Кон „Животно“, режија: Ема Бенестан, сценарио: Ема Бенестан и Џули Дебитон, улоги: Улаја Амамра, Дамиен Ребател, Клод Шабалие, Вивиен Родригез, фотографија: Рубен Импенс, монтажа: Клеменс Диар, музика: Јан Вагнер, Франција/Белгија/Саудиска Арабија 2024
Пишува: Сунчица Уневска
Францускиот филм „Животно“, кој ја имаше својата премиера во програмата „Недела на критиката“ во Кан, е моќен филм кој зборува наедно за односот меѓу човекот и животните, но и за односите меѓу луѓето, поточно помеѓу, се чини, вечниот женски и машки принцип. Навидум, едноставна приказна за една млада девојка која е вљубена во животот на фармата Камарже, на југот на Франција, каде што се одржуваат трки со бикови, за кои со години се грижат тамошните сточари.
Нејма (Улаја Амамра) е единствената жена која сака да биде дел од овој свет и која на секаков начин сака да се вклопи, односно да биде третирана подеднакво како и мажите. Напорно тренира и се подготвува за својата прва трка…
Но, ништо не е така како што изгледа, што се гледа веќе во нејзиниот тренинг, кога и помага еден од момците, кој не мисли дека треба во било што да и попушти затоа што е жена, што таа и не го бара, но кавгата настанува од страна на нејзиниот пријател-хомосексуалец кој смета дека неговото агресивно однесување е претерано. Дали тој навистина мисли дека нејзиниот тренинг треба да биде брутален за да биде подготвена, или, сепак, станува збор за нешто друго. Колку навистина Нејма е подеднакво прифатена од нејзините колеги и колку е тоа можно. Колку е можно во тој „токсичен“ машки свет да ја задржите својата невиност и природност, колку е можно во него да се докажете, односно колку е можно во него воопшто да бидете прифатени како еднакви.
Одлично го поставува тоа режисерката и сценаристка Ема Бенестан (заедно со Џули Дебитон), бидејќи тоа не е средина во која некој нешто ѝ оспорува, ниту пак може, тоа не е средина во која некој има нешто против нејзината желба да влезе во трка со биковите подеднакво како и мажите, барем не отворено. Фантастично се доловени тие финеси, кои постоеле и постојат, тие предрасуди кои не дозволуваат некои граници да се преминат, тие „недопирливи“ светови и убедувања кои секогаш знаат или се убедени дека знаат до каде му се можностите и каде му е местото на „послабиот пол“. На секојдневните задевања сме отрпнале, но изигрувањето на довербата, на пријателството, на припадноста, на прифаќањето може да биде подеднакво болно како и било кои други предрасуди, дали кон луѓето или кон животните.
Во суштина, тоа е еден прекрасно насликан свет (извонредна фотографија на Рубен Импенс), свет на моќ и на болка, свет на игра и на изживување, свет на грижа, но и на потсмев, свет на борба, но и на предизвик, свет во кој доминира машкиот принцип, но не само во однос на половите, туку оној доминантен принцип, она чувство на надмоќност кое не верува во последиците и ја потценува нерамнотежата, во било која смисла. Но, дали е така? Дали некој можеби ги заборава или ги занемарува природните закони, ја заборава моќта и силата која сакале или не, често умее да ја врати рамнотежата, на овој или на оној начин.
Бенестан и Импенс ќе успеат тоа неверојатно да го втиснат во оваа визуелна убавина, во која може да се почувствува секоја емоција, секое движење, може да се осети припадноста или дивоста, можете да ги видите сомневањата, можете да ја видите моќта затомена во тие нестварни пејзажи во кои живеат заедно животните и луѓето, моќта која може да биде мистериозна и заканувачка, особено кога умеете да ја игнорирате. Визуелно овој свет и атмосфера се беспрекорно доловени, но не заборавајќи дека подеднакво го содржат и она неизреченото, оние граници за кои говориме, граници кои се примамливи токму заради невидливоста или, да не речеме, лекомисленоста.
