По повод филмот „Империја на светлината“ на Сем Мендес: Што е илузијата, ако не одговор на нашите барања. Или очекувања. Или посакувања. Како што ќе рече францускиот писател Едмонд Жалу: „единствено илузиите нѝ помагаат да живееме“. Бидејќи, умеат илузиите да нѝ го дадат токму тоа што го бараме, без оглед на траењето, без оглед на достапноста, без оглед на присутноста. Важно е само во нив да веруваме
Пишува: Сунчица Уневска

Магијата која умее да ви го исполни животот со светлина, тешко е да се напушти. Умее таа да ве обземе така што светлината не се губи, дури и кога повеќе ја нема. Светлината која носи живот, топлина, убаво чувство, поддршка, разбирање, комуникација, предизвици, која носи толку непредвидливи нешта во животот останува да зрачи дури и кога исчезнува. А сето тоа е и разбирливо, бидејќи не е лесно да се откажете од она што му давало смисла на вашиот живот, од она што ве исполнувало, што ви давало значење и правело да се чувствувате живи. Тоа е нешто кое по секоја цена сакате да го задржите, па дури и кога обидите стануваат очајни, па дури и кога можноста за враќање на загубеното изгледа безнадежно. Но, сепак, не е, бидејќи сè додека се вложувате, сè додека се обидувате да задржите макар и трага, сè додека на луѓето околу вас им ја давате илузијата која сакате да ја задржите жива, и вие како и тие, тогаш надежта не е мртва.
Убавина затскриена под правот на времето
Така некако ме тера да размислувам филмот „Империја на светлината“, сместен во едно речиси пусто крајбрежно гратче, каде што некогаш преубавото здание, односно комплексот киносали „Империја“, едвај преживува, иако малата екипа луѓе вработени таму и понатаму се обидува да го задржи сето она што на ова здание му ја давало илузијата, стварна или не, сеедно. Одржувањето на редот, респектот кон гледачите, чистотата, разбирањето, гостопримливоста, љубовта кон работата, благородноста, но и фантазијата што на ретките посетители и понатаму безрезервно им ја нудат. „Империја“, некогаш преубава зграда со четири киносали и тераса која нуди волшебен поглед и многу носталгија, особено што таму ништо не е сменето, сè е поставено како и некогаш, иако избледено и празно.

И не случајно, бидејќи изгледа како целата таа убавина што го красела тој простор и сега да е тука, иако затскриена под правот на времето, иако затскриена зад заборавот, зад незаинтересираноста. Но, понекогаш треба само малку, можеби да се фрли оној замислен магичен прав, па да ја видите целата содржина, целата светлина и душа запретани некаде под пластовите на неминовното пропаѓање.
Кога ги гледате ликовите во овој исклучителен филм на Сем Мендес не можете да останете рамнодушни, бидејќи тие се толку добро замислени, толку неверојатно точно доловени во склад со целата ситуација во која се наоѓа киното, во која се наоѓа тоа запуштено место, во склад со тоа како изгледа самата околина, и покрај нејзината природна убавина. Тука се толку добро измешани минатото и сегашноста, толку фантастично испреплетени, и визуелно и духовно доловени, што ве вовлекува во себе со сета своја силина. Зашто, и покрај замирањето тука е толку присутен животот, тука е толку неверојатно фатена рефлексијата на она што некогаш било и на она што по секоја цена неговите протагонисти сакаат да го задржат, не само заради посетителите, туку и заради себе, заради илузијата која живее во нив, заради носталгијата која несвесно ја негуваат, заради оние емоции што ги чуваат во себе, заради незалудно потрошениот живот, заради надежта дека тука не е крајот…
Магија која може да ги оживее и најсмелите фантазии

Но, во суштина, не е ни важно дали е илузија или не, тоа сепак е нивниот живот, опкружен со магијата која киното веќе само по себе умее да ја понуди. Магија и утеха, магија и мечтаење, магија и барање повеќе или верување дека тоа е можно, магија која умее да ги оживее и најсмелите и најневозможните фантазии. Спојот што го прави Сем Мендес е исклучителен, бидејќи навестува некое замирање, навестува некој крај кој, всушност, не е возможен сè додека луѓето можат во него да се најдат себеси или да го најдат своето прибежиште. Колку сето тоа на моменти и да изгледа безнадежно, руинирано, маргинално или очајно, сепак не е, напротив, сите тие „маргинални“ ликови и сè што околу нив се случува, напати како да се претвораат во нешто што е толку непогрешливо, во нешто што толку интелигентно нè води до самата суштина, до самиот центар на постоењето, до самото јадро на живеењето. Би рекла, има таква мудрост во целата оваа приказна која фасцинира.
Зошто? Бидејќи, тоа е толку суштествена приказна за животот, животот кој е толку непредвидлив, толку променлив, толку разочарувачки, но и племенит, толку очаен, но и полн со дигнитет, толку откачен, а сепак полн со емпатија и разбирање за онаа најосновна човечка потреба, да ја најде надежта и да верува во движењето. Впрочем, ништо не застанува, па дури ни кога замира, ништо не е готово дури ни кога навидум не функционира, ништо не е бесмислено, ако барем некому му дава смисла, ништо не стивнува, ако и понатаму во него има глас.
Не се важни сликите на платното, туку нивната рефлексија

