РЕЦЕНЗИЈА: Легендата за Силјан ја носи благородноста и убавината и таму каде што ја нема

post-count icon
01.24.26

Кон „Силјан“, режија: Тамара Котевска, сценарио: Тамара Котевска и Суз Кертис, улоги: Никола Цонев, Јана Цонева, Александра Цонева, Иле Стојковски, фотографија: Жан Дакар, музика: Џо Вилсон Дејвис и Хуноук Парк, монтажа: Мартин Иванов, продуценти: Тамара Котевска, Жан Дакар, Јорданчо Петковски и Ана Хашми, Македонија/САД 2025

Пишува: Сунчица Уневска

Народната приказна за Силјан штркот е многу мудро употребена од страна на Тамара Котевска во нејзината филмска сторија за Силјан. Таа не навлегува во многуте детали од оваа легенда, ниту пак се расплинува, напротив, ја задржува базичната приказна и поука ставајќи акцент повеќе на реалноста отколку на басната. Но, интересно е тоа што оваа легенда за синот кој ќе се претвори во штрк поради клетвата на татко му, всушност, оди низ целиот филм, иако воопшто не ја нарушува неговата структура, неговата цел и поента. Напротив, со акцентирање на одредени елементи таа дури и ја засилува целата таа копнежлива атмосфера и неверојатна судбина на нејзините протагонисти, во која како и во бајките несреќата носи нов предизвик и суштина која и покрај сè може да го облагороди животот. Со други зборови Тамара заедно со Суз Кертис, со која го потпишуваат сценариото, прави една толку едноставна приказна и паралела која не може а да не ве освои со топлината, со благоста, со вистинитоста и минимализмот со кои ги избегнува патетиката и мелодраматичноста, правејќи една таква реална приказна чија неминовност е дотолку посилна без или заедно со фантастичните елементи кои се во неа толку „природно“ вклопени.

Токму затоа и не зачудува приемот на овој филм насекаде низ светот, бидејќи Тамара некако успева да ја најде вистинската формула за ова да биде документарно-игран филм, или да биде креативен документарец, или да има и документарни и фиктивни елементи, а на крајот да биде и документарец кој е инспириран и се испреплетува со народниот фолклор, а сепак ја доловува и актуелната реалност, правејќи симпатична и достоинствена алегорија со животот на тие толку таинствени, величествени и грациозни птици, како што се штрковите.

Од една страна, многу едноставен, многу искрен, дури и наивен, но од од друга страна, преполн со значења, со симболика, со преданија кои така лесно стигнуваат до луѓето без оглед од која страна на светот доаѓаат. Бидејќи тоа се такви семејни, изворни, топли приказни за луѓето, за нивната меѓусебна љубов и блискост, тоа се приказни кои зборуваат за вековните искуства кои не губат на значење затоа што се однесуваат на основните, базични вредности што се дел од нашиот опстанок, од нашето секојдневие, од нашето живеење, кое сакале или не, нè одредува. 

Не е важно каде живееме, со кого, што нè опкружува, тоа се оние преданија кои се универзални без оглед на различностите, без оглед на традициите, обичаите, верувањата. Љубовта, семејството, почитта, сето она што во себе го носиме благодарејќи токму на тие односи, благодарејќи на нашето потекло, на вредностите што се во нас отсекогаш всадени и благодарејќи на приказните, кои опстојуваат низ времето за да нè научат, за да нè натераат да запомниме, да не заборавиме, да нè натераат да учиме и да ја црпиме мудроста од искуството, создавајќи ги своите нови искуства и приказни. Затоа, се чини дека ваквите приказни се непроценливи, затоа што нè потсетуваат на она што на животот му дава смисла, му дава содржина, му дава значење, затоа што нè носат на изворот каде што нема никаква разлика кога зборуваме за животот, кој неминовно е поврзан со природата.

Неверојанто е колку филмот е едноставен и колку некако суштински и логично зборува за човекот и за природата, неверојатно е колку природно зборува за важноста на фамилијата и на нејзиното единство, неверојатна е параболата со штрковите, толку поетска, толку суштествена, толку убава, но и болна, толку лирска, но и вистинска, толку величествена. Штрковите и сами по себе носат толку симболика во раѓањето на животот и во неговото умирање, носат толку симболика во својата отпорност и континуитет, во звуковите што толку силно одѕвонуваат низ етерот, звуковите на животот, на барањето, на исчекувањето. Така исто е и со семејството кое ја вградува својата душа во тие прекрасни плодови за што макотрпно работи, за потоа со тага, но и со истото достоинство да ги бара остатоците во отпадот, онаму каде што животот во својата неминовност умее да ве одведе.

