ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО КЛАУДИЈА КАРДИНАЛЕ: Нешто невино со нешто многу диво

post-count icon
09.27.25

Тунис беше место на голем диверзитет. Тоа ме научи на толеранција. Скромноста на пејзажите и на луѓето никогаш не ме напушти и влијаеше на начинот на кој живеев како славна личност. Не го сакав Холивуд и воопшто не уживав во американскиот систем на пренапумпани ѕвезди. Повеќе се чувствував европски и мислам дека многу му должам на европскиот филм

(Интервјуто е направено во 2018 година по повод нејзиното доаѓање во Битола на 39. Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кога директорка на фестивалот беше Гена Теодосиевска. Сега, по заминувањето на Клаудија Кардинале на 23 септември, овој ексклузивен разговор со неа, веројатно еден од последните, се претвора во своевиден омаж)

Разговорот го водеше уредничката на ФИЛМ+

Сунчица Уневска

Клаудија Кардинале (1938-2025) е веројатно една од ретките актерки која ќе го следи разумот и нема да дозволи да се претвори во клише или во некаква гротеска самата на себе, обидувајќи се по секоја цена да успее во Холивуд. Напротив, по метеорскиот успех во Италија во 1960-тите и 1970-тите години, таа навистина ќе замине за Холивуд, од каде по само пет години ќе се врати, изјавувајќи дека не сакала постојано да игра исти улоги. А факт е дека играше во некои од најпознатите остварувања во историјата на филмот, меѓу кои секако се: „Роко и неговите браќа“ (1960), „Осум и пол“ (1963), „Беше еднаш на Дивиот Запад“ (1968), „Гепард“ (1963), „Пинк пантер“ (1963), „Саламандер“ (1981), „Фицкаралдо“ (1982) и многу други.

Зад себе има 150 улоги, а почетоците и се како на филм. Родена е во Тунис, каде што се школувала за учителка. Татко и бил Италијанец, а нејзината мајка е Французинка. Интересно е дека кога почнува нејзината кариера во Италија таа многу подобро го знаела францускиот јазик отколку италијанскиот. Но, како што вели самата, тоа била судбина, да победи на 19 години на изборот за најубава Италијанка во Тунис и како наградно патување, да отиде на Венецискиот фестивал. Веќе истата година го потпишува првиот филмски договор и другото е историја.

Зад себе имате 60-годишна актерска кариера, повеќе од 150 улоги и многу награди. Кога ќе погледнете од денешна дистанца, што мислите што е она кое ви овозможи толку години да се одржите во оваа фрагилна професија, а сепак да останете своја?

-Па… гледам два главни фактори за ова. Првиот е близината на моето семејство, мајка ми, но и мојата сестра и моите браќа кои секогаш доаѓаа со мене. Мислам дека тоа ми помогна да останам верна на себе. Не можете да се преправате пред оние што навистина ве знаат. Тие ме држеа приземјена. Вториот фактор е што имав голема среќа да работам со правите луѓе. Висконти, Болоњини, Фелини и останатите, беа вистинските луѓе во секоја смисла на зборот. Имав среќа. Во магичните години на италијанскиот филм сценаријата ги пишуваа големи автори. Многу од зборовите што ги кажував преку моите ликови беа чувствителни и многу вистински, човечки зборови. Тоа помогна многу!

Дефинитивно, многу млада влеговте во светот на филмот. Од вашето искуство, дали младоста е предност или можеби ќе беше подобро да започнете да се занимавате со глума како позрела и веќе оформена личност? Сметате ли дека тоа на свој начин влијаеше на вас?

-Тешко е да се одговори на ова, бидејќи не знаев за нешто поинакво! Секако, мојата кариера и начинот на кој се справував со неа се менуваа со време, така како што се формирав како индивидуа.

Какво беше вашето детство и вашето семејство? Колку воспитувањето и растењето во Тунис ви помогнаа полесно да излезете на крај со предизвиците?

– Имав многу среќно и скромно детство. Моите родители беа строги, но полни со љубов. Нивниот брак беше брак од љубов. Тоа ни даде многу добра база на мене и на мојата сестра и браќа за да се соочиме со животот. Во тоа време Тунис беше место на голем диверзитет. Тоа ме научи на толеранција. Скромноста на пејзажите и на луѓето никогаш не ме напушти и, дефинитивно, влијаеше на начинот на кој живеев како славна личност.