Тоа е приказна за губењето, но и за добивањето. За оние мигови кога се изместува тлото под нозете, за оние мигови кога ќе опадне сјајот, за оние заканувачки мигови кога нешто што било толку живо и импресивно може да се претвори во руина, не само физички, туку и суштински, во секојдневното битисување, тогаш кога пополека исчезнува и таа толку прекрасна и заслепувачка светлина. Насловот е таква фантастична игра со зборови, да, тоа е вистинска „империја на светлината“, но не само тогаш кога го имала полниот сјај, бидејќи империјата може да ја носи светлината во себе и денес, па макар и кога е невидлива. Илузијата на филмот е токму во тоа, во верување во невозможното, зашто на крајот на краиштата тоа не зависи од сликите на платното, туку од оние слики што ги рефлектира и во кои секој од нас може да се пронајде.
Се случуваат тука толку различни животни приказни, нестварни и променливи како „Империјата“, но и како брановите и ветровите присутни постојано во ова „мало“ крајбрежно гратче. Навидум празно, без многу настани или живост, а во суштина место во кое е сместена срцевината на заблудите, на очекувањата и на надежите. Така и ќе биде, има тука и злоупотреба од најдолен можен вид, има тука и љубов, има и дискриминација, има и страст кон својата работа, макар и кога е сосем изменето нејзиното значење, има и неверојатни пријателства кои умеат да ви го променат светот.

Но, има тука и таков однос кон посетителите што го покажува целиот дигнитет на живеењето, дури и кога сè е на работ. Како што вели менаџерката Хилари, луѓето не доаѓаат овде за да им се потсмеваме. Не, тие доаѓаат, исто како и ние, за да бидат дел од некаква илузија која може да вдахне живот кога најмалку очекувате, која може да разбуди, да понесе, да ве направи среќни, макар и за миг. Тие доаѓаат кога бараат излез, кога бараат спас од стапицата во која се навикнати да се прпелкаат и кога секое излегување од неа, макар и миговно, макар и минимално, може да донесе толку голема промена, толку голем немир, толку силно соочување. Тие доаѓаат тука барајќи одговори или понекогаш едноставно бегајќи од нив.
Животот, сепак, е само состојба на умот
Направил Сем Мендес таков филм за киното, за носталгијата, за илузијата, за животот, за границите, за возможното и невозможното, за очајот и за радоста, за омразата и за љубовта, за достоинството и за понижувањето. Тоа е филм кој изненадува со својата луцидност, со својот интензитет, со својата суштественост, со својата исполнетост, иако навидум говори за маргиналното, за откажувањето, за прифаќањето, за оние мали барања, бидејќи се чини дека другите исчезнуваат или згаснуваат заедно со киното…

Но, дали е така. Кога неговите протагонисти ќе ги запознаете подобро ќе видите дека исчезнувањето е илузија, дека неважноста е привид, дека безначајноста е толку невистинита, дека блескотот живее подеднакво во нивните срца сега, како и некогаш. Дека вербата, мечтата, сигурноста, заштитата, пријателите се оние кои и во тешките времиња ги потсетуваат на сè она што е вредно и сè она заради што се откажале, но не заборавиле.
Животот продолжува и тогаш кога сè изгледа загубено. Животот продолжува носејќи го предизвикот и во најмалата промена која понекогаш е невидлива. Животот продолжува и во таа руинирана зграда која навидум тоне, но во неа и понатаму е присутна онаа магија што може да ве опие кога ќе ѝ се препуштите. Во неа имало толку случувања, толку емоции, разговори, кршења, искушенија, за на крајот да ве натера да се соочите. Со што? Со себе, со животот, со луѓето, да дознаете за сето она што ве опкружува, а можеби сè уште и не го препознавате, да дознаете до каде можете да одите и колку можете да посакувате. Бидејќи, магијата е (без)гранична, а таков е и животот. Кога најмалку очекувате знае да ве изненади, но и обратно, кога прагот на очекувањата ќе порасне, умее да ве спушти. Тоа е едноставно непишаниот закон или онаа наша неуништлива потреба за сонување, за исчекување, за барање, за надеж… Понекогаш не е важно возможното, понекогаш едноставно е посилно невозможното, во кое предизвиците се уште поголеми.

Во него, како и на филмското платно, ќе го доживеете тоа што самите ќе си го дозволите или она за што сте подготвени. Ништо не е трајно, ништо не е загубено, ништо не е невозможно, ништо не е завршено, животот, а особено филмот го докажуваат токму тоа, низ таа нестварна илузија која е тука, па колку и да изгледа невозможна. Не, таа е возможна исто како и империјата на светлината, зашто „животот, сепак, е само состојба на умот“. Или, како што ќе рече Оливија Колман (Хилари), старата година е мртва одново заживеј! „Кога се движат брзо сликите создаваат илузија, илузија на движење, илузија на животот“ (му објаснува кинооператерот на младиот Стивен), бидејќи сè е илузија, илузија која бара верба, илузија која замира и повторно се појавува, илузија која создава живот или неговиот привид, илузија чие движење, и покрај сè, никогаш не завршува, сè дотогаш додека се обидуваш во неа да се пронајдеш, да ги видиш контурите, да се препознаеш.
Филм „Империја на светлината“, режија и сценарио: Сем Мендес, улоги: Оливија Колман, Колин Фирт, Мајкл Ворд, Тоби Џонс, Том Брук, Хана Онслоу, фотографија: Роџер Дикинс, монтажа: Ли Смит, музика: Трент Резнор и Атикус Рос, Велика Британија/САД 2022