Кон „УТРЕ НАУТРО“, режисер, сценарист и продуцент: Јани Бојаџи, улоги: Нина Деан, Кети Дончевска – Илиќ, Ирена Илиевска, Бајрам Северџан, Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Васил Зафирчев, Благој Веселинов, фотографија: Дарио Секуловски, монтажа: Давид Дулев, музика: Игор Василев Новоградска, извршен продуцент: Дејан Милошевски, Македонија 2025
Пишува: Сунчица Уневска
Македонскиот режисер Јани Бојаџи во новиот игран долгометражен филм, „Утре наутро“, се обидува своите политички тези и идеолошки убедувања (кои не се разликуваат многу од неговиот претходен филм, „Ругање со Христос“) да не ги пласира на таков експлицитен начин, односно како класична политичка пропаганда, туку да направи и неколку емотивни семејни приказни со кои публиката би можела да се поистовети.

И морам да кажам дека тоа донекаде му успева, затоа што, како и претходно, опфаќа едно чудо теми, но овој пат влегувајќи во положбата на поединецот, кој во одредени ситуации навистина може и да се пронајде. Не затоа што Бојаџи умее тоа да го долови низ уметнички израз, туку затоа што многу директно, иако доста банално, ги пресликува и зборува за оние ситуации што буквално ги живееме. Дури, водејќи ги до такви тривијални граници кои се намерно вулгаризирани, да не речам симплифицирани или упростени, додека си поигрува со целата зовриена ситуација и потреба на народот конечно некој на виновниците да им ги каже работите в лице, односно да ги изговори нештата директно такви какви што се, без заобиколување, и на некој начин да донесе сатисфакција за она незадоволство со кое постојано живееме и кое секојдневно расте, од ден во ден.
Да, донекаде би можело да се каже дека Бојаџи тоа го прави доста мудро (зависи како ја сфаќате мудроста) или поточно доста итро, но не во смисла на зрелост и добар филм, туку повторно во смисла на пропаганда, иако овој пат „умерена“, од проста причина што не можете баш да се држите за една страна ако сакате да глумите објективност и да стигнете до народот генерално. Тоа тој „мудро“ го согледува, па свесен е дека критиката мора да опфати многу работи за да биде верна и да може да допре до секого.

Така, добиваме едно дело кое повторно врие од небулози, но овој пат тоа на поинаков начин стигнува до публиката, успевајќи до одреден степен да ја натера да се соживее со судбините на протагонистите и да ѝ даде можност за сатисфакција, соочена во своето секојдневие со толку неправди, со толку неисполнети ветувања, со толку лаги, манипулации и злоупотреби. Народот едноставно тоа сака да го види, затоа што на сите им е преку глава од сè и затоа што не го гледаат излезот и затоа што не наоѓаат поддршка и затоа што не знаат каде е крајот. Ниту реакциите, ниту коментарите, ниту постојаното незадоволство изразено главно низ социјалните мрежи, не е доволно, ништо во суштина не се менува и факт е дека буквално сите го имаат она исто чувство, дека постојано се вртиме во круг.
„Утре наутро“ (кој инаку ја користи онаа позната фраза, „утре сабајле“, што во суштина значи никогаш, но овде правејќи поблага варијанта, наводно оставајќи место за надеж) е направен токму така, обидувајќи се да прикаже како сето ова што го живееме се одразува на семејството, каде во сето тоа се занемарените етнички групи, како што се Ромите, на пример, како да го победите системот, како едноставно да функционирате. Да, тоа се прашања што нè засегаат сите и затоа филмот предизвикува интерес, па и одобрување од гледачите. А за тоа како овој филм е направен, тоа е веќе сосем друга дискусија. Она што, секако, е најважно, кога зборуваме за едно вакво „уметничко“ дело, е зошто филмот е направен? Бидејќи, филмот првенствено треба да биде уметност, филмот треба да следи одредени правила во создавање на делото, не во смисла на ограничување, туку како и секоја уметност, водејќи се од критериумите кои се важни без оглед за која уметност зборуваме, дали е тоа филм, театар, сликарство, музика, скулптура.

