„Снежана на крајот умира“ требаше да биде наш кандидат за „Оскар“

post-count icon
11.09.22

Loading

Филмот на Кристијан Ристески кој имаше светска премиера на 28. независен филмски фестивал „Слемденс“, европска премиера во Москва, а започна и неговата светска продажба, носи таква оригиналност и автентичност, остроумност и искреност, умешност и откаченост кои во нашата земја ги препозна публиката, но не и т.н. комисии правени со години од еден „центар“

Пишува: Сунчица Уневска

Во овој период односно во текот на само два-три месеца (ќе) имаме дури четири нови македонски филмови во киносалите низ земјава („Снежана на крајот умира“, „Мими“, „Најсреќниот човек на светот“, „Кајмак“), што навистина ретко се случува. Она што е интересно, особено после оние неколку значајни успеси што ги имавме на светската сцена изминативе неколку години, е дека се наметнаа поголеми очекувања, а секако и споредувања. Но, мора да се каже дека доста брзо се спуштаме на земја, бидејќи се докажува, како што и навистина повеќепати се пишува, дека сето тоа беа инциденти, односно поединечни успеси, а не стратегија, ниту пак некаква појава на нов бран. Далеку од тоа. Искрено, македонската публика се покажува далеку помудра и попретпазлива во своите очекувања, и покрај многуте надувани информации и текстови, па и понатаму го има оној „македонски синдром“ на слаба посетеноста кога се работи за домашната кинематографија.

Мотото на „Слемденс“ е „од филмаџии за филмаџии“

Но, мојот напис не е за тоа, само што некако целата таа ситуација сама се наметнува. Напротив. Мојот напис многу повеќе е за успехот на филмот „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески, на кој, покрај сите овие имиња, како да не му се обрнува заслуженото внимание. Не дека не беше забележан, тој имаше одлична кампања и поголема посетеност во моментов од другите македонски филмови (секако, не мислејќи тука на „Кајмак“, чија дистрибуција е најавена следната недела). Публиката, сепак, умееше да го препознае и до последниот ден на прикажувањето во „Синеплекс“ имаше интерес. Но, поради програмската шема тој мораше да заврши со редовната дистрибуција, иако заинтересираните ќе можат да го видат овој месец и во Кинотеката на Македонија, а при крајот на годината повторно во еден период ќе се врати во киносалите за сите оние кои што го пропуштиле.

„Снежана на крајот умира“ навистина се издвојува од тоа што моментно го имаме (и го видовме), но и многу повеќе од тоа. Ова, дефинитивно, е еден од пооригиналните македонски филмови последниве години, филм кој донесе нешто поинакво, кој доста смело ја гради својата структура, кој успева да направи апсурдна комедија во која нема празни одови, напротив, со еден збор, има и знае што да каже. Не случајно, овој филм беше одбран меѓу 8.100 филма на фестивалот на независни остварувања „Слемденс“, кој исто како и „Санденс“ се одржува во Парк Сити, Јута и веќе има свој рејтинг на фестивал кој умее да открие значајни имиња и филмски автори. На него се бираат мали независни филмови направени со буџет до милион долари, но она што е особено важно е дека изборот на фестивалот го прават филмаџии, во смисла „од филмаџии за филмаџии“. „Слемденс“ е и квалифицирачки фестивал за „Оскар“ за дебитантските дела. Така што, изборот на овој фестивал веќе кажува многу, а богами и критиките кои го оценија одлично, и дури го споредуваа со „Магнолија“ на Пол Томас Андерсон или со структурата во филмовите на Тарантино.

Исчашено, но избрусено до најостра точка

Така во „Filmthreat“ рецензентот ќе напише: „Структурата на лавиринтот на ‘Снежана на крајот умира’ многу добро придонесува за богатството на приказната, при што секое откритие додава уште едно ниво, што е за почит. Ова воопшто не е лесна задача, особено што до доцните 1990-ти години цела низа имитатори на Тарантино ја користеше таа заплеткана структура како трик, за слабата приказна да изгледа комплицирано. Но, овде тоа не е случај.“ Понатаму во истата рецензија се вели дека Ристески може да го насети блескавото чудно во тапата нормалност, како свиња која бара тартуфи, додавајќи дека неприлагоденото јадро во филмот најсилно свети, бидејќи тоа е парада на луѓе кои обично не се појавуваат во филмовите, па дури ни во јавноста.

