НА ЗАПАД НИШТО НОВО – Агенција за филм и понатаму е „најдобра, најуспешна и најефикасна во работењето“, а некои си таму институции со „паушални обвинувања“ сакаат да ја дискредитираат

post-count icon
12.01.23

Loading

Пишува: Сунчица Уневска

Каде ние живееме? Тоа е првото прашање што би го поставила. Во која земја е дозволено директор на Агенција за филм на тоа ниво да се расправа и да го „дискредитира“ органот на власта, во случајов, Државна комисија за спречување на корупција, обвинувајќи ја дека работи паушално, тенденциозно, подмолно, срамно, изнесувајќи невистинити и неосновани изјави? Во која земја е дозволено на ова ниво да се обраќа една институција на друга институција, избрана од власта, чија функција е да ја советува токму таа власт и да дава иницијативи за покренување постапки за утврдување одговорност, како и кривични постапки, да помогне да се воспостави систем за превенција и репресија на корупцијата, да иницира промени на закони итн., итн. Во која земја директорот на Агенцијата би можел да ги отфрли нивните наоди како да е на улица и да зборува дека работат без аргументи, а да не биде повикан на одговорност и да му биде укажано дека ако наодите се невистинити тоа мора да го каже и докаже сериозно и аргументирано.

„Боса“ власт – „уличарски“ изјави

Но, кај нас, наместо некој во оваа, за жал, тотално „боса“ власт и во поглед на културата, и во однесувањето и во нивото кога се работи за институции или органи на власта, да реагира и да го прекине ова неодговорно однесување, нема никаква реакција и медиумскиот циркус си продолжува. „Уличарските“ изјави на директорот на Агенцијата за филм постојано се цитираат во медиумите, никој не реагира на ваквото непочитување на орган поставен од државата, туку во провладините портали Лазаревски добива огромен простор за интервју каде што овие обвинувања ги повторува уште којзнае колку пати и ги зголемува, проширува, дополнува, притоа повторувајќи ги веќе толку познатите изјави кои од Агенција за филм ги слушаме богами долго време, уште од времето на неговиот претходник.

А што е уште посрамно, интервјуто со него го прави „филмската критичарка“ која е ангажирана во Агенција за филм како рецензент, која беше член на Филмски совет, која работи на „Златна рамка“, на „Браќа Манаки“ и што уште не, повторувајќи ги истите тези и зборови кои самата ги користеше кога токму неа и правеа интервју во времето на лобирање за нов директор на Агенција за филм. Освен тоа, таа е и спомнувана во извештаите на државните органи за ревизија, а поради судир на интереси мораше и да истапи од Филмскиот совет… Со кој памет може она да го прави интервјуто со него и кој сериозен медиум и уредник тоа би го објавил (racin.mk)????

Епа, ако државата дома не може да си воведе ред барем некој би требало на тоа да ѝ укаже, а не уште ова интервју преку сајтот на Агенција за филм со денови да стои објавено на социјалните мрежи каде што новиот портал racin.mk, кој се промовира како ново место за посуштински и продлабочени анализи ???, добива лајкови колку сакате… Морам да кажам дека навистина не знам ни што е со оваа земја, ниту со овие луѓе. Дали некој размислува воопшто, дали некој нешто разбира, или социјалните мрежи сè повеќе само се земаат здраво за готово?

И понатаму Агенција е во залог на ДФРМ

Впрочем, ова не е никаков нов проблем. Во ФИЛМ+ за овие проблеми со Агенција за филм пишуваме повеќе од седум години, уште пред да бидат направени потребните инспекции и пред да настане проблемот со Милчо Манчевски, бидејќи ако нашите текстови не ги придвижија државните органи за ревизија, тогаш тоа го направија, во случајов, сосем оправданите барања од страна на режисерот Манчевски. А и редно беше тоа да се случи, бидејќи ситуацијата е надвор од контрола многу одамна и како што во многу наврати пишувавме, Агенцијата за филм е во залог на ДФРМ и тоа е единственото граѓанско здружение кое има такви привилегии и кое буквално ги диригира сите работи што се случуваат во оваа агенција со години.

Во ФИЛМ+ дури пишувавме и кое фајде од една ваква агенција кај нас? Интересното е што ваквите фондови или агенции за филм се формирани во многу земји со цел да ја унапредат кинематографијата, а не да станат сопственост на една шака луѓе која единствена има можност да работи во државава. Колку само текстови напишавме на оваа тема, а безуспешно со многу факти и поднесоци реагираа и филмските работници. И што се случи? Ништо, таа шака луѓе од ДФРМ добиваше сè повеќе и повеќе проекти и ден денес директорот, кој го замени Тозија (а тоа и беше целта), си ја продолжува истата пракса од пред тоа. Па сепак, толку е силен и уверен (немам поим во што) дека е во право и дека некој го дискредитира, и покрај толкуте факти и податоци, да не ви се верува.

Знае ли Лазаревски колку филмски работници има во земјава?

Но, ако Тозија тоа го правеше сосем свесно и во договор со ДФРМ, тогаш навистина може да се запрашаме колку воопшто Лазаревски ги разбира работите и колку знае во какво дувло се наоѓа. Доволна е само онаа негова изјава дека статусот на филмските работници не е решен и дека тој ќе направи се што може за да помогне во тој поглед, особено што тие, како што вели, не се многу, ги нема ни стотина??? Замислете! Колку ги отфрла наодите и извештаите на ДКСК, а не ни знае колку филмски работници има во Македонија и не ни знае дека работи за интересите на само една шака луѓе од ДФРМ поради кои е убеден дека тоа е така, иако во ДФРМ нема ни една третина од филмските работници во земјава.

