Рецензија: Што ќе се случи кога холивудската бајка ќе се оствари

post-count icon
03.25.25

Кон филмот „Анора“, режија, сценарио и монтажа: Шон Бејкер, улоги: Мајки (Микаела) Медисон, Јура Борисов, Карен Карагулијан, Вахе Товмасијан, Марк Еделштаин, фотографија: Дру Дениелс, музика: Џозеф Капалбо, САД 2024

Пишува: Сунчица Уневска

Филмот „Анора“ на Шон Бејкер беше годинешното изненадување на оскарите. И, сосема со право. Бидејќи, „Анора“ донесе нешто сосем поинакво, односно нè врати на она што по малку сме го заборавиле. А тоа е добра и реална приказна, издржана и логична, приказна која е подеднакво смешна и трагична, токму онаква каков што е и животот, приказна која не бега од реалноста, која не се додворува, туку е жестока, критична, едноставна, терајќи нè да се соочиме со она кое што понекогаш и не сакаме да го видиме.

Всушност, некако филмовите сè повеќе стануваат бегство во некои фантазии, во некои футуристички измислици, во некои бајковити „шарени лаги“ кои треба да ни го донесат задоволството што толку го посакуваме. Заборавајќи ја на крајот на краиштата, и целта на уметноста. Но, кому за тоа му е гајле, додека филмовите прават рекордни отворања и додека луѓето се задоволни од фантазиите што сè повеќе ја прават реалноста поднослива.

Но, интересното со овој филм е токму тоа што Шон Бејкер ќе успее во невозможното. Ќе успее да си поигра со бајковитоста, ќе успее да направи забавен, па дури донекаде и комичен филм, а сепак, да нѝ ја удри реалноста директно в лице. „Анора“ е филм што се гледа во еден здив, бидејќи е одлично направен, има фантастичен ритам, толку успешно нè води до катарзата и нејзиното распрснување, смешен е, откачен, со извонредни ликови и неверојатно доловување на реалноста со целата нејзина комична и трагична страна. На моменти „Анора“ станува и хаотична, но со толку прецизни и брилијантно емотивно исцртани ликови, тоа е филм кој толку добро знае како да го постигне развојот во оваа помалку „луда“, а всушност толку вистинска и во суштина, болна приказна. Се разбира, не за сите, впрочем како и во животот, додека едни си играат, другите се обидуваат во целиот тој лавиринт да се снајдат и да останат цели, онолку колку што е тоа можно.

„Анора“ е нешто неверојатно, филм чија приказна тече со таква леснотија, со таков хумор и изненадување, филм кој ве тера урнебесно да се смеете и на моменти да не знаете што да очекувате, додека вистинската драма (со примеси на сатира) се исцртува со таква точност, со таква умешност и со таква комична трагичност, но и критичност, што е фасцинантно. Впрочем, иако Бејкер прави универзален филм, тој толку добро ја доловува реалноста во која живееме, толку добро си поигрува со тие смешни, но моќни ликови, но и со оние помалку смешни, немоќни, но вистински карактери, за кои забавата има сосем друго значење, а секако и последици. Но, кој да се грижи за тоа? Важно е да не се поремети воспоставениот ред, зашто, иако границите делуваат флуидни и иако тие се забава за оние разгалени синови и ќерки на новокомпонираните олигарси, за обичниот свет таа флуидност е само привид, кој може да биде дотолку потрагичен доколку во него безуслово верувате.

Името Анора, како што ќе прочита еден од бодигардите на олигархот Захаров, значи портокал, значи блескавост и сјајност. Па, сепак, Ени не си го сака своето име, таа се претставува и сака да ја викаат Ени.

А уште повеќе не поднесува некој да ја нарече проститутка или курва, затоа што таа тоа и не е, таа е сексуална работничка – стриптизерка, која со многу труд, со многу напор, со голем шарм и креативност се обидува да им се допадне и да им ја разубави вечерта на гостите во клубот во кој работи. Дотолку повеќе Ени ќе биде изненадена од сите квалификативи што ќе ги добие кога семејството на младиот Вања Захаров ќе дознае дека тој се венчал со неа и кога ќе почне вистинскиот хаос со праќање на нивните „луѓе“ кои треба да ја средат работата.

