РЕЦЕНЗИЈА: Тортата за претседателот мора да се направи, макар и во најневозможните услови

post-count icon
04.07.26

Кон ирачкиот филм: „Торта за претседателот“, режија и сценарио: Хасан Хади, улоги: Банен Ахмад Најеф (Ламија), Сајад Мохамед Касем (Саед), Вахеда Табет (бабата Биби), фотографија: Тудор Владимир Пандуру, монтажа: Анду Раду, сценографија: Анамарија Теку, Ирак/Катар/САД 2025

Пишува: Сунчица Уневска

Еден од најубавите филмови од 2025 година, „Торта за претседателот“ на Хасан Хади, беше наедно и првиот кандидат за номинација за „оскар“ од Ирак што стигна до потесната листа, но, за жал, не влезе меѓу номинираните. Затоа, пак, во Кан (каде што исто така беше прв ирачки филм во компетиција на „Кензен“) сосем заслужено го сврте вниманието на светската јавност, а успеа и да ја добие главната награда во оваа престижна паралелна програма, позната и како „14 дена на авторите“, а ја освои и „Златната камера“ за најдобро деби.

Но, ако Американската академија не го препозна, тогаш, што е уште поважно, го препозна еснафското американско здружение на режисери кое го номинираше за својата годишна награда. Се разбира, нималку случајно, бидејќи, „Торта за претседателот“ не само што е маестрален филм, туку Хади успева во него да опфати толку нивоа, успева да исплете толку силна и комплексна приказна, во која провејува сѐ, од историјата, до општественото и социјално уредување, до апсурдите и бесмислата на тогашниот диктаторски режим, до хаосот и бесмислата со која се опкружени, до корупцијата која е толку длабока, што однесувањето не е смешно или сатирично туку карикатурално, па сѐ до човечките приказни, оние најважните, до суштината на живеењето која во целата оваа збрка (калакурница) се чини како да се претвора во прав и пепел.

Затоа ова е посебен филм, затоа што во едно општество во кое добробитта на народот е на последното место и каде што зборувањето за тоа очигледно е тотално залудно, Хади успева така да го исцрта она човечното, она болното и неуништливото, онаа потреба која постои во сите нас, за стабилност, за сигурност, за припадност, за преживување, за внимание, за грижа, за пријателство, и, секако, за љубов. Бидејќи, во тие услови во кои живеат овие семејства, сместени буквално на маргините, во мочуришните предели на самиот југ на Ирак, нема ништо, освен гол обид за опстанок. Но, и тука растат деца кои имаат толку различни судбини, деца што од малечки се научени на училиште да бидат послушни и мирни, да бидат исполнителни и да не бараат ништо, па колку и да е тоа апсурдно, а во кои, сепак, тлее онаа детска љубопитност, онаа потреба за некаков ред и сигурност, и во нив тлее желбата да одат понатаму и свеста дека мора да бидат послушни за да можат во тој фрагилен свет околу нив да функционираат.

Кое детство??? Кому во целото тоа безредие му е гајле за детството, возрасните гледаат како да преживеат и како нивните деца да им помогнат во тоа или во краен случај, како од нив да се ослободат. Токму тоа ќе и се случи на 9-годишната Ламија, една прекрасна, зрела и умна девојка, која за жал на лотарија во училиштето ќе биде одбрана да ја направи тортата за роденденот на претседателот, што во оваа земја се сфаќа многу сериозно (иако е тоа до крајност злоупотребено од наставниците), па дури, ако не го исполни, може да биде казнета и со најстрога казна. Силината на оваа приказна не е случајна, зашто Хади сето тоа го преживеал и го гледал околу себе, така што тоа е докрај искрена, болна и вистинска приказна за неговата земја и за неговото детство. Но, Ламија која живее со нејзината баба наеднаш ќе се најде пред нов предизвик, бидејќи бабата ќе сфати дека тоа е преголем товар за неа и дека повеќе не може да одговори на нејзините потреби. И наместо да тргнат по намирниците за тортата, тоа ќе се претвори во едно страшно патешествие за Ламија, кога ќе сфати дека повеќе и нема каде да се врати.

