„Трагично е што и денеска на речиси целиот постјугословенски простор актуелните политички елити на еднакво евтин и примитивен начин, со два сендвича и нешто ситни пари, ги купуваат своите гласачи. Од друга страна, во тие села каде што снимавме, многу луѓе и понатаму живеат како пред стотина години. И тоа на само еден час возење од Загреб, главниот град на држава која е членка на Европа“, вели хрватскиот режисер Бруно Анковиќ, чиј филм „Прослава“ имаше светска премиера во главната програма во Карлови Вари, а неодамна доживеа триумф во Пула, освојувајќи четири „Златни арени“
Разговара: Сунчица Уневска
Дебитантскиот филм на хрватскиот режисер Бруно Анковиќ, „Прослава“, беше единствениот филм од овој регион, кој беше селектиран во главната програма на 58. Филмски фестивал во Карлови Вари, Чешка и се бореше за главната награда, „Кристален глобус“. Досега Анковиќ има работено главно на кратки играни и документарни филмови, како и на многу реклами, но овој прв негов филм, направен според истоименото дело на Дамир Каракаш, не само што го одведе во Карлови Вари, туку пред неколку дена му го донесе и триумфот на 71. Пулски филмски фестивал, чија главна програма е посветена на домашната продукција. Во Пула овој филм освои четири „златни арени“, за најдобар филм, за сценарио, за машка улога и за фотографија.
Интервјуто со Анковиќ го побарав најмногу поради темата, која се однесува на целиот Балкан, и се разбира, не само на него, и зборува за причините зошто невините стануваат лесен плен на припадниците на екстремните идеологии. Филмот, чие дејствие е поместено пред стотина години, го следи животот на Мио (Бернард Томиќ), кој со текот на времето ќе стане фашистички војник. „Ова не е само балканска приказна, вели Анковиќ, не, станува збор за идеолошка матрица чии варијанти можеме да ги видиме низ целиот свет. За жал, човештвото не напреднало многу во минатиот век, така што национализмот, популизмот и десничарските партии растат сè повеќе низ цела Европа“. И тоа е точно, што ја прави темата интересна и провокативна, иако филмот е направен доста индиректно и со голема дистанца кон настаните и ликовите. Во Карлови Вари го гледав во речиси полна сала, не беше меѓу оние за кои не можеше да се најде карта и реакцијата на крајот изостана. Се разбира, во Хрватска беше поинаку, бидејќи се знаеше сè и за филмот и за романот, а претходно имаше и доста разговори со авторите.
Како и да е, тоа е филм кој има важна тема и за денешното живеење, а секако и за нашите простори, а исто така интересни се и одговорите на режисерот Анковиќ, кој е доста искрен и навистина редок професионалец, бидејќи умее да ги прифати забелешките и на нив многу отворено и без предрасуди да одговори. Токму затоа, ова е еден исклучителен разговор, кој секако вреди да се прочита.
ФИЛМ+: Би почнала со тоа, колку денеска е вистинско време за еден ваков филм за национализмот? Навистина, во светот во тек се војни што во многу ги движи национализмот, но вие имате поинаков пристап, барајќи ги корените на злото и корените за неговиот избор. Верувам дека сиромаштијата и несреќата можат лесно да придонесат некој да се приклучи кон тие движења и да направи погрешни избори, но тоа не е единствена причина, посебно ако погледнете што се случува насекаде низ светот. Какво е вашето мислење?
Бруно Анковиќ: Мислам дека секогаш е време за вакви филмови. Денеска можеби и најмногу. Дејствието на овој филм, како и на романот по кој е направен, се случува пред стотина години, но за жал, мислам дека светот не е променет премногу. Секогаш се прашуваме, како е можно младите луѓе да „навлезат“ во една ваква екстремна идеологија? Филмот, пред сè, се занимава со тоа на кој начин политиката и идеологијата, која секогаш во чекор ја следи, ги обликуваат нашите приватни животи, влијаат на нашите интимни одлуки и поради што е невозможно да се избегнат.
Ако погледнете денеска, десните елити и понатаму ги регрутираат младите луѓе. Мио денеска е (иден) војник од некое сиромашно предградие на Русија, кој се бори на украинскиот фронт или младич регрутиран во екстремна идеологија во некој друг светски судир. Мислам дека Мио можеме да го пронајдеме секаде каде што политичките елити си играат со човечките животи, со т.н. „мали“ луѓе. На Балканот веќе утре може да почне нова војна. Тензиите се најголеми на Косово, па во Босна и Херцеговина, но и во Црна Гора. Всушност, во цела Европа ѕвечи оружјето.
