БЕРЛИНАЛЕ: Историско отворање на 76. Филмски фестивал со авганистанскиот филм „Нема добри мажи“

post-count icon
02.11.26

Во трка за престижната „Златна мечка“ се 22 филма, а за наградите годинава одлучува жири предводено од култниот германски автор, Вим Вендерс. * Селекцијата ја краси смел избор на режисери од независната сцена и од земји кои за првпат или ретко можат да се видат на фестивали од овој ранг. * Македонија годинава има филм во официјалната новововедена програма „Перспективи“, во која светска премиера ќе има младата режисерка Косара Митиќ со своето деби „17“ * На отворањето почесна „Златна мечка“ ќе добие азиската актерка, Мишел Јео

Пишува: Сунчица Уневска

Годинешниот старт на 76. Берлински филмски фестивал (од 12 до 22 февруари) ќе го одбележи смелиот избор на филмот на отворањето, но и воопшто, смела селекција на една нетипична програма составена од многу филмови што доаѓаат од земји ретко присутни и прикажувани, особено на фестивали што се во врвот на светската фестивалска филмска мапа.

Отворањето на Берлинале на 12 февруари (утре) со авганистанскиот филм „Нема добри мажи“ на Шарбано Садат донесе големо изненадување, со оглед на досегашната пракса на отворањето да се донесе филм со што повеќе ѕвезди на црвениот килим и да се направи вистинска атракција привлечна за широката публика. Но, организаторите на фестивалот, предводени од поновата директорка Триша Татл, овој пат одлучија да понудат нешто сосем поинакво и да застанат зад еден многу храбар избор, ветувајќи големи филмски откритија и вистински доживувања. Како и да е, ова најверојатно ќе биде историско поточно прво отворање на Берлинскиот филмски фестивал со авганистански филм.

Но, сепак, да не заборавиме дека 35-годишната режисерка, сценаристка и актерка, Шарбано Садат, иако млада не е непозната во филмскиот свет. Напротив, таа е првата режисерка која на 19-годишна возраст е избрана на престижната резиденција Кан Синефодејшн, каде што во 2010 година го развивала својот прв долгометражен филм „Волк и овца“. На отворањето на Берлинале ќе се прикаже нејзиниот трет игран филм, „Нема добри мажи“, додека претходните два, споменатиот „Волк и овца“ и „Сиропиталиште“ биле прикажани на, исто така, престижната програма „Кензен“ во Кан, позната како „14 дена на авторите“.

Истакнување на животот на авганистанските жени

„Шарбано Садат е еден од највозбудливите гласови во светската кинематографија, а филмот ‘Нема добри мажи’ навистина го исполнува ветувањето кое веќе го донесоа нејзините први два филма. Таа ја продолжува својата витална работа во поглед на истакнувањето на животот на авганистанските жени, внесувајќи романтика и хумор во  оваа возбудлива политичка приказна. Фактот дека филмот се базира на вистински настани и дека режисерката рескирала многу за да го сними, го прави уште позначаен за нашето свечено отворање“, изјави директорката на Берлинале, Триша Татл.

Садат навистина на многу интересен начин се занимава со традицијата во својата земја, со предрасудите и верувањата, правејќи необичен спој на магискиот реализам со стварноста. Работејќи во стилот на „синема верите“ или филм-вистина, таа ѝ е доста верна на реалноста, одушевувајќи со својата храброст и иновативност. Така и беше објаснета наградата CICAE (за поддршка и промовирање на млади храбри автентични автори) која ја доби во Кан, а на тој начин и се наметнува зборувајќи отворено и искрено. Романтичната комедија „Нема добри мажи“ е наедно и третиот од пет планирани филмови базирани на автобиографското дело на авторот и актер Анвар Хашми, но секогаш испреплетено со нејзиниот живот и биографија. „Нема добри мажи“ е израз на нејзиното убедување дека во Авганистан нема добри мажи, но откако ќе се вработи како единствена жена камерман на телевизијата во Кабул ќе сфати дека постои и друга стварност. И, како што вели, верува и се надева дека овој филм ќе им ја понуди потребната надеж на младите девојки во нејзината земја.

