Паркот на поезијата во Струга годинава за првпат ќе биде главната локација на веќе реномираниот Фестивал на краток филм „Дрим шорт“, кој во текот на само 4 дена ќе донесе четириесетина филма, многу разговори, мастеркласи, музички настани. Под мотото „No Escape, Only Cinema“ фестивалот порачува дека вербата во убавото што го нуди уметноста, e борба против хаосот во светот. Во Струга ќе пристигне и светски познатиот директор на фотографија, Флоријан Хофмајстер, а публиката, меѓудругото, ќе проследи и седум најнови македонски кратки филмови
Пишува: Сунчица Уневска
Од 7 до 10 август во Струга ќе се одржи деветтото издание на возбудливиот и секогаш полн со изненадувања Фестивал на краток филм „Дрим шорт“. Веќе самото негово годинешно мото, кое е инвентивно и промислено како и минатогодишните, „Гледајте филмови, нема каде да се бега“, најавува континуитет во својот поинаков пристап, што го краси секоја година, и тоа не само во изборот на филмовите, туку и во односот кон филмот и неговиот поширок контекст. Што е навистина реткост.
Имено, филмски фестивали има многу, но за нивното значење и корелација со моменталниот, актуелен миг ретко кој зборува на таков начин, сметајќи дека тоа се подразбира. Но, „Дримшорт“ уште од своите почетоци покажа еден поразличен однос, бидејќи поврзаноста со времето можеби се подразбира, а можеби и не, но сосема е поинаку кога самиот фестивал поставува една теза или нуди порака, која некако ве тера да ги барате и да размислувате за другите значења, кои секогаш се кријат зад филмот и филмските проекции. Во тоа и е убавината и предизвикот на „Дрим шорт“, кој од првото свое издание донесе нешто ново, донесе младост и полетност, донесе нова енергија и свежина, но и мисловност и зрелост, покажувајќи, и тоа низ кратката форма, дека филмот не е само филм, не е уметност сама за себе, туку во неа се крие целата онаа културолошка матрица на местото и времето, на просторот и луѓето, на сето она што го живееме овде и сега, надоврзувајќи се на минатото и надополнувајќи се со сите очекувања од иднината.
И, повторно оваа година во само 4 дена фестивалот ќе понуди бројни содржини, покрај 40-ина филма распоредени во пет натпреварувачки и три ревијални програми, тука се и разговорите, мастеркласите, музичката програма и уште понекое изненадување… За жал, годинава фестивалот нема да се одржува во својот традиционален простор, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ (кој само три недели пред неговиот старт „е означен за небезбеден простор за одржување настани“, па дури и за ваков културен настан, во случајов од камерен тип), туку главната програма ќе се пресели во познатиот Парк на поезијата, кој во овие 4 дена, и покрај сè, како што велат организаторите, ќе се обидат да го претворат во Парк на филмот.
А интересно е дека токму годинава, овој фестивал, кој во суштина не е, а како фестивал на краток филм и не може да биде гламурозен, сепак, има неколку настани кои се поврзани со оскарите. Прво, отворањето на фестивалот на 7 август во Паркот на поезијата, ќе го обележи токму проекцијата на хрватскиот краткометражен филм заснован на вистински настан, „Човекот кој не можеше да молчи“ на Небојша Слијепчевиќ, кој ја освои „Златната палма“, Европската филмска награда и за првпат на Хрватска ѝ донесе и официјална номинација за „оскар“.
Освен тоа, годинава како специјален гостин на фестивалот доаѓа реномираниот светски директор на фотографија, Флоријан Хофмајстер, кој е роден во Германија, но во текот на неговата речиси 30-годишна кариера изгради респектабилна кариера, освои триесет награди и номинации, меѓу кои и номинација за „оскар“ и работеше на некои од најинтересните и најнаградувани филмови и серии.
Доволно е да ги споменеме, филмот „Тар“ на Тод Филд, со Кејт Бланшет во главната улога, кој му ја донесе оскаровската номинација, потоа серијата „Големите очекувања“ според делото на Чарлс Дикенс, па новата сезона на култната серија „Вистински детектив“, а меѓудругите и филмот за Емили Дикинсон, „Тивка страст“, како и „Длабокото сино море“ на Теренс Дејвис, за кој Рејчел Вајз доби оскаровска номинација или криминалната драма „Во тајност“, базирана на класичниот роман на Емил Зола „Тереза Ракен“ од 19 век. Како што најави „Дрим шорт“, разговорот со Хофмајстер ќе се одржи на 9 август во 18 часот во Europe House – Струга.
