Канскиот победник „Анора“ ги собра сите „оскари“

post-count icon
03.05.25

На 97-та оскаровска ноќ триумфираше независниот филм „Анора“ на Шон Бејкер со пет награди. Не дека ги собра буквално сите, но исто како да го направи тоа. Првенствено, затоа што ги собра најважните, потоа од 6 номинации освои дури пет оскари, а што е најбитно – ги победи големите фаворити кои предводеа по бројот на номинации. „Анора“ беше меѓу „споредните фаворити“, на кои најмногу типуваше критиката, која дури и самата овој исход не го очекуваше

Пишува: Сунчица Уневска

Американскиот филм „Анора“ на 97. ноќ на „оскарите“ го направи големиот пресврт и ги изненади сите. Но, не затоа што неговиот триумф не се очекуваше, туку најмногу затоа што годинава имаше повеќе фаворити, но и дефинитивно одлични филмови, па предвидувањата беа дека наградите ќе бидат поделени, за некако да се задоволат сите.

Имаше многу шпекулации околу годинешните „оскари“ и како никогаш досега предвидувањата и очекувањата немаа толку голем опсег, сметајќи дека кој и да победи од тие филмови, тоа нема да биде грешка. Затоа, и сè беше релативно, некако флуидно, и секогаш одново во игра беа некои различни наслови. Особено, што и номинациите достигнаа рекордни бројки, па со други зборови, сè беше можно.

Но, не испадна така, иако подгревањето на атмосферата беше доста ефективно, факт е дека до крајот сè беше неизвесно. Како и да е, триумфот на „Анора“ на Шон Бејкер, во целата таа атмосфера, и не беше неочекуван, но изненадувањето сепак беше големо. „Анора“ се наметна уште од Канскиот фестивал лани, но, и покрај 400 награди и номинации, немаше толку голем триумф и на другите доделувања на наградите. Во прв план излегоа и останатите фаворити, кои во трката за „оскар“ добија уште поголем број номинации, како „Емилија Перез“, „Конклава“ и „Бруталист“, или „Потполно непознат“ и „Злобничка“, но и бразилскиот „Сè уште сум тука“, кој го доби „Златниот глобус“. Така, „Анора“ малку падна на листата, за на крајот, сепак, триумфално да се врати.

Всушност, Шон Бејкер, американскиот режисер, монтажер и продуцент, беше и вистинската ѕвезда на вечерта, со буквално освоени четири „оскари“, што е веројатно првпат во оскаровската историја. Со четирите статуетки, за режија, за сценарио, за монтажа и за најдобар филм, имаше време многу нешто да каже и беше навистина интересно колку Шон Бејкер се залагаше за киното и за љубовта и вербата во филмот, испраќајќи дури и апели до родителите да им ја всадат на децата уште од мали љубовта кон филмот. Шон Бејкер не е непознат, тој најчесто е автор на независни проекти, во кои се занимава со маргинализираните групи („Танжерин“, „Проектот Флорида“), а така е и во „Анора“. Секако, да кажеме и дека петтиот „оскар“ отиде кај Мајки Медисон односно Микаела Медисон Розберг, која со своите 25 години беше вистинско откритие, но не само поради наградата, туку и поради улогата на сексуалната работничка Ани (повторно лицата од маргините), која ја доловува феноменално.

Мајки Медисон, која освои во меѓувреме доста награди, сепак, донесе пресврт, затоа што годинава некако сите го сметаа извесен триумфот на Деми Мур за „Супстанца“. Деми Мур освои многу награди, а и приказната во тој филм за судбината на повозрасните актерки во Холивуд, беше многу форсирана, но факт е дека младата Ани (Медисон) објективно си ја заслужи наградата, особено што нејзината улога беше толку специфична, интензивна и жестока. Таа ја игра улогата со неверојатно чувство и таква изнијансираност, одушевувајќи со својата уверливост и способност за трансформации, со сензитивноста, бунтовноста и точно дозираната еуфорија, така што слободно може да се каже дека буквално го води филмот (за разлика од Деми Мур, која во половина филм воопшто и не е во кадар).

Оваа ноќ на оскарите по многу нешто беше специфична, па така и по дебаклите што ги донесе за некои од филмовите. За некои, но не било кои, туку баш за најголемите фаворити, како „Емилија Перез“ на Жак Одијар, кој всушност и ја предводеше листата со 13 номинации и беше првиот филм кој не е на англиски јазик (во него се зборува шпански), а добил толку номинации. Но, сè за него се претвори во вистински дебакл, освојувајќи на крајот само две награди, за оригинална песна и за улогата на Зое Салдана.

За жал, многу контроверзии имаше околу овој филм и околу постовите на првата номинирана трансродна актерка, Карла Софија Гаскоњ, што доста му наштетија, и како што пишуваа повеќето медиуми, тоа веќе однапред му ги одзема шансите за поголем успех.

Дали е така или не, не знаеме, но факт е дека „Емилија Перез“ е доста добар мјузикл, нетипичен, но со фантастични песни и стихови, со необична и интригантна идеја, но секако и со музички и кореографски точки, иако во него не доминира играта. Овој филм не е само мјузикл, во него има многу различни елементи, па и мешање на жанрови, но сето тоа е доста гледливо и изненадувачки добро вклопено. Жак Одијар, и покрај својата возраст, покажа голема инвентивност, но и целата сценографија и замисла е доста богата и навлегува во многу теми и табуа, а правејќи го тоа со една леснотија, инспиративност и восхит кон самиот филм и уметничката форма. Сепак, на крајот, се наметна впечатокот дека овој филм беше игнориран. Штета.