За вас се чини сосема одговара онаа фраза дека преку ноќ станавте славна. Но, и преку ноќ почнавте да играте кај многу етаблирани режисери и со тогашните големи актерски ѕвезди на филмското платно. Како вие го доживувавте сето тоа и како се браневте да не станете ѕвезда и во сопствениот дом?

-Да, тоа е така. Сè започна многу брзо. Мојот продуцент и придружник во тоа време, Франко Кристалди, имаше добра интуиција и тоа го направи мојот подем многу лесен. На почетокот беше доста стресно. Го паметам чувството кога играв со Рита Хејворт! Бев толку преплашена! Но, таа знаеше како да ме смири. Младоста веројатно ми помогна, затоа што сè ми изгледаше нереално, како во сон. Речиси и не ми беше јасно дека тоа се случува. Наеднаш се најдов во центарот на вниманието, што беше одлично, но и ме ограничуваше. Кога го запознав режисерот Пасквале Сквитиери на неговиот филм „Браќа по крв“, се вљубив, тој за мене претставуваше начин да излезам од системот. И функционираше. Тој ми го смени животот.

Во филмската професија убавината игра голема улога и факт е, и тогаш и денес, дека тоа честопати умее пресудно да влијае. Вашата кариера и беше поврзана со изборот на убавица… Но, вие знаете да кажете дека надворешната убавина избледува, дека е најважна внатрешната убавина. Сепак, тогаш како многу млада, на кој начин гледавте на убавината која придонесе за вашиот метеорски успех?

-Сестра ми Бланш беше многу поразлична од мене. Русокоса со сини очи. Кога бевме млади, таа беше убавицата. Затоа, на почетокот не бев ни свесна за впечатокот што го оставав. Освен тоа, она што е важно на филмското платно не е толку убавината, туку како ја фаќате светлината. Некои лица се силни, не се толку убави, колку што светат на екранот. Важноста на погледот далеку ја надминува надворешната убавина.

Од друга страна, колку убавината и статусот на ѕвезда можат да бидат товар? Има ли разлика во начинот на кој убавината и славата беа третирани во 1960-тите и 1970-тите, и во начинот на кој се третирани денес?

-Секако, денеска жените можат да бидат поприродни! Во тие години не можеше ни да помислиш да излезеш од дома ако не си беспрекорно средена. Денеска актерките се многу послободни, но очигледно е дека се изгуби дел од сјајот… За да можат луѓето да сонуваат за нешто, тоа мора да биде малку нереално.

Улогите умееле и во тоа време и денес да диктираат модни трендови, но исто така, и да влијаат на одреден тип на ликови. За вас се вели дека сте го означиле преминот од пин-ап девојките во оној таканаречен тип на нимфета со улогата во „Девојката со куферот“. Како вие гледате на тоа?

-Не сум знаела за ова! Навистина? „Девојката со куферот“ беше многу силна улога. Уживав играјќи во тој филм и морам да кажам дека режисерот Валерио Зурлини ме научи многу работи. Не би знаела како да одговорам на ова. Ако се осврнам назад, мислам дека она „ново“ што можеби јас го понудив, беше детско лице на многу женствено тело. Можеби во тоа беше преминот. Комбинација на нешто невино со нешто многу диво.

Факт е дека вашата кариера беше во подем во златното време на филмот во Италија, што го донесе неореализмот. На прес-конференцијата во Битола господинот Алисио Ликвори рече дека во тоа време во Италија се случуваа многу промени, на политичко, социјално, економско поле, и на полето на културата, а Клаудија Кардинале со своите ангажмани ги отелотворуваше тие промени. Дали бевте свесни за тоа?

-Тоа е голем комплимент. Ви благодарам! Секако дека е така, бидејќи факт е дека играв улоги напишани од големите интелектуалци на тоа време (Алберто Моравија, Сусо Чечи Д’Амико, Енио Флајано…). Веројатно, на некој начин бев отелотворување на тие идеи.

Како беше да се работи со неореалистите? Можете ли да ја опишете атмосферата во тоа време во Италија, бидејќи тие филмови имаа голем импакт?

-Бев навлезена во тој свет, не знаев за поинаков. Атмосферата беше многу креативна. Изгледаше како да е сè можно. Имаше многу простор за суштината на нештата, за душата на работите и на луѓето.

