Во главната програма Наградата за женска улога ја добија девојките од словенечко-македонската драма „Фантази“ на Катарина Решек, а нашиот филм „Диџеј Ахмет“ ги доби Наградата на публиката и Наградата за промовирање на младите
Пишува: Сунчица Уневска
Вчера, 22 август, со доделувањето на наградите на 31. Сараевски филмски фестивал заврши годинешното осудмневно издание, во чија главна, доста послаба година во однос на некои претходни, беа девет филма од регионот. Во главната програма по многу години беше вклучена и Македонија со „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски. Но, да одиме со ред.
Победникот „Ветре, зборувај со мене“ на Стефан Ѓорѓевиќ, кој на публиката и е познат по неговата улога во „Тилва Рош“, е негово режисерско деби кое премиерата ја имаше на фестивалот во Ротердам. За жал, станува збор за потпросечен филм, односно буквално за семејна приказна, во која е вклучено поширокото семејство на Ѓорѓевиќ и каде што прави една играно-документаристичка форма.
Тоа е топла, семејна приказна, во која нема ама баш ништо посебно да се издвои, освен што Ѓорѓевиќ се обидува целата таа состојба на загуба во семејството да ја пренесе на некој визуелен, носталгичен план, во кој сака да направи своевидна паралела со природата и со ослушнувањето на ветрот, со разговорот со дрвјата, со нурнувањето во тишината, за да го долови размислувањето за смислата и барање утеха во соочувањето со неминовното.
Но, сето тоа е доста наивно, дури и аматерско, во кое ниту онаа внатрешна тензија и лично искупување не умее баш да ги изрази, туку на моменти имате чувство дека нема идеја како тоа да го направи, на кој начин тие интимни моменти да ги долови така за да ги прикажат неговите внатрешни превирања и да допрат до гледачите. Но, жирито предводено од украинскиот автор Сергеј Лозница, сепак, му ја даде предноста, бидејќи тоа е тема со која веројатно секој од нас се соочил, но би рекла, недоволно за да биде главниот победник на фестивалот.
Според мене, многу подобар, а на слична тема, е исто така, српскиот филм „Југо Флорида“ во режија на Владимир Тагиќ. И во него се зборува за болест и за загуба, само овде на таткото, но филмот има далеку поголема комплексност и слоевитост, многу подобро изградени ликови, доловени одлични мигови на загубеност и чувство на ништовност. Во него главниот лик кого го игра Андрија Кузмановиќ, кој ја доби наградата за најдобар актер, на својот лик, како што точно ќе напише и жирито, му дава длабочина, му дава една неверојатна емотивност без ни ронка патетичност и создава еден таков однос кон таткото, кој е неверојатно сложен, допирајќи многу нешта што, всушност, меѓу нив секогаш недостигале. „Југо Флорида“, дефинитивно, се издвојува од годинешниот просек и е еден од подобрите филмови во главната програма на фестивалот.
Ивана Младеновиќ, која живее и работи во Романија, за својата романтична драма „Сестрите од манастирот“, направен во копродукција со Србија, Италија и Шпанија, ќе ја добие наградата за режија. И овој филм беше прикажан во Локарно, каде што таа зборува за сценариото односно автобиографската книга на нејзината пријателка, по која ќе направи една пренатрупана комедија, според многумина во стил на Раду Жуде, опфаќајќи бројни теми, како класни, социјални, сексистички, така и етнички, каде што зборува за слава, за самоубиство, за одење во црква итн. Жирито во сето тоа го гледа испреплетен панк-духот, гледа приод што го споредува со Достоевски и романтична комедија без романса. Младеновиќ е навистина храбра и необична, но многу далеку од она што според ова би се очекувало.
Како и во претходниот случај, така и овде, словенечко-македонската драма „Фантази“ на Катарина Решек ака Кукла, е далеку подобар филм од романскиот. Сина, Михрије и Јасна се пријателки чиј живот сосема ќе се промени откако ќе ја сретнат младата трансродна жена Фантази. Интересна е пораката на „Холивуд репортер“ кој ќе рече дека на многу девојки би им користела дозата на фантазија и инспирација што ги има во филмот на оваа позната словенечка музичарка и режисерка, а особено ако живеат во „бетонски затвор“ во изразито конзервативно општество. Тие не се вклопуваат во очекувањата, туку смело ќе тргнат низводно барајќи се себеси, без оглед на перцепцијата на другите кон нив. Филмот беше прикажан во Локарно, а актерките: Сара ал Салех, Алина Јухарт, Миа Скрбинац и Мина Миловановиќ сосема си ја заслужија наградата за женскиот актерски ансамбл, за, како што ќе рече жирито, харизмата и автентичноста со кои ги доловуваат своите улоги. Филмот е копродукција меѓу Словенија и Македонија.
Наградата за најдобар документарен филм отиде во Австрија, за филмот „Ќе дојде нашето време“ на Ивет Локер, инаку награда која од оваа година го квалифицира филмот за номинација за наградата „оскар“. Тоа е приказна за една двојка од Гамбија и Австрија кои се обидуваат да изградат стабилен живот и да излезат на крај со целата бирократска џунгла. Жирито вели дека тоа е филм што ја спојува убавината и предизвиците на заедничкото создавање.
Додека, „Срцето на Сараево“ за краток филм го доби ерменскиот „Зима во март“, кој исто се квалифицира за номинација за „оскар“. Во оваа програма Македонија беше копродуцент на косовскиот филм „Очите на Берна“.
Нашиот филм „Диџеј Ахмет“, кој беше вклучен во главната програма, очигледно ги освои срцата на публиката и ја доби нивната награда, освојувајќи ја најголемата оценка од 4,93. Зад него со просечна оценка од 4,81 е филмот од отворањето, „Павилјон“ на Дино Мустафиќ, а на трето место е „Бело се пере на деведесет“ на Марко Набершник со просечна оценка од 4,7, а интересно е дека Македонија е копродуцент и на двата.
Инаку, „Диџеј Ахмет“ ја доби и Специјалната награда за перспективата на младите, која ја обезбедува Советот на Европа, а носи и парична награда од 7.500 евра. Како што вели жирито, тоа е награда која се доделува на филм за млади што ја преиспитува својата заедница и традиција, а за кој веруваат дека има потенцијал да допре до публиката, особено што им дава глас на младите од малите заедници. Другата награда што ја доби нашиот филм спаѓа во партнерските награди, односно ја доделува „Синеуропа“, првиот европски портал посветен на кинематографијата и аудиовизуелните содржини на 4 јазици, кој има за цел да ја промовира европската филмска индустрија низ светот.
„Диџеј Ахмет“ својата светска премиера ја имаше на „Санденс“, а македонската ќе ја има на затворање на „Браќа Манаки“, што според оценките и наградите кои досега ги освои, а особено според приемот на публиката, по целата логика, би требало Фестивалот на филмската камера, кој е и наш најголем фестивал, да го отвори. Но, тоа е тоа.
И, само да кажеме дека почесните награди оваа година во Сараево ги добија еден режисер и тројца актери. Легендарниот италијански автор, Паоло Сорентино, како и големите актери: Вилијам Дефо, Реј Винстон и Стелан Скарсгард, кого годинава го наградија и на фестивалот во Карлови Вари.