Годинешниот „Дрим шорт“ донесе многу, особено затоа што покажа дека има млади кои веруваат дека и кај нас фестивалите можат да имаат ниво и квалитет, кои покажаа дека има публика, кои покажаа дека може и поинаку. А што е уште поважно, со оглед на тоа што се кратки филмови, нѝ ги покажаа младите автори кои најавуваат нова генерација што може и знае да ги следи тековите, без оглед на границите кои кај нас тешко се поместуваат. Но, ете и тоа е можно. Браво дечки!
Пишува: Сунчица Уневска
Во преубава атмосфера и се чини, со уште поубав избор на филмови на последната фестивалска вечер, во неделата, заврши 9. издание на Фестивалот на краток филм „Дрим шорт“. Триумфот, сосем заслужено, му припадна на исландскиот филм „О“ на Рунар Рунарсон (како најдобар филм, воопшто, на фестивалот), кој се смета за еден од најинтересните помлади нордиски автори, што досега добил речиси 150 награди и номинации, па дури и номинација за „Оскар“ за краткиот филм „Последната фарма“.
Неговиот последен филм „О“ својата светска премиера ја имаше во Венеција, а награди освои на Клермон-Феран, во Лубек, Тампере, Брисел, Вилнус, Будимпешта и уште многу други. Во Струга „О“ освои уште една награда, со тоа што беше прогласен за најдобар и во Интернационалната компетиција, наметнувајќи се со своето уметничко ниво, со својата болна, но толку човечка приказна, зборувајќи за слабостите, за зависностите, за немоќта и очајот тогаш кога соочувањето станува неизбежно. Овој црно-бел филм ја носи целата автентичност на нордискиот свет од каде што доаѓа, иако е преполн со бои кои едноставно умее да ги наслика во сечија душа, бидејќи поистоветувањето е неизбежно.
Жирито во состав: Никола Ристановски, Јелена Јованова, Гвидо Казале и Бранко Ристовски рече дека одлуката за ова остварување била едногласна, без размислување, потенцирајќи дека: „филмот се издвојува поради длабочината на приказната, мајсторската режија, беспрекорната актерска игра и впечатливата фотографија. Целосно заокружено филмско остварување во секој поглед – не само технички, туку и емотивно, филм кој нè те остава рамнодушен“.
Она што е особено важно да се истакне, е дека годинава на фестивалот видовме вкупно седум македонски филма, од кои пет во националната селекција, но сите беа многу интересни и покажаа далеку повисоко ниво од порано, па отвораат дури и можност да се зборува за една нова млада македонска генерација, што е исклучително значајно. Токму затоа и жирито не можеше да додели само една награда, туку се одлучи да даде и Специјално признание, кое отиде во рацете на талентираниот Ханис Багашов, кој веќе и досега, уште како многу млад, го покажа својот капацитет, иако за жал во својата земја доста малку беше поддржуван. Се работи за неговиот филм „Зајак“ за кој веќе пишувавме, а овде само ќе го цитираме жирито, кое во образложението за тоа зошто се одлучи да додели уште една награда, истакнува дека авторот покажува неверојатна зрелост во пристапот кон сценариото, но и кон режијата.
Додека, за најдобар филм во Националната програма, исто така, сосема оправдано, беше прогласен „Мала шега“ на Трифун Ситниковски за филмот во кој со посебен сензибилитет и чувство за детали успева да направи современа, но и толку актуелна сторија адаптирајќи ја познатата кратка приказна на Чехов.
Жирито во своето образложение ќе напише: „Прекрасен расказ адаптиран на современ начин, кој одлично функционира во контекст на приказната. Иако се работи за вечен мотив, авторот умешно го поставува во денешно време, преку тинејџерски ликови, зборувајќи за нешто навидум едноставно – љубовта. И покрај тоа што во филмот играат натуршчици, режисерски е постигнато врвно ниво на актерска игра.“
Во програмата „Соочување со минатото“ некако беше неизбежно да победи хрватскиот филм „Човекот кој не можеше да молчи“, со кој годинешниот „Дрим шорт“ беше и отворен. Ова е филм кој ѝ донесе исклучителен успех на Хрватска и сосема со право, бидејќи оваа вистинска приказна режисерот Небојша Слијепчевиќ ја раскажува на таков автентичен, а сепак посреден начин, давајќи и неверојатна сила во доживувањето на настаните, во она чувство на апсурд и немоќ, во она чувство на конфузност и бесмисленост, кое го носите долго потоа. Горан Богдан е фасцинантен во доловување на целата таа атмосфера која ве стаписува, атмосфера која не можете да ја поднесете исто како и тој, а целосно сте немоќни и парализирани кога сфаќате дека, всушност, ништо во тој миг, после кој сè ќе се промени, не може да се направи. Тоа е еден од најверојатно најдобрите филмови направени за војната, кој успева да фати еден таков миг, во кој ја чувствувате апсурдноста, но и бескрајот или да речеме бездната, која се отвора и никогаш не се затвора.
