БЕРЛИНАЛЕ: Скандалозно и шокантно. Вендерс ја разгори ситуацијата, а Арундати Рој го напушти фестивалот

post-count icon
02.17.26

Многу ангажирани филмови и извонредни разговори и покрај погрешната порака на Вендерс дека филмот треба да се држи надвор од политиката. Неговата изјава предизвика такви реакции, што на крај мораше да реагира и Берлинале. * Македонскиот филм „17“ има премиера утре, на 18 февруари во програмата „Перспективи“ во Блумакс театарот, а во Берлин е присутна една богами позавидна бројка на македонски автори и продуценти

Специјално од Берлин

Сунчица Уневска

Годинешното Берлинале веќе на самиот старт го одбележаа контроверзии. Наместо да се зборува за филмовите, за „храбриот и ризичен избор“, за традицијата во поддршката на независните автори и младите ангажирани режисери, во фокусот е прашањето кое го наметна претседателот на жирито Вим Вендерс, изјавувајќи дека филмот не треба да се занимава со политика. „Мораме да се држиме надвор од политиката, бидејќи ако снимаме филмови кои се посветени на политиката, влегуваме во полето на политичките игри. Ние треба да бидеме противтежа на политиката, нејзина спротивност. Мораме да се занимаваме со работата на луѓето, а не со работата на политичарите“, изјави Вендерс одговарајќи на прашањето на еден американски блогер, кој праша дали Германија го поддржува Израел и дали со тоа што германската влада го поддржува финансиски фестивалот ја загрозува слободата на изразување.

Веројатно сакајќи да ги избегне ризичните теми, инсинуации и одвлекување на вниманието од филмовите Вендерс, всушност, направи огромна грешка, бидејќи оваа негова изјава буквално експлодираше како бомба. Дури тогаш се разгореа политичките теми и прашања, се разгоре и дилемата дали на Берлинале филмаџиите веќе нема да можат слободно да се изразуваат. Таа изјава буквално ги покри разговорите за филмовите, а социјалните мрежи беа преплавени со негативни реакции. Дури познатите весници како „Холивуд репортер“ или „Гардијан“ почнаа сериозно да се навраќаат на почетоците на фестивалот, на идејата за неговото основање, на она она што отсекогаш било негова цел и го красело како еден од најангажираните фестивали.

„Берлин отсекогаш гордо ја носеше својата политика“, пишува во ’Холивуд репортер’, осмислен како културен бедем во поделениот град. Фестивалот уште на почетокот беше замислен како платформа на која ќе може да се изразува слободниот свет, како поле за прослава на уметничката слобода. Берлин низ годините тоа наследство го прифати и секогаш одново го потврдуваше“.

Дури сега буквално сите прашања се врзани со политиката и филмаџиите на прес-конференциите најчесто се прашувани за Газа и за Доналд Трамп. Наместо да има ангажирана расправа, како секогаш до сега, овој пат се разви расправа на вирални судири.

Дополнително масло на огнот беше жестоката реакција на Арундати Рој која изрази згрозеност поради изјавата да не се меша во политиката и се повлече од своето годинешно учество на фестивалот. Познатата индиска писателка, есеистка и активистка, добитничка на Букерова награда, беше поканета во Берлин да присуствува на проекцијата на реставрираниот индиски филм „In Which Annie Gives It Those Once“ каде што таа го потпишува сценариото. Но, по ваквата изјава на жирито, чија прес-конференција вообичаено се одржува пред самиот старт на фестивалот, таа рече дека ќе го напушти Берлин изјавувајќи дека ваквиот став е зачудувачки. „Тоа е начин да се прекине разговорот за злосторствата против човештвото дури и кога тоа се случува пред нас во актуелното време. Токму тогаш“, вели Арундати Рој, „уметниците, писателите и филмаџиите би требало да направат сè што е во нивна моќ за да можат тоа да го сопрат. Ако најголемите филмаџии денес не можат да станат и да речат ’не’, треба да знаат дека историјата ќе им суди. Шокирана сум и згрозена“.

Сето ова отиде дотаму што на крајот мораше и Берлинале да реагира со официјално соопштение. „На Берлинале сите уметници можат да го користат своето право на слобода на говор“, изјави категорично директорката Триша Татл. „Слободата на изразување се случува на Берлинале. За жал многумина ја преземаа изјавата од прес-конференцијата, но извадена од контекст. Доказ за тоа е долгогодишната работа на членовите на жирито, како и на филмаџиите. Берлин останува политички ангажиран како и секогаш“, е само дел од нејзиното објаснување околу целата оваа ситуација.

