БЕРЛИНАЛЕ: Новинарите во Берлин не беа поканети на премиерата поради неподобно пишување

post-count icon
02.20.26

На 76. Берлински филмски фестивал, кој е познат токму по ангажираност и борба за човекови права и за медиумска слобода, што повторно го покажа годинешниот скандал поврзан со политичката ангажираност, се случи уште еден скандал кој се однесува на Македонија – на светската премиера на нашиот филм „17“, вклучен во програмата „Перспективи“, македонските новинари не беа добредојдени затоа што не пишуваат „како што треба“

Специјално од Берлин

Сунчица Уневска

Во Берлин имаше само две македонски новинарки, кои следат и известуваат од фестивали најмалку 20 години. Кој би бил вистинскиот збор во оваа ситуација? Македонските новинари не пишуваат „афирмативно“, не пишуваат како што од нив се очекува, не се однесуваат со поддршка, не ја претставуваат својата земја или…, како и да е, веројатно не се подобни. Заради тоа, тие не беа добредојдени на премиерата на филмот „17“ на Косара Митиќ и не добија покани да присуствуваат и известуваат од истата.

А што, всушност, значи тоа? Дека не пишуваат како што треба или не пишуваат онака како што некој во Македонија мисли дека треба и си мисли дека може да нè научи на ред. Па нели, не може сега ние тука да си пишуваме што сакаме. После дваесетина години известување има филмаџии кои мислат дека не знаеме како треба и не го правиме тоа во нечиј интерес. Тогаш зошто би нè викале?

Значи, да резимираме. Ние, двете новинарки кои бевме на Берлинале не бевме поканети на нашата премиера односно на светската премиера на македонскиот филм „17“ на Косара Митиќ, а во продукција на „Црна мачка“ предводена од Томи Салковски. Официјално, ниту на премиерата, ниту на коктелот, значи ниту од страна на продукцијата, ниту од страна на Агенцијата за филм. Од Агенцијата ни објаснија дека имале проблем со карти…

Така што, резултатот е дека иако бевме таму ние не можеме да известуваме од премиерата затоа што не бевме дел од неа. Филмот го видовме на прес-проекција на која што салата беше половина наполнета, а од проекцијата излегоа неколку луѓе. Во списанијата не сме прочитале ништо за тоа како поминала премиерата, бидејќи сепак ова не е Главната програма и одгласот е малку поинаков. Со други зборови, за нашата публика главното известување од премиерата треба да биде од домашните новинари. Но, бидејќи ние никако да се научиме на ред – како се пишува „подобно“ – тогаш известување од главниот настан на Берлинале за нас нема.

Да потсетиме, дека филмот „17“ на Косара Митиќ беше влезен во програмата „Перспективи“, која се одржува втора година по ред во новиот „Блумакс“ театар. Годинава во рамките на оваа програма беа селектирани 14 филма, од кои 6 беа режирани од жени. Од она што имавме можност да го видиме, во оваа програма имаше навистина многу силни филмови и, секако, дека е задоволство и успех да се биде дел од официјалната селекција. Нашиот филм премиерата ја имаше на 18 февруари, но како поминала и колку била посетена, ние не можеме да знаеме бидејќи не бевме поканети.

Македонија годинава имаше штанд на маркетот на Берлинале, кој го водеше Агенцијата за филм. На премиерата пристигнаа и директорот на Агенцијата, Сашко Потер Мицевски и министерот за култура, Зоран Љутков. Според сликите имало присутни 20-тина луѓе од екипата, како и копродуцентите од Србија и Словенија. Рецензијата за филмот „17“ во „Филм плус“ ќе биде објавена деновиве.

Односно, ние ќе продолжиме со објективно пишување и известување, му се допаѓало тоа некому или не, и ќе продолжиме да критикуваме секогаш кога има место за тоа. Одамна сум напишала дека Агенцијата кај нас долги години е злоупотреба од шака луѓе, кои сè уште ги водат работите во филмот, тргнувајќи токму од фактот, дека оние кои за нив не се подобни во Македонија не можат да работат. За жал, се работи за истите луѓе кои научија како во нашата „мафијашка“ земја да се опстане, односно, сè што ви треба се моќни политичари и немате гајле. Како што со години се потврдува во нивниот случај.

Дефинитивно, има нова генерација филмаџии која покажува талент и подготвеност, но работите и понатаму зависат во многу од таа мала група луѓе, која дебело профитира од Агенцијата претворајќи ја често во своја сопствена тезга. За жал, колку што тие фондови или агенции во земјите во светот донесоа развој, кај нас донесоа владеење на една група луѓе, од која со години сè зависи.

Веруваме и сакаме да веруваме дека иако зад филмот стои истиот човек, сепак младата авторка си го заслужува сето ова што го доби, дека влезе во селекција поради квалитет и се надеваме дека така и ќе продолжи. Како беше нашата земја претставена таму не знаеме, но секако резултатот од оваа премиера и времето ќе си покажат. Состојбата до која е доведена нашата земја е срамна, но наше е да укажеме, а борбата сепак мора да се води на друго ниво. Од Берлин за премиерата на која не бевме присутни толку!