Премиера: Јон Вардар и неговата вселенска авантура, конечно, пред македонската публика

post-count icon
10.31.24

Првиот македонски долгометражен анимиран филм, „Јон Вардар против галаксијата“, веќе е на пазарот за анимации, како што вели Си-Ен-Ен од Бразил, а после успешната европска и светска премиера на Ситџес во Шпанија и на Мостра Сао Паоло во Бразил, на 1 ноември доаѓа дома со целата извонредна екипа, со која допрва ја продолжува својата „најсмешна вселенска опера“

Пишува: Сунчица Уневска

На 1 ноември (утре) во киното „Синеплекс“ во Скопје ќе почне премиерно да се прикажува првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија на Гоце Цветановски. Секако, станува збор за историски настан (иако филмот македонската премиера ја имаше на фестивалот „Киненова“), па, сепак, сега почнува неговото редовно прикажување, и тоа, освен во Скопје, уште во три града – во Велес и во Штип (во киносалите „Киноверзум“) и во киното „Манаки“ во Битола, со што „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе ѝ биде достапен на широката публика.

Интересно е дека самиот лик на Јон Вардар за кого веќе толку се зборуваше и толку сме ги гледале неговите слики низ медиумите, што некако имаме чувство како да се работи за познато лице, односно за лик кој уште пред да почне да се прикажува, го чувствуваме како толку близок македонски анимиран лик, забавен, интересен, освежувачки и преполн со авантури. Самата негова подготовка, која од различни причини траеше речиси една деценија, само по себе ја врзуваме со целата досегашна работа на режисерот и сценарист Гоце Цветановски, со неговото, исто така, прво студио во нашата земја за 2-Д анимација, студиото „Линкс“ (Lynx), па со неговиот краток анимиран филм „Вистинската приказна за Хансел и Гретел“, па со серијалот за Биби, кој постигна рекордна гледаност, а сега секако и за долгометражниот игран филм „Бизнисот на задоволството“. Некако, сето тоа се чини испреплетено, особено со неговите учества со овие дела на филмските  фестивали, на работилници, со освојувањето награди и создавањето една навистина успешна македонска филмска приказна која веќе му донесе и поддршка и препознатливост, и тоа многу поширока од вообичаено. Затоа и би рекла дека Јон Вардар конечно нѝ доаѓа дома и нѝ го носи задоволството да уживаме во неговите вселенски авантури.

Инаку, Јон Вардар веќе изоде интересен пат, пред три години беше селектиран на маркетот за анимиран филм на реномираниот Фестивал за анимирани филмови во Анеси, Франција, додека неговата европска и светска премиера се случи, исто така, на престижни и долгогодишни фестивали, кои имаат извонреден углед во овој жанр. На почетокот на октомври „Јон Вардар против галаксијата“ беше прикажан на 57. Ситџес фестивал на фантастични филмови (од 3 до 13 октомври), кој се одржува во Каталонија во Шпанија, а кој се смета за број еден фестивал во светот за филмовите од жанрот на научната фантастика, фантазија и хорор, или како што го нарекуваат – „Кан за фантастични филмови“.

На „Ситџес“ филмот имаше две проекции и тоа во Фамилијарната програма на фестивалот, додека веднаш потоа Јон Вардар замина во Јужна Америка поточно во Бразил, каде што ја имаше и својата светска премиера на 48. издание на Мостра Сао Паоло (од 19 октомври до 1 ноември). На овој, исто така, престижен фестивал македонскиот анимиран филм, кој првпат во тој жанр таму ја претставува Македонија, влезе во натпреварувачката програма насловена „Нови режисери“.

А она што, исто така, го карактеризира овој филм е што се претвори во најголемиот анимациски копродукциски проект на Балканот. Тоа и не е чудно, со оглед на фактот дека, уште додека се работеше, беше дел од многу светски анимациски форуми, што му овозможи и да направи копродукции со Унгарија, Бугарија и Хрватска. А покрај извонредната и голема екипа која му остана верна до крајот, филмот ја има поддршката и на фондацијата „Анимонд“ од Србија.

И, конечно, секако да ја спомнеме целата екипа која заедно со Цветановски работеше на филмот, почнувајќи од арт-директорот Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, па директорот на анимација Димитар Ѓоргиев, потоа продуцентите Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин, додека главните улоги ги носат: Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска, а во другите улоги се и актерите:  Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.

А што, всушност, се случува во оваа, како што ја нарекуваат, „најсмешна вселенска опера“ или „најлуда вселенска авантура“ раскажуваат самите автори: „Јон е натпросечно потпросечен човек од Земјата, Зарк е нарцисоиден мегаломан – робот кој патува низ вселената и собира примероци за својата интергалактичка Зоолошка градина. Кога тие ќе се спојат, нормално е да настане хаос, поради што ќе мора да ги здружат силите за да спречат најопасното оружје во галаксијата да падне во погрешни раце. Необичното дуо ќе тргне на вселенско патување исполнето со вонземјани, чудовишта, црни дупки и можен крај на севкупната егзистенција. Научнофантастична пародија со балкански шмек со супер-јунакот Јон Вардар е интергалактичка комедија за целото семејство“…

Ова е филм што испишува нова страница, односно „отвора ново поглавје во историјата на македонската кинематографија“. И, тоа е супер, а особено фактот што како таков го препознаа овие исклучително реномирани фестивали наменети токму на овој жанр, за кој велат дека не познава возраст. Затоа и целата екипа очекува голема гледаност, и тоа уште поголема од крими-трилерот на Цветановски, „Бизнисот на задоволството“, за кој се знае дека беше на 30 фестивали и донесе десетина награди. Но, „Јон Вардар…“ е нешто друго и неговата целна група се апсолутно сите, па гледаноста не случајно се очекува да ги урне можеби повторно рекордите, како што направија и сказните за Биби. Имено, како што рековме, од 1 ноември филмот игра во Скопје, во Велес, во Штип и во Битола, а се очекува набрзо да стигне и во другите градови во Македонија. И, она што уште се очекува, е дека и Јон Вардар ќе стане тоа што веќе донекаде е, нашиот препознатлив лик чии авантури, се надеваме, допрва почнуваат. Со среќа!