Како актерите да изградат што посилни и покомплексни карактери?
Работилницата која ќе се одржи во текот на викендот, не случајно насловена „Крупен кадар на внатрешниот живот“, им овозможува на актерите да ја развијат менталната стабилност и внатрешната креативна сила. А, како што вели копредавачот и домаќин на овој настан, Слаѓана Вујошевиќ, ова е само почеток на едно подолгорочно отворање на нашата средина кон современите актерски практики
Пишува: Сунчица Уневска
Во текот на викендот (на 13 и 14 септември) во Скопје, во Театар Комедија, ќе се одржи интензивна актерска работилница насловена „Крупен кадар на внатрешниот живот“, на која учесниците ќе имаат можност за првпат да се запознаат директно со Михаил Чехов техниката, и тоа низ тренинзите и практичната работа со светски признатиот актер, режисер и едукатор од САД, Хју О’Горман.
Хју О’Горман, кој е член на наставниот кадар на Михаил Чехов асоцијацијата во САД и во Европа, има над 40-годишно искуство работејќи на Бродвеј, во Холивуд и на европските сцени. Станува збор за една од најпрестижните и најтрансформативни актерски методологии, која им овозможува на актерите да ја развијат менталната стабилност и внатрешната креативна сила. Хју О’Горман во својот пристап ја комбинира спортската психологија со имагинативната работа со цел да го продлабочи процесот на градење на ликот, посветувајќи посебно внимание на менталното здравје.
Тој е еден од нејзините водечки светски практичари, чија цел е до актерите и студентите по актерска игра да ги доближи клучните алатки за градење и пристап кон ликовите, со што им овозможува да создадат што посилни и покомплексни карактери. Како раководител на катедрата за актерска уметност на Државниот универзитет на Калифорнија во Лонг Бич, тој има работено со бројни генерации филмски актери, кои ги учи на тој тежок, но неверојатен спој со внатрешното доживување на ликот, за што секако е важна менталната состојба и психолошка подготвеност како алатки, но кои секогаш треба да се приспособат кон индивидуалноста на секој актер. Инаку, Хју О’Горман го основаше и актерското студио „Praxis“ во Лос Анџелес.
Домаќин и копредавач на работилницата во Скопје ќе биде и нашата позната актерка, Слаѓана Вујошевиќ, која ќе му се придружи на О’Горман токму како единствен македонски сертифициран тренер на оваа техника и предавач во асоцијацијата Михаил Чехов Европа. Таа има богато, 20-годишно искуство зад себе, како во театарот, така и на филмот и на телевизијата, а пошироката публика ја памети, не само како глас, туку како актерка која толку добро го оживеа ликот на омилената Биби од анимираната серија „Светот на Биби“.
Според Вујошевиќ, оваа работилница ќе биде, всушност, само почеток на едно подолгорочно отворање на нашата средина кон современите актерски практики, што во иднина би овозможило создавање генерација актери кои ќе бидат конкурентни, но препознатливи и надвор од нашите граници. Во својата едукативна пракса Вујошевиќ комбинира различни актерски техники кои поттикнуваат креативна љубопитност и игривост, истовремено продлабочувајќи го психофизичкиот развој и негувајќи ја уметничката автентичност на актерот. Нејзиното предавање ќе ја надополни програмата на Хју О’Горман со своето веродостојно локално и регионално искуство.
Слаѓана Вујошевиќ во периодот од 2013 до 2019 беше член на наставниот кадар во две актерски школи во Истанбул, каде што и го стекна своето образование, потоа од 2019 до 2023 беше демонстратор на ФДУ во Скопје, а член е и на наставниот кадар во Академијата СКАЛА. Таа е основач на здружението за уметност и едукација „Ветра арт“, кое заедно со „Охо“ продукција се и организатори на работилницата. Како што вели, ваква едукативна актерска програма е реткост кај нас, особено кога се работи за програми од овој калибар, кои се впрочем неопходни за младите актери. „Ова е можност, вели Вујошевиќ, да се допрат методите и пристапите што во светот се сметаат за врвен стандард, а кои би можеле да овозможат да се внесе една нова енергија и сигурност на нашата актерска сцена.“
Настанот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, од Театар Комедија, од А1 и Шпаркасе банка. Инаку, дел од учесниците, особено со оглед на тоа што интересот веќе е многу голем, се стекнаа со целосна стипендија за следење на обуката.