Рецензија: Кога семејството ќе биде ставено на испит

post-count icon
04.15.25

Кон: „Семето на светата смоква“, режија и сценарио: Мохамед Расулоф, улоги: Мисаг Зарех, Сохеила Голестани, Махса Ростами, Сетарех Малеки, Ниуша Акши, фотографија: Пујан Агабабеи, монтажа: Ендрју Берд, музика: Карзан Махмуд, Франција/Германија/Иран 2024

Пишува: Сунчица Уневска

Иранскиот филм „Семето на светата смоква“ на еден од најактуелните ирански режисери последнава деценија, Мохамед Расулоф („Ракописите не горат“, „Нема зло“), не е само филм туку тоа е изјава, тоа е став, тоа е буквално неговата побуна против бесмисленоста на режимот во неговата земја, тоа е неговата општествена одговорност, тоа е неговиот личен и морален интегритет, кој и после сè што му се случува како автор (нему и на сите негови колеги), сепак, останува доследен во својата борба и решителност да се спротивстави. „Семето на светата смоква“ не е воопшто случаен наслов, напротив.

Тој зборува токму за состојбата кога сте спречени да растете како личност, како човек, како битие, исто како светата смоква која расте гушејќи ги и хранејќи се од другите стебла околу неа, односно симболично се обмотува околу нив и ги задушува. Како можат младите стебла да пораснат ако се опкружени со ваков „природен коров“, порачува Расулоф, или со други зборови, како да се борите против злото со кое сте опкружени, а кое ја има силата не на природата туку на општеството, па сепак делува како неверојатна и нерешлива природна непогода.

Затоа Расулоф и ќе се реши на ваква алегорија во која покажува што се случува со семејството во една толку „неприродна“ поточно, инвазивна средина. Што ќе се случи кога работите ќе отидат предалеку, што ќе се случи кога ќе се разниша довербата, што ќе се случи кога паранојата ќе го замати погледот и мислите, кога непријателот е секаде околу нас, вистински или измислен. Бидејќи, тоа е едно општество кое на крајот доведува до таква ситуација да се борите против духови, зашто замислените непријатели ни оддалеку не го носат тоа што им се припишува, па сепак, секој нивни потег само ја влошува ситуацијата. Како да се борите против нешто во кое веќе однапред сте осудени, како да барате правда во општество во кое таа и не постои, како да барате напредок, кога сè што не се согласува е сведено на атак кој сака да ја уништи државата. Неверојатна е таа невозможна ситуација, ситуација во која мора да назадувате за да „одите напред“, односно за да опстанете.

Затоа е сосем во право Расулоф во градењето на оваа приказна, на која можеби многумина и наоѓаат вакви или онакви мани, наративни дупки или недоследност, но не се во право, бидејќи неговиот пристап, пред сè, е силно реалистичен, а не уметнички. Можеби ќе речете на штета на филмот, но не би се согласила, бидејќи алегоријата, особено кога го зема својот замав, во себе носи многу значења кои и го даваат не само уметничкиот призвук, туку и ги затвораат сите оние премини во тие остатоци од древниот град, каде што се одвива крајот, затоа што поинаку и не може да биде. Може да има и претерувања, па дури и некои алузии на познатите трилери, на крајот на краиштата, сите тие решенија можат да бидат вакви или онакви кога семејството ќе дојде до ситуација да се бори за својот опстанок, но тука и не се важни деталите, важно е само во целата своја целокупност (да не речеме небулозност) да доведат до замислената цел односно порака, која зборува за катаклизмичкиот исход што е и единствено можен.

Но, да се вратиме на почетоците на приказната, една типична приказна за едно типично иранско семејство или можеби и не е така, бидејќи овде станува збор за државен службеник и за неговото унапредување во извршител, кое во состојбата на демонстрации и побуни во Техеран, поприма сосем поинакви параметри.

Всушност, Расулоф во првиот дел одлично ја води приказната воведувајќи нè во целата таа промена односно параноја која настанува како последица на неговото унапредување, кое пак подразбира таква одговорност и такви елементи, за кои ни самиот Иман (Мисаг Зарех) се чини не беше свесен. И тој сам ќе се најде во судир со својата совест кога ќе сфати дека треба да одлучува за животите на луѓето, па и на најмладите, а без цврсти или „вистински“ докази.

Авторот толку добро ја доловува цела таа ситуација и атмосфера, што можете да ја почувствувате, бидејќи сакале или не, таа бара тајност, бара конспиративност, бара поддршка, бара криење, бара разбирање за нешто кое ни најмалку не сте подготвени ниту да го разберете, ниту да го прифатите. Одличен нагласок на таа горлива ситуација дава токму со испреплетувањето на неконтролираните случувања на улиците во градот, кога се одвиваат најголемите протести поттикнати од убивањето на една млада девојка поради законот за хиџаб (што е директно инспирирано од настаните од 2022 кога Махса Амини беше претепана во затвор и убиена поради „неправилното носење хиџаб“).

