Рецензија: Црната торба или работите за кои не треба да се знае ништо, а „обично се знае сè“

post-count icon
04.23.25

Кон „Црна торба“, режија, фотографија и монтажа: Стивен Содерберг, сценарио: Дејвид Кеп, улоги: Мајкл Фасбиндер, Кејт Бланшет, Реге-Жан Пејџ, Наоми Харис, Мариса Абела, Том Бурк, Пирс Броснан, музика: Дејвид Холмс, сценографија: Ен Линч Робинсон, САД 2025

Пишува: Сунчица Уневска

Американскиот филм „Црна торба“ е сосема типичен филм за оскаровецот Стивен Содерберг, но апсолутно нетипичен кога станува збор за шпионски трилер. Од една страна, во него ги има сите оние елементи својствени за опусот на овој познат независен и исклучително иновативен, но и разновиден автор, додека од друга страна, иако има елементи карактеристични за шпионските трилери, сепак, тие се употребени на сосем неочекуван начин, лишен од многу работи што (се неопходни) или се подразбираат за овие трилери.

Интересно е дека ова е филм без акција, секако, мислејќи на физичката акција, затоа што е преполн со дејствувања и конспирации (кои на прв поглед не ги гледаме) и првенствено со она што е омилено и најспецифично за Содерберг, а тоа е психолошката акција и играта со идентитети, поигрувањето со човечките состојби, па и со моралноста на криминалот (ако воопшто ја има, нели). Со други зборови, нешто што делува сосем спротивно самото на себе, но во суштина не е.

Веќе самиот почеток најавува „игри и забава“, како што ќе рече главниот лик Џорџ, кого толку суптилно и сугестивно го игра Мајкл Фасбиндер, мислејќи на играта или стапицата која треба да го открие кртот во нивните редови. Содерберг посветил многу внимание на ликовите, кои самите за себе во филмот честопати велат дека сите мора да се луди за да го прават тоа што го прават и дека сите се лажговци, посветил многу внимание на сценографијата, која е софистицирана, студена и дистанцирана, но совршено вклопена, со смирувачки бои, со убавина, но и закана која не е нималку агресивна, иако во себе носи голема непредвидливост.

Такви се и ликовите, некако цела таа сценографија како да е во дослух со нивната психолошка состојба, и тоа не само тогаш кога се работи за нивните домови, туку и за работната средина, и за целото нивно опкружување, вклучувајќи ја секако и играта со светлината (што е исто така карактеристично за Содерберг), без оглед дали е природна или не.

Совршенството на формата, во која Содерберг вложил многу, и покрај првичниот впечаток, не е тука заради убавината, заради хармонијата, тоа не е така замислено заради идеалната и смирувачка атмосфера, напротив, целото тоа совршенство укажува на непознаници, на неизвесност, на застрашување и на перфекционизам (во негативната смисла на зборот). Имено, перфекцијата, која е толку видлива кај Џорџ и на која тој постојано инсистира, внесува силна непријатност и напнатост, внесува нелагодност, како што се впрочем и замислени тие „забави и игри“, бидејќи нивната цел не е нималку забавна. А и изборот на Џорџ, токму тој да биде оној што ќе го пронајде предавникот, не е ни најмалку случаен. Џорџ е обземен со човечкото однесување и ги знае сите потребни и непотребни детали, без оглед дали и колку ги осудува или не.

Но, на тоа шефот и смета, бидејќи само ранливата човечка состојба, односно нејзината навидум спротивност, перфекционизмот, може да ги даде најдобрите резултати. Всушност, и нема ништо подистанцирано од перфекционизмот, од барањето совршенство, кое во суштина и не постои, барем не онакво какво што очекуваме дека треба да биде.

Успева Содерберг во својата замисла. А тоа е неговата вечна желба да биде поинаков, да направи филм во еден толку користен жанр, кој вака или онака е преполн со стереотипи, што од друга страна, и го дефинираат, а сепак, тоа да биде нешто поразлично, нешто кое е на граница на експеримент, нешто кое носи нови елементи, нешто што е нетипично, што е необично, а кое ја има истата цел. Тука секако е и психолошката игра, која е карактеристична за шпионските филмови, но не вака, бидејќи сигурно е уште покарактеристична за Содерберг. Неговиот пристап повеќе наликува на психолошка драма, па дури и трилерите или криминалните филмови, чија цел е отпорноста, мистеријата, пресвртите и посебноста на ликовите, овде во многу се разликува, овде психологијата на ликовите е нешто сосема друго. На тоа поле, тој бездруго е во свој елемент.

