Кон филмот „Паикар“ во режија на Давуд Хилманди, Холандија/Авганистан 2025, добитник на наградата на критиката „Фипресци“ на ИДФА во Амстердам
Пишува: Сунчица Уневска

„Паикар“ е приказна за преживувањето. Така вели авганистанско-холандскиот автор Давуд Хилманди во својот автобиографски документарен филм во кој се обидува да го најде мирот трагајќи по оние загубени врски со семејството, со земјата, со себе. Раселувањето или миграцијата, како што вели тој, не е барање можности за подобар живот, туку обид за преживување. Бидејќи, животот на друго место не значи дека ќе се чувствувате подобро, напротив, тоа најчесто е почеток во барањето себеси и барањето на сопственото место во светот.
Паикар на персиски значи воин. Тоа е прекарот на Хилманди дома, кој, како што често се случува, ќе го одбележи неговиот живот. Тој е вистински „воин“ и додека трага по загубеното, и додека се бори да ја најде вистинската смисла, но и кога се соочува со генерациската традиција на молкот во нивното семејство, барајќи одговори на прашањата кои го измачуваат. А најмногу во односот со неговиот татко, оној кој им бил пример и ги научил на сè, оној што уште како деца ги вооружил, учејќи ги да се борат за тоа што им е свето. Но, животот на неговиот авторитарен татко, поранешен муџахедин во Авганистан, ќе се промени од корен кога ќе се преселат во Иран и Ирак и кога од воин ќе стане имам, писател и поет, што сепак нема да го прекине неговиот молк и дистанцираност.

Но, кога ќе се случи трагедијата во нивното семејство, тогаш потиснатите работи излегуваат на површина. Неверојатна е длабочината и болката што Хилманди ги чувствува во себе, неверојатна е визуелноста и музиката низ која раскажува за своите размислувања, неверојатна е убавината и копнежот втиснати во нив, но и стравот и исчекувањето. Како да се помирите со празнината поради разделеноста, како да ја прифатите осаменоста и загубите, како да се помирите со неминовното. Страшни се последиците на војните, потребата од барањето свое прибежиште, но и немоќта поради далечините, поради немањето утеха која најчесто ја носи семејството, кое веќе одамна тоа не е.

Извонредно силно Хилманди успева да го долови сето тоа, таа раздвоеност со своите браќа и сестри, тој недостаток на разбирање и комуникација со својот татко, таа потреба да се пронајде себеси во тој „недефиниран“ простор, во тие на моменти убави, на моменти пусти пејзажи. Не е ни важна нивната животност, нивното пулсирање, нивната сила, сè додека сето тоа го немате во себе, сè додека се чувствувате осамен, заборавен, загубен, празен.
Враќањето во неговата земја, патувањето со неговиот татко наеднаш ги менува работите, не затоа што носи нешто поинакво, туку затоа што го враќа она толку потребно чувство на припадност, на идентитет. Не е важно каде, со кого, не е важно дали тоа денеска е пустелија, не е важна содржината, изгледот, местата, не, важно е чувството, разговорот, поврзаноста, емоциите, местото кое ве исполнува со сеќавања, со оние драги спомени, кои беа загубени. Спомени кои умеат да исчезнат во налетот на промените, во налетот на неминовноста, кога морате да опстанете, да продолжите, да живеете.

Токму тоа е она за кое зборува Хилманди и со кое успева толку силно да допре до нас. Животот не е во барањето подобро место за живот. Додека го немате мирот, додека го барате идентитетот и чувството на припадност, додека се чувствувате осамен како „лист кој трепери на ветрот“, додека се чувствувате како откорнат без вистинската поврзаност, ништо не може да биде исто. Има некое проклетство во лутањето по светот, она лутање во потрага по подобар живот. Има некое проклетство во она чувство на тага, на копнеж, на потребата од заедништво. Бидејќи, тоа не зависи од надворешноста, туку од внатрешноста што ја носите со себе, од дома, од своите блиски, од разбирањето и поврзаноста, од чувството на топлина на семејството кое умее да ве грее и кога е најтешко. Ако тоа го нема светот останува еден бесконечен пејзаж во кој вечно ќе ги барате вистинските контури.