Цангари.

Сара Климоска е сигурно меѓу најмладите членови на главното жири досега, а од Македонија ова е втор пат во 30-годишната историја на фестивалот да имаме член во главното жири. Претходно беше режисерката Теона Митевска во 2019 година. Климоска, како што објавија на сајтот на фестивалот, веќе има забележителна кариера и на домашната и на меѓународната сцена. Најновата главна улога ја играше во новиот филм на Милчо Манчевски, „Збогум Копакабано“, кој својата премиера треба да ја има оваа година. Инаку, тоа е нејзина трета соработка со Манчевски, претходно играше во неговите филмови: „Врба“ и „Кајмак“.

Сара ја паметиме по две мали, но многу силни улоги што и го отворија патот за уште поголеми ангажмани на филмскиот екран. Тоа беше малата, епизодна, но впечатлива улога во „Џган“ на Вардан Тозија, како и енергичната, но одлично изнијансирана улога во краткиот филм на Горан Столевски, „Види ја ти неа“, кој отиде на „Санденс“. Потоа играше Сара и во неговите два следни филма, „Домаќинство за почетници“ и „Нема да бидеш сама“, како и во филмот на Елеонора Венинова, „Преекспонирано“. Сите овие остварувања беа претставени на некои од најголемите фестивали, а играше Сара и во неколку странски филма, како и во српската серија „Мочуриште“, за која беше номинирана во Сараево за млад актер. Во Берлин ја доби и наградата „European Shooting Star“, полека почна да се испробува и во режисерските води и некако природно дојде и ова признание. Сосем заслужено.

Годинава во Сараево имаме многу големо учество во главните програми, што одамна не се случило. Главно во Сараево последниве години ги гледавме филмовите на сестрите Митевски, кои сѐ повеќе и повеќе соработуваат со главната селекторка на Сараево, Елма Татарагиќ, која селектира дури три програми, двете главни програми за долгометражен и краток филм и програмата „Во фокус“, така што сите нивни филмови во Сараево, без оглед во која програма, секогаш се прикажани. Што се однесува до другите македонски наслови, преклани беше прикажан филмот „Убиј ги прво децата “ на Димитар Оровчанец, но за жал во програмата „Open Air“, која беше целосно испомешана, па дури  филмот имаше и само една проекција, иако приемот од страна на публиката беше одличен. Лани, конечно, после повеќе години, во главна програма беше ставен „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски, кој очигледно не можеше да биде прескокнат. Е, оваа година донекаде е исклучок.

Во главната програма влегоа дури два македонски филма, додуша првиот повторно филм во продукција на Лабина Митевска, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, кој веќе имаше светска премиера на њујоршкиот фестивал „Трибека“, а вториот „17“ на Косара Митиќ, чија светска премиера се одржа во програмата „Перспективи“ на Берлинале, со кој Сараево има 20-годишна официјална соработка. Првенствено преку платформата „Сараево талент кампус“, но подоцна и преку другите програми кои работат директно според методологијата и специјализираните модели на Берлинскиот фестивал. Нивната соработка е долгогодишна и многу успешна и на Сараево му носи огромен институционален кредибилитет.

Како и да е, Македонија одамна во главната програма немала два филма, а оваа година има дури и една копродукција, одличниот филм на Висар Морина „Срам и пари“ кој на „Санденс“ ја доби Главната награда на жирито, а беше прикажан и во Карлови Вари, но поради тоа надвор од конкуренција. За филмот, за кој имаше голем интерес во Карлови Вари, веќе пишувавме и рецензијата може да се прочита овде https://filmplus.mk.

Во Сараево овој филм влезе во главната компетитивна програма на долгометражни играни филмови, во која се вклучени вкупно девет филма. Заедно со споменатите два македонски филма, во трка за „Срцето на Сараево“ се и: словенечкиот филм „Сѐ што не е во ред со тебе“ на Урша Менарт, хрватскиот „Мали работи“ на Звонимир Јуриќ, косовскиот „ДУА“ на Блерта Башоли, кој годинава беше прикажан во „Недела на критиката“ во Кан, австрискиот „Everythime“ на Сандра Волнер, победник во „Извесен поглед“ во Кан, па грузискиот „Споредна улога“ на Ана Урушаџе, со две награди од Ротердам и романскиот „Не припаѓаш овде“ на познатиот режисер Флорин Сербан („Кога сакам да свиркам, свиркам“).

Вкупно, во четирите натпреварувачки програми, односно, во конкуренција за награди вклучени се 51 филм, а еден ќе биде прикажан надвор од конкуренција. Она што е за нас најинтересно, е дека новиот 86-минутен документарец на Милчо Манчевски, „Добри луѓе“, влезе во натпреварувачката програма за документарни филмови, чија селекторка е Рада Шешиќ, каде што ќе ја има својата светска премиера. Интересно е дека последниве години ниеден негов филм не бил вклучен во главната натпреварувачка програма на играни филмови, што е голема штета и огромен пропуст.

Како што веќе се знае, „Добри луѓе“ Манчевски го направил во сопствена продукција, без поддршка од Агенцијата за филм, во знак на почит кон жртвите од Кочани. „Бескомпромисна филмска медитација за тагата, преживувањето и достоинствените меѓучовечки односи. Филмот ‘Добри луѓе’ со строга воздржаност зборува за последиците на пожарот во ноќниот клуб во Кочани, во кој беа изгубени 63 млади животи. Тој ги прикажува преживеаните, тивки херои, не како симболи, туку како ранливи луѓе од крв и месо кои силно страдаат и трпат. Обидот за соочување со катастрофата речиси неприметно се претвора во студија за човечката издржливост, споменик на тивката, но упорна моќ на надеж“, пишува отприлика на сајтот на фестивалот.

Инаку, годинава фестивалот по втор пат го отвора веќе култниот полски режисер, Павел Павликовски, со неговото ново црно-бело остварување „Татковина“. Овој филм светската премиера ја имаше во Кан, каде што Павликовски повторно ја доби „Палмата“ за режија, која веќе ја има освоено 2018 за „Студена војна“. „Татковина“ носи едно интересно патување низ разорената Германија по Втората светска војна, чии главни протагонисти се нобеловецот Томас Ман (Ханс Зихлер) и неговата ќерка Ерика, која ја игра сѐ пореномираната германска актерка Сандра Хелер.

Специјален гостин оваа година на фестивалот е извонредниот ирански уметник и автор, Азгар Фаради, кој зад себе има фасцинантни дела, огромен број награди на најзначајните фестивали, чиј филм „За Ели“ што  во 2009 ја освои „Сребрената мечка“ за режија, го донесовме во Битола на „Браќа Манаки“ во програмата „Нови визии“. Фаради на 24. Фестивал во Сараево беше претседател на жирито, додека годинава во програмата „Посветено“ ќе биде претставен комплетниот негов опус, а ќе му биде врачено и почесното „Срце на Сараево“.