Така е и со филмот, ако правите филм тој треба првенствено да биде филмско дело, кое притоа во себе, секако, носи пораки, исцртува ставови, има одредена филозофија, критикува, осудува, има свој поглед на свет итн., но не обратно. Ако филмот го правите за да проговорите за политичката идеологија, за небулозната потреба да се зборува за потеклото на македонскиот народ, за потребата да проговорите кој е крив и кој, всушност, ги влече конците за ние денеска да сме таму каде што сме, тогаш тоа е погрешно. Бидејќи, со филмот не треба да се манипулира, тоа се гледа, филмот пред сè треба да биде направен од потребата за уметнички израз, а дури потоа сè друго.
Токму поради тоа работите кои што се искажани во овој филм, начинот на кој тоа се прави и формулациите носат во себе таква неукост, такво незнаење, немање манири или едноставно немање граници за тоа до каде може да се оди и што ќе се каже за сето тоа да биде спакувано во уметничко дело и на крајот, да има ефект. Вака, кога нешто правите на вулгарен начин, кога се оди во некои, за жал, простачки крајности и кога небулозите се толку нагласени што работите стануваат недолични, непријатни, па и бесмислени, веќе се преминува во нешто што е сосем спротивно, односно постигнува контраефект.

Не знам зошто Бојаџи има потреба од ваков пристап, а можеби и знам, но тоа секако не го води кон посакуваниот ефект, бидејќи филмот не треба да биде поле за пресметка, туку за уметност низ која ќе проговорите и ќе критикувате и ќе укажете, но за тоа треба умешност. Затоа, во однос на филмовите на Бојаџи доаѓаме до онаа истата противречна состојба како од претходниот филм. Тогаш „Ругање со Христос“ во еден момент беше забранет, па испадна дека филмот е жртва, а не дека многу погрешно пласира тотално сулуди теми и идеи. Така и овде, авторот вели дека сигурно нема да го земат на фестивали затоа што ја критикува Европа и дека тие не сакаат да го гледаат тоа што во очи им го кажува. Но, не е така. Филмот тешко дека некаде ќе оди или нешто ќе постигне, но не заради тезите, туку заради бесмисленоста во начинот на кој е направен. Оделе на фестивали и многу пожестоки филмови, но тогаш кога се работи за филмови кои едноставно не можете да ги избегнете, филмови кои заслужуваат да бидат видени без оглед на сè. Имаат чувство за тоа фестивалите и, воопшто, не е ретко да прикажуваат контроверзни филмови, но овде, како што реков, тоа не е случај.

Уште кога почнува филмот веќе ја пласира онаа веројатно омилена тема на Бојаџи, дека цела Европа потекнува од нас, сместувајќи ја (извртената) легенда за Кадмо и неговата убава сестра Европа во Охрид и дури ставајќи го тоа и во поднаслов на својот филм, како „Силување и грабнување на Европа“ (се разбира како „метафора“). Па, уште за сето тоа се зборува во затвор, каде што демек се инсистира на академски речник…, односно, без оглед што е шега, а што не е, без оглед на сè, тоа е толку бесмислено, што се прашувам и додека пишувам, дали навистина и овој филм, како и претходниот, заслужува рецензија. Сепак, овде, како што реков, се изградени некои приказни, како и колку пристрасно, тоа е друго, но сепак има приказни, има сериозни актери кои даваат сè од себе и најмногу поради тоа филмот треба да добие рецензија и да биде анализиран. Се гледа дека влогот на актерите, но и на другите соработници е голем, а она што е особено успешно и добро во филмот, е секако музиката.
Што се однесува до приказните, тие се можеби донекаде и добро замислени, но лошо (и повторно доста ограничено или еве, да речам, поточно, еднонасочно) изведени, бидејќи Бојаџи како сценарист и како продуцент одлучува за сè и, за жал, оние граници, онаа неиздржаност, оние неразумности и претерувања кои ги потенцирав, тука се толку очигледни. Меѓутоа, кога зборуваме за филмот. Јас овде не зборувам за народни приказни, не зборувам за социјални мрежи, не зборувам за револтот на народот и за теориите на заговор, зборувам за филмот и за начинот на кој филмот ги прикажува настаните и случувањата, неправдите и несреќите, последиците и раните.

