Кон: „Диџеј Ахмет“, режија и сценарио: Георги Унковски, улоги: Ариф Јакуп, Агуш Агушев, Дора Акан Златанова, Аксел Мехмет, Селпин Керим, Атила Клинче, фотографија: Наум Доксевски, музика: Ален и Ненад Синкауз, монтажа: Михал Рајх, Македонија/Чешка/Србија/Хрватска 2025
Пишува: Сунчица Уневска
„Диџеј Ахмет“ е питома, топла и симпатична приказна за јуруците кои живеат доста изолирано во источниот дел на Македонија. Но, што би било кога во нивниот затворен свет би влегле промените, оние промени кои се неминовни, не само поради напредокот на технологијата, туку уште повеќе оние промени што како ураган умеат со себе да ги донесат младите. Особено тогаш кога се соочени со „неправдите“, тогаш кога и тие сакаат да бидат во чекор со светот, кога се бунтуваат поради строгите правила и ограничувања што ги налага нивната традиција и нивната вера, а особено тогаш кога ќе ја почувствуваат љубовта. А, за оваа приказна да биде возможна, Унковски многу вешто прибегнува кон комедијата, кон забавниот начин на гледање на нештата, без воопшто да ги потцени или омаловажи, напротив, надополнувајќи ги и прибегнувајќи кон светот на басните и сказните кои на оваа прекрасна и топла средина ќе ѝ донесат разиграност, забава и искушенија, што никого не можат да го остават рамнодушен.
Растргнатоста помеѓу двата света кај јуруците, особено кога се работи за младите, е некако нормална, па и очекувана. Тоа веќе го гледавме во документарниот филм „Девојчето што бере тутун“ (2009) на Билјана Гарванлиева, кој во фокусот ја имаше токму 14-годишната Мумине, која од една страна, мораше да бере тутун, бидејќи тоа беше и единствен приход на жителите од селото Коџалија, но од друга страна, таа толку многу сакаше да студира што на крајот и им се спротивстави на своите родители. Интересно е што уште во времето на документарецот дојдоа и промените, па веќе помалата сестра на Мумине имаше можност да учи. А така е и овде, растргантоста меѓу двата света е карактеристична и за младиот Ахмет (Ариф Јакуп) и за уште помладата Аја (Дора Акан Златанова), која дури ќе биде вратена од Германија само за да стапи во договорениот брак, со кој нејзините родители веруваат дека ќе ја средат и обезбедат.
Но, Ахмет и Аја, на својот пат на созревањето, ќе се најдат во еден маѓепсан круг од кој секој на свој начин се обидува да најде излез. Селото Коџалија и светот на јуруците навистина дава некако преубава подлога за една ваква приказна, и во поглед на визуелниот дел, особено поради прекрасните предели и пејзажи, но и поради нивната преубава и впечатлива разнобојна носија, како и во поглед на нивниот начин на живот, кој и покрај суровите услови, а можеби и правила што ги налага традицијата, сепак, зрачи со топлина, со приврзаност, со благост, со искреност, со питомост, а над сè, со љубов.
Унковски, кој ја потпишува и режијата и сценариото, ќе се покаже како многу вешт во својот занает и извонредно ќе го режира овој филм, со неверојатна прецизност во смисла на тоа каде и како да ги вметне елементите на комиката и поигрувањето, како да ја дозира емоцијата, а да не отиде во патетика, како да внесе донекаде и надреални елементи, а тоа да биде оправдано и симпатично, како да употреби дури и сцени од народните приказни, а тие да личат на некакви сказни, преданија или верба во судбината, што е забавно, а не оди во мелодрама. Филмот има одличен ритам, неверојатно е колку точно е дозиран, и со каква сигурност умее да ги обликува сцените за да има течение, за приказната да делува верно, иако знаеме дека не е, но комичноста и поигрувањето, во кои нема тенденциозност, прават во неа да веруваме без оглед на сè, и на крајот и да уживаме, имајќи чувство дека и тие (токму како и ние) на свој начин ја победиле онаа предодредена судбина, барајќи ги и ненаметливо поместувајќи ги границите.
А посебно прашање е визуелноста, и секако монтажата, бидејќи сето тоа функционира заедно неверојатно добро, со такво чувство за детали кои се чини никогаш не ја занемаруваат емоцијата, со такво чувство за звук и ритам, во кои секогаш се вклучени оние разбранувани чувства и очекувања на младите, со такво чувство за поезија во која се претопуваат сликите и зборовите, не поради нивната мудрост, туку поради нивната животност. Неверојатни идеи има Унковски и во поглед на нарацијата и случките кои се толку штосни и интересни, така што иако сценариото на места е доста тенко, тоа сепак не се чувствува, бидејќи доминира она внатрешно непогрешливо чувство кое се чини го носат и протагонистите, а кое така неверојатно е пренесено и до нас, во кое има таква интуитивност што ги води настаните, без оглед на прецизноста или вистинитоста. А тоа, впрочем, и не е ни важно.
Младите актери односно натуршчиците се толку добро одбрани, така вклопени што се чини дека од нив извира токму таа замислена приказна на Унковски, со која се буквално стопени. Ахмет е растргнат меѓу светот на семејството, во кое владее болка и празнина поради загубата на мајката, свет во кој се грижи за добробитта на семејството како постар брат, кој мора да ги чува овците, но и својот помал брат Наим (Агуш Агушев) кој од трагедијата во семејството не зборува, и од друга страна, светот на музиката, на онаа електронска музика во која ужива и сонува дека еден ден ќе биде диџеј.
