Кон филмот „Почетоци“ (Beginnings) прикажан на Берлинале во програмата „Панорама“: режија: Жанет Нордал, сценарио: Жанет Нордал и Расмус Бирч, улоги: Трине Дурхолм, Давид Денсик, Јохана Луис Шмит, фотографија: Шади Чабан, монтажа: Расмус Гиц, музика: Натан Ларсон, Данска/Шведска 2025
Пишува: Сунчица Уневска
Данскиот филм „Почетоци“, кој се прикажа во Берлин во програмата „Панорама“, беше еден од оние филмови што не се забораваат, кој е толку реален што може да допре до секого, но не секој го доживува на истиот начин. И покрај тоа што филмот главно добива добри критики, во нив секогаш има и замерки и една недореченост, во смисла дека може да се сфати различно. Додека едни мислат дека во семејството што е во фокусот, преовладува љубовта и припадноста, други мислат дека е пресудна баналноста односно сигурноста и грижата на совест.
„Почетоци“ е навидум обична приказна за едно семејство кое е пред распад, но Ана (Трине Дурхолм) и Томас (Давид Денсик) се уште не се сигурни на кој начин своите деца да ги подготват за тоа. И додека постапно се подготвува теренот, Ана која работи како морски биолог, одеднаш ќе добие мозочен удар и работите сосема ќе се изменат. Сега, се разбира, не е време за било што, освен за тоа состојбата на Ана да се поправи и колку-толку да ја врати контролата во својот живот.
Интересен е насловот „Почетоци“ за кој се одлучува младата Жанет Нордал, бидејќи на прв поглед во филмот повеќе се зборува за крај отколку за почеток. Но, дали е така? Да, овде секако можеме да зборуваме за онаа алузија дека секој крај значи и нов почеток, но во овој филм работите, сепак, имаат поинаков тек. Од каде, всушност, да се почне за болката да биде помала, од каде да се почне за да се прифати таа нова, невозможна ситуација, од каде да се почне, а да не се чувствувате како товар. Каде е почетокот, а каде крајот, кога мислите дека сè е јасно и прифатено, но непредвидливиот тек на настаните, како што обично и се случува, ќе измени сè, а најмногу перцепцијата.
А за која перцепција зборуваме овде? Перцепцијата е изменета за сите и за Ана и за Томас, и за неговата нова жена, со која веќе изнајми стан, но фокусот на Нордал е многу повеќе на она страшно чувство на немоќ и неизвесност во која наеднаш ќе се најде Ана. Сè на што се надеваше и очекуваше во својот професионалан, но и интимен свет, целосно се урива, иако таа ниту е подготвена, ниту може да го прифати тоа. Фрустрацијата која ја носи таквото чувство кога ќе ја изгубите контролата на нештата, е страшна, па испадите умеат да ја изненадат и неа, исто колку и сите околу неа.
Познатите скандинавски актери, Трине Дурхолм од Данска и Давид Денсик од Шведска, се извонредни во овие улоги, и се чини дека да не е нивното искуство и харизма, сè би било поинаку. И, навистина, тие им даваат таква длабочина на своите ликови, такво разбирање, но и превирања и фрустрации, во кои некаде длабоко е потиснато неминовното соочување со борбата за живот, за независност, за индивидуалност, за задоволство кое не е никогаш на штета на другиот. Во услови кога сакале или не и двајцата водат двоен живот, овој „товар“ што наеднаш се наметна може многу нешто да измени. Може толку да ги помести границите, до непрепознатливост. Но, овде го нема тоа, овде има искреност, има пријателство, има доверба, има љубов, и покрај болката и покрај надвиснатата непредвидливост, чиј крај не се наѕира.
Дури и се прашувате дали е тоа можно, дали е тоа можно кога ништо не е едноставно, кога најобичното играње може да создаде таков порив во Ана, порив за слобода, за игра, за движење, за лудување, за живот во кој се чувствувате ослободени од било какви граници. Дали е тоа можно кога една најобична изјава на ќерка ѝ, која тренира атлетика, може да создаде толку големо чувство на незадоволство кај Ана, што наеднаш ќе го почувствува како (сурова) иронија, која ќе ја доведе до тотално неконтролирана реакција и бес. Колку и дали е можно да се најдат границите за да можат и тие околу вас да живеат без страв дека ќе кажат нешто погрешно.
