Заминувањето на Роберт Редфорд (1936-2025) потврди дека тој успеа да биде запаметен по неговото наследство во независниот филм и во екологијата, а не како „златниот дечко од Холивуд“. Факт е дека секогаш сакаше да се ослободи од имиџот што за него го креираа филмовите и јавното мислење, бидејќи, како што самиот зборуваше, на себе не гледаше како што го гледаа другите и не сакаше да биде ставен во калап и стереотипиран. „Се чувствував заробено, ми требаше многу време од тоа да се ослободам“, неретко изјавуваше Редфорд
Пишува: Сунчица Уневска
На 16 септември почина познатиот американски актер, режисер и продуцент, Роберт Редфорд (1936-2025), според многумина една од последните холивудски легенди. Но, не е така, барем не според она што тој го сакаше и за што целиот свој живот се залагаше. Никогаш не сакаше да биде запамтен како „златниот дечко на Холивуд“, како што порано беше нарекуван, а уште помалку како холивудска легенда. Не. Впрочем, како што ќе истакнат и голем број од познатите светски списанија, неговото наследство во независниот филм, неговата борба за човековите права, како и за зачувување на околината се нешта за кои многу се ангажираше, во што се вложуваше целосно и нешто што, секако, го надминува тоа т.н. холивудско наследство. Имено, тој многу одамна се обидуваше да раскрсти со оние ликови поради кои го нарекуваа олицетворение на американскиот сон, за што, се разбира, придонесуваше и фактот дека во 1970-тите години пет пати ќе се најде на листата на најкомерцијални американски актери.
Како и да е, ако само се погледне кариерата на Роберт Редфорд, која беше многу разновидна, возбудлива и променлива, сепак, ќе се види дека тој отсекогаш грижливо ги бираше улогите, без оглед на комерцијалноста, па и на неговата лична заработка, поради што едно време продуцентите го сметаа за ризичен избор. Поради таквиот пристап, тој навистина ќе пропушти некои од денес култните филмови, како што се: „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, „Дипломец“ или „Розмариното бебе“, па сепак, ќе игра во голем број хитови што, секако, ќе му ја донесат славата, но и реномето, иако ќе остане верен на своите убедувања и нема да дозволи никогаш да биде компромитиран.
Ни тогаш, кога при крајот на 1960-тите години стана водечка холивудска ѕвезда, ни кога играше во филмови што остваруваа огромна гледаност и заработка, но и се наоѓаа на врвот на оскаровската трка, ниту кога и самиот го доби оскарот за режија за филмот „Обични луѓе“, ниту пак, кога од фестивалот „Санденс“ направи толку успешна приказна и место кое откри многумина од најинтересните филмски автори во последниве 30 години.
Тргнувајќи од филмот од 1969 година кој му ја донесе светската слава, „Буч Касиди и Санденс Кид“, за кој тој не беше номиниран, иако ова веќе легендарно остварување на режисерот Џорџ Рој Хил тогаш понесе седум номинации за „оскар“, а освои четири, па потоа, исто така, „Осило“ од 1973 на истиот режисер, во кој играат повторно заедно со Пол Њумен, филмови кои ќе станат вистински обележја во неговата кариера, од што донекаде сакаше да се дистанцира, иако „Осило“ и денеска го носи култниот статус, а тогаш освои дури 10 номинации (меѓу кои беше и неговата единствена номинација за главна машка улога) и седум „оскари“. Играше потоа во уште неколку доста успешни остварувања, меѓу кои: „Сите луѓе на претседателот“ (1976) на Ален Пакула, па во исклучителниот трилер на Сидни Полак „Трите дена на кондорот“ (1975), како и во „Големиот Гетсби“ (1974) на Џек Клејтон и во култната, незаборавна романтична драма за данската писателка Карен Бликсен, „Моја Африка“, повторно на Сидни Полак, (со кого работеше на 7 филма), која ги освои рекордните 11 номинации и освои 7 „оскари“.
