Денеска во 20 часот во Струга во „Браќа Миладиновци“ веќе традиционално започнува Фестивалот на краток филм „Дримшорт“, кој по осми пат носи многу филмови, многу новитети, изненадувања и дискусии. Овие волшебници умеат во само 4 дена да понудат програма за осумдневен фестивал, која секогаш носи прекрасни пораки, идеи и мисли за филмот, за уметноста, за животот
Пишува: Сунчица Уневска
Од 8 до 11 август се одржува 8. издание на веќе реномираниот струшки филмски фестивал, „Дримшорт“, кој оваа година своите настани ги носи на три локации. Имено, покрај главната летна сцена во културниот центар „Браќа Миладиновци“, годинава ќе има содржини и во Europe House – Струга и во Паркот на поезијата. Веќе првиот ден „Дримшорт“ ја покажува својата посветеност и љубов кон филмот, а пред сè, кон домашниот филм и домашната публика со тоа што ќе прикаже три кратки македонски филма: „Имиња“, „Прошетка“ и „Кутии“, а вечерта ќе ја затвори со концертот на еден од највозбудливите и најинвентивни бендови последниве триесетина години, групата „Фолтин“.
Интересно е да се напомене дека воопшто не се случајни оние секогаш интересни идеи на организаторите на „Дримшорт“ околу мотото на фестивалот, во кои се чини ја вградуваат не само љубовта и грижата за развојот и негувањето на целокупната култура и уметност, туку секогаш во нив лежат многу скриени значења, многу пораки кои на инспиративен начин зборуваат за филмот, за сето она што тој го носи во себе, за неговата важност.
Така на пример, годинешното мото е „Бесконечна слобода“, додека, да се потсетиме, минатата година мотото беше „Неопходна убавина“, а пред тоа „Кула на вечноста“…, секогаш содржејќи во себе мали филозофски трактати кои зборуваат, како за филмот, така и за животот, бидејќи тие се нераскинливо поврзани.
Овие изреки се израз на такви детални „студии“, кои се осврнуваат на уметноста и на нејзината сила да ги направи промените, тие се осврнуваат и говорат за нејзината моќ да нѝ донесе мотив и способност за да можеме, за да умееме и да научиме како со неа животот може да биде многу поубав, многу посмисловен, многу поинаков, многу посмел и посодржаен, како може да биде сè што понекогаш реалноста не може. Но, затоа тука е „убавината да го спаси светот“, затоа тука е „кулата која создава светови и се издигнува до бескрајот“, а тука е и „’бесконечната слобода’ за оние кои измислуваат универзуми, за оние кои патуваат низ нив и за оние кои веруваат. Филмот е една бесконечност од светови, фантазии и имагинации, во кои слободата не завршува онаму каде што почнува слободата на другиот. Денеска кога реалниот свет е посуров од филмската фикција, нагласуваат од ‘Дримшорт’, тогаш бесконечноста е нашиот придонес кон слободата“.
Преубаво. И, навистина е така. „Дримшорт“ како што и најавува, како што со совршена прецизност умее да ја види реалноста околу себе и со сета своја храброст и позитивна лудост, да ѝ го спротивстави филмот, така фестивалот и го конципира и така со леснотија успева да нè поведе на тоа возбудливо патување, кое, ако ништо друго, ќе нѝ ја покаже другата страна, односно ќе нѝ покаже дека сè е возможно, во филмот и во вербата, а особено во надежта. Им благодариме на „Дримшорт“ за овие преубави стихови, кои годинава се чини одлично одговараат и се спојуваат со Паркот на поезијата и со сето тоа што тој во себе како симболика го носи.
Но, да се вратиме на главното, а тоа се содржините, кои се секогаш интересни и богати, и покрај малиот буџет, и покрај малата поддршка и непрепознавањето на вистинскиот квалитет, бидејќи кај нас има многу филмски манифестации, но многу малку вистински филмски фестивали. А „Дримшорт“ е тоа, филмски фестивал со сите нишани, кои од година в година носи нови содржини, што сè повеќе ја покажуваат смислата на неговото постоење. А покрај тоа, значаен е и неговиот фокус на регионот и неговата вмреженост со фестивали од регионот, што му дава уште поголема важност како фестивал кој може да промовира и кој може да поттикне промени и подобрување на сето она што значи филм во нашата земја, но и пошироко.
