РЕЦЕНЗИЈА: Пркосот кон животот (или филмот), сепак, не го менува исходот

post-count icon
02.24.26

Кон: „17“, режија: Косара Митиќ, сценарио: Косара Митиќ и Огњен Свиличиќ, улоги: Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Жаклина Стефковска, Ана Стојановска, Јован Тодоров, Тодор Стојковски, фотографија: Наум Доксевски, монтажа: Владимир Павловски, Македонија/Србија/Словенија 2026

Пишува: Сунчица Уневска

„Седумнаесет“ („17“) е филм кој отвора и навлегува во многу теми актуелни за младите денес, тргнувајќи од булингот што го прават едни на други, „свесно или несвесно“, тргнувајќи од тоа каде се границите кога сексот станува силување, па сè до онаа „потреба“ на младите за брутална и бескомпромисна забава (работи кои се веројатно доста поврзани си насилните видео-игри на кои се тие растени). Забава во која како никому да не му се важни чувствата на другиот, туку само потребата за докажување, за надитрување и буквална злоупотреба на сè и сешто, на емоции, на пријателство, на симпатија, на доверба, на забава, на дружба, на интима до најдолните можни граници…

На тој начин филмот веќе добива на значење, па и без оглед на тоа како е направен, без оглед на тоа колку стереотипи употребува, без оглед на тоа колку на моменти е несмасен и колку многу презема од оние криминалистички серии и филмови што се осврнуваат на тие теми, особено кога се работи за односите меѓу денешната младина и за тоталното губење на срам, мерка или емпатија.

Сара (Ева Костиќ) е, всушност, девојка која е силувана, но за тоа никој не зборува, бидејќи тоа не е кул, а и затоа што Сара се срами од она што се случило, но е и бесна, особено што на тоа никој не обрнува внимание па дури ни кога се случува пред нивните очи. И, што потоа? Никому ништо! Што се случува како последица на тие одвратни настани кои се повторуваат, што им се случува на оние кои тоа го прават? Ништо! Тие (во овие извртени вредности) се, всушност, „фраерите“ во школото. Некако, денеска како тоа да е нормално меѓу младите, а последиците Сара (е принудена да) ги крие дотаму што филмот доаѓа до целосно небулозни ситуации.

Она што е одлична одлука на режисерката и косценаристка Косара Митиќ (заедно со Огњен Свиличиќ) е што камерата цело време е сконцентрирана на ликот на Сара и на нејзините внатрешни превирања, па така сè што се случува околу неа го гледаме низ нејзиното внатрешно доживување и низ начинот на кој се обидува да излезе на крај со целиот притисок на кој несвесно е изложена. Но, како што е и вообичаено, кога работите ќе почнат да одат стрмоглаво надолу, враќање назад нема.

Да, но целата оваа приказна која се одвива за време на школската екскурзија, би била далеку пожива, пологична и поуверлива кога би имала развиено сценарио, наместо цело време да се повторуваат истите шаблони во однесувањето и на момчињата и на девојките, што ем се повторува, ем е безидејно. Без оглед дали приказната е вистинска или не, станува бесмислена поради неразработеното милје кое би и дало течение и оправдание и би ја ставило во реални граници, а не во надреални.

Вака, филмот кој делува како советодавна лекција повеќе би одговарало да биде во берлинската програма наречена „Генерација за млади над 14 години“, за да видат до каде можат да доведат последиците поради нивното безобѕирно однесување. Бидејќи, филмот така е и направен, со детски и наивен пристап, и некако несвесен за консеквенциите, па дури и кога се соочуваме со нив. Тука не го оправдува ни вистинитоста, затоа што ова не е документарец, филмот треба понекогаш да ги пополни дупките дури и на стварните приказни, бидејќи тоа е неговата цел, затоа и навлегува во тие приказни, затоа и се нафаќа со ваква значајна тема, токму поради пораката. Инаку, зошто би работел на нешто толку сензитивно и важно?

Многу време филмот троши во повторување на сцените и на тие површни, тотално бесмислени (лаф) муабети, и тоа не само кога се работи за нивните меѓусебни „разговори“, туку и кога станува збор за посетата на музејот. Тоа па тоа, тоа па тоа, бесмислено, неважно, небулозно, додека од друга страна, Сара како малите деца верува дека ако го игнорира проблемот тој ќе исчезне, што не се менува дури ни кога почнуваат неиздржливите болки…

„17“ многу повеќе личи на експериментален филм, кој можеби би бил поефективен и би добил повеќе на значење кога би бил краток. Вака, добиваме филм кој цело време се врти во круг и се повторува, а му се лизгаат поентите и нивоата што му се на дофат. Единственото што најмногу му носи на ефектност е токму изборот на Сара (на извонредната млада актерка Ева Костиќ) и решението филмот да го следиме главно низ крупниот кадар фокусиран на нејзиното лице (за што секако во многу е заслужен и снимателот Наум Доксевски). На промените, на проблемите кои тие години ги носат за неа, на целото она созревање преку ноќ кое со право придонесува Сара да биде полна со горчина, полна со револт, несреќна, но и повредена што непогрешливо го одразуваат нејзините очи и нејзината воздржана иако зовриена емотивност.

Дури се претвора во иронизирање (што донекаде е и реално) она со кое се преокупирани нејзините соученици додека таа минува низ пекол. Па, сепак, има многу истоветни кадри и во автобусот, и во хотелските соби, и меѓу неа и нејзината другарка(и) кои се толку наивни, неинвентивни, празни, бесмислени, некако да се пополни времето. Нема дефинираност, нема мерка, нема ситуации, нема рабови. Драматизирањето не е доволно, ниту пак малите мигови кои само треба да нагласат некаква поента ама не се издржани, поента на некоја приказна која го бара начинот за својата оправданост, за својата базичност, за својата суштественост. Секако дека пресвртот поради мајчинството е очекуван и предвидлив, но дотолку е банализиран што сцената ја губи смислата.

Интересен обид и можеби доста провокативна идеја и замисла, но недоволно остварена. Не е доволен ниту фактот дека е инспирирано од вистински настани. Филмот си има свои правила, има своја структура, има барања кои треба да нè воведат во приказната, кои треба да направат да ја почувствуваме, да ја доживееме, да нè погоди со сета своја силина, да предизвика неудобност, реакција. Но, тоа е невозможно ако го преместувате фокусот… Правецот во кој филмот се движи можел да биде многу различен, патеката која ќе ја изберете може да биде непријатна, може да иритира или не. Сè зависи од зрелоста, од идејата, од мерката, од познавањето на психологијата малку подлабоко од површината и од чувството за тоа каде се границите.

Некои граници не се поместуваат лесно без оглед на целата констелација, без оглед на реалноста, па дури и без оглед на она што за младите денеска е нивната стварност. Има граници лични, интимни, психолошки, па и социолошки на кои морате да сметате. Бидејќи, сепак, ништо не се менува дотолку за човекот да ја изгуби суштината, па колку таа и да е потисната, обезвреднета или игнорирана. Впрочем, самиот крај го докажува токму тоа.