Едноставно, не можете да верувате во неправедната одлука на судот за силувањето на Ромката Аида, но не затоа што нема такви неправедни одлуки, напротив, има и тоа како. Но, која е тоа формулација – поради неадекватно спротивставување, поради тоа што не викала доволно гласно, поради тоа што молчела и не плачела, поради тоа што не давала доволно силен физички отпор… Колку и да се бесмислени и вознемирувачки одлуките, тоа, секако, никој нема така да го формулира. Ова само како еден пример до каде се оди и зошто зборувам за контраефект, бидејќи таа претераност и вулгаризирање ве доведува до тоа да не му верувате на нешто што навистина се случува. Така е со многу други ситуации, како и кога лицето на синот на Јоана, која како сопруга на поранешниот премиер е подложна на постојани полициски и брутални истраги во својот дом, што целосно го ремети нејзиниот и животот на двете деца, ќе биде целосно намачкано со измет.

Има во филмот многу вакви ситуации, се служи Бојаџи со многу банални шеми и фрази, нема во него ништо ниту оригинално, ниту ново, ниту поинакво, нема ништо што целата оваа ситуација би ја прикажало ефективно, па можеби и низ друг агол, или со друг акцент, не, овде се оди само на тоа да се биде што повулгарен и попрост мислејќи дека така ќе постигне ефект. Сè е сведено на некои толку излитени и користени ситуации, па дури и кога се работи за сексот, па дури и кога се работи за жртвите на системот, па дури и кога се работи за екстремите во кои режисерот понекогаш стварно нема мерка. Не е потребно да го видиме отсечениот пенис за да ја сфатиме болката поради закоравените предрасуди, со кои протагонистите оставени сами на себе се обидуваат да се изборат (да ги отсечат, да ги отфрлат). Не е потребно да ја видиме крвта на дечкото со кој Аида има груб секс за да ја сфатиме пораката, дека на некој начин таа како да го силува (чувствувајќи се исто) во неможноста и незадоволството кога нејзиниот глас не може да биде слушнат, итн., итн.
Филмот толку многу манипулира со сè, и тоа одејќи до такво ниво, за во нас да го предизвика оној револт кој и онака е присутен, за да ја донесе таа толку посакувана сатисфакција, таа потреба за правда и за спротивставување. Да, некои моменти се такви, некои моменти неизбежно се трагични, некои се препредени, па нели, ќе успееме да го прелажеме системот… На крајот Бојаџи, кој нагласува дека филмот е правен по вистински настани, целата приказна ја поткрепува со факти, со законот за Ромите, со украден артефакт, со поигрувањето на Европа со оние кои кај нас треба да ја водат власта, со парите што се вложени за овде да се купат обвинители, судии итн. И тоа му дава тежина, нели? На крајот имате чувство или барем тоа е целта, дека сето тоа има значење и дека е направено така како што е. Се осврнува, секако, Бојаџи тука и на 2017 и не потсетува дека луѓето сè уште се во затвор, а двајца веќе починаа.

И не е чудно ако народот на сето тоа гледа со симпатија, бидејќи никој досега тоа не го направил на таков начин. А кому му е гајле за каков филм се работи, за тоа каде се границите и колку во сите тие настани и начинот на кој самиот автор тоа го гледа, има манипулација. Можеби и не е намерна, туку затоа што тој самиот во неа верува. Но, вака како што е направено, тоа секако се базира на политичка идеологија, која е така проткаена низ сите настани, што навидум се труди изгледа како нешто објективно и полно со емпатија. Токму затоа ваквите интриги можат да бидат опасни (секако мислејќи на манипулативноста), како што пишував и за претходниот филм. Во смисла дека има доста проблематични тези и однесување кое влијае на расудувањето, кое убедува во сопствената оправданост, во „уметничкиот “ ангажман, што е многу далеку од тоа.
За жал, ова е доста слаб и манипулативен филм, кој не верувам дека нешто ќе постигне, но не поради сето она што во позадина го носи, туку поради тоа што го нема. А нема добар филм, нема природни, неконструирани приказни, нема искреност во својата уметност, нема сериозно познавање во правењето филмови, и нема една вистинска (ненаместена) човечка димензија која ќе допре, и покрај сè. Па и политичка. Нешто што на филмските фестивали, дефинитивно, умеат да го ценат, без оглед на критичноста. Впрочем, не е проблемот во критичноста, проблемот е во провидноста и невистинитоста во пристапот. Тоа се чувствува, не смеете преку филмот да се пресметувате. Филмот е медиум кој нема краток рок, или останува или не. Многу е важно да допре, но на вистинскиот начин, а кога е така, допира секаде и допира до секого, без оглед на тоа од каде доаѓате, бидејќи тогаш границите се најмалиот проблем.