Рецензија: „Бизнисот на задоволството“ зборува за трулоста на системот и за неговата „неуништливост“

post-count icon
09.27.24

Кон филмот „Бизнисот на задоволството“, режија и сценарио: Гоце Цветановски, улоги: Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Елени Декидис, фотографија: Фејми Даут, музика: Зоран Алексиќ, Димитар Андоновски и Милан Симовски, сценографија: Дејан Ѓошевски, Македонија 2023

Пишува: Сунчица Уневска

Дебитантскиот долгометражен игран филм на Гоце Цветановски, „Бизнисот на задоволството, кој на 19 септември ја имаше својата премиера во Скопје, носи еден сосем поинаков ракопис од она на што сме навикнале во македонската кинематографија. Покрај криминалниот жанр, неговиот филм посветува многу на стилската одредница, на визуелноста, која е импресивна и чиј спој веќе навестува едно малку поинакво слоевито дело, кое навистина се зафаќа со преголем залак. Зошто? Затоа што, од една страна, прави комерцијален филм на кој публиката лесно се навлекува, но од друга страна, во позадината се занимава со целата социјална состојба во земјата која тоне во корупција. Во таквиот пристап е навистина многу тешко да се најде балансот, но Цветановски, сепак, успева во тоа и прави гледлив, забавен, но силен и мрачен филм, кој згора на тоа во себе содржи и критика и осуда, но доловувајќи ја како последица, а не и како содржина, со што го избегнува морализирањето и патетичноста. 

 Со други зборови, би рекла дека тоа е зрела и многу детално разработена наративна односно сценаристичка структура, која е потоа одлично надградена со стилскиот пристап и со музичката подлога. „Бизнисот на задоволството“ е вистинско изненадување кога зборуваме за нашата кинематографија, затоа што, за разлика од она што најчесто го гледаме, има дејствие, има нарација, има течение, тоа е филм во кој има игра, кој доследно ја следи зададената структура и кој успева истовремено да ги исцрта и карактерите и ситуациите. Тоа во македонскиот филм е толку многу ретко, што веќе и сме заборавиле дека е возможно. Нашите остварувања главно одат на индиректен пристап, кон што прибегнуваат не можејќи да ја водат приказната и сè она што треба за воопшто да функционира како филм. Па затоа, се сведуваат на некои фантазии, на некои замислени ситуации, каде што нарацијата оди во позадина, надополнети со нешто што е видено во други филмови, но сместено во тотално промашен контекст. Навистина, на прсти можеме да ги изброиме македонските филмови од современата продукција кои личат на филмови и кои доследно и вешто можат да го водат дејствието (многу пати сум пишувала и низ рецензии и низ коментари колку многу во македонскиот филм недостига режисерскиот и сценаристички потпис и знаење, што за жал потекнува од образованието итн., итн.).

Но, сега не би зборувала повеќе за тоа, туку само како споредба. Филмот на Цветановски се разликува сосема, затоа што успева, пред сè, да биде филм, успева да се носи со предизвикот на темата која ја обработува и успева да му даде целина. Тоа е многу тешко, иако навидум изгледа лесно, но тогаш кога го има. А кога го нема се гледа колку стапици носи една таква наративна и визуелна структура и колку е проблематично сето тоа да има оправданост, смисла и цел кон која би водело дејствието на филмот.

Не е дека зборуваме за нешто што е совршено, не, особено што сите како репер ги имаме американските филмови. Но, тие се нешто друго, бидејќи се работи за сосем друго ниво на продукција. Додека, во овие мали кинематографии, каде што обично и средствата се скромни (а за знаењето и да не зборуваме), многу е тешко да се склопи една таква целина и да се направи филм кој ќе функционира. А факт е дека „Бизнисот на задоволството“ функционира и како криминален филм, и како трилер, и како филм кој зборува за една секогаш актуелна тема – трговијата со луѓе и проституцијата, зборува за морничавоста на црниот пазар и подземјето, а сето тоа ставајќи го во такви рамки кои треба да ја донесат убедливоста на нешто што, сепак, повеќе е замислено, повеќе е научено од филмови, отколку (за среќа) од стварниот свет.

Што, всушност, ние очекуваме од еден ваков филм? Очекуваме негативци, луѓе кои немаат никакви скрупули, луѓе кои тргуваат со луѓе, гледаме такви злобни карактери, такви понижувачки ситуации и настани, ги гледаме оние скриени агли кои се инаку невидливи. Како во сето тоа да ја најдете мерката, како да направите уверливи ликови, како да ја натерате публиката да верува во сето тоа и на крај, како и дали е можно, во било која земја, да се борите против тоа зло, кое обично има грб во власта, вака или онака. Но, да се разбереме, тоа не го прави политички трилер. Политичкиот трилер зборува за политиката и за политичките игри, а тоа тука го нема.

