„Жолти писма“ на Илкер Чатак ја доби „Златната мечка“ на 76. Берлинале, додека на „Спасение“ на Емин Алпер му припадна Големата награда на жирито. По големите турбуленции на фестивалот поради изјавата на Вим Вендерс дека уметноста треба да остане надвор од политиката, сепак, крајот го одбележа токму политичката ангажираност, како во поглед на филмовите, така и во поглед на пораките испратени од сцената
Специјално од Берлин
Сунчица Уневска

За среќа, и покрај контроверзиите за време на целиот годинашен Берлински филмски фестивал околу политичкото во филмот и одговорноста на уметниците во поглед на времето во кое живееме, на крајот Берлин остана на своето. Политички ангажиран и место од каде што беа испратени многу важни пораки, и низ филмските дела, но и преку ангажманот на филмските работници кои силно и бескомпромисно застанаа во одбрана на слободата на говорот и моралната и политичка одговорност. Бидејќи, како што се покажа, уметноста не може да остане надвор, напротив, таа е најсилна и најзначајна токму кога зборува за сето она што го одредува нашето денешно живеење.

„Златната мечка“ ја доби турскиот филм „Жолти писма“ на Илкер Чатак, авторот кој ја одушеви берлинската публика и пред две години со својот филм „Наставничка канцеларија“, подоцна номиниран за „Оскар“. И сега Чатак повторно прави силен ангажиран филм, кој зборува токму за денешните тоталитарни системи, што сè повеќе се во подем, како во овој дел на светот, така и пошироко. Но, она што е многу силно кај Чатак е што умее тие големи и универзални теми да ги раскаже низ интимните приказни, низ односот меѓу пријателите, колегите или семејството. Бидејќи, токму тука е коренот на сите промени, тука најмногу се гледа поразителноста на системот.
Во „Жолти писма“ станува збор за една брачна двојка, за Дери (Озгу Намал) и Азиз (Тансу Бикер), кои работат како актерка и драмски писател во театарот во Анкара, од каде што ќе добијат отказ поради нивната лева ориентираност и поттикнување на протести против актуелната власт. Наеднаш сè за нив се менува, не само што ќе мора да се преселат во Истанбул, туку ќе се најдат во еден вител соочени со бројни предизвици. Она што е најинтересно е дека Вендерс ќе го пофали филмот поради политичкиот јазик на тоталитаризмот за разлика од „емпатичната јазична кинематографија“.

Што и да значи тоа, секако, не беше доволно за да се заборават неговите бесмислени изјави околу полтичката ангажираност и бурата која годинава се создаде околу одговорноста на филмските работници, кои здружено и заедно застанаа против ваквите ставови, барајќи слобода на изразување од фестивалот кој, всушност, со години е познат токму по политичката платформа и политичките пораки зад кои стоел секогаш давајќи им поддршка на онеправданите.

Големата награда на жирито отиде кај вториот турски филм прикажан во главната компетиција, „Спасение“ на Емин Алпер. И покрај сè, треба да се каже секоја чест за овие награди, бидејќи „Спасение“ е уште еден импресивен филм, дури визуелно и емотивно и поимпресивен. Емин Алпер успева така да го фати тој внатрешен немир и параноја на жителите во планинското оддалечено село, кои се во долгогодишен судир со еден друг клан, односно со жителите од другото, соседно село. Извонредно направен, моќен, жесток, исклучителен во потенцирање на апсурдноста, но и решителноста, неверојатен во сецирање на човечката природа. „Спасение“ е филм кој длабоко потресува, но и импресионира.
Мора да се каже дека годинава имаше многу добри филмови на фестивалот, и тоа не само во главната конкуренција. Филмови кои одушевуваа, не само со доловувањето на целата бесмисленост што не опкружува како резултат на денешните социјални и општествени системи, туку и во прикажувањето на такви лични приказни кои ве допираат до срце со својата немоќ, бесмисла и апсурдност.

