Рецензија: Балканот без негативниот предзнак балкански

post-count icon
08.28.25

Кон „БАЛ-КАН-КАН“, режија и сценарио: Дарко Митревски; улоги: Владо Јовановски, Ѕвезда Ангеловска, Тони Михајловски, Адолфо Марџота, Сека Сабљиќ; фотографија: Суки Меденчевиќ; музика: Кирил Џајковски; Македонија, Италија, Велика Британија 2004 година (февруари 2005)

Сунчица Уневска

Филмот „Бал-кан-кан“, токму како што е и неговиот наслов, успева да направи „папазјанија“, односно сосем реално да ја постави целата состојба на Балканот, а тоа да го спакува така што да има свое течение, организација и заокруженост. И не само актуелната балканска состојба, туку Митревски ќе оди подалеку, па во својот филм сосем ненаметливо ќе исцрта неколку нивоа каде што метафорично се судираат старото и новото време, предрасудите и нивната „непроменливост“, балканскиот менталитет и целата испревртеност на нештата, проткајувајќи ја низ сето тоа и сопствената филмофилија, со која истовремено и си поигрува, но прави и посвета на еден сосем невообичаен начин.

Интересно е тоа што филмот во сето тоа ја има својата целина, својата совршена целина во текот на која следите една слатко-горчлива комедија, но во чија заднина има силна содржина на која авторот впрочем не инсистира, напротив. Неговиот пристап кон овој филм е сосем непретенциозен, нудејќи нѝ една симпатична, едноставна комедија која, всушност, е многу богата со значења и метафори, но која нема никаква намера да ве убеди во тоа. Имено, Митревски не коментира, не попува, не филозофира, тој едноставно си игра и тоа жестоко, отворено и без задршка, одејќи, пред сѐ, на тоа филмот да допре до публиката, а сѐ останато е прашање на избор, на став, на гледање на нештата. Сѐ останато е сечие право на свој начин да се пресмета или да не се пресмета со она што го опкружува.

Со тоа што „Бал-кан-кан“ се простира низ сите балкански простори тој веќе ја покажува својата амбиција – да биде филм кој ќе проговори за човекот, да биде дело кое ќе отиде многу подлабоко, кое во себе ќе ја сублимира традицијата, менталитетот, обичаите, но и апсурдот и иронијата, да биде дело кое ќе го наслика Балканот, но не низ географската туку низ човечката мапа, давајќи му со тоа многу поуниверзално значење. Неговата интенција е еден балкански епос, забавен, откачен, невозможен и нереален, но место кое многу точно ќе ги отслика реалните состојби. И, Митревски успева, низ сите овие балкански простори, да проговори за нештата кои се слични, а сепак ја носат секој својата специфика. Тој го спојува Балканот, но и го раздвојува, токму во духот на новото време, кое не може да остане надвор, но не може ни да ја задржи внатрешноста. Навидум комични, но станува збор за исклучително силни сцени, кои од една страна, го доловуваат целиот апсурд, но од друга страна, успеваат во целата таа „мешаница“ да проговорат и за поединечните трагични судбини фатени во вителот на целосната бесмисла.

Над сѐ, во целото свое патешествие тој, сепак, така ќе ја постави Македонија или можеби Балканецот, преплашен од сѐ што му се случува, по изминувањето на својот пат, што е многу точно исцртан поминувајќи низ различни фази, да се врати сосем изменет. Како што, всушност, ќе му претскаже баба Зумбула, која е спојката меѓу старото и новото, која е симболиката во неговиот сон, меѓата после која веќе ништо не може да биде исто. Ист е веројатно само менталитетот, оној неуништлив, единствен менталитет на кој Митревски гледа со симпатија, порачувајќи дека новото време не значи негација на сопствениот идентитет, туку негова надградба.