А факт е дека тоа е и она што најтешко може да се постигне, да направите „расцепкана“ структура која е толку цврсто поврзана, и низ оние навидум неважни случувања, луѓе и детали да ја доловите суштината и реалноста за која говориме. Авторот пак во „Slug Mag“ ќе рече: „Она што мислев дека е маникиран дијалог, всушност, е избрусено до најостра точка. Ликовите се откриваат низ своите постапки, а не низ некакво сувопарно излагање (што би рекла дека е чест проблем во нашите филмови). Секој лик е изграден со љубов, слој по слој. Целиот филм е прекрасен мозаик кој ме потсети на ‘Магнолија’ на Андерсон само напишана со поисчашен комичен пристап.“ А што е уште поинтересно, тој на крајот вели дека „Слемденс“ го донесе она задоволство кое го очекува од неговите филмови, бидејќи ова е од оние дела кое раскажува единствена приказна што го одвела на такво патување на кое никој друг не може.

Најважни се автентичноста и искреноста

Тоа се навистина фантастични рецензии кои зборуваат за откривање автор и филм, кој би требало да добие еден поинаков третман. Но, кај нас е важно надвор да се има оној т.н. „холивудски успех“ или потврда од големите фестивали, па за нешто да се крене врева. За ваквите „мали“ филмови и фестивали, кои во светот го имаат реномето токму поради откривање на авторите, во нашата земја малку кој се интересира. А овој филм, кој се подготвуваше пет години, веќе имаше доста добар одѕив и во текот на развивањето на сценариото, а продукциската куќа која стои зад него, „Вертиго“, има сработено дел од визуелните ефекти во филмот „Окја“ на оскаровецот Бонг Џун-Хо.

Да ги потсетиме оние кои сè уште не го видоа филмот дека приказната е за тоа  колку е тешко да се остане нормален, чесен и верен на своите вредности во една морално корумпирана средина, и дека жанровски тоа е социјална драма завиткана во амбалажа на апсурдна комедија. Многу е важна, особено со оглед на тоа што во нашата земја најголем проблем имаме со сценаријата, изјавата на Ристески дека секоја, и најмала епизода, колку и да е бизарна, се има случено во реалниот живот. „Кога се работи за авторски филмови, за да бидат автентични верувам дека треба да се занимаваат со теми, настани, приказни кои ни се блиски и познати, а не со комплетна фикција.“ Можеби токму затоа филмот и стигна онаму каде што требаше поради својата искреност и непретенциозност.

Критичарите во Македонија немаат право на избор

Некој можеби ќе помисли дека текстот е напишан со некаква намера или цел, но овој текст е напишан сега затоа што ја почекавме дистрибуцијата, која покажа дека ова е навистина филм што го заслужува вниманието и дека е еден од ретките оригинални во нашата кинематографија во последно време. Еден од рецензентите се чудеше како е можно Ристески да извади толку добрина од една ваква приказна, ама тој и самиот вели дека ова е филм за човечката добрина, пристојноста, интегритетот, надежта и радоста на животот, иако прикажана на исчашен начин, бидејќи нашата реалност впрочем тоа и го налага, особено што без откаченоста и надреалноста таа и не би била реална.

Штета е што овој филм направен за само 405 илјади евра (200 илјади од Агенција за филм) не е нашиот годинашен претставник за „Оскар“. Тоа е мојот став, став на критичар иако кај нас, за разлика од цел свет, па и Американската академија која исклучително ги цени оценките на критичарските здруженија, на критиката и е „забрането“ да биде дел од комисиите кои одлучуваат за кандидатите за номинации за „Оскар“. Но, како што е сè исчашено, како што сè зависи од оние од кои најмалку треба да зависи, како што сè, особено во филмот кај нас, е претенциозно без никаква основа, ваквите одлуки не се за чудење. Затоа и да не нè чудат резултатите, кои се поразителни особено кога „одговорните“ не умеат да си го видат ни она што им е пред носот.

Бидејќи, да заклучиме, што е важно кога зборуваме за овие кандидати, особено што номинација, секако, дека тешко ќе добиеме. Важна е видливоста што би требало една ваква номинација да ја донесе. А „Снежана…“ секако ја претставува македонската кинематографија, секако зборува за македонската реалност, носи оригинален и свој филм карактеристичен за нашето поднебје, тоа е вредно деби со одлични критики и целосно фантастична екипа, и на крајот носи ново свежо име и идеја, откриено на независен значаен фестивал, што впрочем и посебно се цени во ваквите кандидатури. Искуство со „извиканите имиња и фестивали“ имаме (секако овде не мислам на „Медена земја“ или „Пред дождот“, туку на грото филмови што ги номиниравме во периодот од изминативе 20 години)  и тоа уште повеќе нѝ покажува каде грешиме. Но, за жал, кај нас лекциите тешко се учат, а уште повеќе во (филмска) атмосфера заробена самата од себе (како беше она „од филмаџии за филмаџии“).