Морам да кажам дека некако во филмот ми недостига поврзаноста на приказната, ми недостига нарацијата, или би рекла, самата приказна. Кога има приказна не само што е полесно да се поистоветите, туку што е уште побитно, полесно е да ја разберете. Не мислам во смисла на комерцијалност или хронологија, но ми недостигаат детали, елементи, можеби однесување, релации, ми недостига можноста да ја почувствувам приказната, иако секако ја разбирам! Која беше вашата идеја во смисла на концептот?
-Филмот е адаптација на истоимениот роман на Дамир Каракаш и одлучивме да го следиме романот. Во романот нема премногу настани, некако се тивки, молчаливи, исто како и луѓето таму. Како автор кој работи филм врз база на роман, кој и на ниво на текст и на ниво на уметничка поента е прецизен и јасен, морав да водам сметка за тоа филмот да не се сфати погрешно во однос на романот. За тоа размислував. За опасноста филмот да не се сфати ни како релативизација, ниту како патронизација. Во еден момент некој на сетот ми рече: „ма дај, зошто толку го дистанцираш главниот лик, никој нема да го засака“. Но, во тоа и е поентата, односно важна е антрополошката дистанца спрема главниот лик. Мио е главниот лик кој е во фокус цело време, постојано го гледате, некаде го сакате, некаде не, но во суштина никаде не го осудувате. Е, за тоа се работи.
Освен тоа, дејството се одигрува во село, некаде во првата половина од 20 век, и некако ми делува доста далеку. Во селото нема никакви можности за живот, тука е и онаа традиција кога болните родители заради сиромаштијата ги носеле и ги оставале во планините, што секако било доста одамна, па некако и тоа не ми делува реалистично. А можеби се лажам, не знам како се живее денеска во зафрлените села, но сепак, ова како да ми е надминато. Ме интересира зошто се одлучивте за тоа време, за тој пристап?
-Да, дејството во филмот се случува дваесетина години пред Втората светска војна. Од 1926 до 1945 година. Тоа можеби делува доста далеку, но колку и да нѝ е тешко тоа да го сфатиме, па дури и невозможно да ги осовремениме мотивите на суровото секојдневие во тие години, сепак мислам дека не нѝ е тешко да ги осовремениме потезите на политичката елита од 1941 година. Трагично е што и денеска на речиси целиот постјугословенски простор актуелните политички елити на еднакво евтин и примитивен начин, со два сендвича и нешто ситни пари, ги купуваат своите гласачи.
Од друга страна, во тие села каде што снимавме, многу луѓе и понатаму живеат како пред стотина години. И тоа на само еден час возење од Загреб, главниот град на држава која е членка на Европа. Можете ли да замислите како живеат луѓето во руските предградија денеска? Имам снимано многу низ Русија, и кога само малку ќе се оддалечите од Москва (или од некој друг поголем град) влегувате во села каде луѓето живеат во страшна сиромаштија. Тука можноста за манипулација е огромна.
Знаете, овде зборуваме за усташи, зборуваме за комунизмот, зборуваме за заведување, но сепак, би рекла дека не е доволно само да набљудуваме. На пример, како гледач не барам тоа да ми го објасните, но барам да почувствувам, да разберам, да осудам или да прифатам, барам приказната да ме наведе на размислување. А тоа обично го прави судбината на човекот и, секако, потписот на авторот. Барем така го сфаќам тоа, како што писателот има свој потпис, или сликарот, така треба и филмскиот автор да има потпис со кој би полемизирала. Дали за тоа сте размислувале?
-Секако дека размислувавме. Мио, како и ликовите кај Достоевски, истовремено е и жртва и крвник. Со тоа што, неговата позиција на антагонист гледачот ќе ја препознае дури на самиот крај на филмот. Поради тоа се обидував внимателно низ филмот да го градам односот кон главниот лик – сакав да бидам на своевидна дистанца, да го набљудувам повеќе форензички, внимавајќи со некои режисерски постапки да не го измамам гледачот, а притоа обидувајќи се да си објаснам и на самиот себе, како е толку лесно да се направи погрешен избор. Дали поради страв или сиромаштија или недостаток на образование и информации (или поради сето тоа заедно), а сè поради ветената утопија. Тој „студен“ режисерски пристап сигурно не изгледа како најдобро решение за филмот, бидејќи емотивно го дистанцира главниот лик од гледачите, но ми се чинеше клучен и неопходен за согледување на комплексноста на овој лик.
