БЕРЛИНАЛЕ: Нова генерација на женски автори

post-count icon
02.22.25

Младите режисерки кои ги потпишуваат данскиот филм „Почетоци“, германските: „Ноќна смена“ и „Удирајќи го светот со тупаница“ и британскиот „Топло млеко“ донесоа една поинаква енергија, покажаа смелост и иновативност, но и подготвеност да поставуваат прашања и без страв да бараат одговори за горливите прашања. А тука, секако, да го најавиме и „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски, кој, како ретко кога, беше присутен на фестивалот, иако не беше во официјалната програма

Наш специјален известувач

Сунчица Уневска

Годинешниот Берлински филмски фестивал донесе неколку многу интересни изненадувања, филмови што умееја да ве закопаат на столицата, што носеа извонредни теми и пораки и беа направени многу зрело, за потоа да видите дека зад нив стојат авторки и тоа доста млади во поглед на филмската режија. „Топло млеко“ на Ребека Ленкиевич и „Да го удриш светот со тупаница“ на Констанца Клуе им се први филмови, на Жанет Нордал данскиот „Почетоци“ и е втор филм, додека на Петра Волпе германскиот „Ноќна смена“ и е трет долгометражен игран филм. И, тоа се само неколку, затоа мислам дека со право би можела да кажам дека на Берлинале буквално се потврди дека се појавува еден нов бран на младите жени-режисери.

Навистина е неверојатно со какво чувство, со каква прецизност во поглед на деталите, со каква силина и бескомпромисност, но и инвентивност се направени овие филмови. Почнувајќи од „Почетоци“, на пример, што беше прикажан во програмата „Панорама“, кој зборува за таква семејна и животна драма, што во приказната можеби и не носи ништо ново, но во пристапот и начинот на кој ја раскажува и ги доловува сите тие емотивни болки и пресвртници, е извонреден. Тука, секако, помага и присуството на двајцата дански искусни и фантастични актери, Трине Дурхолм и Давид Денсик, па сепак, ова е косценарио на Нордал и режија со која покажува дека има чувство за ритам, за тоа како приказната да го достигне својот климакс, за тоа колку понекогаш работите можат да одат и до крајности, а сето тоа да не биде лишено од хумор, па макар и горчлив.

Затоа што, тоа е приказна за разделба, тоа е приказна за напуштањето, тоа е приказна кога љубовта завршува, кога семејството се наоѓа пред нов предизвик, кој ги менува работите од корен, иако Нордал тргнува од аголот колку сето тоа може со „вистински“ пристап и да се избегне. Но, ќе излезе дека баш и не може, не само затоа што жената во семејството наеднаш ќе се најде во незавидна здравствена состојба, туку и затоа што децата во тоа секогаш гледаат предавство и болка, па колку и да сакате да го ублажите тоа.

Дурхолм и Денсик носат еден таков затскриен танц, во сето она што ги поврзува, но и неминовно мора да ги раздели. Нивните улоги се фасцинантни, и тогаш кога Трине се бори со својата немоќ, и тогаш кога Давид се обидува да биде од помош, иако тоа е невозможно. Семејството, сепак, во приказната на Жанет Нордал има некоја своја поврзаност, има некоја своја потреба за поддршка и разбирање, но и за осуда и за барање на подадената рака и тогаш кога најсилно ја оттурнуваме. Одличен филм, кој во големата сала „Зоо Паласт“ беше дочекан со овации и со голем интерес за сесијата „Прашања и одговори“.

Вториот филм кој ме изненади најмногу дека зад него стои жена, и тоа дебитантка, беше германскиот „Удирајќи го светот со тупаница“ на Констанца Клое. Но, да не се разбереме погрешно, немам никакви предрасуди во однос на авторките, но искрено не сме навикнале или можеби не очекував таква тема и таков пристап. А, во суштина, тоа ме радува и пресреќна сум заради овој процут на едно, така да го наречеме женско писмо или приод, кој по ништо не треба и родово да се дели, бидејќи тоа се филмови и автори кои покажуваат дека таа поделба и до пред неколку години, многу помала застапеност на авторките, е погрешна и дискриминирачка.

Токму затоа и овој текст сакам да им го посветам на годинешните режисерки на Берлинале кои донесоа толку свеж, смел и иновативен поглед на работите, покажувајќи дека храброста и „слабоста“, всушност, не само што немаат припадност, туку најчесто одат и рака под рака. Констанца Клое ќе се зафати со една доста комплексна тема, која е многу актуелна во поглед на тоа како живеат мигрантите особено опкружени со луѓето кои имаат предрасуди, особено кога се обидуваат да го најдат местото на кое му припаѓаат. „Удирајќи го светот со тупаница“ е адаптација на истоимениот роман на Лукаш Рицшел, кој во голем дел е раскажан низ детска перспектива, што е уште потешко, бидејќи работите се одигруваат во позадина, додека децата се обидуваат да излезат на крај со некои последици што во тој момент и не ги ни разбираат.

