БЕРЛИНАЛЕ Рецензија: Кога животот сѐ помалку беше живот

post-count icon
03.11.26

Кон филмот „Каде“ во програмата „Перспективи“: режија и сценарио: Асаф Махнес, улоги: Ехаб Салами, Идо Тако, Дерија Дурмаз, Рама Насрала, фотографија: Мајане Бухник, монтажа: Ор Ле-Тал и Шаули Меламед, Германија/Израел 2026

Пишува: Сунчица Уневска

Германско-палестинскиот филм „Каде“ на режисерот и сценарист Асаф Махнес беше едно од најубавите откритија во програмата „Перспективи“ на годинешниот 76. Берлински филмски фестивал. Станува збор за филм што се претвора во вистинска студија на животот, но не во некоја филозофска смисла, напротив, тоа е толку топол, толку едноставен, толку човечки, толку кршлив и толку емотивен филм што допира буквално до секого, без оглед од каде доаѓа. Тоа е приказна за човечките судбини, за иронијата која понекогаш умее навистина да создаде неверојатни ситуации, за апсудрот кој знае да си поигра со сите нас ставајќи нѐ во невозможни ситуации кои едноставно нѐ тераат да „копаме“ во себе, па колку и да е тоа болно, колку и да е неочекувано, колку и да е невообичаено.

Животот понекогаш е толку непредвидлив,  но не и неразумен. Бидејќи, човечките судбини секогаш во себе го носат предизвикот, го носат целиот оној универзум што го исцртува нашиот свет, ги носат сите очекувања, надежи, разочарувања и верувања кои кога-тогаш ќе испливаат надвор, колку и да се потиснати, колку и да се сокриени во неминовноста на секојдневието, во неговата неумоливост. Често умееме да бидеме изненадени, но тоа не значи дека нешто е неверојатно или невозможно, туку само дека е невидливо, заглушено, прикриено, додека го градиме својот живот онака како што можеме и мораме.

Прекрасна е таа идеја на Махнес да ја разбуди во сите нас емпатијата, разбирањето за другиот, да го разбуди она во нас од кое понекогаш сосем свесно сме се откажале не очекувајќи чуда. Едноставно, животот си тече, а со тоа и нашите обврски, и нашите напори да создадеме нешто кое ќе има вредност, кое ќе има суштина, нешто во што ќе веруваме, да создадеме живот кој ќе може да нѐ води понатаму, да нѐ мотивира, како нас, така и нашето семејство, бидејќи тоа нели е сржта, тоа е суштината, тоа е целта кон која стремиме, тоа е припадноста, нашата фамилија.

Палестинецот Хасан (Ехаб Салами) е таксист, кој вози низ улиците на Берлин секојдневно во ноќните часови. И иако тоа навидум не е ништо ново, ниту оригинално, сепак, Махнес ќе успее да создаде вонсериска приказна, која не само што е поинаква и неодолива, туку приказна која силно погодува, приказна која боли, приказна која е толку совршена во свето несовршенство, приказна за луѓето и нивните судбини, за она што мораме и што сакаме, за оној обид да се најдеме па колку тоа и да изгледа безнадежно. Самиот наслов „Каде“, всушност, се претвора во своевидна симболика, бидејќи тие такси возила работат со апликација, па точно се знае каде, но прашањето не е излишно, особено кога не знаеме каде животот ќе нѐ однесе.

Неверојатно е колкава динамика постигнува Махнес во самото такси-возило, бидејќи целата приказна главно се одвива во таксито со многу малку исклучоци. А уште поинтересно е што сите настани ги доживуваме преку ликот на Хасан, кој на прв поглед е само нем набљудувач, што тивко и без реакции ги поднесува сите ексцеси во неговиот автомобил. Има моменти кога си мислите дека Хасан ќе реагира или дури ќе ги избрка од колата двајцата млади мажи љубовници, или дека некако ќе реагира кога една доминантна жена се расправа со сопругот, во што всушност е внесен многу хумор, луцидност и откаченост. Набљудува Хасан и кога во автомобилот ќе влезе некој сосем апсурден лик како оној облечен целосно во бело трико, за подоцна да се сретне со својата љубов облечена исто како него, но во целосно розово трико. Има тука сѐ и сешто, но главно настани во кои Хасан никогаш не се меша, сѐ додека не го сретне Амир (Идо Тако) и неговиот љубовник и моментот кога ќе сушне дека Амир зборува арапски.

Тогаш почнува едно сосем необично пријателство помеѓу Амир од Израел и Хасан од Палестина, кои всушност потекнуваат од речиси истото место, но Хасан и неговото семејство за време на војната или познатата ал-Накба во 1948 морале да се преселат. Нивното пријателство е разбирливо колку што е и неразбирливо, но нивната оддалеченост од домот ги брише оние причини што од нив создаваат непријатели, покажувајќи ја токму целата бесмисла на војната, бидејќи не само што ги делат истите сеќавања и традиции, туку ќе почнат сѐ повеќе да ја делат и болката и емоцијата. Амир сѐ повеќе преку апликацијата го бара Хасан, а Хасан во него се гледа себеси и ја чувствува неговата ранливост, сакајќи да му помогне. Тој буквално ќе почне да се грижи за него и кога е повикан и кога не е, а нивната приказна, како што е и очекувано, почнува да ги вади надвор нивните најдлабоки болки, стравови, трауми, но и љубови.

