Мајкл Даглас, Стелан Скарсгард и Дакота Џонсон во Карлови Вари

post-count icon
07.03.25

Отворањето на 59. издание на реномираниот чешки филмски фестивал на 4 јули ќе биде целосно во знакот на нивниот долгогодишен претседател, Јиржи Бартошка, кој почина во мај оваа година. Во пресрет на шестдеценискиот јубилеј фестивалот ја одбележува 50-годишнината од култниот филм „Лет над кукавичко гнездо“ на легендарниот чешки автор Милош Форман, чиј продуцент беше Мајкл Даглас, а во рамките на филмската програма најавува нови бестрашни дела, кои ги кршат стереотипите и ги поместуваат границите

Наш специјален известувач

Сунчица Уневска

Од 4 до 12 јули во чешкиот град Карлови Вари ќе се одржи 59. издание на познатиот Филмски фестивал од А категорија, кој во годината пред големиот шестдецениски јубилеј ќе прикаже над 130 долгометражни филмови, но и ќе одбележи многу значајни годишнини, притоа наградувајќи некои од најактуелните имиња во светскиот филм.

Веќе во првите денови од фестивалот се очекува доаѓањето на Мајкл Даглас, кој заедно со Пол Зенц, внукот на големиот продуцент Сол Зенц, ќе го претстават новореставрираниот филм „Лет над кукавичко гнездо“ на култниот филмски режисер со чешко потекло, Милош Форман („Амадеус“, „Регтајм“, „Коса“). Мајкл Даглас и Сол Зенц беа продуценти на овој филм, кој ги одбележа 1970-тите години и набрзо се претвори во класик, во кој темата за слободата наспроти контролата, актуелна тогаш, како и денес, ја донесе на таков неверојатен начин што се претвори во бренд во филмот, но и во поп-културата. „Лет над кукавичко гнездо“, со незаборавните, фасцинантни улоги на Џек Николсон и Луис Флечер, беше вториот филм во историјата што ги освои сите пет „оскари“ во главните категории: за најдобар филм, за најдобар режисер, за најдобро адаптирано сценарио и за главна машка и женска улога (а да потсетиме дека имаше девет номинации). Годинава овој филм од 1975 ја слави својата 50-годишнина.

Свеченото отворање, пак, како што некако сами се наместија работите, ќе биде целосно во знакот на долгогодишниот (точно 30 години) претседател на фестивалот во Карлови Вари, чешкиот театарски и филмски актер, Јиржи Бартошка (1947-2025), кој почина во мај оваа година, само месец дена пред почнувањето на 59. фестивал. Познато е дека Бартошка и популарната чешка критичарка, Ева Заоралова, беа заслужни за враќањето на рејтингот на овој фестивал, кои на почетокот на 1990-тите го подигнаа од мртвите и го претворија во еден од најреномираните фестивали во Централна и Источна Европа, но и највозбудливи, кога станува збор за неговата уникатна атмосфера, оригиналност и вибрантност. На отворањето ќе биде прикажано едночасовно интервју со Бартошка, во кое тој зборува за многу настани што во тоа време ја одбележуваат историјата на земјата, меѓу кои и Кадифената револуција, потоа ќе може да се види трагикомедијата за односите меѓу половите во „Теорија на тигарот“, во која тој игра главна улога, а ќе биде и поставена изложба посветена на сите 30 години од фестивалот, почнувајќи од 1994 кога Бартошка ја презема улогата на претседател на овој фестивал.

На самото отворање ќе бидат доделени и две т.н. Награди на претседателот, кои ќе им бидат врачени на американскиот актер Питер Сарсгард („Dead Man Walking“, „Момчињата не плачат“, „Меморија“, „Кинси“, „Тажната Јасмин“, „Џеки“, „Величествените седум“, „Витезот и денот“, „Бетмен“) и на луксембуршко-германската актерка Вики Крипс, позната по улогата на австриската царица Сиси во филмот „Корсаж“, но и по „Фантомска нишка“, „Топло млеко“, „Островот на Бергман“ и др. Инаку, годинава, Претседателската награда ќе ја добие и сè поактуелната американска актерка Дакота Џонсон, додека еден од најособените дански актери, Стелан Скарсгард, миленикот на Ларс фон Трир ќе го добие „Кристалниот глобус“ за неговиот исклучителен придонес кон светскиот филм. Доволно е само да ги споменеме: „Кршејќи ги брановите“, „Танчер во ноќта“, „Догвил“, „Несоница“, „Добриот Вил Хантинг“, „Ронин“, „Девојката со тетоважа на змеј“, „Дина“ итн.