Не е воопшто едноставно да се прави ваков филм за едно полско семејство кое живее во Саксонија, каде што покрај губењето на работата, алкохолизмот, се судира и со неонацистичката супкултура, на која во еден момент морате да ѝ се приклоните ако сакате да бидете прифатени. Има тука многу стапици, многу проблеми, има неминовен распад на семејството, има многу нешта кои не е воопшто лесно да ги доловите и да зборувате за моќта или немоќта со нив да се живее, а да нема последици. Се разбира, последиците се одразуваат на сите, иако кога се работи за детскиот свет, некои работи остануваат и не докрај дефинирани. Сепак, Констанца Клое се снаоѓа одлично, правејќи филм што не може никого да го остави рамнодушен.

А тука е и еден дефинитивно виртуозен филм, што веќе го споменавме, „Ноќна смена“ на Петра Волпе, кој беше вклучен во програмата „Берлинале спешл“. За тој филм зборувавме дека им е посветен на медицинските сестри, и на тој глобален проблем со недостаток на кадар секаде во светот, иако, искрено кажано и не се доволно почитувани, ниту вреднувани. Но, ова е филм што се чини дека во еден миг може тоа да го промени, затоа што приказната, која наликува како да е документарна, и начинот на кој е доловена, како и брилијантната глума на Леони Бенеш, се нешто што е невозможно да се опише. Тоа треба да се види и доживее. А Петра Волпе тоа го прави навистина мајсторски.

Интересно е дека во него има и една лежерност, бидејќи начинот на кој се развива таа вечер ноќната смена никој не може да го предвиди. Има тука и еден толку чесен и симпатичен однос во пристапот на Леони Бенеш, која се обидува да одговори на сè и да направи колку што може, не сфаќајќи дека тој ролеркостер може да стане толку жесток и непредвидлив. Луѓето, секој со својата мака и очекувања, а таа распродадена на сите страни за да помогне колку може, да олесни, да разбере, да понуди утеха и топлина. И не само тоа, бидејќи не е во прашање само болеста, туку луѓето си имаат свои очекувања, свои стравови, свои барања, разумни и неразумни, одењето во крајности некако доаѓа само по себе иако за тоа сè уште не сте свесни, но тоа е нешто што во оваа работа, особено ако ја работите со таква посветеност како Флориа, е невозможно да се предвиди.

Леони Бенеш, како и во „Наставничка канцеларија“, целосно го води филмот, кој се чини дека без неа не би бил ист. Има таа некој таков израз кој е полн со разбирање, со сочувство, умее да донесе таква емоција, која може да здоболи до коска. Неверојатно е како се внесува во филмот, неверојатни се нејзините трансформации, неверојатна е болката која ја чувствувате на нејзиното лице, но и некаде длабоко во неа, додека се обидува да даде максимум од себе. Но, работите никогаш не се едноставни, особено не кога работите со луѓе кои се во таква ранлива состојба. Исклучителен филм, кој беше навистина атракција во Берлин, каде што се одржуваа лутрии за медицинските сестри и каде што избраничките одеа групно да го гледаат филмот, облечени во нивните униформи. Филмот веќе направи свој импакт и на одличен начин го сврте вниманието кон овој децениски проблем.

Ребека Ленкиевич, пак, која е повеќе позната како сценаристка отколку како режисерка, во британскиот „Топло млеко“ се зафаќа со помалку сложена приказна од нејзините претходни, како „Ида“, „Таа рече“, „Колет“, па сепак, ова нејзино режисерско деби успева да влезе во конкуренција, и додека многумина го гледаат како безначајно баш затоа што се претвора во некаков женски филм, напати снимен како љубовен роман, сепак не е така. Ленкиевич умее да си поигра со идентитетите и со комплексните судири во барањето на својата слобода, во барањето можност да се биде свој и да се прекине некаква рутина која ѝ го уништува животот. Но, тоа не е лесно, особено кога станува збор за односот мајка-ќерка.

Има тука многу поттекст, има една таква поврзаност која, колку и да звучи банално, може да ви го промени животот во барањето одговори и можност да не чувствувате вина. Ленкиевич, потпирајќи се на романот на Дебора Леви ќе се обиде да направи филм во кој го истражува тој сложен однос меѓу мајката и ќерката, нешто што Софија ја прави толку несреќна, нешто што ја тера да се бори, но и да се предаде, не знаејќи како да излезе од тој маѓепсан круг. Можеби, врската со жената што ќе ја сретне на плажа ќе ѝ ја донесе таа илузија, која, за жал, брзо ќе се распрсне.