Борбата и конфликтите се случуваат на повеќе нивоа, а честопати и метафорично. Има тука некоја сила, видлива и невидлива, има тука некое внатрешно чувство кое зборува за неискажаното, има тука еден потиснат гнев, бидејќи сè има свои граници. Тие се на моменти свесни дека ги исцрпуваат биковите, свесни се дека одат докрај и во работата и во играта, но од искушенијата не се откажуваат. Има една извонредна слика кога луѓето и животните ќе се најдат едни спроти други, кога ги делат само жиците и кога имате чувство како да е тоа борбена линија. Бидејќи, и животните како и луѓето често само го чекаат својот момент… Исклучителна е таа метафора, моќна, застрашувачка, по малку злокобна, но секако предупредувачка.
Нејма, и покрај сè, нема да се откаже од нејзиниот сон, сè додека не го доживее својот врв, но и својот пад, губејќи ја контролата. Наеднаш нејзиното чувство станува поинакво, наеднаш се поистоветува и се бара во непознатото, во недефинираното, се бара во болката, во бегството, се бара во жртвата, која во суштина тоа и не е. Наеднаш го менува погледот, го менува чувството кое толку непогрешливо ја води, наеднаш се наоѓа на навидум непознато тло, за потоа тоа да го пронајде во себе. Не, таа нема да настрада во трката со биковите, како што се плашеше нејзината мајка, или како што ја предупредуваа многумина, таа нема да настрада во природниот тек на нештата, туку токму во неприродниот, во оној тек кој си игра со природата и кој мисли дека може да ја менува.
Тоа е навистина добро замислен филм, доста комплексен и воден во повеќе насоки, но штета е што наместо акцентот да го стави на психолошкиот момент, тој го става на трансформацијата, што го носи во поинаков правец, претворајќи го во хорор. Е, тоа, умее да ја одземе моќноста (иако се чини спротивно), се разбира, моќноста на филмот. Голема штета, бидејќи начинот на кој Нејма почна да ги чувствува работите можеше да го направи драмски многу посилен, подлабок, повеќезначен, можеше да го претвори во таква психолошка приказна, чија закана, чија метафора, чиј предизвик би можел да биде уште поголем, но и недофатлив.
Метафората и пораките можеа да бидат испишани на таков начин кој би се фокусирал на надмоќноста и на слабоста, на отпорот и на стравот, на испитувањето на границите на „крвникот“ и на „жртвата“, на трката со биковите која би станала симболична, на агресијата, но и на повлекувањето, особено кога работите стануваат непознати, но логични. А во тоа и се крие силата на природата, да ве натера да се соочите кога најмалку очекувате, да ве натера да видите кога не разбирате, да ве натера да сфатите, па колку работите и да изгледаат конфузно. Затоа што во суштина и не се, природата во себе ја крие едноставноста, онаа едноставност која е толку тешко да се препознае, особено кога на неа ќе заборавиме, а уште повеќе кога веруваме дека можеме да ја промениме.
Филмот „Животно“ носи во себе длабока смисла, но така е направен што не е многу приемлив за пошироката публика. Затоа и во многу земји главно се прикажува во арт-кината, затоа и кај нас во „Синеплекс“ играше многу кратко и помина незабележано. За жал, така е често со тие арт-хаус филмови кои на фестивалите привлекуваат големо внимание, но потоа немаат гледаност. Штета, бидејќи многу од тие дела вреди да се видат, но остануваат во некои фиоки како експериментални или фестивалски филмови, сè додека (и ако) авторот не добие некое поголемо признание или не ангажира ѕвезди, што би ги натерало луѓето, како во случајот со „Супстанца“ (што според мене е далеку послаб филм од овој, иако му ја зема предноста во Кан), да го гледаат, без оглед на тоа што резултатот на крајот главно останува ист…