Целата таа ситуација е страшна и кога сè е во ред, а камоли кога сè беше на прагот на разделба, на започнување на еден нов, поинаков живот. Но, судбината умее да си поигра и наеднаш тој нов очекуван живот станува нешто недостижно, нешто што бара прилагодување за кое не сте подготвени. Но, и не само вие, тука се и децата, особено поголемата Клара (Јохана Луис Шмит) која случајно ќе открие дека татко ѝ се подготвува за нов живот и ново семејство. Нејзината реакција е драстична, и тоа и ќе биде моментот на кршење кога и возрасните мора да сфатат дека двојниот живот не е решение, па дури и во оваа ситуација.
Почетоците имаат навистина многу значења, но како прво во себе секогаш го кријат и крајот, бидејќи како нешто ќе започнете ако со другото не сте завршиле. Што се почетоците и колку се секогаш посакувани. Тие почетоци не се само фактички, не се само физички, туку и емотивни, и болни, и такви кои можат да променат сè или само да ве натераат да се соочите. Впрочем, од каде да почнете токму тогаш кога ситуацијата е толку непредвидлива, или кога наеднаш сè ќе се промени без никаква најава. Од каде да почнете, од прифаќањето, од разбирањето, од поддршката, или од игнорирањето. Грижата за другиот може да биде и товар, колку што може да биде и емпатија. Болеста ве прави немоќни, но тоа не е нешто што толку едноставно се прифаќа. Бидејќи токму тогаш во вашата перцепција грижата може да биде уште поголем товар и уште поголема причина за фрустрација.
Тешки се тие моменти, тие краеви и почетоци, кога мислите дека со нив можете да се носите, несвесни дека во еден миг сè може да се смени. Како тогаш да ги прифатиме тие краеви и почетоци, како кога допрва со нив треба да се носиме. Колку промени доживува семејството, сакало или не, колку промени во кои прво треба да научите како да се однесувате, а после и сè друго. Дека малку треба за тие фрустрации да ја направат комуникацијата неиздржлива.
Во филмот, всушност, и нема такви крајности, па сето тоа некако делува подносливо. Освен во неколку моменти, главно преовладува разумот и блискоста, преовладува разбирањето, преовладува поддршката. Иако има моќни сцени и кога Ана се бори, но и кога е фрустрирана или немоќна, па сепак, таа присност, таа поврзаност, таа емпатија ги прави работите толку нормални, дури и кога не се. Затоа што никогаш не недостига разговорот, никогаш не недостига желбата за нештата да се движат и да останат во некои граници, кои можат да ви дадат доволно простор да одите понатаму.
Нордал, која е и косценарист, заедно со Расмус Бирч, зборуваше дека филмот е направен врз база на нејзиното искуство во своето семејство, па можеби токму затоа во него и преовладува една таква разумна комуникација, која во суштина би можела да биде сосем поинаква, би можела да биде тотално неподнослива. Но, овде не е така, затоа и кога вашето семејство ќе превагне, тоа не го сфаќате како грижа на совест, туку како припадност. Бидејќи, не е едноставно да градите нов живот во услови кога онаму каде што со години нешто сте создавале, сега работите се распаѓаат или се наоѓаат на таква крстосница. Ќе речете, дали е во прашање љубовта или грижата? Но, дали има разлика?
Затоа и овој филм некако остава впечаток кој не се заборава. Тука не е во прашање само еден, во прашање е целото семејство, но сепак, и секој поединечно. Во прашање е една заедница која со љубов е создавана, заедница на која сте и се радувале, а и сега сте горди на секој нивен успех или растење. Да, разделбите се и мора да бидат неминовни. Но, краевите и почетоците немаат некоја утврдена патека и насока, сè е менливо, особено кога животот од кој сте биле дел ќе ве донесе до некои сосем нови искушенија.
Почетоци е навистина чуден наслов. Но, почетоците, кога се емотивни се уште посилни, бидејќи тогаш се дел на нешто што е длабоко проживеано и на нешто што е и може да биде нераскинлив дел од нас. Прашањето е прифаќањето, особено кога нештата ќе тргнат по свој пат и ќе нè соочат со она што го носиме некаде длабоко во себе. Не, грижата на совест не е чувство кое може да трае. Она што може да трае е љубовта и приврзаноста, а особено припадноста. Понекогаш искушенијата можат да бидат големи, но токму тогаш соочувањата стануваат неминовни. И секогаш превагнува вистинитоста, вистинитоста на она што го носиме длабоко во себе. Поинаку не може да биде, а уште помалку да трае. Одличен филм на младата Жанет Нордал, нејзин втор филм кој силно ја допре бројната публика во „Зоо паласт“, бидејќи неговата реалност беше толку опиплива и толку вистинска, од чии прашања и теми за почетоците и краевите не можете да се оттргнете, долго потоа.