Многу се интересни тие ноќни тури низ Берлин, кои го откриваат лицето на градот од сосем поинаков агол. За Хасан, пак, плаштот на ноќта е најсигурното време, кога тој како аутсајдер може да се вклопи и да ја работи својата работа. Има Хасан свои грижи, свое семејство во кое има недоразбирање со најстарата ќерка, која е вљубена во Германец и сака да се мажи и која прибежиште наоѓа кај својот вујко. Таа одбива да се врати дома, избегнувајќи ги расправиите со својот татко… Сепак, ова е Берлин, не Палестина, и сето тоа има свое влијание кое бара приспособување.

Ликот на Хасан има посебна харизма, односно изборот на актерот Ехаб Салами е исклучителен, бидејќи ви се чини дека тоа не е актер. Хасан е толку автентичен лик, толку дистанциран, но и топол, толку навидум незаинтересиран, но полн со емпатија, толку на моменти човек кој можеби е изненаден и не се согласува со она што го гледа, за во следниот миг да видите како се обидува да помогне, како ситуација која се движи на раб на помирување, на прифаќање, на разбирање, на предизвик со кој тој на свој начин се соочува… Од една страна е чуден, но од друга толку мил, толку немоќен и ранлив, со таква потреба да разбере, со едно необично чувство на поистоветување кое наеднаш ќе го натера да се наврати на својата животна приказна, на она што кај него останало недовршено, на она што го потиснал, но во суштина никогаш не исчезнало.

Имено, токму тоа е животот, токму тоа се вистините кои сите ги носиме, односно трагите и случувањата што ни го промениле животот, чувствата, болките, нерасчистените очекувања или разочарувања кои не исчезнуваат туку-така. Некогаш и тој бил безнадежно вљубен како Амир, некогаш и тој правел лудости, дури и ја напуштил својата земја за љубовта. Но, кога тоа нема да се оствари, како што вели Хасан, „тоа се помалку беше живот, но сепак, беше живот“. Тој создал семејство и го градел својот живот, но болката, онаа неостварена љубов за која Амир токму во неговиот автомобил ќе го изрази своето страдање и во својата разочараност и опиеност ќе го праша: „како тој би се носел со болката кога би бил вљубен“, останува прашање на кое нема одговор. Некако, тоа и ќе го разбуди она потиснатото во Хасан, кој во ноќта на берлинските улици, се чини, ќе почне повторно да трага по одговорот…

Целата оваа приказна се одвива во времето пред да се разгори конфликтот во Газа, Амир ќе мора да се врати во својата земја, а Хасан и понатаму го продолжува своето трагање по некои скриени тајни, свои или туѓи. Животот продолжува, тие преку ноќ стануваат „непријатели“ иако тоа не се, ниту можат да бидат. Тажна слика за нешто што е погубно, а толку природно се претвора во такво блиско пријателство, тажна слика за животот кој се одвива далеку од нашите огништа, чии случувања влијаат на нас и без да сме свесни за тоа. Тажна слика за припадноста, за интегритетот и љубовта, тажна слика за тоа колку таму каде што ни е срцето не можеме да бидеме свои, а тука, во туѓина, наоѓаме или трагаме по некои делови од кои никогаш не може да се направи цело. Растргани меѓу емоциите и припадноста, меѓу желбите и можностите, меѓу љубовта и копнежот, меѓу својот идентитет и вистинското чувство на припаѓање, продолжуваме онаму каде што мораме, онаму каде што нѐ носи судбината.

Едниот во неизвесноста на враќањето, другиот во извесноста на животот што во туѓина го создал. Среќата не е ни важна, важно и доволно е понекогаш да најдете некој кој ќе разбере, некој кој ќе ве натера да се соочите со потиснатото, некој кој ќе сака да ве слушне и ќе ве поттикне да продолжите да го барате она што ви недостига. Животот е толку неочекуван и дома и надвор, животот е составен од толку многу различни делови кои или ги носиме со себе или ги оставаме, надевајќи се дека ќе ги заборавиме или дека повторно ќе ги најдеме на друго место.

Преубав филм, кој по проекцијата во Берлин создаде неверојатна атмосфера, која се чини кај сите го разбуди оној копнеж присутен или заборавен, копнеж кој нѐ потсетува дека луѓето ќе се препознаат секаде, без оглед од каде доаѓаат, без оглед каков товар носат. Сите ги делиме истите потреби, желбата да бидеме сакани, желбата да припаѓаме, сѐ друго е нешто што е наметнато, нешто што во далечината се губи. Што, за жал, не значи дека исчезнува. Границите, земјите, војните се реалноста, иако човекот упорно ја бара својата среќа во некој меѓупростор, прифаќајќи ја раката на другиот.