Игравте со некои од најпосакуваните мажи во тоа време, Марчело Мастројани, Ален Делон, Омар Шариф, Виторио Гасман, Берт Ланкастер, Хенри Фонда, кој од нив беше најзабавен, со кого беше тешко да се соработува, а со кого можеби сакавте повторно да работите?

-Ах… па тоа е невозможно прашање! Уживав во работата со повеќето актери и мислам дека мојата меморија ги избришала лошите искуства! Секако, многу се забавував со Жан Пол Белмондо, бидејќи беше доста откачен. Но, искрено имам прекрасни сеќавања и со многу други, како: Ален Делон, Рок Хадсон, Марчело Мастројани…

Во тоа време договорите вклучувале такви клаузули, како на пример, да не ја шишате косата, да не се омажите, да не ја изгубите линијата итн., колку беше тешко да се придржувате кон вакви правила? На кој начин го заштитувавте својот приватен живот?

-Бев многу млада и ги прифатив тие барања како нормален тек на работите. На времето, тоа беше стандард во работата, па не размислував за тоа, не го ставав под знак прашање. Меѓутоа, со движењето во 1968 година и неговиот развој, работите почнаа да се менуваат! Почнав да живеам и да се однесувам поинаку некаде околу 1975 година. Ми требаше време да се помирам со тоа што требаше да се промени.

Имаше ли улоги во кои на свој начин се пронаоѓавте, во кои сакавте да играте? Колку ви значеше начинот на кој публиката ги прифаќаше вашите улоги?

-Убавината на тоа да се биде актерка е да се играат различни улоги! Никогаш не би можела да работам на серија каде што низ годините остануваш иста. Веројатно, она што е потешко е да најдеш начин да се одвоиш себеси од улогата што ја играш, да не се претопиш во неа! Инаку, бев многу среќна што предизвикувам добри реакции кај публиката!

Можете ли да направите одредена паралела со холивудскиот и европскиот филм, бидејќи и во Холивуд и во Европа тоа беа златни времиња!? Зошто решивте да заминете од Холивуд и колку беше тешко да се донесе таква одлука, бидејќи и тогаш и денес Холивуд сè уште ги исполнува соништата на младите девојки…!?

-Холивуд флертуваше со мене. Сакаа да останам. Но, јас се чувствував многу европски. Искрено, воопшто не уживав во американскиот систем на пренапумпани ѕвезди. Освен тоа, чувствував дека му должам на европскиот филм, а никако не сакав да ја загубам неговата доверба.

Што мислите денеска, по сите овие години, колку актерството и светот на филмот влијаеше на вашиот живот?

-Влијаеше целосно, што е и разбирливо, со оглед на тоа што поминав повеќе од пола живот работејќи на филм. И можам да кажам, дека сè уште уживам во работата како актерка. Факт е дека тоа ми овозможи сè.

Дали почесто приватноста му ја подредувавте на филмот или обратно, филмот го имаше приматот? Каков беше вашиот приватен живот и на кој начин вие ги воспитувавте своите деца?

-Приоритетите се менуваат. Понекогаш работата имаше предност, но понекогаш приватниот живот беше на прво место. Кога го родив второто дете, мојата ќерка Клаудија, имав 40 години и избрав да посветам многу повеќе време на своето семејство. Иако, дури и тогаш патував и секогаш имав гувернанти на располагање.

Неверојатно е колку успевате да одолеете на сите трендови. Многу ваши колешки толку брзо „изгореа“, сакајќи да го задржат времето. Колку беше тешко да ја задржите дистанцата и да не му робувате на било какво клише, па дури ни на тоа за себе? Бидејќи, факт е дека луѓето сакаат да си создаваат свои претстави за омилените актери, но вие не бевте оптоварена со убавината. Што е она што и понатаму ве одржува „радосна, слободна и смела“, како што гласеше мотото на минатогодишниот кански плакат?

-Не знам. Никогаш не сум имала желба да се прилагодам на правилата за стандардната убавина. Го прифатив стареењето. Да се биде актерка носи многу задоволство. Тоа е прекрасна професија! Патувате, запознавате луѓе, гледате нови места… Како би можела да бидам несреќна? Но, не треба работите да се сфаќаат премногу сериозно. Верувам дека во животот, и покрај сè, многу е важно да се забавуваш. Тоа ослободува и ве држи цврсто на земја.                                                                         (Септември 2018 ФИЛМ+)