Мастеркласа планирано е да одржи и еден од најпознатите македонски, но и балкански актери, Никола Ристановски. За него се знае колку многу е присутен во регионот, колку е богата неговата театарска, па и филмска кариера, и колку често е награден за своите улоги. Последната филмска улога му беше во остварувањето на српскиот режисер, Вук Ршумовиќ, „Меѓу боговите“, кој лани беше прикажан во Сараево во главната програма, а на неодамнешниот фестивал во Пула на Ристановски му ја донесе „Златната арена“ за споредна улога.
Со Ршумовиќ во ФИЛМ+ имавме големо интервју, во кое тој зборуваше за овој филм посветен на бегалците, кој е направен по вистинита приказна за едно семејство од Авганистан, односно дека тоа е негова современа адаптација на „Антигона“ која се обидува по секоја цена да го погребе својот брат со неговото име и презиме. Главната улога и е доверена на прекрасната иранска актерка Фереште Хосеини, а Никола Ристановски игра преведувач од јазикот фарси, за кого Ршумовиќ рече дека улогата и преведувањето ги довел до совршенство. Мастеркласата ќе се одржи на 8 август во 18 часот во Europe House.
„Дали е варварски да се создава уметност во предвечерие на војна? Филозофите-оптимисти, кои веруваат во надеж, ќе кажат дека будалите што на војната ѝ гледаат в очи, ќе го спасат светот. Не затоа што не се плашат, туку затоа што веруваат дека уметноста и убавото можат да спречат страшната ноќ никогаш да не дојде“. Вербата, љубовта и надежта се оние што ги красат организаторите и оние кои секогаш на овој фестивал му даваат поинаков шмек. Затоа, и не е случајно кога тие велат дека вербата во убавото што го нуди уметноста, e борба против хаосот во светот.
„Во време на егзистенцијално неизвесни секојдневија, филмските уметници не престануваат да измислуваат есенцијално поубави светови“, светови кои треба да допрат до нас, до нашите срца, до вистината сокриена во нив. А годинава токму тоа и е пораката на „Дрим шорт“, дека нема каде да се бега, односно друг излез нема освен да се види филмот и да се дозволи тој да допре до нас, со сета своја убавина и мудрост.
За филмовите распоредени во Интернационалната програма, во Регионалната, Националната, Студентската и во програмата „Соочување со минатото“ (направена во соработка со „Pro Peace“ од Скопје), а во селекција на долгогодишниот соработник на фестивалот, Иван Бакрач, ќе зборуваме уште многу, со оглед на тоа што фестивалот почнува за седум дена. Но, овде ќе се осврнеме само на Националната компетиција, која вклучува пет македонски најнови филмови, кои веќе беа на голем број фестивали и добија признанија, и тоа: „Шега“ на Трифун Ситниковски, „Неми филмови“ на Крсте Господиновски, „Избор“ на Марко Црногорски, „Остров“ на Бранко Костески и „Зајакот е мртов“ на Ханис Багашов.
Инаку, првиот ден, покрај филмот на Ханис Багашов, во Специјални проекции ќе биде прикажан и филмот „17 часот“ на Флака Коколи од Македонија, а уште еден македонски филм има и во годинешната студентска компетиција, „Очи“ на Леона Јариќ, која и претходно се има претставено на „Дрим шорт“.
За наградите годинава ќе одлучува жирито во состав: Никола Ристановски и Јелена Јованова, актери, потоа режисерот Гвидо Казале, директор на Адриатик Филм Фестивал и монтажерот и продуцент, Бранко Ристовски. Во ревијалните програми ќе гледаме избор од современиот холандски филм, потоа програма на еколошки филмови, а во музичката ОФФ програма ќе гостуваат диџеите Андреја Салпе и Андреј Мицајков. Засега толку, а за сите заинтересирани целосната програма на фестивалот во Струга, чие мото „No Escape, Only Cinema“, кое се чини на англиски звучи уште поубаво, а крие и повеќе значења, може да се најде тука: https://www.dsff.mk/.