Видете, не мислам дека филмот е лош, напротив, мислам дека секако треба да се види. Но, тешко предизвикува реакција, некако бара дополнение, објаснување, бара разговор. А филмот е визуелен медиум и треба да раскажува визуелно. Тоа ми недостига, инаку приказната е интересна и веројатно секогаш актуелна. Секако, и на нашите простори. Тоа се прашања кои сите си ги поставуваме, посебно после сè што ѝ се случи на нашата земја. Колку вие тргнавте од тој агол?
-Вас филмот очигледно некаде „емотивно ве промашил“, но ние имаме навистина одлични реакции на публиката и на критиката. Еве, неодамна беше премиерата на националниот фестивал во Пула и немавме впечаток дека филмот не предизвика реакција, напротив.
Би рекол дека луѓето препознаа дека тоа е филм за нацизмот, но и за комунизмот, за постојаната сиромаштија, за честите промени на режими и војни кои се случуваат во нашиот регион и го обвиткуваат со мијазма, која ги затскрива сите визии за подобра иднина. Како што би рекол Иван Јовановиќ, еден од најголемите стручњаци за воени злосторства во регионот – „сите народи на Балканот во еден момент од историјата ги ‘закрвавиле рацете’. Сите во еден момент сме биле крвници, а во друг жртви“.
Можеби, филмот во иднина би можел да биде појдовна точка за разговори на (и понатаму) завојуваните страни без лутење и обвинување, туку со взаемно разбирање? Мислам дека тоа би бил најголемиот успех на овој филм.
Филмот е направен според драмата на Дамир Каракаш и навистина ме изненади интервјуто што го читав со него, каде што тој зборува дека општеството нѝ е запустено, каде што зборува за усташкото наследство, за признавањето на злосторството, за ѓаволската војска, за предрасудите, што е навистина голема работа, бидејќи искрено мислев дека тоа се табу теми. Како со сето тоа се носевте?
-Можеби политичките елити би сакале тоа да се табу теми и за нив јавно да не се разговара, бидејќи така манипулираат и држат тензија во нашите општества, но мислам дека баш тоа е нашата задача. Сметам дека е должност на писателот, на режисерот, на културните работници да ги „брануваат тие табу теми“, не за да го урнат општеството, туку да го натераат да се преиспитува, за на крајот да биде подобро. Токму затоа овој филм им го посветивме на нашите деца и на идните генерации, со надеж дека нема да ги прават истите или слични грешки и дека ќе носат подобри одлуки од нашите дедовци, нашите татковци и од нас самите.
Токму во врска со тоа мислам дека ова е важен филм, филм кој зборува за нас. Но, не бев сигурна колку можат тоа другите да го разберат, сепак, штом е во Карлови Вари веројатно до некого стигнал, иако мислам дека ќе беше подобро ако беше малку подиректен, па дури и малку посмел. Работите не можат да се разбрануваат кога се индиректни. Тоа можеби не ви беше цел, но таква е приказната, може да поставува прашања и да нè натера за нив да зборуваме! Лично тоа ми недостига, и затоа и ми е жал, но можеби друг пат…!?
-Мислам дека во Карлови Вари филмот добро го разбраа и го препознаа како „wake up call за Европа“. Ќе ви дадам еден пример. Крајно десната партија Alternative für Deutschland (AfD) пред неколку недели постигна запрепастувачки успех меѓу младите гласачи. Откако беше спуштена возрасната граница, 16-годишните за првпат можеа да гласаат на изборите за Европскиот парламент во Германија, речиси 30 проценти од младите гласаа за десницата. Навистина, причина за тоа е повеќе нивното антирежимско расположение отколку вистинските десничарски ставови. Но, секако дека младите се и многу поподложни на радикалните идеи.
„Гардијан“ по излегувањето од бирачките места го анкетираше 16-годишниот Пол Фридрих, кој гордо им рече дека гласал за AfD и дека едвај чекал да го даде својот глас. А она што го натерало да гласа за нив е истото што ги загрижува повеќето млади Германци: стравот од ширењето на војната во Европа, инфлацијата, зелените рестриктивни политики, економскиот пад, илегалната миграција и криминалот поврзан со тоа…