На отворањето оваа година немаше политички говори, како што лани тоа жестоко го направи Тилда Свинтон, но затоа на црвениот килим можеа да се видат неколку познати ирански актери кои носеа натписи, „Ослободете го Иран“, а имаше и група посетители со транспаренти со цитати од познатата германска историчарка и филозоф, Хана Арент. Додека Здружението на иранските независни филмаџии изведоа перформанс на Потсдамер плац, каде што имаше и луѓе кои лежеа долу, сакајќи да потсетат на протестите и на лешовите по улиците по кои нивните најблиски не можеле ниту да дојдат.

Тоа, дефинитивно, го одбележа фестивалот, што е голема штета, од една страна, затоа што се работи за една од иконите на германскиот филм, Вим Вендерс, чии дела го зборат сосем обратното, а од друга страна, и затоа што на фестивалот навистина има интересна и силна програма и фокусот би требало да биде првенствено на тоа. Веќе и самиот филм на отворањето, авганистанскиот „Нема добри мажи“ на Шарбано Садат, не само што имаше геополитички одек, туку според критиките е и доста добро направен филм, кој иако романтична комедија зафаќа многу нивоа, како интимни така и општествени во авганистанското општество. Штета што филмот не е во трка за награди.

Така е и со еден од најубавите филмови што го видовме на фестивалот до сега, филипинското деби на Рафаел Мануел „Филипинана“ вклучен во програмата „Перспективи“.

Тоа е неверојатно провокативен филм, со фасцинантна визуелност, со совршени форми и идеи, создавајќи еден класик, едно безвремено дело кое истовремено носи и носталгија, но и футуризам. Тоа е преубав филм, со средени голф терени, со прекрасни девојки облечени во некои костими кои се исто така безвремени, сè е навидум совршено, но многу јасно изразувајќи ја сатирата и зборувајќи за историските и политички неправди на оваа колонијална земја, која и денеска живее во тој постколонијален свет.

На разговорот по филмот беше преполно, сите одговори беа проследени со аплаузи, а Рафаел Мануел многу отворено и точно зборуваше за таа болна реалност, која навидум е совршена и прекрасна, но навраќајќи се на мрачното минато, на бруталната структура на моќ во земјата, која започнува со колонијалистичкото американско војно присуство, а потоа неприметно преминува во рацете на владеачката локална елита. Како што рече Мануел запрашан за стилот, дека не сакал да биде брутален и да прикажува насилство, тој смета дека е лесно да се прикаже насилството, но на овој начин пораката и свеста за тие небулозни, но вкоренети и нерамноправни општествени структури, чие однесување е сурово, експлоатирачко и безобѕирно, е многу посилно. „Неделувањето, истакна Мануел, одразува нешто многу подлабоко во смисла на базичното насилство, што поради својот континуитет станува своевидно соучесништво“.

 Овде уште само ќе кажеме дека на фестивалот најмногу се зборува за улогата на германската актерка Сандра Хелер („Тони Ердман“, „Зона на интерес“, „Анатомија на еден пад“), која е повторно извонредна, овој пат во улогата во филмот „Rose“ (во смисла на војничка роза) на Маркус Шлајнзер. Драмата е сместена во 17 век, а Сандра Хелер е жена која се преоблекува во машки војник и која по враќањето од војната сака да се интегрира во селската заедница. Овој филм досега доби највисока оценка на листата на „Скрин интернешенел“ и сосема со право. Тоа што се однесува до главната програма, бидејќи во неа има и доста слаби филмови, но добри филмови видовме и од другите програми, меѓу кои би ги наброила повторно германските: „Судењето на Хеин“, „Алегро Пастел“, па иранскиот „Роја“ и би рекла дека можеме да се согласиме со изјавата на Триша Татл дека индустријата е во добра форма и дека таа е охрабрена од отпорноста на филмската индустрија.

Да се надеваме дека оваа порака ќе биде посилна од сите оние скандали што се случија. Филмовите се и тоа како ангажирани и навистина ретко кој не се занимава со актуелните политички и општествени проблеми во своите земји. Како што ќе рече и финската режисерка, Хана Бергхолм, која на прес конференција дојде со значката на лубеница, која ја одразува поддршката за Палестина, истакнувајќи дека сите ние имаме одговорност да застанеме против насилството и неправдата. Салите низ Берлин се полни, редиците се огромни, иако температурата е под нула и постојано паѓа снег. Интересни разговори, интересни луѓе, интересни автори, и ангажираност која, без оглед на сè, дефинитивно е на највисоко ниво. Сепак, тоа е времето во кое живееме.