Вториот филм кој доживеа голем дебакл е „Потполно непознат“ на Џејмс Манголд, инаку посветен на почетоците на Боб Дилан. Факт е дека младиот Тимоти Шаламе, кој го игра Дилан, беше еден од најфорсираните актери, па сепак, на крајот победи подобриот. Секако, според моето мислење, бидејќи Тимоти Шаламе е навистина далеку од тоа да го долови портретот на Боб Дилан, а за да се прогласи за најдобар актер, има уште многу да учи. Искрено, и самиот филм е доста слаб и не ни заслужуваше повеќе, без оглед што се работи за една американска музичка легенда. Меѓутоа, Боб Дилан не оди никаде, тој не беше да ја прими ни Нобеловата награда, па не дојде ни овде, но затоа организаторите се потрудија да донесат друга музичка ѕвезда, што беше изненадување и тоа доста успешно, бидејќи појавата на Мик Џегер ги собра симпатиите и аплаузите.

Но, да се вратиме на наградите. Британскиот филм на годината, како што „Конклава“ беше прогласен на доделувањето на наградите „Бафта“, овде не доживеа успех иако го заслужуваше.

Овој филм во режија на Едвард Бергер и сценарио на Питер Строган, кој досега освои најмногу награди за адаптираното сценарио, понесе 8 номинации, а ја доби повторно само таа за сценарио. „Конклава“ е исклучителен филм, кој ја раскажува приказната за изборот на папа, но тоа го прави така интересно и досетливо, претворајќи го во трилер со интригантни ликови. А посебно ликот на Ралф Фајнс, кој буквално, како што доста се зборуваше и за време на наградите, одржа вистинска мастеркласа за глума. Но, ете, како што ќе рече еден критичар, ова не беше негова година.

Наградата за најдобра машка улога отиде кај Адриен Броди за улогата на унгарскиот имигрант Ласло Тот во епскиот филм „Бруталист“ на Брејди Корбет. Имаше за тоа многу злобни коментари, во смисла дека Адриен Броди само ја повторил улогата од „Пијанист“, бидејќи и овде станува збор за холокаустот и концентрационите логори, но, сепак, не би се сложила со тоа.

Приказните, и покрај допирните точки, се многу различни, а Адриен Броди дава фасцинантна улога, која успева да ве здоболи во душа. Иако, искрено, навивав и за Ралф Фајнс, сепак, никако не може да се каже дека Броди не ја заслужува наградата. А интересен беше и неговиот говор, особено кога зборуваше за тоа дека актерската е доста ранлива професија, која носи поинаква перспектива и дека сè може да исчезне, но дека оваа ноќ е посебна токму поради свесноста за тоа. „Бруталист“, исто така, не освои многу „оскари“, од десет номинации доби само три награди, освен за Броди, и за музика и фотографија.

„Злобничка“, кој имаше 10 номинации и „Дина“ со 5 номинации, добија како и што се очекуваше, само по две во техничките категории. Додека, во категоријата на филм од неанглиско говорно подрачје, наградата отиде кај бразилскиот „Сè уште сум тука“ на Волтер Сејлс. Годинава беше интересно дека дури два филма од неанглиско говорно подрачје, бразилскиот и „Емилија Перез“ имаа по две номинации за најдобар филм, и тоа во главната категорија и во категоријата за странски филм. Номинација за бразилскиот понесе и одличната Фернанда Торес, која претходно го доби „Златниот глобус“.

Очекувана беше и наградата за споредна машка улога, која му припадна на Киеран Калкин за филмот на Џеси Ајсенберг, „Вистинска болка“.

Оваа година беше карактеристична и по тоа што многу нешта се случија првпат, меѓу споменатите работи, така и Летонија за првпат доби награда, и тоа за анимираниот филм „Поплава“, за првпат, наградата за костимографија (за филмот „Злобничка“) ја доби креатор со афроамериканско потекло, Пол Тазевел, Зое Салдана пак е прва актерка со доминиканско потекло која добива награда, а се случи и првиот филм во палестинско-израелска соработка, „Ничија земја“, кој ја доби наградата за документарец. Годинава за првпат номинација имаше и Хрватска, за краткиот филм „Човекот кој не можеше да молчи“ на Небојша Слијепчевиќ, кој освои многу награди и беше на бројни фестивали, но оскарот отиде за холандскиот „Јас не сум робот“.

Годинава помина без политички говори и шеги, што беше доста чудно, за разлика од поранешните години, а немаше ни многу коментари од страна на добитниците, освен извикот на Дерил Хана, „Слава Украини“, пред да ја додели наградата за монтажа.

Она што за мене беше еден од најзначајните моменти е случајот со авторите на иранскиот краток анимиран филм, „Во сенката на чемпресите“, Ширин Сохани и Хосеин Молајеми, кои кажаа дека до вчера во нивната земја не можеле да добијат виза и дека во Лос Анџелес пристигнале истиот ден. Тие својата награда им ја посветија на сите ирански автори што сè уште страдаат во нивната земја.

Голема почест доби и познатиот американски музичар, композитор, продуцент, аранжер, трубач…, Квинси Џонс, кој остави големо наследство зад себе, а не напушти лани во ноември.

Секако, го имаше и тој дел познат како Ин мемориам, а посветен на сите кои заминаа лани, додека Морган Фримен одржа краток, но многу емотивен говор за легендарниот Џин Хекман. Голем пропуст беше што воопшто не беше спомната 39-годишната американска актерка Мишел Трахтенберг, која е позната по „Озборувачка“ и серијата „Бафи, убиец на вампири“, а која почина на 26 февруари.