Некако неминовно, но и нормално, филмот се претвора во потрага по вистината, сакајќи да се ослободи, а сепак да ги има вистинските одговори. Бидејќи, колку и да е несреќна, каприцот не е доволен, ниту бегството од мајката која сака да ја контролира. Нејзината борба е многу посложена од што на прв поглед изгледа, затоа и завршува драматично, но никако неисилено.

Годинешното 75. Берлинале донесе добри филмови, но како што и многу често се случува, не во главната програма. Она што е интересно и видливо е храброста и потребата овие филмски приказни да се вратат на екранот, барајќи го повторно она кино што некако ја загуби силата, го загуби идентитетот, а кое умееше и тоа како да поместува граници. Се чини дека има една нова сила и некои „нови клинци“ кои растеле на филмот и во него го бараат она истото кое умее да каже и промени многу повеќе од било што друго. Очигледно е дека ова се филмови кои имаат поинаква енергија, чија потреба да поставуваат прашања и да ги бараат правите одговори во едно време кое во многу отиде во погрешен правец, се доволно одважни конечно да ги донесат и вистинските промени, што во последно време како да сме ги подзаборавиле. Мислам дека ова јубилејно Берлинале беше и е поинакво, и се надевам ќе го има вистинскиот одѕив.

„Диџеј Ахмет“ беше доста популарен во Берлин,

иако не беше во официјалната програма на фестивалот

За дебитантскиот игран долгометражен филм на македонскиот режисер Георги Унковски, „Диџеј Ахмет“, кој освои две награди на најголемиот фестивал на независни филмови во Санденс и веќе го привлече вниманието на светските филмски кругови, се зборуваше и на годинешното Берлинале. Иако овој филм не беше во официјалната програма, сепак, интересот за него на големиот Европски филмски маркет направи да се слушне и да се пишува за филмот во фестивалските списанија, кои се сметаат и за најрелевантни на фестивалот.

Најголемата информација, која веќе одекна во Македонија, секако е фактот дека продажната агенција „Films Boutique“ со седиште во Берлин успеа да ја продаде оваа драма и да ги осигури првите меѓународни договори за доста големи територии, како што се: Австралија и Нов Зеланд, Канада, Шпанија, земјите на Бенелукс, Португалија, Израел и земјите на поранешна Југославија. Дури и Јулиен Разафиндранали, водител на продажбата во оваа агенција, изјави дека е многу ретко некој филм истовремено да добие пофалби од критиката, од публиката и да освои признанија од жиријата и дека се навистина задоволни што гледаат таков ентузијазам за филмот кај дистрибутерите присутни на Европскиот филмски маркет во Берлин.

Исто така, можеше да се види и листата на „Форбс“, каде што се зборува за тоа дека фестивалот „Санденс“ веќе станува лансирна рампа за многу филмови во нивниот пат до „оскарите“. Истото се очекува и оваа година, особено за неколку документарци кои веќе беа прикажани на „Санденс“, за потоа „Форбс“ да ја понуди својата листа од 6 филма прикажани на овој фестивал, кои секако би требало да се погледнат, а меѓу кои се најде и нашиот „Диџеј Ахмет“.

А интересно е дека тоа не беше сè, туку во „Варајети“ се појави и листа на нови чешки наслови што се во понудата на годинешниот Европски филмски маркет, а на која предничат: биографскиот филм за Франц Кафка на една од најнаградуваните и најпочитувани полски режисерки, Агњешка Холанд, потоа најновиот анимиран филм од една моќна анимациска куќа и македонскиот „Диџеј Ахмет“, каде што Чешка е малцински копродуцент. Ова е дотолку поинтересно ако се знае дека на листата има доста интересни и наградувани филмски автори, чии нови филмови раскажуваат биографски приказни поврзани со војната во Украина, потоа со убиството на еден словачки истражувачки новинар од 2018, како и со приказната за еден новинар на чехословачкото радио кој се спротивставува на Варшавскиот пакт во 1968. Со други зборови, приказни кои се навистина многу важни за чешката историја и кои се во продукција на Чешка, а некои од нив се наоѓаат и на кратката листа за „оскарите“. Па, сепак, „Диџеј Ахмет“ е меѓу првите на оваа листа, сметајќи го како една од поинтересните понуди во рамките на најновата чешка продукција.

Секоја чест за филмот и за Георги Унковски, бидејќи по „Медена земја“, ова е единствениот македонски филм кој добил вакво внимание на меѓународно ниво, а не помина ни цел месец од неговата светска премиера на „Санденс“.