Но, тоа не е толку лесно колку што изгледа, особено тогаш кога бајката ќе стане реалност. Не онаква како онаа во „Згодна жена“, со чии фрази и ситуации овој филм на моменти си поигрува, туку онаа во која, сакале или не, настапува соочувањето. Многумина ќе речат дека Бејкер на некој начин сакал да направи посвета на овој филм, но не би се сложила со тоа дека е посвета, повеќе е поигрување, па и преиспитување на оние холивудски „бози“ (како што велеа старите), холивудски слатки филмови кои ви продаваат нешто што нема врска со стварноста, но толку е примамливо и фино што ве тера да верувате во неговата возможност.

Тоа и е една од моќните шеми на Холивуд кој умее и тоа како да ја продаде фантазијата и да направи толку многу луѓе во неа да веруваат. Но, што ќе се случи кога таа навистина и ќе се оствари. Односно, што се случува после тоа, вели Шон Бејкер, правејќи исто така еден многу забавен, но виртуозно истовремено и горлив филм.

Во секој случај, распрснувањето на сапуницата овде е жестоко и силно, токму онакво какво што и би било кога некој ќе си поигра со вашите соништа. Кога некој си игра со вашите очекувања и сака да ви ги одземе тогаш кога ви се на дофат. Што се случува тогаш, што се случува кога сакате да верувате во љубовта, кога сакате да ја најдете вистинската потпора, кога очекувате поддршка во таа сопствена шарена лага, која е толку слатка и привлечна. Не може некој тукутака да дојде и да ви каже дека тоа не постои, не, додека и самите не се уверите во тоа.

Анора ги доживеа убавите мигови кои, и покрај целата своја фрагилност, ја натераа да верува дека се возможни. Особено што таа, како и секоја девојка која е во безизлезна ситуација, во нив сака да верува. Сака да верува дека во тоа има и малку вистина и дека промените се возможни. Но, реалноста е нешто сосема друго, реалноста има свои шеми и правила, реалноста има граници кои не се нималку флуидни, особено кога сакате да ја промените нивната рамнотежа. Не оди тоа така. Некои светови остануваат поделени, не за друго, туку затоа што така го носат привидот на моќ и надменост. Како инаку ќе докажат дека сме различни.

Она што оваа приказна Бејкер ја прави уште подобра, е што не го сведува филмот само на тој однос и на сето она што се случува околу него, туку подеднакво се интересни и извонредно исцртани и другите ликови, односно другите агли од кои можеме да ја видиме оваа приказна. Тука се и оние чии светови баш и не се разликуваат толку од светот на Ени, тука е и тој нежен снагатор Игор, кој некако и најмногу ќе го разбере она низ што поминува Ени, тука е и десната рака на Захаров, неговиот ерменски кум Торос, а тука е и разгалениот и уплашен Вања, кој штом ќе згусти фаќа магла, а тука, секако, се и нејзините колешки…

Што ќе се случи кога бајката и не е бајка, кога прекрасните светла ќе го загубат својот сјај, својата „блескавост“, што ќе се случи кога ѓаволот ќе ја однесе шегата и кога стварноста се враќа со целата своја силина. Мајки (Микаела) Медисон како Анора го носи целиот филм и сосема го заслужи „оскарот“. Таа е феноменална во начинот на кој ја доловува Ени и целиот оној емотивен тобоган низ кој минува, а одлични улоги имаат и Јура Борисов како Игор (номиниран за споредна улога) и Карен Карагулијан како Торос.

„Анора“ ги заслужи сите награди и номинации, тој беше и Канскиот победник, и критичарскиот, но и оскаровскиот, бидејќи ова е филм што никого не може да го остави рамнодушен. „Анора“ е филм за сите нас, за реалноста и невозможните посакувања, за фантазијата и судирот со бесмислата на најлош можен начин, „Анора“ е филм во кој соништата се распрснуваат, иако тоа не значи секогаш трагедија или крај. Понекогаш значи и освестување и соочување со стварноста која не е воопшто црно-бела, бидејќи во поделбите и границите најчесто сакаат да веруваат моќните. Додека, факт е дека немоќните можат да ја видат нивната бесмисла, па дури и тогаш кога не можат да ги променат. Толку многу кажано низ еден ваков забавен и откачен филм, кој во себе ја носи вистинитоста и храброста да се види и онаму каде што најчесто не се гледа, не затоа што е далеку, туку затоа што некој по секоја цена се труди да го одржи во живот митот толку внимателно создаден самиот за себе.