Водејќи го духовито, дури и урнебесно филмот, Митревски во него ќе вметне многу „цитати“, симболи и ликови истовремено, како да сака, не да се пресмета со старото, туку од него да црпи и на него да се надоврзе. Тој успева тука да направи своевидна посвета и на своите филмски херои, на филмските пораки и „предрасуди“ и со тоа овој филм да го направи многу поуниверзален, бидејќи Балканот не е ништо друго, туку дел од светот, дел од еден универзум, дел од филмската слика, дел од меморијата…

Навидум, додуша и во жанрот на комедијата, но „Бал-кан-кан“ со својот пародичен пристап и со своето раскринкување на балканскиот идентитет и на сето она што се подразбира под него, е многу повеќе од тоа. Со други зборови, „Бал-кан-кан“ е многу комплексен филм, со автентична сценографија, со вешто вклопена костимографија и многу ефектна, сугестивна надградба во музиката на Џајковски, во која на интригантен начин функционираат старото и новото. Филмот има добра фотографија, многу прецизно водена и извонредна режисерска структура.

„Бал-кан-кан“ е дело со повеќе значења во себе, дело кое се претвора во своевиден омаж, во своевидна посвета на Балканот, на сѐ она што тој значи во позитивна и во негативна смисла, на сѐ она што било и е дел од него, но и на сето она што Балканот го прави одбивен или примамлив. И иако на прв поглед делува многу лежерно, ова дефинитивно е многу прецизно подготвен проект. Факт е дека Митревски со ова дело успева да ја покаже својата зрелост како филмски автор и да направи филм по урнекот на неговите омилени вестерни, такво остварување кое ги има сите елементи да биде комерцијално, но кое од друга страна, носи голема комплексност.

Би рекла дека „Бал-кан-кан“ е дело на своето време, дело кое извира од своето поднебје, што можеби ќе биде тешко со целата своја метафоричност да допре до луѓето кои не се запознаени со овој менталитет, со оваа традиција и историја. Тоа нема да го направи помалку гледлив, но може да го спречи вистинскиот допир, вистинската комуникација и порака, што би било штета. Бидејќи, Митревски, заедно со извонредните актери, мислејќи првенствено на: Владо Јовановски, Ѕвезда Ангеловска, Тони Михајловски и Алфредо Марџота, кои играат со една фантастична природност, но и на сите епизоди, помали или поголеми, вклопени многу успешно во филмот, успева да направи добар филм, автентичен, изворен, успева во него да ја раскаже балканската приказна, филмски, ведро, оригинално, без нималку патетика. Онака како што не сме научиле да гледаме на работите, отворено, докрај искрено и без скриени намери. „Бал-кан-кан“ е една непретенциозна лекција дека Балканот е нешто многу повеќе од Балкан или дека тоа е Балканот, само треба на него да гледаме без негативниот предзнак балкански.

И во Македонија соништата се остваруваат

(објавено во „Утрински весник“ на 5 февруари 2005)

Скопската премиера на „Бал-кан-кан“ на 3 февруари (2005), која се одржа во киното „Милениум“, помина онака како и што се очекуваше. Во една прекрасна, филмска атмосфера, во присуство на многу познати луѓе од јавниот и од културниот живот во градот. „Бал-кан-кан“ создаде еуфорија каква што одамна немало, кога буквално сите зборуваат за овој филм и сите очекуваат што поскоро да го видат. Тој ја подигна атмосферата и го направи тоа на многу позитивен начин.

Веќе и за самата премиера имаше толку голема побарувачка за билети што луѓето и по неколку дена стоеја пред билетара, но бидејќи премиерата првенствено беше со покани, во продажба беа пуштени само осум билети. Инаку, како што дознаваме, веќе се распродадени билетите за следните три проекции. Не случајно Дарко Митревски по премиерната проекција, видно возбуден, рече: „Ова е доказ дека и во Македонија соништата се остваруваат“.

На крајот, Бал-кан-кан стана најгледаниот македонски филм со 120.000 гледачи, што беше потврда дека е можно и кај нас да се направи комерцијален филм, да се вратат парите и со добра кампања да се отворат затворените киносали. Па сепак, веќе следната година Дарко Митревски не можеше да добие поддршка од Министерството за култура за своите два нови проекти, и тоа не само за 2006, туку и за 2007 година.