Сараевскиот филмски фестивал, дефинитивно, на достоен начин ја одбележува 30-годишнината, како со гостите, така и со негувањето на својот концепт со акцент на независниот филм, па освен атракциите, гала-проекциите и гламурот, тој и понатаму ги негува и воведува вистинските вредности. Сараево создаде вистински светски фестивал за регионалните автори, како за познатите, така и за непознатите, што годинава најдобро се виде токму на неверојатната гала-проекција на „Мајка Мара“
Специјален известувач
Сунчица Уневска
Светската премиера на филмот „Мајка Мара“ на Мирјана Карановиќ на годинешниот јубилеен 30. Филмски фестивал во Сараево покажа дека вистински филмски ѕвезди, дефинитивно, имаме, ама некако како да не сме свесни за тоа. Интересот за оваа гала проекција, која се одржа во Народно позориште на 21 август, предизвика неверојатен интерес, каков што одамна немало, иако во Сараево се дојдени едно чудо филмски ѕвезди, чие присуство треба да го одбележи и акцентира овој навистина значаен и голем јубилеј. Но, проекцијата на „Мајка Мара“ направи редица која се чини немаше крај, па дури го наметна и прашањето каде сите тие луѓе ќе ги собере во Народно позориште, чиј капацитет е „едвај“ 432 седишта.
Но, сите сакаа да го видат вториот режисерски филм на Карановиќ, сите сакаа да се дел од тој настан, карти не можеа да се најдат ни за лек, а гламурот некако се подразбираше. Впрочем, во Сараево навистина сè повеќе регионалните ѕвезди се однесуваат како и светските ѕвезди на познатите фестивали или доделувања на награди, па се чини како да се натпреваруваат кој посвечено ќе биде облечен и чија креација ќе облече (а се разбира како и на светските настани, интрудери кои само сакаат да направат атракција, имаше и овде). Имено, така беше и на овој настан, кој веќе во самата најава содржеше одредница гала, а освен тоа и беше светска премиера, па навистина како сите да сакаа да бидат дел од него, а уште повеќе да бидат таму и да бидат видени.
Меѓутоа, да не се разбереме погрешно. Во тоа и нема ништо лошо, напротив. Ако веќе фестивалот стигнал до едно такво ниво, успевајќи да ги донесе најзначајните филмски ѕвезди, и ако успеал за регионалните автори да значи вистинско место за промоција, тогаш и зошто да не е така. А посебно радува токму тоа што се работи за регионални автори, бидејќи покажува дека публиката (и не само таа) на нив гледаат и ги доживуваат како вистински ѕвезди на регионалниот филм, што е огромна можност, не само за промоција, туку и за отворање на вратите кон светските фестивали, и тоа сосем рамноправно со сите други. Но и не само за тоа, туку и затоа што низ годините се докажа и покажа дека во квалитетот, во приказните, во длабоките значења, филмовите кои доаѓаат од Југоисточна Европа, Јужен Кавказ и Украина, и не заостануваат, напротив.
А што се однесува да Мирјана Карановиќ, таа одамна ја докажала својата вредност и нејзиниот квалитет е препознаен многу пошироко од регионалните граници, така што беше навистина феноменално да се биде дел од овој регионален, а всушност светски настан.
Сараево навистина порасна многу и секоја чест за тоа, бидејќи на него напорно се работи и фасцинантно е како е конципиран, колку многу внимание посветува на вистинските борци, на вистинските приказни, и на луѓето чие дело треба да се слави и наедно да се промовира. Тие работат напорно и на зголемување на неговиот рејтинг, но истовремено и на борбата за што подобра продукција, и на што поголем влог во вистинските вредности, на кои времето може да им донесе само на значење, па дури да им даде и аура на легендарност. Тоа и е она што восхитува во Сараево, борбата за младите, поддршката за непознатите автори и наградите кои би ги поттикнале и инспирирале, како фондацијата „Кетрин Картлиџ“, или наградата која годинава првпат ја доби продуцентката Нејла Мулиќ од фондацијата „Арман Солдин“, востановена во чест на новинарот и координатор на „Франс прес“, кој загина лани известувајќи од Украина. Имаше многу приказни и портрети годинава во склоп на документарната програма, кои навистина ја чуваат историјата, но и вредностите, и имињата што придонеле за развојот на културата и уметноста на овие простори. Имено, Сараево ја менува формата, но во суштината останува доследен.