Меѓутоа, тој и тогаш, а и денес сака да се ослободи од имиџот што за него го наметнаа филмовите, весниците, јавното мислење, бидејќи, како што самиот зборуваше, никогаш на себе не гледаше како на убавец со латинска привлечност, и никогаш не сакаше да биде ставен во калап и стереотипиран. А, така и ќе биде, ќе успее Редфорд да се докаже како уметник од широк распон и како одличен актер во многу различни видови на улоги и жанрови. Тоа и ќе придонесе, и покрај подемите и падовите, да си ја задржи својата репутација и тие ризици што ги преземаше да не се одразат на неговата успешна работа во целина.
Денес како едно од неговите најголеми наследства останува филмскиот фестивал на независни филмови „Санденс“ во Јута, кој е основан 1978 година, а во чии рамки веќе следната година е втемелен и Институтот за независен филм. Интересна и прераскажувана беше случката од пред десетина години кога Роберт Редфорд, кој е претседател на управата на Фестивалот, и напиша писмо лично на Парис Хилтон и ја замоли да го напушти фестивалот. Имено, со оглед на репутацијата на фестивалот „Санденс“, кој веќе се претвори во култно место на кое сите сакаат да бидат видени, пред десетина години, покрај многубројните ѕвезди, продефилира и трендсетерката Парис Хилтон, која Роберт Редфорд ја замоли да си оди, неведувајќи во писмото дека „таа претставува сè против што се залага овој фестивал“. Тој дури го најавуваше и своето заминување, кое за среќа не се случи, бидејќи, како што ќе напише Академијата за филм во образложението, кога во 2002 му го врачи почесниот „оскар“, тој се претвори во инспирација за независните филмаџии и иноватори било каде во светот“.
А тоа е нешто што, секако, многу му значи, бидејќи како што се грижеше за независниот филм и за суштествените нешта поради кои филмот и понатаму треба да биде уметност, а не забава, така подеднакво се грижеше и за човековите права, како на Индијанците, на пример, за заштитата на природата и за животната средина, а тој е и основач и почесен претседател на Институтот за истражување на нови видови енергија, како и почесен доктор на Универзитетот во Колорадо… Редфорд има објавено и репортажа за своите искуства од патот низ САД, „Патеката на одметнатиот“.
Имено, познато е веќе дека тој е човек кој природата ја претвори во свое светилиште, во царство на духовноста, а впрочем така и живееше во својот дом во Санденс, во планините на Јута. „Кога би имал религиозни уверувања, тие би се потпирале на природата. Ако би требало да верувам во некоја духовна енергија, никогаш не би одбрал организирана религија, туку религијата на природата. Таа е помоќна од сите“, изјавуваше Редфорд. А таа негова посветеност на природата, на тишината, на размислувањето, на способноста да се слуша, ќе се огледа и во неговите филмови како режисер, „Војна за полињата на грав во Милагро“, каде што прави социјална и еколошка слика на американскиот југ или во „Шепотот на коњот“.
Роберт Редфорд беше роден на 18 август 1936 во Санта Моника, Калифорнија. Малкумина знаат дека тој во младоста сакал да биде сликар, поради што на 20 години тргнал на патување низ Европа. Подоцна, сепак, ќе се пронајде во глумата, но никогаш не ставајќи ја во прв план заработката. Не, тој и денес го критикува животот во Америка обремент со заработка на што повеќе пари за што пократко време, осудувајќи го тој т.н. див материјализам. Така ќе ги бира и своите улоги, па сепак ќе има доволно харизма и талент, а секако и став, кои неизбежно ќе му ја донесат славата во средината на 1960-тите години кога првиот вистински пробив го направи во филмовите „Потера без милост“ (1966) на Артур Пен и „Босонога во паркот“ (1967) со Џејн Фонда, за потоа да игра во веќе споменатите култни дела, „Буч Касиди и Санденс Кид“ и „Осило“. По неговата улога на Санденс Кид фестивалот и го добива името.
Во текот на 1970-тите и 1980-тите ќе игра во уште редица одлични филмови: „Девојката која ја сакав“ со Барбара Стрејсенд, „Кандидат“, „Брубејкер“, „Хавана“, но и во еколошкиот вестерн „Џеремаја Џонсон“, посветен на борбата на траперите за самоодржување во дивината, улога за која Редфорд вели дека има многу автобиографски моменти, потсетувајќи на сето она за што тој се залагаше во поглед на природата. Продуцентите баш не биле убедени за тоа како филмот ќе биде примен од публиката и пуштен е во дистрибуција дури по три години, иако на крајот филмот заработува речиси 45 милиони долари. А тоа не е единствениот пат кога страста на Роберт Редфорд кон уметничкото и ангажираното во филмовите ќе го доведе во судир со студијата кои ја финансирале неговата работа.
