Отворањето на годинешното 75. Берлинале беше како под опсада, насекаде полиција, бариери, граници до каде може да се приближите и многу, многу снег, што немало одамна и што секогаш, како и да е, ја дава онаа идилична атмосфера, особено на црвениот килим. Но, фестивалот сè уште е на почеток, а за нас е важно дека режисерот и продуцент Гоце Цветановски за само неколку дена успеа да добие многу внимание на маркетот за неговите анимирани филмови
Наш специјален известувач
Сунчица Уневска
Јубилејниот 75. фестивал, кој започна на 13 февруари, и покрај целата политичност со која е обвиен, како во говорите на отворањето, така и во поглед на самата атмосфера во Берлин, сепак, се чини поминува во најдобар ред. Интерес има огромен, салите се полни, програмата и прес-конференциите си течат според предвиденото, иако и промените се доста видливи, барем што се однесува до далеку поголемата претпазливост, до бројните огради и многуте проверки на акредитации, на карти, на документи, што многу ги успорува работите и создава огромни редици.
Првиот ден буквално беше цел во знакот на политиката, како на онаа во земјата домаќин, особено поради тоа што фестивалот е во ист месец со изборите оваа година, година кога се случува преседан и која ја одбележува подемот на крајната десничарска партија, Алтернатива за Германија (AfD), но исто така, и во знакот на глобалната политика, во моментот предводена од почетокот на вториот мандат на американскиот претседател Трамп, чии изјави постојано ја брануваат јавноста.
Во тој знак беше и целата прес-конференција на главното жири, кое секогаш се претставува пред новинарите на денот на отворањето на фестивалот, односно пред неговото свечено отворање. А годинава претседател е токму американскиот режисер и продуцент, Тод Хеинс, од редот на независните автори и жестоки критичари на американската политика, кој на прес-конференцијата рече: „Моментално сме во посебна кризна состојба во САД, но и глобално“, потенцирајќи дека сега е прашање како враќањето на Трамп ќе влијае на снимањето филмови. „Сите што ги познавам во САД, продолжи Хеинс, како и пријателите во странство, сведочат на овие акции на Трамповата администрација со голема загриженост и во состојба на шок“.
Тука секако се надоврзуваат и политичките превирања, секојдневните протести и растечката напнатост во очекување на изборите во Германија, иако, што е доста чудно, протестите овој пат не се преселија онака помасовно на црвениот килим, бидејќи факт е дека токму Берлинале никогаш не бегало од актуелните политички случувања. Но, на отворањето водителката од Луксембург, Дезире Носбуш, потсети на случувањето од пред неколку дена во Минхен, кога еден авганистански барател на азил удри со својот автомобил во масата народ на синдикалните протести и повреди најмалку 28 луѓе. Впрочем, самата свечена церемонија започна со тоа што актерите и директорката на фестивалот, Триша Татл, држеа фотографии со израелските заложници, меѓу кои е и актерот Дејвид Кунио, на црвениот килим. Инаку, за него е снимен и документарен филм од страна на Том Шовал, кој ја имаше својата премиера вчера на фестивалот, кога повторно целата екипа излезе со сликите и со барањето за неговото ослободување.
Но, како што нагласуваше Триша Татл, таа поддршка се однесува на сите, исто како што Берлинале и низ годините секогаш било платформа за да се споделат нивните размислувања за слободата на говорот, за храбрите простори и кинематографии. Дури фестивалот оформи и тимови за подигнување на свеста и за борбата против дискриминацијата кои ќе бидат достапни за време на целиот фестивал, но и потоа, за да им понудат на вработените и на посетителите прелиминарни совети ако доживеат или бидат изложени на било каква дискриминација во врска со фестивалот. Тимовите ќе бидат присутни на одбрани настани, а како што јавуваат од фестивалот, ќе можат да се препознаат по облеката и натписот „Awareness BDB e.V.“.
Но, она за што сепак најмногу се зборува е говорот на познатата британска актерка, Тилда Свинтон, која ја доби и почесната „Златна мечка“. Нејзиниот говор беше навистина доста жесток и трогателен додека зборуваше за опасностите од политичките диктатури ширум светот. „Пред нашите очи се случува нехуманост. Масовните убиства што ги вршат државите, а ги овозможува меѓународната заедница моментно тероризираат повеќе од еден дел од нашиот свет“, зборуваше таа. А што се однесува до Берлин, фестивалот на кој доаѓа од својата 26-та година, го нарече: „кралство без граници и без политика на исклучување, на прогон или депортација. Тоа е голема независна држава на кинематографијата, имуна на напорите за окупација, колонизација, превземања или развој на имотот на ривиера…“, алудирајќи на предлогот на Трамп за Газа.