Но, да се вратиме на „Мајка Мара“. Се чини дека Мирјана Карановиќ како да сакаше да игра на сигурно, па се осврнува на животот на една самохрана мајка која ќе го загуби своето единствено дете. Нешто што веќе во старт не може никого да остави рамнодушен, и иако нема во него некој развој или слоевитост, сепак, тоа е симпатичен филм, кој се следи во еден здив, што не значи и дека е добар филм. Сценариото Карановиќ го потпишува заедно со Огњен Свиличиќ и Маја Пелевиќ, а соработник е Срџан Колјевиќ, кои очигледно се заслужни за тој пристап, едноставен, но поинаков, што му овозможува да ја избегне патетичноста и мелодраматичноста во која лесно би можел да западне. На премиерата беше дојден голем дел од екипата, во која се и Јасна Жалица и Борис Исаковиќ, а Мирјана Карановиќ беше пресреќна што го остварува својот сон, порачувајќи им на сите дека никогаш не треба да се откажуваат, туку упорно да ги следат своите соништа.
Веќе се знае дека за 30-годишнината Сараевскиот фестивал навистина направи и прави сè што може за достојно да ја одбележи. Тука беа значајни имиња од филмот, кои имаат голем бекграунд, но и актуелните, меѓу кои: Пол Шредер, Александар Пејн, Џон Туртуро, Елија Сулејман, Мег Рајан, како и помладите, Нооми Рапасе, Уна Гуњак, Вук Ршумовиќ, Леван Акин и Јухо Куосманен, автори кои навистина оставија белег, па дури понекогаш и ја менуваа насоката во филмската индустрија.
А добро е, секако, и што Сараево не пати од тоа, па неговите ѕвезди се навистина извонреден избор, често вклопени во нешто што е навидум фестивал на гламурот, но во суштина, Сараевскиот фестивал и понатаму ги следи и негува прекрасните приказни и се обидува да стави акцент на вредностите, на квалитетот, на она што го одбележува нашето живеење, бидејќи живеењето не е денес и утре, туку тој на извонреден начин се труди да го наслика поднебјето на овие земји, да ја покаже нивната традиција и разбирањето, љубовта и поврзаноста. Да ја покаже драмата за која денеска зборуваше и самиот Џон Туртуро, прескромен и толку едноставен, велејќи дека ништо не е црно и бело, дека драмата лесно може да се претвори во трагедија и обратно.
Така и беше. Првата сараевска награда отиде во рацете на еден од најнеобичните палестински автори, Елија Сулејман, кој изјави дека додека тука се одржува фестивал и тој ја прима оваа награда, во Палестина се случува геноцид пред очите на сите. Наградата ја добија и Пол Шредер, со кого имаше и разговор на плоштадот „Сузан Сонтаг“, едноставно наречен „На кафе со…“, а кој веќе е и традиционален, потоа Александар Пејн, кој во Сараево дојде уште пред 20 години, кога го славеше успехот на веќе култниот независен филм „Sideways“, додека Мег Рајан и Џон Туртуро во Сараево годинава доаѓаат првпат.
Како што веќе зборувавме, сепак Сараевскиот фестивал ги преферира независните автори, што е навистина за пофалба, иако кога се работи за Мег Рајан би рекле и малку доцна, бидејќи имаше таа и далеку позначајни настапи пред овие слатки мелодраматични филмови, а и пред да го смени личниот опис, толку многу што сега ем не личи на себе, ем веќе и не ни може да игра баш многу улоги со сиот тој ботокс во себе.
Но, старата слава функционира, а фановите ги сакаат ѕвездите, или возбудата на фестивалите и сето тоа што тие го претставуваат. Како и да е, фестивалот поминува во навистина многу свечена атмосфера, а во градот се чувствува рекордната посетеност и лудница која овој голем регионален фестивал веќе ја прави и која се подразбира.
Деновиве цело Сараево живее во тој знак, на сите страни имате свирки, настани и забави, огромна е посетеноста и желбата да се биде виден, огромен е бројот на спонзорите кои постојано приредуваат секакви изненадувања, а полицијата е некако нормално да ја има на секое ќоше во градот. Фестивалот веќе навистина привлекува многу гости, па и по тоа ја докажува својата репутација. Годинава има и нова награда за еколошка освестеност, годинава спонзорот „Аргета“ секој ден на плоштадот ги покажува вистинските кулинарски вештини на врвните готвачи, годинава има огромен број на барања за интервјуа, па многумина од гостите се одлучија тоа да биде само оној разговор „На кафе со…“, а оваа година има и ново, исто така во соработка со главниот медиумски интернетски партнер „Кликс“, жири составено од критичари од поранешните ју-републики, во кое членува и вашиот репортер, а чии оценки на дневно ниво се објавуваа во „Кликс“, инаку најчитано списание во Босна и Херцеговина.