Но, на ДФРМ со години му успева така да се однесува и тоа си продолжува, без оглед на многуте укажувања и без оглед на фактите кои пред некое време ги доставија и филмските работници. Па сепак, Лазаревски како паднат од Марс тврди дека средствата и соработаката со ДФРМ е законска, а не е. Сите знаат дека таа шака луѓе од ДФРМ добива редовни месечни средства без конкурс и без обврска за тие пари да направи проекти. Парите за проекти се башка. И тоа не им е прво укажување дека ова здружение на филмски работници не може на тој начин да биде исплаќано, туку дека треба да има конкурс со кој јавните средства ќе им бидат достапни на сите релевантни организации од филмската дејност…

Има ли крај на корупцијата и на небулозите во ДФРМ?

Навистина е неверојатна цела оваа ситуација, а особено колку време сето ова трае. А можеби и не е, бидејќи ова многу добро зборува во каква земја живееме и колку корупцијата е навлезена, колку партиските поддршки се важни (веќе се знае дека сите прослави на државните празници ги прават токму челниците на ДФРМ) и колку, и покрај очигледните работи, сè си продолжува. Затоа и толку се разбрануваа работите кога поради дописите на Милчо Манчевски органите задолжени за ревизија и корупција укажаа на тоа. Не е лесно да промените нешто што трае толку време и што веќе пушта и корени, а судејќи по однесувањето на читателите на социјалните мрежи, изгледа дека таа ситуација си се сфаќа и како најнормална.

Навистина не ми се верува дека луѓето даваат поддршка, па дури и да не ги знаат работите, кога станува збор за едно такво ниво од страна на директорот Лазаревски. Замислете, тој го набедува Манчевски дека реагирал затоа што не можел да го поднесе „големиот“ успех на македонската кинематографија и на младите автори. Каков е тој директор што може такво нешто да изјавува во медиуми како реакција на наодите од Државната комисија за борба против корупција, кое што е базирано на муабети односно на „рекла казала“.

До кое ниво дојдовме и колку непрепознаваме дека работите се мизерни и надвор од сите нормални мерила и правила. Директор на Агенција за филм може да зборува само аргументирано, а не со вакви бесмислени тврдења и да ги повторува зборовите на Ана Василевска, која го потпишува интервјуто, а е дел од оние „професионални инстанци во Агенција за филм низ кои толку внимателно се селектираат филмските проекти“ (како што потенцира Лазаревски). Згора на тоа, ова е буквално слично со она нарачано интервју што го споменавме, кое „Цивил медиа“ и го правеше на Ана Василевска во времето за лобирање на директор во Агенцијата, каде што она ги повторуваше од збор до збор изјавите на Горјан Тозија.

Нашата кинематографија ќе го надмине и Холивуд

Имено, според Лазаревски ние и понатаму сме неверојатно успешна кинематографија со такви успеси на кои би им позавидел и Холивуд. Да не ви се верува. Овде навистина не можам повеќе да ги повторувам истите работи, зошто ова тврдење не е нималку точно, само ќе кажам дека со една ваква значајна институција од областа на филмот треба навистина да раководи некој што го познава филмот и што знае да направи разлика за кои филмови и за кои фестивали зборуваме. Впрочем, и Тозија го познаваше филмот, но ги повторуваше овие небулози и си припишуваше многу успеси, но затоа што така му одговараше. А Лазаревски веројатно тоа го прави од незнаење.

Па, тој и не ни беше во оваа бранша кога Македонија се уште имаше новинари кои одеа на фестивали и ги покриваа онака како што еден фестивал стварно и треба да се покрие. Што не е нималку лесно. Денеска ние сме единствена земја што немаме новинари на големите фестивали, а особено таму каде што имаме филмови. Новинари не значи „новинар“ што го однела Агенцијата за филм, за потоа самата Агенција да нè известува што таму се случувало??? Во тоа сме единствени, не само во светот, туку и во регионот.

Нема земја што нема сериозни новинари кои известуваат од фестивали и знаат тоа да го прават, и нема земја која толку ги изгуби критериумите, но и сите сериозни медиуми и која толку малку внимание и простор ѝ посветува на културата. Но, дилетантизмот и незнаењето кај нас станаа толку нормални во сите сегменти, па што останува за културата, кога самите уредници ја сметаат за непотребна и небитна за читаноста и за профитот. Ним културата и естрадата им е исто. Тогаш и нема за што да се чудиме, нели? Тогаш и не е чудно што многумина, па дури и ревизорските институции, немаат поим дека некој за тоа сепак одамна пишува и укажува.

Како и да е, добро е што малку се крена врева, иако ништо, ама баш ништо не се менува. Ниту има такви изгледи. Ние и понатаму сме единствена земја која одговара на реакции на познатите филмски фестивали што го бранат интегритетот на авторот, ние и понатаму сме единствена земја која тукутака ги отфрла наодите на Комисија за спречување на корупција, иако за корупцијата која со години се случува во Агенцијата за филм веќе и врапчињата знаат.