Сараево: Во знакот на добрите филмови и рекордната посетеност

post-count icon
08.30.25

На 31. Сараевски филмски фестивал  на незаобиколниот црвен килим годинава се прошетаа некои од најголемите ѕвезди на современата светска кинематографија, меѓу кои беа актерите: Вилијам Дефо, Стелан Скарсгард, Реј Винстон, како и режисерите, Мишел Франко и Паоло Сорентино, чиј филм „Милост“ оваа година ја имаше честа да го отвори 82. Филмски фестивал во Венеција

Наш специјален известувач

Душко Димитровски

Годинешниот постјубилеен 31. Сараевски филмски фестивал, кој се одржа од 15 до 22 август, уште еднаш ја потврди својата оправдано стекната висока репутација како најдобар филмски фестивал во регионот. И покрај тоа што на фестивалот беа прикажани 250 филмови на синеасти од целиот свет, и тоа: играни, документарни и анимирани, сепак, главниот фокус останува на филмовите од нашиот регион.

„Срцата на Сараево“ односно највисоките специјални признанија за исклучителен придонес во филмската уметност годинава ги добија афирмираните интернационални актери: Вилијам Дефо, Стелан Скарсгард и Реј Винстон, како и еден од најдобрите светски современи синеасти – италијанскиот режисер, Паоло Сорентино, автор со многу значајни остварувања што се одликуваат со посебен сензибилитет и убавина, меѓу кои ќе ги споменеме: „Божја рака“, „Младост“, „Семеен пријател“ и „Големата убавина“.

На Сорентино му беше посветена и програмата „Трибјут“ во рамките на која беше направена целосна ретроспектива на неговите филмови, која наиде на одличен прием кај фестивалската публика.

Во целина 31. издание на фестивалот може да се оцени како доста успешно со рекордна посетеност, на радост на сите. А особено кога станува збор за популарните програми, како: „Летно кино“, „Open Air“, „Во фокусот“ и „Киноскоп“, потоа ретроспективите на Сорентино и на рускиот автор Илја Кржановски, како и програмата која предизвикува големо внимание, „Соочување со минатото“. Додека кај младата публика, исклучително внимание предизвикуваат „Детската програма“ и „Тин арена“.

Меѓу филмовите во главната натпреварувачка програма на долгометражни играни остварувања по своите креативни вредности би можеле да се издвојат: „Господ нема да помогне“ на младата, но веќе исклучително афирмирана хрватска режисерка, Хана Јушиќ („Не гледај ми у пијат“), потоа „Диџеј Ахмет“ на, исто така, младиот македонски режисер, Георги Унковски, на кого ова му е долгометражно деби, како и српскиот филм на годинешниот добитник на „Златното Срце на Сараево“, „Ветре, зборувај со мене“ на Стефан Ѓорѓевиќ.

Хрватскиот филм на Хана Јушиќ, „Господ нема да помогне“, кој е направен во копродукција со Италија, Романија, Грција, Франција и Словенија, е крајно филозофски интонирана историска приказна, реализирана, пред сè, со визуелен јазик. Таа е сместена во цврсто структурирана изолирана планинска заедница на хрватските чобани, која се случува некаде на почетокот на 20 век.

Промените ќе се случат кога таму ќе пристигне една странкиња, Чилеанката Тереза, која тврди дека е вдовица на нивниот брат што емигрирал во Чиле. Нејзиното доаѓање, како своевидна бура, ќе ги вознемири и радикално ќе ги измени односите меѓу членовите на таа заедница, а наедно ќе ги инспирира и локалните жени.

Посебно би требало да се истакне добрата атмосфера во филмот, која многу вешто ја доловува Јушиќ, како и исклучително вдахновените и емотивно остварени улоги на: Мануеле Мартели (Тереза), Ана Марија Веселчиќ, Филип Ѓуриќ, Никша Бутијер, Тина Орландини, Ивана Скока и др.

Сосема поинаков, но само на прв поглед, е филмот „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски, работен во копродукција меѓу Македонија, Чешка, Србија и Хрватска. Она што на некој начин ги поврзува со филмот на Хана Јужиќ е традиционалната затворена селска средина, иако временски се доста оддалечени еден од друг, во која се одвиваат нивните приказни.  

Местото на случување во филмот „Диџеј Ахмет“ е сместено во амбиентот на зафрленото јуручко село во Македонија, во кое главно живее турско национално малцинство. Приказната го следи 15-годишното момче Ахмет, заедно со неговиот помал брат, кој наоѓа прибежиште во електронската музика, додека тешко излегува на крај со очекувањата на таткото, со конзервативната заедница и со своето прво љубовно искуство, и тоа кон девојка која веќе е ветена на друг… Пристапот на режисерот е над сè поетски суптилен, иако на трагикомичен начин, но без непотребни прибегнувања во мелодрама, туку со едно хумано, човечко карактеризирање на главните ликови.

Најголемото признание, „Златното Срце на Сараево“, според одлуката на жирито предводено од Сергеј Лозница, му припадна на филмот „Ветре, зборувај со мене“ на српскиот режисер Стефан Ѓорѓевиќ, психолошки доста компликувана вистинска приказна за Стефан, кој по смртта на неговата мајка за првпат се среќава со членовите на неговото семејство, за да го прослават роденденот на неговата баба.

Враќањето дома инспирирано со желбата да го заврши филмот за мајка му, како и обидот да се искупи со тоа што ќе спаси едно куче-скитник, го наведуваат Стефан на интроспекција. Поттикнат од реалните настани во животот, тој го снима филмот со членовите на неговото вистинско семејство, со кои заедно одат во куќата на езерото со цел да ја завршат нејзината изградба. Филмот „Ветре, зборувај со мене“ се претвора во своевиден интимен осврт на прилично заплетканите семејни односи.

На крајот да кажеме дека она што го одбележа гопдинава фестивалот, секако, се и многу успешните мастеркласи, што ги одржаа: Паоло Сорентино, Мишел Франко, Реј Винстон, Илја Кржановски и Вилијам Дефо.