Всушност, целата игра во филмот е околу психолошките портрети, иако секако и тука има американска сајбер операција, и тука има еден најмодерен компјутерски вирус, но не е тоа предизвикот на Содерберг. Секако, шпионскиот дел мора да има некаква цел, но неговата лична и авторска преокупација се човечките состојби, но и љубовта, и вербата, и моралот, и посветеноста. Има ли за нив место во една таква констелација. Има ли место за доверба меѓу партнерите, без оглед колку таа поради надворешните околности може да биде разнишана, има ли место за вистинска поддршка, има ли место за држење до себе и до своите убедувања, кога сè околу вас се движи кон провалија. Колку е тешко да се препознае вистината, да се препознаат игрите и нивните заднини, колку е тешко кога се изгледа поинаку од што е…

Многу прашања во едно толку несигурно опкружување. Многу прашања на кои одговорот најчесто е „црна торба“, торбата која во суштина е симбол на лагите односно на работите кои не треба да се знаат, работите кои се тајна за сите, освен за оној кому му е доверена одредена задача. Одговорот „црна торба“ е јавна тајна, односно тајна за која не треба ниту да се зборува, ниту да се прашува, а како што е вообичаено, тоа се оние работи за кои не треба да се знае ништо, а обично се знае сè.

Или оние работи кои предизвикуваат таков интерес, па штетата е уште поголема, бидејќи сите веруваат или си создаваат теории за некакви конспирации. Но, тоа е „описот на работата“, работата за која се подготвени на сè, па дури и кога се работи за оној со кого го делат брачниот кревет.

Успева Содерберг да биде различен, но тоа не значи и интересен. Критиките главно беа коректни, но факт е дека филмот е тежок за следење и играта, како што вели еден критичар, е повеќе интересна за него отколку за нас, за гледачите. Има една голема разлика ако го споредиме овој шпионски трилер со оние кои умееше виртуозниот и ненадминат Хичкок да ги направи. Некако, тој ја знаеше формулата со која никогаш не го оставаше гледачот надвор од играта. И тоа е она што овде многу недостига, тоа е она што ја дистанцира публиката. Таа, сепак, би требало да може да го следи, да препознае, да види, да игра, да се забавува, да погодува, да размислува за тајните, за заговорите, за психологијата, која секогаш не прави ранливи, и кога е оправдано, и кога не е. Содерберг создава нешто, кое дури и на крај остава многу непознаницим дури и покрај објаснувањата, дури и покрај разрешницата. Се чини, понекогаш во заплетите умееме сами да се заплеткаме, а јазлите не можеме ни да ги отплеткаме.

Тоа некако се наметнува како закучлок, што е штета, бидејќи ова е сепак вреден филм за размислување, и тоа најмногу заради психолошката игра и заради идентитетите, заради луѓето поточно нивните човечки состојби, кои вака или онака го диктираат нашето однесување. Имено, овде шпионскиот заплет и не е битен, можеби затоа и не му ставил никаков акцент авторот, што сепак излегува дека е грешка. Играта во ваквите филмови е важна, а таа не ја исклучува психологијата.

Напротив, интересни се тие психолошки предизвици кои произлегуваат од интеракцијата меѓу ликовите, интересна е потребата да се види кај другиот она што го очекуваме или дури и во невозможни ситуации, да останеме верни на нашите убедувања. Затоа што тоа е и она што го дефинира човекот, неговите верувања, неговата желба да постапи правилно, неговата желба да се бори за другиот, да верува и да бара, и тогаш кога изгледа залудно.

Тоа е нешто што е предизвик за сите и луѓето ги сакаат тие искушенија, сакаат во нив да се пронајдат, па понекогаш и да се преиспитаат. Но, Содерберг, иако тоа го има во филмот, не успева да нѝ го понуди, барем не онака за да нè внесе во него и да нè натера да се препознаеме, без оглед дали тоа е нешто кое ни се допаѓа или не. Со други зборови, играта ја има, но останува затворена, останува интровертна, сокриена во таа совршена сценографија, во тие навидум смирувачки бои, во тие запретани емоции, кои можат да се толкуваат и вака и онака. Но, не допира до нас, не излегува од тој замислен круг, останува дистанциран како и неговите ликови, како и нивните интеракции. Откритијата на крајот не се ни важни, бидејќи не сме дел од нив, а играта не нè допира бидејќи не се препознаваме. Штета. Многу статично, многу далечно, многу безживотно, без извирање, без вриење, без клокотење, без допир, без душа, иако тоа го има внатре, некаде затскриено, но не и надвор, не и надвор од замислената граница која непотребно ги дели световите, што во својата суштина и неминовност, секогаш се споени.

Филм +++