Ретроспектива: „Сакам да ја скршам традиционалната слика на жената“, изјавуваше Билјана Гарванлиева

post-count icon
05.14.26

Во Кинотеката на Македонија денеска (14 мај) почнува тридневната Ретроспектива посветена на творештвото на нашата режисерка Гарванлиева, со наслов „Гледање со срцето“, која со својот опус посветен на женските хероини успеа да создаде еден поинаков и уникатен филмски универзум. Умееше Билјана да продре до сржта на приказните, на проблемите, да погледне длабоко внатре и да проговори за она невидливото. Умееше Билјана така да зборува со своите протагонистки, да ги натера да се отворат и да ги кажат своите најскриени желби, соништа, посакувања и со тоа да прозбори за нивната вредност, интуитивност и креативност. Сето тоа во прилог на нејзината желба да се бори против стереотипите и да го отвори патот за сите оние кои сакаат и кои ќе се охрабрат да бидат поинакви

Пишува: Сунчица Уневска

Од денеска до 16 мај во Кинотеката на Македонија ќе се одржи Ретроспектива посветена на творештвото на нашата режисерка, сценаристка, драматург и театарска критичарка, Билјана Гарванлиева (1973-2016), насловена „Гледање со срцето“ што, впрочем, и совршено одговара на начинот на кој таа работеше на своите документарни приказни. Бидејќи, нејзината цел никогаш не беше само да ги прераскаже животните приказни на своите протагонистки, туку да ја долови емотивноста, да ја долови суштината, да проговори за околностите, за односите, за општеството, за целата онаа душевна состојба која ги тераше гледачите со нив толку присно и толку вистинито да се соживеат. Со оваа ретроспектива се одбележува 10-годишнината од нејзината смрт, но некако судбински и десетгодишнината од нејзината работа во текот на која таа направи толку многу (се разбира, не мислејќи само на бројноста на делата) како да станува збор за творештво долго три пати по толку. Токму затоа насловот совршено го опишува начинот на работа и нејзиното творештво, нејзиниот придонес, кои беа толку срчено посветени на животот на нејзините протагонистки.

Публиката ќе може да ги види сите нејзини пет филма кои опфаќаат толку различни теми, толку различни судбини, кои отвораат бројни прашања и кои успеаја да бидат актуелни и денес со својата проникливост и посветеност, покажувајќи дека она за што се залагаше Билјана има свој одѕив и денеска. Така, првиот ден со поднаслов: „Таленти и околности“ ќе бидат прикажани нејзиниот прв филм „Македонски сон – Девојчето со хармониката“ од 2006 година и хронолошки, третиот филм „Шивачките“ од 2010 година, и двата во траење од 30 мин. и во германска продукција. На отворањето на Ретроспективата за творештвото и филмовите на Гарванлиева ќе зборува филмската критичарка Сунчица Уневска (инаку, авторка на текстот), а заедно со партнерот на Билјана и нејзиниот соработник, Мануел Цимер, по проекциите ќе ја одржат и првата сесија Прашања и одговори.

Вториот ден, на 15 мај, со поднаслов „Традиција и промени“ ќе се прикаже нејзиниот исто така 30-минутен документарец, „Девојчето што бере тутун“, кој во 2009 година за првпат на филм нѝ го откри животот во јуручкото село Коџалија и судбината на жените во контекстот на нивната традиција и вообичаена изолираност од другите заедници во Македонија. Додека, како втор филм ќе биде прикажан првиот нејзин документарец за климатските промени, повторно видени низ женските судбини, што беше и нејзина своевидна преокупација, насловен „После дождот“. Гости на вториот ден, кои ќе ги претстават филмовите на Гарванлиева и ќе зборуваат со публиката по нивните проекции, ќе бидат режисерот Георги Унковски, кој го направи „Диџеј Ахмет“, филмот сместен во јуручките села и режисерката Марија Џиџева.