„Ако овде не најдете нешто што ќе сакате, тогаш не го сакате киното“

Но, филмот на Шарбано Садат нема да се натпреварува за награда, туку ќе биде прикажан во програмата Berlinale Special Gala. Така што во трка за „Златна и Сребрена мечка“ се вклучени 22 филма, и тоа буквално од сите страни на светот, со тоа што во оваа програма има само едно деби, бидејќи дебитантските филмови од лани главно се прикажуваат во новата програма „Перспективи“, во која годинава и Македонија има филм, но за тоа подоцна. Во главната програма има и еден анимиран и еден документарен филм, што исто така е поразлично од минатите години, но она што останува исто е дека во игра повторно се истите автори кои често се дел од програмата на Берлинале, па дури и во трка за награди. Бројката достигнува дури 14 автори кои веќе биле селектирани на фестивалот, а шест од нив се бореле и за главните награди. Оваа година девет филмови режирале или корежирале жени, а она што е интересно е дека од 22 филма 20 имаат светска премиера. Тоа не е вообичаено за фестивали од рангот на Берлин и Кан, но ете Берлин овој пат вклучува и два филма што веќе биле прикажани на други фестивали.

Но, како што беше кажано на прес-конференцијата, организаторите силно веруваат во нивниот избор, па дури, како што вели Триша Татл, си дозволуваат и дрско да изјават дека „ако овде не пронајдете нешто што ќе сакате, тогаш не го сакате киното“. Звучи интересно, но останува да видиме. Во секој случај, прво што паѓа во очи навистина е смелоста, бидејќи се работи за голем број независни режисери, се работи за земји кои се ретко во селекција и за доста непознати имиња, односно не се оди на атракција, на ѕвезди, на гламур. Така, во главната програма има филмови од Гвинеја Бисао, од Чад, од Сингапур, од Литванија, па дури и еден вестерн поместен во 1930-тите години во Австралија. Најмногу остварувања доаѓаат од Германија и од САД, по 3, а два филма има од Турција. Од регионот нема ниту една земја, а од европските земји тука се и: Белгија, Ирска, Велика Британија, Австрија, Франција, Финска, Шпанија и Унгарија.

Барањето на идентитетот – една од честите теми

Унгарскиот режисер Корнел Мондрузо кој веќе и е познат на пошироката публика, всушност, првпат доаѓа во Берлин. Мондрузо често беше дел од Канската програма, каде што има освоено и доста награди со филмовите: „Делта“, „Белиот бог“ и „Јупитеровиот месец“, додека во Берлин доаѓа со филмот „На море“ во кој главната улога ја игра одличната американска актерка Ејми Адамс.

Се работи за жена која се враќа од рехабилитација и која се соочува со ситуацијата кога веќе ја нема кариерата за која „гинела“, на која ѝ била толку посветена што буквално ја довело до самоуништување. Но, како понатаму, каде сега да го најдете својот идентитет.

Режисерката од Германија, Ева Тробиш, е едно многу интересно име. Школувана во Њујорк и во Лондон, таа го сврте вниманието на себе веќе со својот прв филм „Сè е добро“, со кој беше во Локарно и во Минхен и ја доби наградата на критиката „Фипресци“. Веднаш потоа како млад талент доби Награда за жените во подем во филмската индустрија на фестивалот во Кан, а во Берлин се претстави пред три години со „Иво“ во програмата „Encounters“. Сега во главната програма е вклучена со филмот „Нешто многу посебно“, каде што повторно во фокусот е барањето себеси и она што го одредува нашиот идентитет додека младата Леа лута околу семејниот хотел во шумите на поранешна Источна Германија.

Историските и современи трауми

Ангела Шанелец, пак, се споредува со европските авангардни култни филмаџии, како што се Шантал Акерман, Антониони или Бресон. Таа е дел од Новиот бран на Берлинската филмска школа заедно со Кристијан Пецолд, а досега има два пати добиено „Сребрена мечка“, еднаш за режијата на „Бев дома, но…“, а вториот пат за сценариото на филмот „Музика“. Нејзиниот филм се вика „Мојата сопруга плаче“, што буквално се случува кога нејзиниот маж, 40-годишниот Томас, кој ракува со дигалка, ќе добие повик да ја земе неговата жена од болница.