Но, и не само поради тоа. Тој не го сакал тоа поистоветување и типизирање на улогите и често за себе, како што вели, би одбрал некоја друга улога во истиот филм. Така, на пример за улогата на репортерот Џон Вудворд во „Сите луѓе на претседателот“, филмот за откривањето на аферата „Вотергејт“, тој вели дека не сакал да ја игра таа улога, но режисерот Ален Пакула сметал дека двајцата познати новинари, Џон Вудворд и Карл Бернштајн треба да ги играат токму Редфорд и Дастин Хофман.
Роберт Редфорд нема освоено „оскар“ за улога, но на почетокот на 1980-тите ќе ја режира извонредната психолошка драма, „Обични луѓе“, која ќе му го донесе „оскарот“ за режија и која сè на сè ќе понесе шест номинации, а ќе освои вкупно 4 „оскари“, меѓу кои и за најдобар филм и за сценариото на Алвин Сарџент.
Повторно ќе режира во 1988, споменатиот „Војна за полињата на грав во Милагро“, а во 1992 ќе се наврати на семејството, љубовта и природата во Монтана во 1920-тите години, во документарната драма „Реката тече низ неа“, додека во 1994 ќе ја сними биографската драма „Квиз“, направена по вистински настани, која повторно ќе му донесе номинација за режија.
„Тажна работа со која како автор морате да се соочите се вкоренетите мислења за тоа што функционира, а што не. Продуцентите беа убедени дека спортските филмови не функционираат, исто како и политичките и тие за печатените медиуми, па снимав три такви филма. Истото се однесуваше и на улогите. Не гледав на себе така како што ме гледаа другите, напротив, се чувствував заробено. Ми требаше многу време од тоа да се ослободам“, зборуваше Редфорд.
Неговата непрофитна организација во Санденс организираше годишни работилници за драматичари и сценаристи. Преку неа тој го поддржуваше преземањето на ризикот и поттикнувањето на младите гласови во американскиот филм. Многу млади филмаџии ја доживеаја својата прва голема шанса токму на „Санденс“, како Стивен Содерберг со „Секс, лаги и видеоленти“, потоа Тарантино со „Улични кучиња“ или Рајан Куглер со „Станицата Фрутвил“. Но, тука се и Дарен Аронофски, Кевин Смит, Роберт Родригез, Пол Томас Андерсон, Џим Џармуш, многу денеска веќе култни имиња. Автори, кои на крајот на минатиот и почетокот на овој век ја променија филмската слика.
Роберт Редфорд беше и останува вистинска инспирација, не само за авторите, туку и за сите, бидејќи навистина е потребна храброст да не се задоволите со својата удобност, која дури ви овозможува и огромен профит, туку да барате нешто повеќе. Да барате смисла, значење, суштественост. Тоа веројатно и е неговото најголемо наследство и порака, бидејќи лесно е да се помине прагот кога филмаџиите ќе го остварат својот сон и ќе станат успешни, а многу е тешко и покрај тоа да ги следат своите верувања и убедувања, не дозволувајќи од ниедна причина да бидат компромитирани.
Факт е дека да се остане свој, особено во една таква работа како што е филмот, и во земја во која сè диктираат парите, е нешто што е многу тешко, дури и незамисливо. Но, животот на Роберт Редфорд исполнет со многу ризици и подеми и падови, како во професионалниот, така и во личниот живот, покажува дека чувањето и верувањето во својот интегритет е нешто кое на крајот секогаш се исплатува. Ако ништо друго, барем да ви го даде чувството на верба дека нешто сте придонеле, следејќи го она во што сте верувале и не сте го продале своето име и својот углед за ништо на светот, што некако ја носи смислата која ништо не може да ја избрише. И, онаа духовност, која вам ви го носи мирот, а на оние кои можат да ја препознаат им носи вдахновеност, им дава константност, им носи истрајност. Дефинитивно, ништо на крајот не може да биде подобро од тоа.