Не е случајно што National Geographic го зема овој филм, бидејќи тие толку точно умеат да ги препознаат вистинските нешта, оние во природата, но и оние така цврсто испреплетени со животот. Има во сето тоа и убавина, и тага, и препознавање, и пријателство, и верба, и поврзаност и поддршка, има и борба со стихиите, природни или општествени, чија рефлексија во природата е уште посилна. Некако сè е толку едноставно, јасно и лесно исцртано низ овие фасцинантни пејзажи, низ боите, низ музиката, низ сликите, сликите во кои го има животот и кога навидум го нема, слики кои стојат како величествени симболи додека и птиците и луѓето се фаќаат во костец со животните предизвици.

Да, има многу филозофско во овој толку едноставен филм, кој така лесно и добродушно ја раскажува приказната за Силјан штркот, но и за семејството кое поминува низ сите подеми и падови за на крајот повторно да ја најде убавината во заедништвото. Исто како и штрковите и нивните гнезда, исто како и нивниот очај кој никогаш не ја нарушува совршеноста што само во природата така непогрешливо умее да се одржи. Да, има многу филозофско во овој навидум едноставен и симпатичен филм, кој прави такво испреплетување со народниот фолклор. А што е, всушност, она за кое говориме. Филозофското некако се наметнува, суштината е присутна сама по себе, човекот и природата и птиците, сето тоа е една таква симбиоза, така што не можете да кажете нешто лошо, бидејќи сè што на филмот му недостига, овде некако се претвора во негова предност. Во тоа и е неговата умешност.

Наивноста и простодушноста се толку прекрасни и реални, самиот замислен конструкт на ова семејство и неговата судбина не губи ништо бидејќи е реален, без оглед што е конструкција. Изборот на Чешиново, местото каде што се собираат овие преубави птици е само по себе фантастично, бидејќи веќе низ сликите ги исцртува сите симболики и алегории без оглед на намерата, без оглед на природноста, без оглед на невозможноста, без оглед на наместеноста, но тоа сепак е нешто што ве соборува. Таа утеха и топлина, таа потреба и на човекот и на птицата се совршено доловени, совршено вклопени на секое ниво. Другото не е ни важно.

Не е важно ни тоа што ова е можеби помалку егзотична приказна за многумина, бидејќи штрковите иако се блиску до луѓето, сепак се далеку од нив, без оглед на симболиката со децата и со новиот живот. Има во сето тоа една таква привлечност, една таква симбиоза која не разнежнува без оглед на можноста. Сепак, зборуваме за легенда. Имено, како што реков, целата оваа приказна го има своето оправдување токму во пристапот и во идејата, така што сите недостатоци се негови предности. Тоа пријателство со птицата носи таква симболика, судбината на семејството говори за реалноста во нашата земја, без оглед на таа симпатична романтизираност, приказната завршува позитивно без оглед на сè, бидејќи целта и не е таква. Сказната овде совршено одговара и во својата вистинитост и во својата невистинитост, исто како и кај бајките што им ги раскажуваме на децата, кои се навидум невистинити, но зборат за вистината, само на поинаков јазик.

Да, Силјан е конструкција но толку совршена што е неверојатно природна, сè е во неа едноставно и наивно, па и нејзините протагонисти, па и самата нарација, па и односите и дијалозите, чија наивност е токму и предноста на филмот, бидејќи му ја дава реалноста. Неговата цел и е да проговори за реалноста, но не за да критикува, туку за да зборува за судбините, за погрешните одлуки, за последиците, но и за предизвиците, за подемите и за падовите.

А тие величествени и прекрасни птици, заедно со пејзажите така восхитувачки го носат животот во сета негова комплексност и неизвесност. Топлината, благоста, позитивниот пристап не ја намалуваат силината на реалноста, туку само го преместуваат акцентот сакајќи да го величаат животот, а не падот. Затоа овој филм, кој можеби е помалку од она што е замислено, а истовремено е и повеќе од очекуваното, функционира. Не значи дека не сме свесни за недостатоците, но тие се тука можеби пресметани, а можеби и не, бидејќи сепак животот е таков, непредвидлив.

Впрочем целта на преданијата и на народниот фолклор е да го сочуваме она што вреди да се сочува, иако низ годините и вековите тие преданија се менуваат и прилагодуваат, но сепак опстојуваат, зашто во себе го носат изворот, изворот на животот, на траењето и на љубовта. Таква е и конструкцијата на филмот, да проговори за вистинитоста, минималистички, без преувеличување и без разубавување, иако помалку ќе ги моделира нештата за да нѝ ја донесе суштината, која нè тера и понатаму во него да ја бараме убавината и во неа да веруваме, па и тогаш кога е невозможна.