ВЕНЕЦИСКИ ФЕСТИВАЛ: Дали триумфот на Џим Џармуш во Венеција е скандалозен?

post-count icon
09.07.25

Заврши 82. Мостра. * Буица прашања и критики на крајот за жирито и за нивната одлука „Златниот лав“ да го добие Џармуш, а не филмот за палестинското девојче Хинд Раџаб. * Македонија се претстави со филмовите на Теона Митевска и Тамара Котевска, која за „Силјан“ ја доби паралелната Награда за инспиративност, посветена на уметничкото во филмот. * И, на крајот, голема посвета на Џорџо Армани

Пишува: Сунчица Уневска

Доделувањето на наградите на годинешниот 82. Филмски фестивал во Венеција (од 27 август до 6 септември) беше целосно во знакот на состојбата во Газа, и тоа не само поради филмовите и протестите, туку и поради фактот што речиси сите добитници во своите говори се осврнаа на овој проблем, или барем така се чинеше, бидејќи, како што вели „Холивуд репортер“, нивниот број беше многу голем за разлика од оние кои можеби тоа не го направија.

Сето тоа создаде една многу чудна ситуација. Имено, „Златниот лав“ отиде во рацете на американската икона на независниот филм, Џим Џармуш, за неговиот филм „Татко, мајка, сестра, брат“, додека филмот за Палестина „Гласот на Хинд Раџаб“, кој го потпишува познатата туниска режисерка, Каутер Бен Ханиа („Човекот кој ја продаде својата кожа“), која зад себе има две оскаровски номинации, го доби „Сребрениот лав“ односно Големата награда на жирито. Со оглед на тоа што сите очекуваа дека наградата ќе ја добие филмот на Бен Ханиа, ова беше големо изненадување и повеќето медиуми во светот во своите известувања за наградите, наместо за „Златниот лав“, прво пишуваат за палестинскиот филм и за „Сребрениот лав“, а дури потоа за Џим Џармуш и за „Златниот лав“, што ми се чини дека никогаш порано не се случило.

А, тоа во ситуацијава, е и некако сосем нормално. Не само затоа што филмот „Гласот на Хинд Раџаб“ зборува за горливата тема во Газа и не само затоа што доби 22-минутни овации (како што велат, најмногу досега на фестивалот), туку и затоа што тоа е вистинска приказна за 6-годишното палестинско девојче кое очајнички бара помош откако израелските сили ги убиваат нејзините роднини, туку и затоа што Бен Ханиа, според критичарите, тоа го прави со неверојатна ангажираност и на таков начин што се очекува да предизвика силен одек во светот за геноцидната кампања врз палестинското население. Инаку, во филмот како извршни продуценти се вклучија и некои од големите холивудски имиња, како: Жоакин Феникс, Бред Пит и Алфонсо Куарон.  

Токму поради тоа, претседателот на жирито Александар Пејн по објавувањето на наградите беше приморан да ја објасни својата одлука, бидејќи имаше силни критики и се шпекулираше дека заради оваа одлука еден член на жирито се заканувал дека ќе замине поради своето несогласување. Но, Александар Пејн на сето тоа многу дипломатски одговара дека е неправедна работа да се биде на фестивал и да се оценуваат филмовите, дека тие како жири ги почитуваат двата филма подеднакво и се надеваат дека наградите ќе им помогнат понатаму, а ако еден морал да добие награда наспроти другиот, тогаш тоа било разлика од 0,000001 процент за да може да се донесе ваков вид одлука???? Додека, на прашањето за членот на жирито кој сакал да отстапи, одговори дека не треба да се верува на сè што ќе се прочита на интернет. Да потсетиме дека во жирито, покрај Пејн беа и: актерите од Бразил и Кина, Фернанда Торес и Жао Тао, потоа наградуваните режисери Мохамед Расулоф од Иран и Кристијан Мунџиу од Романија, како и режисерите од Франција и Италија, Стефан Бризе и Маура Делперо.

Филмот на Џим Џармуш „Татко, мајка, сестра, брат“, кого секако го паметиме по голем број култни наслови, овој пат во Венеција дојде со триптих односно филм од три дела кои тематски се поврзани и се осврнуваат на семејните проблеми и отуѓеност. Екипата на филмот во која се: Кејт Бланшет, Шарлота Ремплинг, Вики Крипс, Том Вејтс, Адам Драјвер, Мајим Бијалик, предизвика големо внимание на црвениот килим, најмногу, се разбира, поради неговата репутација, но и поради софостицираноста и моменталната популарност на Кејт Бланшет.

Додека, Каутер Бен Ханиа при примањето на наградата во својот „најсилен говор“ на вечерта, рече: „Оваа награда му ја посветувам на палестинскиот „Црвен полумесец“ и на сите оние кои рескираа сè за да спасат животи во Газа. Тие се вистинските херои. Хиндиниот глас е гласот на самата Газа, крик за спасување кој целиот свет можеше да го слушне, но никој не одговори. Нејзиниот глас ќе продолжи да одекнува. Нејзиниот глас ќе одекнува сè додека не се утврди одговорноста, сè додека правдата не биде задоволена. Филмот не може да ја врати, ниту да го избрише злосторството кое е направено над неа, но ќе може да го сочува нејзиниот глас, бидејќи ова не е само Хиндина приказна, ова е приказна за криминалниот израелски режим кој врши злосторства неказнето…“

„Сребрениот лав“ за најдобра режија го доби уште еден Американец, Бени Сефди, за својата неконвенционална биографска приказна за еден ММА борец во  „The Smashing Machine“, кого го игра познатиот акциски јунак, Двејн Џонсон. Тој при примањето на наградата му се заблагодари на Џонсон за неговата храброст и подготвеност да настапува без мрежа, велејќи дека заедно скокнале од карпа и се бореле рамо до рамо. Сефди зборуваше и дека уметноста не мора директно да се занимава со политика за да биде политичка, дека е важно филмот да предизвика емпатија и поврзаност меѓу нас, на што, сосем разбирливо во целата ситуација, се приклучи и Џим Џармуш. Дефинитивно, во целата таа силна конкуренција, како што годинава ја опишуваат критичарите, а во која беа и филмовите на: Јоргос Лантимос, Лука Гвадагињо, Оливие Асаја, Франсоа Озон, Џулијан Шнабел, ова е уште една доста спорна одлука.