За третиот ден односно 16 мај е оставен петтиот филм, кој за жал, поради нејзината прерана смрт беше недовршен, но од страна на нејзините соработници подоцна е завршен, се разбира, според нејзината замисла и идеја. Со „’Тетовски самрак’ Билјана не само што сакаше да сними нов филм за својата земја преку истражување на суштината на непријателството меѓу Албанците и Македонците, туку и повторно ја откри својата татковина и си го постави прашањето: Како може да се остварат соништата кога околностите се катастрофални?“. Така пишува во најавата за третиот и последен ден од оваа Ретроспектива, со која, се разбира, ништо не завршува, напротив, нејзиното творештво и отворените прашања бараат одговори и денес. За филмот и за сѐ друго по проекцијата ќе зборува Мануел Цимер, кој во овој филм во македонска продукција, ја потпишува камерата.

Како што повеќето знаат филмот „Девојчето со хармониката“ зборува за 17-годишната Емилија, која е сиромашна и свири на стара и расипана хармоника, а сонува да стане концерт-мајстор по хармоника и да може животот да го посвети на својот омилен инструмент. Додека, 14-годишната Мумине од јуручкото село мора да одгледува тутун и да ја следи традицијата според која треба да биде продадена како невеста, а таа сонува да продолжи со школувањето и да може да изгради самостоен живот. Она што е интересно е што по прикажувањето на овие два филма се јавуваа многу луѓе кои сакаа да донираат средства за Емилија да купи хармоника, а Мумине да може да го продолжи школувањето. Всушност, нема подобар доказ за тоа како филмовите биле примени и какво влијание извршиле од овие податоци и обид на бројната публика да им помогне на младите девојки.

Имено, факт е дека филмовите на Билјана Гарванлиева имаа голем одек. Со своите, тогаш само 4 филма таа успеа да стигне до европската и светската јавност, да отиде на многу фестивали и да освои бројни награди. Првиот филм ѝ донесе 25 награди, меѓу кои и националната германска награда за краток филм „Златна Лола“, а вториот филм посветен на јуруците, кој беше прикажан на огромен број фестивали (меѓу кои и во Палм Спрингс, каде што добитниците автоматски го добиваат правото да бидат номинирани за „Оскар“), ѝ ја донесе наградата за најдобар млад македонски автор.

Во 2010 година Гарванлиева ја доби и најзначајната награда за медиуми во Германија, „Јулиане Бартел“, додека со „Шивачките“ во 2010 ја освои главната награда „Срцето на Сараево“. Сите три теми во овие филмови на Гарванлиева се осврнуваат на македонската реалност и раскажуваат документарни, но многу интимни и лични стории, кои публиката успеа да ги препознае.

„Мојата ангажираност како документарист е да ја скршам традиционалната слика на жената во македонскиот филм, па и театар, како домаќинка, проститутка и вечна жртва. Моите хероини сакаат да постигнат нешто во животот и постојано се во конфликт со нашето авторитарно општество, кое ги кочи во остварување на нивните цели“, ми изјави Билјана во нашето интервју за „Утрински весник“. Така и беше, вo фокусот на нејзините филмови секогаш беа жените за кои таа сметаше дека се исклучително мудри и креативни, но заглавени во стереотипите и традицијата, поради што го немаат она место кое го заслужуваат.

Кога ја доби наградата во Сараево Билјана изјави: „Овој филм им го посветувам на сите жени во Македонија, бидејќи конечно заслужија да добијат филм во кој ќе бидат претставени како хероини, а не како жртви“, додавајќи дека ова е голема победа за македонската документаристика. За само десет години Билјана направи многу за македонскиот филм, а со својата ангажираност, и за состојбата во филмот, како и за сликата на жената во македонскиот филм. А особено, она што неа и беше посебно важно, и за нивните права и за кршењето на стереотипите, сѐ со желба жената да биде и да го оствари она што може и што го посакува. Ретроспективата е посветена токму на тоа, на вредностите и значењата кои остануваат и за пораките кои не губат од значење, особено ако не дозволиме да бидат заборавени.