Филмот на Георги Унковски е првото македонско остварување што после доста време влегува во главната играна програма на Сараевскиот фестивал. Зошто? Останува енигма, бидејќи имавме добри филмови кои таму се развиваа, па сепак… Можеби, овој пат, едноставно по големиот успех на „Диџеј Ахмет“, беше невозможно да се заобиколи. Годинава Македонија е копродуцент и на босанскиот филм на отворањето, „Павилјон“, во кој една од последните улоги игра Мето Јовановски
Пишува: Сунчица Уневска
Македонскиот дебитантски долгометражен филм на Георги Унковски, „Диџеј Ахмет“, за кратко време доби такво светско и медиумско внимание, што се претвора, по „Медена земја“, во еден од најуспешните македонски филмови последниве години. Освен тоа, на многу добар начин ги носи разликите и спецификите, од кои, секако, ако умеете можете да направите одлична и уникатна приказна, притоа вметнувајќи го оној современ и традиционален микс, што ја прикажува целата комплексност на земјата и на луѓето во неа, не заборавајќи го и актуелниот општествен момент. Не случајно, овој филм прави таков успех уште од премиерата на „Санденс“, каде што познато е дека селекцијата е строга, но објективна, каде што најчесто се откриваат вистински бисери, кои и му го донесоа реномето на „Санденс“. Успехот на овој независен фестивал веќе значи успешна иднина, бидејќи интересот и вниманието во многу се зголемуваат за филмот. А „Диџеј Ахмет“ таму ги доби: Наградата од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија, за потоа да отиде на десетина фестивали и да освои уште десетина награди.
Токму во таа насока беше и изјавата на водителот на продажбата во агенцијата „Филмс бутик“ со седиште во Берлин, Јулиен Разафиндранали, кој рече дека е многу ретко некој филм истовремено да добие пофалби од критиката, од публиката и да освои признанија од жиријата. Оваа агенција успеа да го продаде „Диџеј Ахмет“ на маркетот во Берлин на многу големи територии, како што се: Австралија и Нов Зеланд, Канада, Шпанија, земјите на Бенелукс, Португалија, Израел и земјите на поранешна Југославија. За филмот се пишуваше во сите релевантни филмски списанија, а се најде и на познатата листа на „Форбс“, која го нарече „Санденс“ – лансирна рампа за филмовите во нивниот пат до „оскарите“, вклучувајќи го „Диџеј Ахмет“ меѓу 6 филма прикажани на овој фестивал, кои секако треба да се погледнат. Инаку, да се потсетиме дека документарниот филм на Билјана Гарванлиева од пред 15 години, „Девојчето што бере тутун“ успеа некако да ни го открие тој вистински свет на јуруците во нашата земја, додека Унковски направи една поинаква играна приказна, со која ги помести границите.
Но, она што е сега повод за да зборуваме за „Диџеј Ахмет“, секако, е неговото влегување во главната програма на 31. Филмски фестивал во Сараево (од 15 до 22 август), особено што многу одамна во оваа програма не сме имале македонски филм. Имало копродукции, имало македонски филмови во другите програми, но во главната играна програма одамна не е влезен ниту еден македонски филм, иако имаше успешни филмови кои своите приказни ги развиваа во Сараево, како „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески или „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески. Така што, „Диџеј Ахмет“ на Унковски после подолго време токму во оваа програма ќе се бори за главната награда, „Срцето на Сараево“.
Да потсетиме дека „Диџеј Ахмет“ е приказна за едно 15-годишно момче, кое живее во јуручкото село во Источна Македонија и кое сонува да стане диџеј. Но, тука неизбежно се соочува со очекувањата на својот татко, со традиционалната заедница, но и со љубовта кон една преубава девојка, која според нивните обичаи, веќе е ветена на друг. Филмот е на турски и на македонски јазик, а главните улоги ги играат: Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев, Аксел Мехмед, Селпин Керим, Адем Карага и други. Направен е во копродукција меѓу Македонија, Србија, Чешка и Хрватска, а има добиено поддршка и од Филмскиот фонд „Еуроимаж“.
Во главната конкуренција во Сараево годинава се вкупно девет филма. Освен македонскиот филм, за главната награда на фестивалот ќе се борат уште два српски филма, по еден од Хрватска, Словенија и Црна Гора, како и по еден унгарски, австриски и романски. Интересно е дека дури шест филма се дебитантски, но голем дел од нив се вклучени и во фестивалот во Локарно, кој се одржува на почетокот на август, додека еден доаѓа од Ротердам, а нашиот од „Санденс“. Од девет филма, три ќе имаат светска премиера, а шест се регионални премиери, во кои спаѓа и „Диџеј Ахмет“, со оглед на тоа што светската премиера ја имаше на крајот на јануари во Санденс.
Оваа година доста специфичен избор, бидејќи главно се работи за романтични драми, за млади луѓе кои се на прагот на созревањето, за драми кои го одразуваат совремието низ дигиталните мрежи и риалити шоу, за семејни приказни, но обидувајќи се да направи своевиден преглед на актуелната кинематографија и на сето она што го карактеризира современиот пристап низ наративното и визуелното.
Од имињата од регионот кои се веќе етаблирани, тука е Срѓан Вулетиќ, кого го паметиме по „Лето во златната долина“, а сега доаѓа со „Видра“, филмот што ќе ја отвори оваа програма, потоа Хана Јушиќ, која го направи одличниот „Не гледај ми у пијат“, а сега ќе се претстави со „Господ нема да помогне“ сместен на планината Динара, како и Стефан Ѓорѓевиќ, кој играше во „Тилва Рош“, а сега го режираше своето деби „Ветре, зборувај со мене“, со кој веќе имаше премиера во Ротердам. Македонија преку продукцијата „Круг“ се појавува како копродуцент во уште еден филм од главната програма, и тоа словенечкиот „Фантази“ на Кукла односно Катарина Решек, која е позната како режисер и музичар и која има направено многу музички видеа. Филмот „Фантази“, кој ја „истражува комплексната природна на родовите улоги, на страста и на самоспознавањето“, исто така, е селектиран во Локарно.
Интересно е дека годинава Македонија се јавува и како копродуцент на филмот на отворањето, „Павилјон“, во режија на Дино Мустафиќ. Како што објаснува авторот, тоа е црна комедија за група станари од старечкиот дом „Павилјон“, кои по години злоставување и понижување, ќе се одлучат на вооружена побуна. Филмот е копродукција меѓу речиси сите земји од поранешна Југославија, односно, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Црна Гора и Македонија, повторно преку „Круг филм“ и Дејан Крајчевски. Во филмот игра голема екипа актери од сите земји, предводена од Раде Шербеџија, а тука е и нашиот Мето Јовановски.
И, на крајот, да кажеме дека имаме уште една копродукција со Косово во програмата за краток филм, каде што „Очите на Берна“ го потпишува Ермал Гердовци. Додека, петчленото жири кое ќе одлучува за главните награди, го предводи украинскиот режисер и сценарист, Сергеј Лозница, на кого пред две години во Сараево му беше направена ретроспектива, а во ФИЛМ+ донесовме големо интервју со него.