Виго Мортенсен со вестерн го отвора 58. Карлови Вари

post-count icon
06.28.24

Loading

Отворањето на годинешниот Интернационален филмски фестивал во Карлови Вари годинава целосно ќе биде во знакот на Виго Мортенсен, на кого на самиот почеток ќе му биде врачена и Наградата на претседателот. Покрај Мортенсен, како почесни гости се очекуваат и: Стивен Содерберг, Клајв Овен, Даниел Брул, а она што ќе ја одбележи оваа година е големата ретроспектива по повод стогодишнината од смртта на Франц Кафка

Пишува: Сунчица Уневска

Денеска во прекрасниот чешки град Карлови Вари се отвора 58. издание на Интернационалниот филмски фестивал (28 јуни до 6 јули), кое носи многу особен избор на филмови со современи теми, но не заборавајќи го и влијанието на минатото и неговата трага испреплетена во нив. Факт е дека овој средноевропски фестивал се разликува од сите други, не само по својата уникатна атмосфера, туку и по филмовите, чија оригиналност е несомнена.

Тоа веќе го покажува самото отворање, кое ќе биде целосно во знакот на американскиот  актер и режисер, Виго Мортенсен. Но, она што помалку го знаеме е дека Мортенсен е и: писател, продуцент, музичар и мултимедијален уметник. Има издадено книги поезија, а се занимава и со сликарство и фотографија. Во Карлови Вари на отворањето ќе ја добие Наградата на претседателот Јиржи Бартошка, а и самата филмска програма ќе стартува токму со неговиот најнов филм, „Мртвите не повредуваат“, каде што  ја потпишува режијата, сценариото, саундтракот, а ја игра и главната улога.

Во филмот на отворањето „Мртвите не повредуваат“, покрај Мортенсен, игра и Вики Крипс

Станува збор за една, како што велат, „потценета романса“ сместена на американскиот Запад. Мортенсен е дански имигрант, односно шериф во Невада во средината на 19 век, но иако тој прави своевидна посвета на класичниот вестерн, сепак тука во средиштето на филмот има и една силна женска протагонистка, независна, слободоумна, со која заедно се борат за своето право на достоинствен живот во времето на Граѓанската војна. Женската улога и е доверена на Вики Крипс (Сиси), а она што е интересно е дека фестивалот веќе на 4 јули ќе го пушти овој филм во сите киносали низ Чешка, вклучувајќи ја и публиката која со нетрпение го исчекува овој единствен филмски настан.

Умее Карлови Вари да го направи тој спој, да ги отвори вратите за сите, поради што е омилен меѓу публиката, особено помладата, која е и најбројна, и која може да го следи фестивалот многу неконвенционално, сместувајќи се насекаде каде што има слободно место низ овој бајковит град, полн со прекрасни паркови и фонтани. Така, веќе на отворањето е предвиден ексклузивниот концерт на британската електронска музичка група, „Кошин“, предводена од познатата кантавторка Шан Еванс, кој ќе се одржи пред хотелот „Термал“, значи на отворено и е бесплатен за сите. Инаку, овој концерт на „Кошин“ е дел од нивната турнеја со која слават 25 години од своето постоење на музичката сцена.

Портрет на една од најважните жени на британската модерна уметност, сликарката Вилхелмина Барнс Греам во филмот на Марк Казенс

Годинава е интересна и по тоа што, покрај Виго Мортенсен, предвидено е доаѓање на уште голем број реномирани автори и ѕвезди кои ќе примат почесни награди. Па, така, во Карлови Вари треба да пристигне еден од најинтересните независни американски автори, кој се појави пред повеќе од 30 години, но сè уште неговото име е доказ за провокативен филм, за филм кој секако треба да се погледне. Се работи за Стивен Содерберг, авторот на култниот „Секс, лаги и видеоленти“, кој секако подоцна направи уште бројни извонредни филмови („Патиштата на дрогата“, „Ерин Брокович“, „Нуспојави“…), но познат е по тоа што ретко оди на вакви настани. Но, во Карлови Вари ќе дојде и со свои два филма ќе биде дел од годинешната огромна ретроспектива посветена на стогодишнината од смртта на Франц Кафка. Инаку, меѓу почесните гости годинава е и британскиот актер Клајв Овен, потоа германскиот актер и режисер Даниел Брул, како и маркантниот чешки актер Иван Тројан.  