Интересни филмови можевме да видиме и во Регионалната и во Студентската програма. Турскиот „Треба да зборуваме за Дилан“ (кој за среќа нема ништо заедничко со истоимениот британски филм на Лин Ремзи, само што таму се зборува за Кевин, што е тешка психолошка драма со елементи на хорор) на прва веднаш потсетува на британскиот филм од 2011, што е негова несреќа, бидејќи е нешто сосем спротивно од тој филм, забавен, откачен и игрив. Со други зборови, одличен краток филм на Умет Шилан Огурлу, со оригинална идеја, кој е полудокументарец за младата Дилан, која не може да се најде, ниту пак да го оствари она што мисли дека како потенцијал го поседува. Всушност, филмот има многу уникатен и хумористичен стил, кој одушевува со инвентивноста и аголот на гледање на нештата. Со право жирито му ја даде наградата, иако во оваа програма видовме уште неколку доста интересни остварувања, како српските „Мароко“ и „Бели денови“, во кој игра и Сара Климоска, и грчкиот „400 касети“. Додека, во Студентската програма наградата отиде кај „Невидлива сестра“ на шведско-финската режисерка Нели Рајала, која си поигрува со видливоста и невидливоста, користејќи ја виралната измама, но секако и психолошкиот комплексен однос помеѓу сестрите.
Беше задоволство годинава да се биде присутен на фестивалот „Дрим шорт“ за првпат сместен во Паркот на поезијата, кој, како што веќе пишувавме, му донесе еден нов предизвик и се покажа како извонредно место за филмските илузии, како место со посебна атмосфера и уникатно чувство. А дефинитивно и организаторите, со својата грижа за детали, но во една сосем неконвенционална и нетипична средина, умееја да придонесат за тоа чувство. Тука беа неизбежните коктели (па сепак сме на езеро, нели), кои двајцата мајстори ги подготвуваа со многу љубов и симпатија, на секоја столица секојдневно нè чекаа пуканки и ливче за гласовите од публиката (навидум неважно, но толку забавно, дури публиката гледаше што денеска им се паднало)… Прекрасно, со целата енергија на младиот тим подготвен во секој момент за сè што треба да ви помогне, со сите оние разговори на крајот, за кој сè уште ни треба време да се опуштиме, за сè она што како публика го чувствувавме, а тоа е позитивната енергија и фестивал кој во 4 дена умее да направи чудо.
Имено, во само 4 дена видовме 29 филмови во шест категории, се одржаа две мастеркласи, имаше холандска ноќ и програма на еко-филмови, го имаше она сè поприсутно катче на фестивалит за Виртуелна реалност, а вечерите завршуваа со музичка офф програма. Во убавите и пријатни простории на „Јуроп хаус“ се одржуваа секојдневно и работилниците за филмска критика, а фестивалот навистина го краси млада публика и филмаџии, но не изостануваат и возрасните.
Единствен пропуст, по мене, беше тоа што членовите на жирито, Јелена Јованова и Никола Ристановски, не останаа на крајот, на доделувањето на наградите, што секако не е во ред, бидејќи на тој начин наградите добиваат на респектабилност и важност, а самата вечер и добитниците ја добиваат прославата, ја добиваат онаа славеничка нота (како што крајот го краси делото) и заслуженото внимание. Во секој случај, членот на жирито Бранко Ристовски ги прочита наградите, а добитниците ги примија оние прекрасни и инспиративни „музи“, што ги изработува уметникот Милко Нестороски. На крајот публиката својата награда му ја даде на филмот „Остров“ на Бранко Костески, кој зборува за изборот да се биде сам, но на забавен начин, со Сашко Коцев во главната улога.
Деветтиот „Дрим шорт“ под мотото „Гледајте филмови, нема каде да се бега“ донесе многу, особено затоа што покажа дека има млади кои веруваат дека и кај нас фестивалите можат да имаат ниво и квалитет, кои покажаа дека има публика, ако знаете како да ја привлечете, кои покажаа голема инвентивност и амбиција, кои покажаа дека може и поинаку. А што е уште поважно, со оглед на тоа што се кратки филмови, нѝ ги покажаа младите автори кои најавуваат нова македонска кинематографија, односно нова генерација што може и знае да ги следи тековите, без оглед на границите кои, како што се покажа низ годините, кај нас многу тешко се поместуваат. Но, ете и тоа е можно. Браво дечки!