Интересна е младата авторка Бет де Араухо, која е родена и порасната во Америка, но има кинеско и бразилско потекло. Таа влезе во компетиција со нејзиниот втор филм „Жозефина“, но токму за неа е направена отстапка, односно нејзиниот филм веќе имаше премиера на „Санденс“ каде што доби две награди, на жирито и на публиката, а беше прикажан и во Палм Спрингс и освои признание како режисерка која треба да се види. Жозефина е осумгодишно девојче кое ќе сведочи на злосторство во паркот Голден гејт, и чија емоционална траума ќе доведе до промени и потреси во семејството кое мора со сето тоа да се соочи. Во филмот играат: Ченинг Тејтум и Џема Чен. А вториот филм за кој Берлин прави отстапка е токму австралискиот филм наречен „Волфрам“ на Ворвик Торнтон, кој веќе имаше премиера во Аделаида. Интересно е дека филмот се базира на вистински настани навраќајќи се на користењето на децата во северниот дел на Австралија во првата половина на 20 век, односно на домородното абориџинско население кое е принудено да копа во рудниците сè до доаѓањето на двајца одметници кои ќе донесат бран на суровост, но и ќе се обидат да ослободат некои од децата од белите господари.

Македонскиот филм „17“ се занимава со темата за насилството

Но, она што годинава секако за нас е најважно е дека Македонија после 6 години повторно има филм во официјалната селекција на Берлинале. Овој пат во новата програма „Перспективи“ која беше воведена лани, со цел да им даде поголема поддршка на младите автори и да помогне во откривањето на „новите блескави таленти и нивните филмови со вчудовидувачка креативност“. Станува збор за филмот „17“ на Косара Митиќ, која го потпишува и сценариото заедно со Огњен Свиличиќ. Како што беше кажано на прес-конференцијата, филмот е инспириран од вистински настани. Тоа е приказна за 17-годишната Сара која на училишна екскурзија ќе биде сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, настан што овие млади девојки ќе ги поврзе засекогаш.

„Вистинскиот настан зад филмот ‘17’ носи тежина поголема од киното, па затоа мојата прва одговорност беше етичка, а не уметничка“, изјави Митиќ, додавајќи дека поради тоа формално му се спротивставила на сензационализмот, работејќи со отсуство и воздржаност. Темата со која индиректно се занимава во филмот, е фактот дека насилството често се нормализира или игнорира. Токму поради тоа нејзината порака до публиката е да преземе одговорност за тишините што сè уште постојат. Главните улоги во филмот ги играат: Ева Костиќ и Мартина Даниловска, фотографијата е на Наум Доксевски, а монтажата на Владимир Павловски. Филмот е поддржан од Агенција за филм. Продукцијата е на „Црна мачка“ во копродукција со Србија и со Словенија и поддржан од СЕЕ Синема Нетворк. Она што е најново е дека меѓународната продажба на филмот уште пред неговата премиера ја презема француската куќа „Тотем филмс“.

„Златна мечка“ за Мишел Јео, а жирито го предводи легендарниот Вим Вендерс

Почесната „Златна мечка“ на отворањето на фестивалот ќе ѝ биде врачена на Мишел Јео, која се смета за икона на азиската акциона кинематографија. Во 2023 Мишел Јео конечно го доби и „Оскарот“ за откачената научно-фантастична комедија „Сè во исто време“, потврдувајќи го своето влијание во меѓународната кинематографија. Таа работи веќе 40 години, и тоа на сите континенти и се смета дека нејзиниот историски успех ја означува пресвртницата за застапеноста на азиските уметници во глобалната кинематографија.

Уште само да кажеме дека годинава главното жири го предводи иконата на германскиот, но и на светскиот филм, Вим Вендерс, кој со своите култни филмови донесе нов бран и ја промени кинематографијата, воопшто. Доволно е само да ги споменеме: „Алиса во градовите“, Американски пријател“, „Париз, Тексас“, „Небото над Берлин“, „До крајот на светот“, филмови кои оставија траен белег. Вендерс има голем придонес и во Европската филмска академија, која ја водеше две децении, тој е еден од основачите и на Германската филмска академија, а голем придонес и соработка има и со Берлинскиот фестивал. Затоа уште повеќе ова се смета за посебна година, кога жирито предводено од Вендерс на 76. издание на Фестивалот ќе ги додели престижните „Златна и Сребрена мечка“.