Светска премиера на „Преекспонирано“ во Каиро

post-count icon
10.25.22

Loading

Филмот на Елеонора Венинова влезе меѓу само 14 филма, и тоа буквално од сите континенти, кои годинава ќе се борат за традиционалната награда „Златна пирамида“, а за што ќе одлучува жирито предводено од најреномираната јапонска авторка, Наоми Кавасе

Пишува: Сунчица Уневска

Долгометражниот игран првенец на македонската режисерка и сценаристка, Елеонора Венинова, насловен „Преекспонирано“, ќе ја има својата светска премиера на 44. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Каиро (од 13 до 22 ноември), кој важи за најстар и најзначаен фестивал на Средниот Исток и во Африка. Но, би додале, и не само таму, бидејќи Фестивалот во Каиро влегува во групата од само 15 филмски фестивали во светот кој го имаат рангот на А категорија, така што неговото значење е многу пошироко. Особено последниве години, да не речеме децении, кога во арапскиот филм се вложува многу, од таму доаѓаат извонредни дела, кои се дефинитивно конкурентни со светската понуда на филмската сцена и чија што продукција и квалитет расте од година в година.

Неверојатно е дека филмот на Венинова влезе меѓу само 14 филма, и тоа буквално од сите страни на светот, од сите континенти, кои се оваа година во главната конкуренција и се борат за традиционалните награди „Златна, Сребрена и Бронзена пирамида“. Она што на сето ова му дава уште поголема тежина, е што во изборот, иако има и многу дебитанти, се авторски имиња кои се веќе многу наградувани, а голем дел од избраните филмови биле на бројни филмски фестивали, па дури и освоиле награди на некои од најзначајните.

Како на пример, полскиот филм на Дамјан Коцур, „Леб и сол“, кој победи во програмата „Хоризонти“ во Венеција, потоа филмот „Далва“ на француската режисерка Емануел Никот, кој доби „Фипресци“ во Кан во програмата „Недела на критиката“, па канадската драма „Нешто што рече минатата ноќ“ на Луис де Филипис со награда од Сан Себастијан и Торонто, па филмот на либанскиот визуелен уметник, Али Чери, „Брана“ кој беше во Кан и беше во годинешниот избор за најдобри арапски филмови итн.

Така, не само што веќе самиот избор на програмскиот директор Ендрју Мохсен зборува многу, туку факт е дека станува збор за исклучително силна конкуренција. Во компетиција е и египетскиот филм „19Б“ на Ахмад Абдала, за кој самиот програмски директор вели „дека тоа е филм што многу го сакале фестивалите и тој едноставно морал да го вклучи во официјалната програма“. Да не заборавиме дека тука е и еден од најактуелните годинешни филмови што доаѓа од Украина, „Визијата на пеперутката“ на Максим Наконечни, кој освои награда на фестивалот во Палиќ, како и во Одеса, додека во туниската драма на Рида Бехи „Остров на простување“, глуми Клаудија Кардинале.

Она што ги карактеризира филмовите во конкуренција оваа година е една тема која се провлекува, а тоа е фокусот на семејните и лични драми, на своите сопствени борби во преиспитувањето на смислата на животот. А така е впрочем и со нашиот филм, чиј официјален англиски наслов е „Thing Unsaid“, за кој авторката Венинова вели дека е приказна за брачна двојка, што се случува во викенд куќа во Охрид, кога нивниот мир и брачна идила ќе биде нарушена со доаѓањето на една тинејџерка, инаку ќерка на нивни блиски пријатели. „Нејзиното присуство, нејзините емоции и тинејџерски проблеми, на некој начин, ќе ги предизвика да го преиспитаат својот брачен живот.“

А на прашањето за нејзината идеја, таа објаснува дека приказната е делумно инспирирана од вистински настани. „Но, не би откривала повеќе, истакна Венинова, само би додала дека сите филмови што ги правам имаат елемент на лична приказна, лични чувства или случки што ми се случиле и ме допреле на некој начин, па така и овој филм, дефинитивно, го има тој личен печат. Сепак, би и оставила на публиката сама да почувствува (или да претпостави) што е вистина, а што е можеби измислено“.

На прес-конференцијата одржана по повод светската премиера на „Преекспонирано“, актерите, Сара Климоска и Благој Веселинов го изразија своето задоволство од соработката и од оваа можност филмот да биде прикажан на фестивал од А-категорија, при што Веселинов истакна дека е навистина голема работа тоа што некој видел и проценил дека тоа што го направиле е добро сработено и дека направиле добар филм.

Веќе се знае дека „Преекспонирано“ беше првиот филм што се снимаше за време на ковид-пандемијата и, се разбира, сите ги интересираше токму ова искуство и начинот на кој било, воопшто, можно да се работи во такви услови. Елеонора Венинова зборуваше дека пробите ги работеле со маски и тоа било особено проблематично, бидејќи ова е интимна драма, во која тројцата актери имаат цврста врска во филмот, а морале да работат со дистанца и да не им се гледаат лицата сè додека не дошле на сет. „Тоа беше тешко, рече Венинова, и сосем надвор од мојот план за тоа како треба да течат подготовките.“

Но, како што вели народот, сè е добро кога добро ќе заврши, а светската премиера доаѓа како јагода на шлагот после сите перипетии и проблеми. Во Каиро нашата екипа ќе биде од  18 до 22 ноември, а освен режисерката Венинова и продуцентот Гоце Кралевски, планирано е филмот таму да го претстават и тројцата главни актери, значи: Климоска, Веселинов и Камка Тоциноски. Филмот е поддржан од македонската Агенција за филм, од Српскиот филмски центар и од Еуроимаж, а македонската премиера, како што најави на пресот Гоце Кралевски, е планирана за пролет.

На крајот само да кажеме дека фестивалот во Каиро навистина има извонредна репутација, и освен во главната, во другите програми ги носи се чини сите оние најзначајни и најнаградувани годинешни филмски дела од целиот свет, меѓу кои се и новите дела на: Кристијан Мунгиу, Лукас Донт, Андреас Дрезен, браќата Дарден со наградениот „Тори и Локита“, па „Светиот Омер“ на Алис Диоп кој триумфираше во Венеција… А така е и со жиријата, во кои, како што самите велат, се вистински филмски икони. Доволно е само да кажеме дека претседателка на жирито, кое ќе одлучува за главната програма, е една од најреномираните јапонски режисерки Наоми Кавасе. Каиро е преполн со настани, значајни работилници и гости, но за тоа кога 44. Филмски фестивал, кој буквално се одржува во подножјето на пирамидите, ќе стартува.