„Дрим шорт“ му даде свој шарм на Паркот на поезијата во Струга

post-count icon
08.09.25

„Културата и уметноста се многу важен дел од нашите животи, не само затоа што нашата реалност ја прават подобра, туку и затоа што можат да ја променат. Годинешната тема ’Гледајте филмови, нема каде да се бега’ длабоко одекнува во светот во кој уметноста станува прибежиште и силен глас во тешките времиња во кои живееме. Во неизвесните времиња, приказните кои ги раскажуваме можат да го осветлат нашиот пат“, рече амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел

Пишува: Сунчица Уневска

Беше преубаво да се биде присутен на отворањето на годинешниот 9. „Дримшорт“ фестивал во Струга, овој пат под ѕвездите, сместен во Паркот на поезијата, кој привремено е преадаптиран во Парк на филмот. И, некако, се покажа како одлична солуција, особено кога се има волја и решеност фестивалот да се одржи, па макар и во изменети услови (за првпат не е во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“) и тоа на само три недели пред почнувањето, па сепак, сето тоа се претвори во негова предност. Се разбира, со инвентивноста и неуморноста на неговите организатори кои го искористија овој простор на најдобар можен начин, дури доби и на шарм, а богами и на посетеност, или можеби така изгледа поради самиот амбиент. Шега на страна, посетеноста на фестивалот е одлична, се седи на столчиња, но и во паркот на оние специјални перници, и се останува до самиот крај, во една навистина прекрасна и толку инспиративна атмосфера, каде што природата, светлината и сенките фантастично се надополнуваат.

Како што впрочем и рекоа самите организатори, дека оваа година Паркот на поезијата го позајмија од поетите и дека во следните четири дена во него ќе го слават филмот под мотото „Гледајте филмови, нема каде да се бега“. „Делумно од потреба, делумно од инает, но најмногу водени од желбата да го исполниме своето ветување – дека ќе бидеме подобри од мината година. Давајќи им почест и славејќи ги оние што ги снимаат филмовите, проицирајќи фрагменти од минатото кон иднината, веруваме дека уметноста може да биде облик на отпор кон хаосот во светот. Кога стварноста не нуди утеха, филмовите стануваат портал кон срцето, каде што сè уште владее моќта на разумот“, тоа беа зборовите на отворањето кои прозвучија толку моќно во својот повик до гледачите да им се приклучат на ова инспиративно патување, бидејќи нели „нема каде да се бега“, а филмовите умеат да го понудат паралелниот свет во кој често (или навидум…) ги има оние одговори кои ги бараме.

Токму во таа смисла беа и кратките, но многу симпатични и вдахновени говори на амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрексел и амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, кои веќе неколку години го поддржуваат овој фестивал, зборувајќи притоа токму за важноста на сплотувањето на уметностите, за нивното взаемно дејствување и обединување. „Културата и уметноста се многу важен дел од нашите животи, не само затоа што нашата реалност ја прават подобра, туку и затоа што можат да ја променат. Годинешната тема ’Гледајте филмови, нема каде да се бега’ длабоко одекнува во светот во кој уметноста станува прибежиште и силен глас во тешките времиња во кои живееме. Во неизвесните времиња, приказните кои ги раскажуваме можат да го осветлат нашиот пат“, додаде амбасадорката Џанел.

Одличен избор за отворањето на годинешниот фестивал беше токму хрватскиот филм „Човекот кој не можеше да молчи“ на Небојша Слијепчевиќ, кој се чини на најдобар можен начин некако и ја акцентира таа насока и тема што веќе во самиот старт ја најави фестивалот. За отпорот кон хаосот во светот, за борбата против неправдата, против апсурдот и бесмислата, за вербата во убавото, за вербата во храброста и во мудроста, за одлучноста на отсуството на здрав разум да му се спротивставиме со срцето и со тајните сокриени во него, тајните кои на својот единствен начин умеат да видат и да продрат онаму каде што само уметноста, со сета своја лудост и вистинитост, може.

Првиот ден го видовме и одличниот исландски филм „О“ на Рунар Рунарсон во меѓународната програма, филм кој зборува за зависностите и за сето она што во животот го пропуштаме тогаш кога со него не можеме да се соочиме.

Додека, во националната компетиција пријатно изненадување беше новиот филм на Ханис Багашов, „Зајак“, кој исто така, на свој начин, зборува за барањето на себеси, за соочувањето со последиците на некои свои одлуки, за храброста и решеноста да се трага по одговорите, па дури и тогаш кога тоа изгледа невозможно.

Интересно е дека фестивалот „Дримшорт“ успева во само три или четири дена да смести толку настани, да донесе толку содржини, што е неверојатно. Многу е важно што во нашата земја, во напливот на филмски фестивали и манифестации, има навистина млади луѓе што знаат и се трудат да направат филмски фестивал со сите нишани, па макар и во толку ограничено време. Стварно е фасцинантно дека секојдневно во „Јуроп хаус Струга“ има разговори за филмската критика на тема „Соочување со минатото“, со различни учесници, а во организација на „ПроПис“ од Скопје, вчера се одржа и мастеркласата со Никола Ристановски, а веќе денес во 18 часот, исто во „Јуроп хаус“ е разговорот со главниот гостин на фестивалот, светски познатиот директор на фотографија, Флоријан Хофмајстер.

Вчера можеа да се видат и македонскиот филм „Шега“ на Трифун Ситниковски, потоа интересниот филм на Телиа Петраки од регионалната компетиција „400 касети“ кој на интересен начин зборува за минатото, сегашноста и иднината и нашето чувство за (не)припадноста во нив, како и „Градот на поетите“ во „Соочување со минатото“, односно градот кој некако пред очите исчезнува заедно со сето она што било обележје или токму го чувало минатото, во холандскиот филм на Сара Раџеи.

Додека, денеска покрај разговорот со Хофмајстер програмата продолжува со проекциите на филмовите во Интернационална, Регионална и Национална компетиција, во програмата „Соочување со минатото“, како впрочем и утре, со тоа што утре ќе се прикаже и холандската програма во соработка со „Go Short“ и изборот на филмови во соработка со Еко-свест. Од македонските автори за денес и утре ќе ги издвоиме и Крсте Господиновски со „Неми филмови“, Бранко Костески со „Остров“, Леона Јариќ со „Очи“ и Марко Црногорски со „Избор“. Фестивалот, за жал, завршува утре со доделување на наградите и со диџеј сетот на Андреј Мицајков.