Фестивал на филмската камера: Магијата на снимателските умешности и покрај пропустот „Диџеј Ахмет“ да биде награден

post-count icon
10.16.25

Унковски успева вешто да избегне секаква непотребна политизација и сите работи да ги сведе на општочовечки. Филмот обилува со толку едноставен, но животен хумор, кој и најтрагичните сцени ги чува од можноста да паднат во срцепарателна мелодрама… Па, сепак, и после сè што е речено за филмот во овој, но и во многубројните други осврти, потполно е нејасно како „Диџеј Ахмет“ остана без ниедно фестивалско признание, особено што добрите филмски бајки претставуваат вистинска реткост во современата светска кинематографија, воопшто

Наш специјален известувач

Душко Димитровски

Последниот ден на годинешниот 46. Интернационален фестивал на филмската камера, кој се одржа при крајот на септември во Битола, донесе исклучително пријатно изненадување. Имено, на свеченото затворање беше прикажана, за што слободно може да се каже, извонредно експлицираната и, над сè, емотивна современа филмска бајка, „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги М. Унковски и снимателот Наум Доксевски, која потполно оправдано наиде на стоечки овации на присутните гледачи.

Да потсетиме, дека филмот ја имаше својата светска премиера на еден од најзначајните американски, но и светски фестивали на независен филм, кој се одржува секоја година во јануари во Санденс, каде што успеа да освои две награди, а голем успех постигна и на годинешниот Сараевски филмски фестивал, на кој освен долготрајните аплаузи, ја доби и Специјалната награда за промовирање на младите.

„Диџеј Ахмет“ е навистина виртуозно режирана и со „топли“ бои снимена трагикомична сторија за 15-годишното момче, кое живее во едно питорескно, но многу конзервативно село, со своите сонародници – јуруците, кои имаат турско потекло. И покрај невозможните услови, Ахмет сонува да биде диџеј, тој е вљубен во електронската музика, но и во преубавата млада девојка Аја, која, исто како него, се обидува да им се противстави на конзервативните стеги и на желбата на родителите да ја омажат без оглед на нејзината волја.

Сите проблеми Ахмет, кој наедно се грижи и за својот помал брат Наим, ги поднесува со насмевка, толку карактеристична за неговите врсници. Но, како и сите бајки, така и оваа, има среќен крај, дури и без оглед на сето она на кое Ахмет ќе се изложи за да може да ѝ помогне. Режисерот успева многу вешто да избегне секаква непотребна политизација и сите работи ги сведува на општочовечки.

Треба да се истакне дека филмот обилува со толку едноставен, но животен хумор, кој и најтрагичните сцени ги чува од можноста да паднат во срцепарателна мелодрама…

Посебно импонира играта на Ариф Јакупи, кој ја толкува насловната улога на Ахмет, и интересно е дека не само што ова е негово деби, туку тој воопшто и не е професионален актер. Но, како искусен професионалец, креативно задлабочен во својата улога, неговата изведба останува трајно присутна во свеста на гледачите. Меѓутоа, и после сè што е речено за филмот во оваа кратка анализа, односно оцена за филмот на Георги М. Унковски, потполно нѝ е нејасно како „Диџеј Ахмет“ остана без ниедно фестивалско признание, особено што добрите современи филмски бајки претставуваат вистинска реткост во современата светска кинематографија, воопшто.

Инаку, веќе е познато, дека Фестивалот на филмската камера го доби името според двајцата битолски визионери, првите филмски сниматели на Балканот, Милтон и Јанаки Манаки. Фестивалот се одржува во нивна чест, со што им се оддава признание на овие филмски сонувачи кои со својата легендарна „Камера 300“ на почетокот на минатиот век по првпат визуелно ги овековечија значајните настани во тоа време за целиот Балкан. Така, помеѓу другото, тие го снимија и доаѓањето на последниот турски султан Мехмед V Решад во Битола во 1911 година. 

Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ е првиот, но и денеска еден од ретките во целиот свет, на кој посебно се вреднува исклучителната макотрпна снимателска работа, односно нивната креативност во остварувањето на визуелното во филмот, се разбира, заедно со замислата на режисерот.

Со традиција долга повеќе од три децении, на Битолскиот фестивал се натпреваруваат филмови кои не се само од нашиот регион, туку од целиот свет. Годинешниот, 46. Филмски фестивал, беше отворен и затворен со македонски, односно со филмови во домашна продукција, што ретко и досега било случај. 

Годинава фестивалот започна со филмот „Мајка“ на афирмираната македонска режисерка, Теона Стругар Митевска („Петрунија“, „Јас сум од Титов Велес“, „Како убив светец“), а покрај неа, како автори на сценариото се потпишуваат и Елма Татарагиќ и Гоце Смилевски. Додека, крајот на фестивалот, на што веќе се осврнавме, го одбележа уште еден македонски филм, „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски.

Жирито на фестивалот „Златната камера 300“ за најдобра фотографија, со навистина многу оправдувања, му ја додели на Давид Шамбил за неговиот исклучителен придонес во визуелниот изглед на филмот „Нов бран“ на Ричард Линклејтер. Сребрената награда отиде кај грчката снимателка, Олимпија Мутилинау за филмот „Мирен живот“ на режисерот Александрос Авранас, додека „Бронзената камера 300“ ја доби Шпанецот, Мауро Херце, камерман на сосем необичниот, но многу експресивен акционен филм, „Сират“ на францускиот режисер, Оливер Лаксе.

А освен споменатите, вредно е да се спомене дека вниманието на широкиот аудиториум, по својата евидентна креативност, ја заслужија и филмовите: бразилскиот „Сè уште сум тука“ на Волтер Сејлс, секако, споменатиот грчки „Мирен живот“, како и норвешкиот „Соништа“ на Даг Јохан Хаугеруд и снимателката Сесили Семец.

И, на крајот, да кажеме дека годинава специјалната „Златна камера 300“ им беше доделена на мајсторите на снимателската умешност, француско-иранскиот камерман Дариус Конџи и американскиот Воли Фистер, како и на турскиот режисер, Семи Капланоглу.