Филмот, како што реков, има многу нивоа, тој успева така да ја долови цела таа ситуација во 1990-тите години во Ирак, која на моменти е дури и смешна, поточно сатирична и комична, иако опасностите демнат од сите страни, особено за децата и каде што искрено ама баш ништо и не е за смеење. Но, токму онаа карикатуралност, која Хади совршено ја постигнува, е извонредна, бидејќи навистина е невозможно и да се замисли колку тоа однесување е бесмислено, колку е апсурдно, колку е глупаво, колку е неверојатно очекувањето од децата постојано да ги извикуваат паролите за себежртвување за нивниот голем водач, кој буквално се наоѓа во секој кадар од филмот. Како што ќе рече Хади, кога паѓа режимот на Хусеин испаѓа дека спомениците, сликите и портретите се во поголем број отколку населението во земјата, воопшто.

Во тоа време започнува Заливската војна, во тоа време веќе се води војна, а Ирак е под санкции. Сето тоа уште повеќе се одразува на стопанството и, се разбира, на животот на луѓето, од кои повеќето живеат во екстремна сиромаштија или се снаоѓаат кој како знае. Секако, во такви матни времиња можно е сѐ, а Ламија бегајќи од својата судбина ќе се најде сама низ улиците на градот заедно со својот пријател Саед, чиј татко е просјак и кој од мал е научен да краде. И додека целиот хаос продолжува, всушност, никој не се грижи за судбините на луѓето, чии куќи во тие морничави места така лесно може да изгорат, чии животи постојано се на работ, како за децата, така и за возрасните.

Хасан Хади прави филм со таква смелост и сензитивност, кој едноставно допира до срцето, кој умее да продре толку длабоко терајќи ве да ја почувствувате целата таа несносливост, целата таа беда и несреќа, терајќи ве да се запрашате за тие судбини на луѓето, за кои впрочем и најмалку се зборува. Зашто, тоа се мали, навидум неважни ситуации кои се подразбираат, тоа се такви очајни, животни патишта кои едноставно се „нормална“ последица на настаните, на неизбежното, на очекуваното. Кога падна режимот во Ирак, секако, се зборуваше за сѐ, но најмалку за тоа како ќе продолжи народот понатаму.

Во суштина, така е и со сите тие земји, бегалците станаа нешто од што луѓето се плашат, со нивните судбини никој не се занимава, а уште помалку со нивната несреќа, со нивното утре, со иднината на тие деца оставени некаде попатно на ветрометината, изложени на секакви опасности додека се обидуваат да најдат начин како да продолжат. Кому му е гајле што во нивните очи се отсликува онаа безнадежност, оној страв, онаа несигурност, она очајно барање на прибежиште, на припадност, на љубов. Ламија знае дека утре мора да ја однесе тортата, а потоа…, потоа додека паѓаат бомбите таа и Саед продолжуваат низ игра да го бараат излезот. Колку иронично!

„Торта за претседателот“ е дефинитивно еден од најубавите филмови во 2025 година. Но, за жал, и дел од оние филмови за кои многумина не сакаат да зборуваат. Овде, секако, нема да зборуваме за виновници, за настаните кои се повеќе ја менуваат целата констелација на животот во многу земји во светот, овде нема да зборуваме за одлуките и законите, за клаустрофобијата и обидот да се одбраниме од некоја замислена закана, која на крајот на краиштата и самите ја создаваме.

Не, овде ќе зборуваме само за филмот на Хади, толку искрен, толку топол, толку жесток во својата сатира, толку бескомпромисен во својата тивка осуда, толку животен, толку вистинит. Додека го гледа светот низ очите на децата, толку болен, толку матен, толку несигурен, децата за кои зборуваме постојано, но и како постојано да ги забораваме. Оние очи со кои Ламија и Саед си играат и се гледаат додека првиот да трепне, за да заборават на ужасот што ги опкружува. И на она прашање пред кое наеднаш ќе се најде Ламија, каде ќе оди утре?

Извонреден филм, кој исто како и палестинскиот „Гласот на Хинди Раџаб“ или либанскиот „Капернаум“, зборуваат за такви страшни вистини, за такви безизлезни ситуации, за таква болка и ужас, но и за таква несфатлива незаинтересираност на луѓето околу нив, но и пошироко, филмови кои сепак, и покрај селективните успеси, не успеаја да го натераат светот да види дека зад големите војни, неправди и сулуди режими, остануваат судбините на луѓето, судбините на децата, останува копнежот, надежта и очекувањето дека нешто (некогаш) ќе се смени…