Така што, авторите сосем точно го дефинирале неговиот жанр како крими-трилер. Тој тоа и е, со сите елементи што треба да ги има. А она што филмот го прави поинаков, е тој исклучителен визуелен стил, наспроти целиот мрак што во суштина го гледаме. Но, интересно е дека тоа не изгледа така, токму поради раскошниот визуелен изглед, иако се работи за некои од најмрачните места, ликови, ситуации, однесувања. Можеби ликот на главниот негативец, Игор, е пренагласен, но каде е мерката. Претерување можеби и има, но важно е дека ја постигнува целта, бидејќи тогаш мракот спротивставен на таа беспрекорна визуелност, е уште повеќе акцентиран.

Одлична е и замислата сето тоа да тргне од новинарката Елени, која ја носи желбата за одмазда, ја носи тагата за загубата на својата пријателка, но и згрозеноста од она што им се случува на тие млади жени фатени во канџите на оваа недофатлива мрежа. Има можеби и наивност во сето тоа, има наивност и во планот што ќе го сковаат таа и нејзините пријатели, браќата Јон и Акиљ, но сепак, сето тоа функционира, затоа што добар е изборот, добра е идејата, ефектна е реализацијата, а и како поинаку би влегле во дувлото. Факт е дека во тие филмови, и кога се најпрофесионално и ефектно направени, има многу слаби точки и наивности, бидејќи тоа е таков свет, невозможно е да биде поинаку. Барем не на филм.

Така што филмот го има течението, ја има впечатливоста, одлично ја води нарацијата, прави убедлива структура, и покрај сите проблеми, наивности или претерувања. Мерката е тешко да се најде, но Цветановски успева донекаде со тоа да се избори и да направи гледлив филм, кој завршува одлично, додека во позадина одат ветувањата на претседателката за тоа како во идниот мандат ќе се справи со корупцијата. Совршено, тоа сме ние, тоа е нашата земја, а и било која земја во која цвета корупцијата, како и црните бизниси околу кои се вртат толку многу пари.

Гоце Цветановски навистина прави интересен и успешен крими-трилер, кој се гледа во еден здив. Кастингот е извонреден, предводен од Слаѓана Вујошевиќ како Елени, која е многу срчена и која успева на ликот да му даде уверливост и длабока емотивност, одлични се и Јон и Акиљ, односно Муса Исуфи и Исмаил Касуми, со целата своја неспретност, која е добро вклопена во филмот, сосем на место, а што на сето тоа му дава некоја доза на реалност.

Игор, пак, во улогата на Дамјан Цветановски е можеби пренагласен и премногу карикира, но би рекла дека е добро замислен особено како своевиден контраефект на онаа визуелност за која зборуваме, но и како симбол на нешто што е труло и нешто кое нема граници, мислејќи дека границите ги даваат токму тие, мрачните моќници кои веруваат дека сè им е дозволено. Тој го игра главниот негативец со таква енергија и бескрупулозност, да ве полазат трпки по телото. Сценографијата на Дејан Ѓошевски и камерата на Фејми Даут се извонредни, исто како и монтажата и музиката на: Зоран Алексиќ, Димитар Андоновски и Милан Симовски, која особено би ја нагласила, бидејќи толку добро и ефектно го надополнува филмското дејствие, како своевиден наратор, а понекогаш се чини и предвесник, кој само го засилува она непријатно чувство и исчекување. На моменти таа толку уверливо додава на целата злокобна атмосфера и темпо, кои се неверојатно доловени и кои успеваат да нè водат непогрешливо низ приказната, задржувајќи го вниманието докрај.

Рековме, не се работи за некое совршено дело, но тоа е солидно направен филм, доследен самиот на себе, со добро замислен концепт, со приказна која има своја логика и која и е доста верна на стварноста во која живееме. Филмот има таков амбиент кој прави и да ви се допаѓа и на моменти да е одвратен, што впрочем во една ваква приказна така и треба. Епизодата на Катерина Коцевска и целата симболика што нејзината појава и однесување ја носат, се исто така фантастично вклопени. Ќе речете дека ова можеби не е филм што ќе нè однесе не знам каде, но тој, сепак, веќе успеа да биде препознаен на доста независни филмски фестивали и да добие награди, покажувајќи дека има капацитет, особено како за деби.

Во него има и добро и лошо, но најважно е дека има филм, има криминал и има поента, има борба и безумие, има очекување и разочарување, ја има реалноста на еден одреден начин, понекогаш вистинска, понекогаш малку филувана, но тоа е така. И тоа не само на филмот, туку и во животот. Впрочем, целта на филмот не е да зборува само за тоа мрачно подземје и неговата „неуништливост“, овде и секаде, туку само да нè потсети на таа невозможност кога ќе се фатите во костец со него, да нè потсети на тоа дека вреди да ја бараме правдата, па дури и кога однапред знаеме дека е загубена, вреди и за човечките животи, оти во нивната борба и загуба е и целата смисла. Како поинаку да се спротивставите на мракот без жртви, без оглед дали се залудни или не, но само тогаш работите можат да се придвижат, макар и минимално, макар и филмски. „Бизнисот на задоволството“ успева да биде слика на нашето општество, успева да проговори за трулоста на системот, но и за луѓето кои никогаш нема да останат неми на тоа, и покрај сè.