Како и да е, да продолжиме со наградите. Се разбира, и Италијанците годинава не останаа без награди, Специјалната награда на жирито ја доби Џанфранко Роси за својот црно-бел документарец за Неапол, „Под облаците“, додека популарниот актер Тони Сервило беше прогласен за најдобар актер за улога повторно во филм на Паоло Сорентино, „Милост“, каде што игра италијански претседател. Наградата, пак, за најдобра женска улога отиде во Кина, за Ксин Жилеи и за нејзината „трогателна“ изведба во љубовниот филм „Сонцето изгрева над сите нас“ на Шангџун Цаи.

Француската режисерка Валери Донзели и нејзиниот косценарист, Жил Маршанд, ја освоија Наградата за најдобро сценарио за филмот „На работа“. Станува збор за адаптација на романот на Френк Кортес, кој зборува за еден успешен фотограф кој се откажува од сè за да стане писател. За најдобра млада актерка беше прогласена Луна Ведлер, која игра во новиот филм на унгарската режисерка, Илдико Ениеди, „Тивок пријател“, Наградата на публиката ја доби режисерката од Мароко, Марјам Тузани („Синиот кафтан“) за филмот „Кафе Малага“, а „Лавот на иднината“ за деби отиде кај режисерката со руско потекло, Настја Коркиа, за нејзиниот филм сместен во Чеченија, „Кратко лето“, каде што е копродуцент и Србија.

Во паралелната секција „Хоризонти“, која годинава ја отвори филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, главната награда му припадна на мексиканскиот „оригинален роуд муви“ на Давид Паблос со наслов „На пат“. Се работи за едно необично пријателство помеѓи скитник и еден молчелив возач на камион, кој ќе се поврзат и ќе создадат една чудна, несигурна врска на тие опасни мексикански автопати. Жирито го предводеше француската режисерка, Џулија Дукорно, добитничка на „Златна палма“, а останатите награди им ги дадоа на: јапонскиот „Загубена земја“  на Аки Фуџимото, кој ја доби Специјалната награда на жирито, потоа индиската авторка Анупарна Рој, која за филмот „Песни за заборавените дрвја“ беше прогласена за најдобар режисер, и Ана Кристина Бараган од Еквадор, која за „Бршлен“ ја доби Наградата за сценарио.

Венеција е позната и по тоа што на овој фестивал се доделуваат најмногу паралелни награди, дури триесетина. Станува збор за т.н. нестатутарни, најчесто независни награди кои имаат цел да поттикнат или поддржат одреден сегмент. Наградата на Меѓународното здружение на критичари „Фипресци“ (во кое членува и Македонија) отиде токму кај унгарската режисерка Илдико Ениеди за филмот „Тивок пријател“, која пред неколку години беше во Скопје и која стана меѓународно позната откако ја освои „Златната мечка“ со филмот „Тело и душа“. Во ФИЛМ+ со Ениеди имавме големо интервју.

Инаку, како што веќе се знае, во Венеција годинава Македонија имаше два филма, освен Митевска, претставена беше и Тамара Котевска со нејзиниот нов документарец, „Силјан“, кој беше прикажан во официјалната програма во секцијата „Надвор од конкуренција“. Овој филм заедно со швајцарско-француското остварување „Кој е сè уште жив“ на Николас Вадимоф, посветено на Газа, ги добија наградите „Cinema & Arts Award“ (Филм и уметност), кои се доделуваат за уметничкото во филмот односно за присутноста на другите уметности во рамките на филмското дело. Поточно, како што е објаснето, за филм кој е проткаен со уметност или за уметност видена низ филмскиот јазик. Целта на оваа организација е да се истакнат филмови што се прикажани на Венеција, а чија содржина е поврзана со она што би можело да се нарече „мета-уметност“, односно уметност во рамките на филмската уметност. Затоа и насловот на оваа награда е „Награда за инспиративност“.

Она што го одбележа годинешниот фестивал беше и апсурдно големиот број на филмови, како што истакнаа сите, што директорот Алберто Барбера ги осигурал за програмата преку платформата „Нетфликс“, која пак се потрудила да го донесе својот најсилен репертоар. Многу од тие филмови и познати најдобри светски автори останаа без награди, но секако се надеваат, според некои предвидувања, дека веќе се кандидати за „Оскар“. Ќе ги споменем само: Ноа Баумбах, Гилјермо дел Торо, Кетрин Бигелоу и многу други. Почесниот „Златен лав“ оваа година му припадна на култниот германски режисер Вернер Херцог, кому наградата му ја врачи Френсис Форд Копола. И, секако, на затворањето на фестивалот му беше одадена огромна почест, придружена со долготрајни овации, на големиот италијански моден дизајнер, Џорџо Армани, кој почина во четвртокот на 91 година. „Ти благодариме Армани што нè научи дека креативноста напредува и во просторите во кои дисциплините се среќаваат – мода, филм, уметност, нови материјали, архитектура, токму онака како што тоа го прават овде, секој ден на Венециското биенале“, рече кустосот на Биеналето, Карло Рати.