Односот помеѓу браќата Унковски го гради со таква љубов и посветеност, со таква приврзаност, со таква взаемна поддршка и разбирање, со таква емотивност, која на моменти ви го крши срцето. „Мама зборуваше дека кога ти е тешко, не треба да бидеш сам“, тоа е репликата која ја носат во срцето, тоа е репликата која некако лебди во воздухот и постојано ја плете таа нишка која на целата приказна и ја дава благородноста.
Љубовта на Ахмет е толку чиста, толку вистинска, таква топлина и милост зрачи од неговото лице, таква одушевеност, но и одлучност да ја поддржи младата Аја, која со ништо не припаѓа тука. За него не е важно дали таа љубов ќе се оствари, туку да ја оствари блискоста, да ѝ ја донесе музиката која толку ја сака, да ја направи среќна, да биде дел од нејзиниот свет, макар и за миг, да ѝ биде поддршка, како и на неговиот брат, во нејзината потрага по ослободувањето, по среќата.
Ќе се развие меѓу нив таа прекрасна врска, несебична, полна со разбирање, врска која ве прави подобар, врска која ве тера да созреете, и нив, но и нас. Затоа и така опива тој прекрасен однос помеѓу нив, нешто што сме заборавиле, бидејќи тука не е важно да се изживее љубовта, туку таа ја носи храброста и подготвеноста да се жртвувате, да се предадете, да направите сè за оној што го сакате, без оглед каде тоа ќе ве одведе.
Има некоја романтичност во сето тоа, има некое мечтаење, има некое задоволство поради другиот, има некоја среќа поради даденото, има некоја радост поради разбирањето, но и поради бунтовноста. Ништо не е исто како кога ќе се најдете себе, или кога ќе се препознаете во другиот. Ништо не е исто како оние мигови, оние лудости што ќе ве донесат до посакуваното.
Умее некако Унковски да го долови сето тоа меѓу редови, додека ја исцртува извонредната музичка (Ален и Ненад Синкауз) и визуелна (Наум Доксевски) подлога со таква емоција, која само ја засилува чувственоста, ги разгорува страстите, ги разоткрива желбите, но не само за љубов, туку за онаа прекрасна поврзаност која ве прави побогати и поранливи, но и поподготвени да одите докрај.
Покажува Унковски и одлично чувство за комедија, умее да ја искористи на вистинскиот начин, умее меѓудругото да проговори и за некои суштествени нешта, но повеќе интимни, отколку општествени. Ја има на мигови таа тенкост во сценариото, филмот е питок, забавен, фактички доста вешто направен, но во суштина нема длабочина. Според направеното, тоа и не била идејата, и тоа е во ред. Филмот функционира одлично, и мислам дека оние награди што ги доби навистина и ги заслужи. Некои го сметаат за арт, но повеќе би рекла дека тоа е филм за широката публика, што се покажа како точно уште од првите негови проекции, бидејќи, дефинитивно, секаде беше фаворит на публиката.
Со други зборови, тоа не е голем филм, за што кај нас, многу погрешно, веднаш се прави фама, особено кога некој надвор ќе добие награди и признанија. Но, тоа не значи лошо, да се направи филм за публика е тешко, а факт е дека ние такви филмови немаме и за жал, како што покажавме досега, и не знаевме да ги правиме (освен „Бал-кан-кан“, кој постигна огромна гледаност). Да се надеваме дека работите се менуваат, што секако во иднина би нè довело до уште позначајни дела и уште поголеми филмови. Ова е добар филм, направен со голема занаетска умешност и знаење, што се потврди и со одгласите во светот. И на него, секако, треба да сме горди.
Премиерата на „Диџеј Ахмет“
одеше во три киносали во „Синеплекс“
На 1 октомври долгометражното деби на Георги Унковски ја имаше својата премиера во Скопје во киносалите „Синеплекс“, и тоа прикажувајќи се во дури три киносали истовремено, што не се случило одамна. Поточно, од пред цели 20 години, кога „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски направи ршум во киносалите, па дури низ Македонија и ги отвораше затворените киносали.
Почетокот на „Диџеј Ахмет“ ветува голем интерес на публиката, особено што сите три сали беа полни и филмот беше одлично прифатен. Атмосферата во „Синеплекс“ беше навистина многу убава и позитивна, се чувствуваше возбуда и радост, сите сакаа да се сликаат со шармантните главни актери, браќата во филмот, Ариф Јакуп и Агуш Агушев, како покрај сликите од филмот, така и покрај диџејот што ја збогати премиерата. А, тука беше и сликата на розовата овца, со која исто така многумина се сликаа. Забавно, симпатично, успешно, одамна навистина не сме имале такво чувство за некој македонски филм.
Инаку, истовремено со премиерата во „Синеплекс“, „Диџеј Ахмет“ во истиот ден ја имаше својата премиера и во киносалите „Киноверзум“ во Скопје, Штип и Велес, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, како и во 3Д-киното во Битола и во „Манаки Битола“. Од 1 октомври започна и неговата редовна дистрибуција во киносалите низ земјава. А, што се однесува до „Синеплекс“, како што известуваат од киното – „Диџеј Ахмет“ овој викенд веќе го освоил првото место на нивната листа на најгледани филмови, тие веќе го прогласија за македонски филм број 1 и, како што велат, сите гледачи зборуваат за него. Секако, неговиот успешен фестивалски пат продолжува, а допрва и широката светска дистрибуција, која како што веќе пишувавме, започна уште со неговата продажба на маркетот на Берлинале, кога беа потпишани од страна на неговата продажна агенција „Films Boutique“ првите меѓународни договори за доста големи територии, како: Австралија, Канада, Шпанија, земјите на Бенелукс итн., итн. Да му посакаме успех!