Но, да се осврнеме н програмата. Како што изјавија организаторите, тие се многу задоволни што од 32 филма во официјалната програма дури 15 се дебитанти. А тоа е и целта на фестивалот, да открие што повеќе млади автори, да понуди филмови со силен, иновативен пристап, да понуди различни жанрови и теми кои ќе донесат еден напреден, провокативен поглед на денешнината, но на свој начин ќе се осврнат и на онаа естетика што умееја да ја донесат поранешните филмови, кои ги одбележуваа тогашните нови бранови и кои се претворија во своевидни ремек-дела. Повеќето теми се осврнуваат на фрагилноста на семејните односи, на судбината на жената, на преиспитувањето на љубовта и на прашањето каде оди денешното општество. 

Многу се зборува за чешкиот филм на Адам Мартинец, „Нашето омилено свинско колење“, кој со хумор зборува за чешкиот менталитет

Во главната трка за наградата „Кристален глобус“ се вклучени 12 филма кои прават еден интересен пресек на европскиот филм, бидејќи тука се дела од: Словачка, Чешка, Норвешка, од Грузија, Холандија, од Велика Британија, но и еден филм од нашиот регион, односно од Хрватска. Тоа е филмот „Прослава“ на Бруно Анковиќ, кој е направен по успешниот роман на Давид Каракаш. Дејствието се случува меѓу 1926 и 1945 во едно сиромашно хрватско село, при што акцентот е ставен на младите заведени со десничарска идеологија.

Се издвојува и јапонскиот „Грубо спрема љубовта“ на Јукихиро Моригаки, во кој авторот прави психолошки портрет на еден брак кој се распаѓа, истражувајќи ги мрачните агли на човечката фрустрација и на долго потиснуваната болка, кои не може, а да не излезат на површина. Многу се зборува за чешкиот филм на Адам Мартинец со наслов „Нашето омилено свинско колење“, кој со многу иронија и хумор зборува за чешкиот менталитет, но исто така и комуницира со некогашниот чехословачки нов бран. А како еден од најексклузивните се смета филмот на ирскиот документарист, Марк Казенс, „Ненадеен поглед кон подлабоките нешта“, кој прави портрет на една од најважните жени на британската модерна уметност, сликарката Вилхелмина Барнс Греам и на нејзините дела откако ќе се качи на врвот на леденикот Гринделвалд во Швајцарија.

Атмосферата и достапноста на фестивалот во Карлови Вари му дава единствена аура, претворајќи го во вистинско доживување

За жал, Во Карлови Вари од пред неколку години ја нема програмата „Источно од Запад“, која беше малку повеќе посветена на филмовите од источниот регион. Сега како втора компетитивна програма се води „Проксима“ која ги нуди новите гласови, но со акцент на истиот овој регион односно на новите чешки и словачки автори. Инаку, фестивалот нуди над 10 програми, со многу специјални проекции, ретроспективи и посвети и со бројни дигитално реставрирани копии на големите филмски мајстори.

Годинава во жирито за главната програма е и познатиот австралиски актер Џефри Раш, околу кој имаше скандал бидејќи беше обвинет за недолично сексуално однесување, но успеа да добие на суд откако тужеше за клевета. Организаторите на фестивалот нагласија дека им е многу мило што овој актер, кој пред две години доби почесен „Кристален глобус“, ја тргна таа магла од себе и што прифати повторно да биде дел од фестивалот, „особено што станува збор за извонреден актер кој неверојатно е вљубен во филмот“.