По 44. издание на Филмскиот фестивал од А категорија во Каиро, каде што имаше премиера македонскиот филм „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова, пристигна веста, објавена во „Ал Џезира“, дека 6 филма од официјалната програма, меѓу кои и нашиот, биле цензурирани
Пишува: Сунчица Уневска
После одличната премиера на македонскиот филм „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова на 44. Филмски фестивал во Каиро, каде што филмот е селектиран во главната програма и се бореше за „Златна пирамида“, доаѓа веста за забрана за јавно прикажување на дури шест филма од официјалната програма на фестивалот, вклучувајќи го и нашиот филм.
Премиерата на филмот, како што пренесоа режисерката Венинова, продуцентот Гоце Кралевски и двајцата присутни актери таму, Камка Тоциновски и Благој Веселинов, била проследена со голем интерес и бројни прашања од публиката, што заради големиот интерес продолжило дури и по завршување на официјалниот дел.
И, секако, дека една ваква вест, која за нас, како и за самата екипа се појавува по фестивалот, иако „Ал Џезира“ на арапски ја објавила на 18 ноември, претставува изненадување. Особено што, според „Ал Џезира“ филмот бил достапен само за филмските професионалци и критичари акредитирани на фестивалот, додека уметничкиот директор Амир Рамзес тврди дека не е така, дека филмовите не биле забранети или цензурирани и дека воопшто не станува збор за нивните вредности, туку дека цензурата ги одредува старосните категории за гледање. Имено, во нивната земја сите филмови кои се прикажуваат на филмските фестивали во Египет ги гледа т.н. Комитет за цензура на уметнички дела, со цел да го одобри нивното јавно прикажување или да ги класифицира и да ја одреди старосната граница за нивното гледање, според старосни групи наведени во цензорските прописи.
Што е вистина не е сосем јасно, но веста одекна меѓу филмаџиите и критичарите, што предизвика големи полемики и реакции, а исто така и на социјалните мрежи каде што реакциите се движат од изненадување до лутина. И не случајно, бидејќи „Ал Џезира“ вели дека картите за овие шест филма биле недостапни за локалното население, додека од фестивалот сепак изјавуваат дека ограничување за одредени филмови имало, но само во поглед на старосните групи, односно тие биле достапни само за полнолетните лица.
Од продукцијата ДНФ се изненадени од оваа вест, особено што за неа во Каиро воопшто не се знаело, ниту пак зборувало: „Навистина сме изненадени од она што го прочитавме. На самата премиера салата беше исполнета и бевме многу задоволни од посетеноста и одѕивот, имајќи превид дека нашата премиера се поклопи со отворањето на Светското првенство во Катар. Добивме многу прашања и позитивни реакции, иако гледано од овој агол повеќето носеа беџови со акредитации или нѝ се претставија како новинари.“
Додека режисерката Венинова вели дека, од една страна е благодарна на селекторот на фестивалот што ги покани да учествуваат, и тоа во официјална конкуренција, бидејќи во вакви услови секако е ризик да се селектираат филмови кои третираат теми што во тоа општество се контроверзни. Но, од друга страна, ако е точно дека филмот не бил достапен за љубителите на филмот, тогаш тоа остава горчливо чувство. „Кај нив очигледно последниот збор го има Комитетот за цензура на Египет. Мислам дека за нив е спорен начинот на кој го третирам бракот и сексуалноста на ликовите во филмот,“ додава Венинова.
Инаку, во оваа група од шест филма се влезени веќе многу познати и наградувани филмови на бројните фестивали низ светот. Така, на пример, меѓу нив е и романскиот филм „Магнетна резонанца“ на еден од најнаградуваните романски режисери Кристијан Мунгиу, кој беше прикажан надвор од конкуренција, а чиј филм зборува за едно село во чија фабрика се вработуваат бегалци.
Меѓу овие филмови има и три остварувања од програмата „Недела на критиката“, и тоа: “I Have Electric Dreams” на Валентина Морел со потекло од Костарика, чиј филм за едно девојче кое одбира да живее со таткото, освои три награди во Локарно, како и наградата на критиката „Фипресци“ во Мар дел Плата. Тука е и пакистанскиот „Земја на радост“ на Саим Садик, чиј филм се осврнува на сексуалната побуна и ЛГБТ проблемите, а за што беше награден во Кан во програмата „Извесен поглед“, а ја доби и „Квир“ наградата. Уште еден од оваа секција, е канадскиот „Млади пиромани“ на Шеила Б., кој зборува за 4 млади деовојки и нивниот живот во една напуштена селска куќа.
Од интернационалната програма, освен филмот на Венинова, во Каиро преведен како „Некажани нешта“, меѓу шесте филма се најде и францускиот „Нешто што рече синоќа“ на Луис Филипс, филм за внатрешната борба на една писателка да се пронајде себеси, кој веќе ги освои наградите во Сан Себастијан и во Торонто.
Ако сето ова е точно, тоа секако е првенствено доста лошо за самиот фестивал, кој спаѓа меѓу 15 филмски фестивали во светот од А категорија и би било навистина непрофесионално на тој начин да се однесува кон филмовите што самите ги селектираат и канат, а особено и нивните автори. За сето тоа, секако, дополнително ќе се дознае повеќе, а сега засега за нас е важно дека филмот на Венинова доби прилично добра критика во весникот „Синеуропа“, каде Давид Кац меѓудругото вели: „…Уште од првите моменти во нејзиниот дебитантски долгометражен филм, станува јасно дека режисерката Елеонора Венинова има дарба за поставување на пасивно-агресивна драматуршка структура. Имајќи го ова предвид, во „Преекспонирано“ (‘Things Unsaid’), драматуршките моменти полека се крчкаат, наместо да експлодираат, а сценариото на Венинова умешно го истражува потенцијалното значење на насловот (н.з. „Некажани нешта“, во буквален превод од англиски) без притоа да западне во голи иронии… Венинова е извонредна во обликување на ова клаустрофобично сценарио и може одблиску да ја препознае патријархалната контрола дури и во окружение кое се чини навидум прилично бенигно…“.