Карлови Вари е таков фестивал, кој во себе има нешто особено. Никогаш не ги следи баш правилата, никогаш не се држи до некои крути шеми, туку секогаш се обидувал да ја урне онаа граница која умее, особено на реномираните фестивали, да им ја даде дистанцата. Не, Карлови Вари е пристапен, на него може да биде присутен секој, за студентите има посебни поволности, тоа е фестивал на дружење, на забава, на склопување пријателства, на славење на филмот, канејќи ја публиката, која секогаш била негов неизоставен дел. Токму затоа, и не изненадува годинешниот плакат, кој има повеќе верзии, но кој целосно е посветен на дружбата, блискоста, поддршката, односно на оној толку едноставен, а силен човечки гест – прегратката. Тоа и ќе биде доминантната симболика во неговиот годинашен визуелен идентитет, прегратка, еден обичен, но силен момент, симбол на пријателство, на љубов, на простување. Кога ја прашуваат авторката Зузана Ледничка, дали е тоа филм, таа вели, не, тоа воглавно е живот.

Веќе е познато дека фестивалот има десетина програми, од кои секако најважна е Главната програма во која филмовите се натпреваруваат за наградите „Кристален глобус“, потоа „Специјалната програма“, како и уште една компетитивна програма, „Проксима“, која од пред четири години ја замени програмата „Источно од Запад“. За нас тоа е штета, бидејќи сега нема толку голем избор на филмови од Источна Европа, туку фокусот е преселен на Централна Европа. Како и да е, и годинава се најавени доста добри филмови, за кои уметничкиот директор, Карел Ох, вели дека тоа е голем избор на арт-хаус филмови, дека тоа се дела кои ги уриваат стереотипите, дека се бестрашни  и дека ги поместуваат границите, особено кога се работи за врската меѓу филмот и публиката.

Во Главната програма, односно во трка за „Кристален глобус“ оваа година се вклучени 12 филма, со тоа што првично беа објавени 11 и беше најавено дека дванаесеттиот е ирански, но неговиот наслов ќе биде објавен подоцна за да се заштитат авторите, поради репресивната состојба кон слободата на изразување во Иран. Сега веќе е објавено дека иранскиот филм се вика „Бидад“ и дека е во режија на Сохеил Беираги. Тоа е филм за една млада пејачка, која не сака да прифати дека не може јавно да настапува и во спротивност со релогиозните закони ќе одлучи да пее на улица, претворајќи се во ѕвезда на младите генерации што не сакаат да бидат угнетувани од режимот.

Угнетувањето и последиците од режимот се тема и на филмот на турската авторка Гезде Курал, „Синема Џезире“, чија приказна е сместена во Авганистан и ја следи судбината на една жена чие семејство ќе биде масакрирано. Единствена нејзина цел е да го најде својот син, и за да успее во тоа, со оглед на состојбата на жените во оваа земја, таа ќе реши да го смени идентитетот. Во главната програма има два филма од Чешка, а по еден и од Унгарија, Литванија, Полска, Франција, Шпанија, Норвешка… Најчесто темите се фокусирани на семејството, на сексуалната злоупотреба, на лицемерието, на невиноста наспроти насилството.

Што се однесува до регионот, во програмата „Проксима“ е вклучен еден српски филм, но што е уште поинтересно, пред само неколку дена како ексклузива беше најавена новата српска минисерија на Срдан Голубовиќ „Апсолутни сто“. Оваа серија во Карлови Вари ќе има својата светска премиера, а фестивалот го најавува враќањето на форматот на минисерии после 4 години. „Апсолутни сто“ го има истиот наслов како неговиот филм од 2001 година со Срѓан Тодоровиќ и Вук Костиќ во главните улоги, но овој пат се работи за телевизиска минисерија односно за трилер со политички призвук во кој, покрај Голубовиќ, се ангажирани уште три режисери, негови бивши студенти, а главната улога ја игра Анита Огњановиќ. Имено, Соња е јуниорски првак во стрелање, која ќе ја земе правдата во свои раце кога нејзиното семсјтво ќе биде загрозено.

Другиот српски филм е на Никола Лежаиќ, со наслов „Како е тука толку зелено?“. Како што пишува, тоа е приказна за нарушени семејни односи и прекин на комуникација, односно за времето, историјата, промените. Поточно, Лежаиќ прави филм во кој има промислување за паметењето и за постјугословенската стварност.

А во главното жири, кое годинава ќе одлучува за наградите се: иранско-британскиот режисер Бабак Јалали, кој беше сценарист на филмот за грчкиот бегалски камп „Ксофтекс“, што се прикажа лани во Карлови Вари и доби Специјално признание, потоа еден од клучните мексикански продуценти, Николас Челис (кој работел со Амат Ескаланте), чешкиот актер и режисер, Јиржи Мадл, па Џесика Кианг, една од селекторките на Берлинале и Тува Новотни, која се вбројува меѓу најуспешните актерки во нордиските земји.