„Овде сум рече Свинтон“, да ја изразам својата непоколеблива солидарност со сите оние кои ја препознаваат неприфатливата самовљубеност на нашите влади зависни од алчност, кои добро се согласуваат со уништувачите на планетата и воените злосторници, без оглед од каде тие доаѓаат.“
Берлин секојдневно врие. Како што се приближуваат изборите, така протестите се сè погласни. И сите тие теми се навистина во многу присутни и во филмовите на фестивалот, почнувајчи од филмот на отворањето, „Светлина“, кој веќе самиот автор Том Тиквер го окарактеризира како „тврда политичка изјава“.
Па, сепак, во целата оваа ситуација би морало да се каже дека на фестивалот, барем оваа прва третина се чини дека има доста добри филмови што донесоа интересни теми. Меѓу нив, секако е Ребека Ленкиевич, позната по своите сценарија за „Ида“, „Колет“ или „Таа рече“, која влезе во конкуренција со филмот „Топло млеко“ (адаптација на романот на Дебора Леви), една многу интригантна приказна за однос меѓу мајка и ќерка. Филмот извонредно ги доловува емоциите, судирот, нетрпеливоста, несреќата на младата Софија, доловувајќи ги така прецизно деталите кои даваат фантастичен опис на многу аспекти и нивоа во нивниот проблематичен однос, додека Ема Меки и Фиона Шоу, но и Вики Крипс (Сиси) во помала улога, имаат одлични изведби. Филм кој успева да изненади на многу начини додека зборува за комплексноста на карактерите и односите, што можат да го одбележат целиот ваш живот.
И мексиканскиот режисер Мишел Франко дојде со едно провокативно и возбудливо дело, можеби и помалку иронично наречено „Соништа“, за еден балетан од Мексико кој сонува за светска слава. Но, тука ќе се наметнат многу односи и предрасуди ставајќи ја во фокусот љубовта помеѓу овој млад балетски играч и жената која е негова спротивност, моќна, но на многу начини и немоќна, додека нивната љубов и доверба ќе биде ставена целосно на испит. Всушност, Исак Фернандез е имигрант, а неговата љубов (која ја игра Џесика Честеин) токму жената која е дел од семејството што поседува уметничка и културна фондација и навидум им помага на сиромашните деца да можат да ги остварат своите соништа. Но, дали е навистина така, особено кога на коцка се ставени угледот, но и класните разлики.
И, да завршам со филмот посветен на медицинските сестри, „Ноќна смена“ на Петра Волпе, кој се прикажува во „Берлинале спешл“. Нешто извонредно, штета што не е во конкуренција за награди. Направен неверојатно, како вистински документарец, за една сестра која е дури несфатливо посветена и искрена во својата работа, чиј однос кон луѓето, без никаква мелодраматика, допира до срце, чија работа и трпение се импресивни, а за глумата на Леони Бенеш, која играше во „Наставничка канцеларија“, да не зборуваме. Овој филм им е посветен на медицинските сестри, за кои на крајот пишуваше дека глобално се во недостаток, и дека секаде има проблем со наоѓање на овој медицински кадар, а во Германија се најавува дека медицинските сестри ќе одат специјално да го гледаат овој филм, кој е навистина направен со љубов и со такво едно неверојатно чувство на човечност и разбирање. Бенеш е маестрална.
Голем интерес на маркетот за анимираните филмови на Гоце Цветановски
Гоце Цветановски е единствениот продуцент, кој годинава беше пријавен на Европскиот маркет во Берлин. Како што веќе нè извести, неговиот продажен агент му рекол дека за „Јон Вардар“ постои голем интерес од САД, од земјите на Латинска Америка и од неколку европски земји. Моментално се почнати преговори, а во игра е и посета на уште еден филмски фестивал.
Инаку, Цветановски тука е и со новиот долгометражен анимиран проект, „Златната пеперутка“, базиран на Светот на Биби. Завчера веќе беше потврдена копродукција за овој филм со Шпанија и Аргентина, а преговорите со уште неколку европски и јужноамерикански фирми сè уште се во тек.