Оваа година во четири дена на фестивалот ќе бидат прикажани триесетина филма, од кои, внимавајте, дури една третина се македонски. Во годината кога македонски филмови, всушност, и не се снимаа, „Дримшорт“ ќе прикаже еден избор на кратки филмови од последниве години, повторно презентирајќи ги и поддржувајќи ги младите автори, кои имаат навистина мали можности во нашата земја за своите проекти. Филмовите се распоредени во шест програми, од кои четири се натпреварувачки, и тоа: Интернационалната, Регионалната, Студентската, како и специјалната програма „Соочување со минатото“ (која се реализира во соработка со Форум ЗФД Скопје). Додека за филмовите од програмата, која за нас е особено важна, „МК спешл“, одлучува публиката. А тука, секако, е и VR програмата, која вклучува користење на технологијата на виртуелната реалност и која буквално ја обликува иднината на кинематографијата, во чии рамки ќе бидат прикажани три филма во специфичен формат, инаку програма која е сè позастапена на реномираните фестивали.
Веќе спомнавме дека фестивалот ќе се отвори со филмот „Имиња“ на Јане Спасиќ, вклучен во Регионалната програма, кој ја носи актуелната тема на бегалците, но и една симпатична детска игра, која и не е само тоа, а си поигрува повторно со прашањето на смртта. Зошто повторно? Затоа што токму на денот на отворањето ќе биде прикажан и филмот на Елеонора Венинова, „Прошетка“, кој исто така се осврнува на оние познати филмски разговори со смртта, иако Венинова ќе му даде своја нота и специфичност, правејќи го навистина интересен и интригантен. Филмот на Венинова е во специјалната македонска програма и ќе биде прикажан заедно со филмот на Ангела Димеска „Кутии“, кој пак носи сосем поинаков предизвик во одбрана на сопственото семејство.
Во Специјалната македонска програма се и филмот: „Мавера“ на Батухан Ибрахим, „Ќелија 9“ на Јован Саркањац, „Осум дена во неделата“ на Сабедин Селмани и Берат Асани, како и „Так-так“ на Јане Алтипармаков. Од другите македонски филмови во Студентската програма (поддржана од Europe House – Струга) е вклучен филмот „Тага“ на Тина Величковиќ, додека во Регионалната програма, покрај „Имиња“, е и филмот „Дали си маж“ на Ѓорче Ставрески. А најновата вест е дека во сабота, на 10 август, во рамки на програмата што ќе се прикажува од 20,30 часот на летната сцена во „Браќа Миладиновци“, ќе има специјална проекција и филмот „Само ѓаволот се плаши од вода“ на Лидија Мојсоска, која е еден од организаторите на фестивалот, но тоа ќе биде прво прикажување на филмот пред струшката публика.
Што се однесува до другите филмови, тие доаѓаат буквално од сите страни на светот и нивните теми се навистина внимателно одбрани од страна на долгогодишниот селектор, Иван Бакрач. Инаку, најавени се и две мастеркласи, едната со Иван Бакрач на која ќе се зборува токму за слободата во филмот, а која ќе се одржи на 9 август во 15 часот во Europe House, а другата со Ено Милкани на тема „Предизвиците во филмската продукција“, која ќе се одржи исто од 15 часот само на 10 август во Europe House. Во рамките на едукативниот дел ќе има и една дискусија на тема „Соочување со минатото“, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот.
Но, да кажеме дека годинешниот специјален гостин, секако, е Ено Милкани, филмскиот режисер, монтажер, снимател и продуцент, кој живее во Тирана. Неговиот прв филм „Abandoned Eden“ имаше премиера во Карлови Вари, а вториот филм направен заедно со Пиро Милкани, „Тагата на г-ѓа Шнајдер“ беше албански кандидат за номинација за „оскар“. Има работено на повеќе документарни и кратки филмови, а тој е продуцент и на филмот „Отворена врата“ на Флоренц Папас, кој имаше одличен прием во Сараево и каде што копродуцент е и Македонија, а мала улога во него игра и нашиот Висар Вишка. Ено Милкани го предводи и годинешното жири на „Дримшорт“, заедно со актерите: Атанас Атанасовски и Наташа Петровиќ, како и со режисерот Трифун Ситниковски.
Годинава и музичката програма е посветена на македонската музика, па така, освен „Фолтин“ на почетокот, струшката публика ќе може да ужива во електронската музика на футуристичкиот бенд „Искра“ и на самото затворање на фестивалот. За сите заинтересирани, а и за оние кои сè уште не се, целосната програма на „Дримшорт“ е достапна на социјалните мрежи и на веб-страницата на фестивалот.