А награда на жирито ја доби американскиот независен режисер, Ланс Хамер, кој за својот филм „Кралица на морето“ ги ангажираше Жилиет Бинош и Том Кортни (познат од „45 години“). Тоа е филм за деменција, но во кој прави еден навистина поинаков поглед во борбата со оваа болест од страна на сопругот и ќерката, кои често доаѓаат во конфликти обидувајќи се да се однесуваат „во нејзин интерес“, бидејќи границите се доста дискутабилни, особено кога треба да заштитите нечија автономност. Том Кортни и Ана Калдер-Маршал, оправдано, ги освоија и „мечките“ за своите споредни улоги. Сосем очекувано, пак, наградата за главна улога ја доби германската актерка Сандра Хелер, која донесе брилијантна игра во „Rose“ (војничката роза) како жена која се преправа во маж и која во 17 век, претставувајќи се како војник, се обидува да преживее и да се интегрира во едно протестантско село.

Наградата за најдобра режија ќе ја освои британскиот режисер Грант Џи за филмот „Сите го сакаат Бил Еванс“, во кој извонредни улоги даваат: Бил Пулман, Андерс Даниелсен и Лори Меткалф. Филмот го прикажува внатрешниот живот на овој легендарен џез-пијанист кој се бори со својата зависност, но и со загубата на неговиот басист, кој е негова сродна душа.
За разлика од претходните, канадско-бугарскиот филм „Нина Роза“ ќе ја добие „Сребрената мечка“ за сценарио, што навистина беше изненадување, бидејќи станува збор за доста слаб, предвидлив и шаблонизиран филм. Еден трговец со уметнички слики од Квебек, инаку по потекло од Бугарија, се враќа по долги години во својата земја за да провери дали едно девојче е навистина чудо од дете или се работи за измама. Филмот се изгуби во таа конкуренција. Можеби да беше прикажан во друга програма и ќе беше онака едно симпатично, носталгично патување кое баш и нема некакво значење, но во конкуренција, и тоа во таква силна каква што беше годинава, тоа е филм кој се заборава веднаш. Имаше многу филмови кои можеа и требаше да бидат наградени, но ете…

Наградата за уметничко достигнување ја доби американскиот документарец „Јо (Љубовта е бунтовна птица)“ на Ана Фич и Банкер Вајт. Во програмата на дебитанти „Перспективи“, во која беше селектиран и македонскиот филм „17“ на Косара Митиќ, главната награда ја доби палестинскиот филм „Хроники од опсадата“ на Абдала Алкатиб, за начинот на кој успева да ја долови агонијата на луѓето кои се обидуваат да преживеат во воена зона. Додека германскиот филм „Судењето на Хеин“ на Каи Станике, кој од многу аспекти прави неверојатен филм за млад човек што по 14 години се враќа во неговото село на еден доста специфичен остров (што како сценарио наликува на „Догвил“), каде што ќе дојде до судење за да се утврди неговиот идентитет. Одличен филм, кој за жал, ја доби само наградата „Теди“, познати награди за квир филмови и уметници, кои на Берлинале имаат голема традиција и годинава ја славеа својата 40-годишнина.
Наградите на критиката „Фипресци“ отидоа кај Махамет-Салех Харун од Чад за неговиот надреален филм „Сумсум, ноќ на ѕвездите“ (од Главната програма) и кај британскиот „Анимол“ на Ешли Волтерс, сместен во институција за млади престапници, за кој во Берлин не можеше да се најде карта (од програмата „Перспективи“). Иако тоа годинава важи и за „Перспективи“ и за „Панорама“ во кој имаше одлични филмови за кои билетите веќе однапред беа целосно распродадени.

Како и да е, годинешниот фестивал помина во знакот на контроверзноста која експлодира по изјавите на Вим Вендерс за тоа дека филмаџиите мора да останат надвор од политиката. Тоа навистина ја зовре ситуацијата, па не само што постојано се поставуваа прашања во врска со целата моментно политичка ситуација во светот, туку и над стотина филмаџии се огласија со јавно писмо и повик за тоа филмските работници да ја прифатат својата морална одговорност. Директорката Триша Татл, која и пред тоа имаше официјално соопштение изјавувајќи дека Берлинале отсекогаш било отворено за да се изразат своите ставови и политичката ангажираност, на крајот изјави дека обвиненијата за цензура беа штетни и базирани на дезинформации. На крајот таа изрази разбирање за луѓето кои дојдоа на фестивалот со многу лутина и тага, потенцирајќи дека ако ова Берлинале било под силен емоционален притисок, тоа не е несупех на фестивалот, ниту на кинематографијата, туку дека токму на тој начин фестивалот и киното ја работат својата работа.