Протестите, како што веќе се знае, беа најмасовните во Иран и се претворија во национални протести во кои се бараше укинување на теократијата и се извикуваше долу диктаторот, што силно ќе се одрази на семејството на Иман особено што неговата постара ќерка има пријателка која учествува во тие демонстрации и на која тие ќе се обидат да и помогнат.

Некако, паралелно течат двете приказни кои се силно поврзани, желбата на младите да ја знаат вистината и да ја сокријат другарката, на што мајката се спротивставува, додека се обидува да го поддржи својот сопруг и да направи сè што може за да му олесни и да ја контролира ситуацијата, без тој да биде вовлечен. Но, тоа е невозможно, судирите со ќерките се неминовни, а кулминацијата ќе настапи кога ќе исчезне неговиот пиштол. Тогаш почнува да се разнишува довербата, но и да се случуваат незамисливи работи. Замислата на Расулоф, кој се обидува цела таа налудничава состојба во земјата некако да ја долови низ алегоријата со случувањата во едно семејство, е одлична, но и многу тешка за да ја задржите разборитоста и борбата со „духовите“. Кога работите ќе земат погрешен тек, веќе ништо не е нормално и пресвртите се неминовни. Актерите се навистина одлично одбрани и ги носат своите улоги со таква емотивна издржаност и природност што е неверојатно и што многу го збогатува филмот. Иако прашањето кое силно се наметнува, е како да барате разум со неразумност, како да решите нешто што е нерешливо, на која доверба да се потпрете кога неа во корен ја потиснувате.

Да, филмот ќе отиде во сосем поинаков правец, можеби дури и незамислив, користејќи се на моменти дури и со жанровски трилер-елементи, кои навидум не соодветствуваат, но токму тоа и го покажува целиот хаос што настанува. Всушност, како што течат работите веќе и заборавате на ситуацијата во земјата, на човечките права, на барањата за нешто невозможно, на барањата за промени во она што се нарекува верска полиција, што веќе во стартот е невозможно, заборавате на хаосот на улиците, обидувајќи се да сфатите што се случува со семејството и како од тој ќор-сокак да се излезе. Едноставно, тоа е филмот и кулминацијата низ која не води, кога сите етички и морални начела се доведени во прашање, кога се прашувате што е навистина свето, што е логично и кој е патот што може од една ваква лудост да нè извади. Дали е тоа возможно, дали е возможно кога сите надежи ќе потонат да допрете до вистинските емоции, бидејќи емоцијата бара доверба, довербата бара искреност, а искреноста треба да се заслужи.

Како понатаму кога барате излез од нешто од кое излез и не може да има, барем не без коренити промени. Но, тоа е проблемот со нелогичноста, со неправдата, со агресивното и теократско владеење, не можете да барате пресврт, ниту да очекувате разбирање, ниту да се надевате на промени. На сила се одговара со сила, на недоверба со недоверба, на барање правда со уште поголема неправда, бидејќи како поинаку ќе ги задушите тие процеси… А ако не ги задушите тие ќе пораснат, што секако не смее да се дозволи онаму каде што нема ниту желба, ниту можност, ниту цел за промени. Напротив.

Секој никулец мора да биде покриен со „природниот коров“ за да не нарасне, инаку тогаш ќе ја доживее судбината на семејството, кое во суштина и не знаеше што му се случи. Расулоф, сепак, побегна пред да биде затворен и лани присуствуваше на премиерата на својот филм во Кан, кој доби огромни стоечки овации, како и Специјална награда на жирито и Наградата на критиката „Фипресци“, а подоцна беше номиниран и за најдобар странски филм во трката за „оскар“.    

Заслужено, бидејќи навистина никој не умее како иранските автори да проговори за овие невозможни состојби на ваков начин. Да проговори за толку суштински работи во неверојатни услови, за такво богатство на емоции, за толку комплексни односи, за таква свест и внатрешна содржина, додека се соочувате со такви забрани, со таква ништовност, со такво зло. Како да зборувате за етика, како да зборувате за морал, како да зборувате за мотивација за борба за подобар свет, како да зборувате за волјата на младите кога задушувањето на нивните изблици е толку безмилосно. Нема начин да се проговори за овие теми односно нема подобар начин од семејството, бидејќи во суштина таму сè почнува и за жал, завршува. Таму е никулецот, таму е семето, таму е развојот, таму е интимноста, блискоста, довербата, таму е суштественоста, во малото и големо семејство, кои не можат едно без друго, а уште помалку едно против друго. Извонреден е Расулоф, особено кога го наметнува прашањето за излез низ тие остатоци на некои древни објекти или древен град во кои се кријат тајните, тајните неоткриени, тајните закопани, тајните посакувани, тајните недофатливи…