БЕРЛИНАЛЕ: „Златна мечка“ за норвешкиот „Соништа (Секс, Љубов)“

post-count icon
02.23.25

„Со оглед на тоа што утре (односно денеска) се избори во Германија, само се надевам дека фестивалот следната година нема да го отвори филмот ‘Триумфот на волјата’ на Лени Рифенштал“, изјави романскиот режисер Раду Жуде, примајќи ја наградата за сценарио и притоа изрази надеж дека во Европа ќе има помалку „скапана солидарност“ и дека Хаг ќе ја одработи својата работа околу „убиствените гадови“. Но, тоа беше единствената политичка изјава, односно впечатокот оваа година е дека 75. Берлинале, и покрај силната поделеност во Германија, помина мирно и позитивно

Наш специјален известувач

Сунчица Уневска

Главната награда, „Златна мечка“, на годинешното јубилејно 75. Берлинале отиде во Норвешка, во рацете на Даг Јохан Хаугеруд за неговиот филм „Соништа (Секс, Љубов)“, поточно за неговиот трет и последен филм од трилогијата (насловена „Секс, Љубов, Соништа“). Првиот филм „Секс“ беше прикажан лани на Берлинале, во програмата „Панорама“, додека вториот „Љубов“ беше селектиран во конкуренција на минатогодишната Венеција.

Претседателот на жирито, Тод Хејнс, беше одушевен од овој филм за откривањето на сексуалноста, во кој една тинејџерка е опсесивно вљубена во својата професорка, велејќи дека е направен многу интелигентно и на начин кој изненадува со своите емотивни пресврти. Во него 17-годишната девојка за своите доживувања и искуство ќе напише есеј, кој потоа ќе биде награден…

Режисерот Хаугеруд видно возбуден изјави дека ова е нешто што е над неговите најлуди соништа, порачувајќи: „Пишувајте повеќе и читајте повеќе, бидејќи тоа го проширува вашиот ум. Тоа е толку добро за вас“.

Што се однесува до Тод Хејнс, американскиот режисер, сценарист и продуцент, кој го предводеше седумчленото жири и кој зад себе има исклучителен опус, тоа е автор кој важи за еден од креаторите на новото квир-кино. За него се вели дека е фасцинантен истражувач на родот и идентитетот и дека е стилски сестран, храбар и особен. Доволно е само да ги споменеме: „Далеку од рајот“, „Велвет голдмајн“, „Керол“, „Црни води“ и уште многу други. Во 1991 година со своето деби „Отров“, токму во Берлин ја има освоено наградата „Теди“, а оваа година му припадна и почесната награда „Теди“.

Но, да се вратиме на наградите. Големата награда на жирито односно „Сребрената мечка“ ја доби бразилскиот филм „Сина патека“ на Габриел Маскаро, кој котираше највисоко според гласовите на критичарите, иако на крајот Наградата на критиката „Фипресци“ отиде, исто така, кај норвешкиот „Соништа (Секс, Љубов)“.

Маскаро, всушност, се осврнува на темата за тоа како општеството се однесува кон своите највозрасни граѓани. Имено, тоа е дистописка приказна сместена во Амазонија во која луѓето што ќе наполнат 75 години се носат да живеат во една изолирана населба, „Колонија“, при што една жена ќе побегне од конвојот и ќе тргне по својот пат. Но, тоа е претставено како „почест“ од страна на владата, иако тие повеќе не можат сами да купуваат или да патуваат, а целта е младите генерации да можат да се фокусираат на продуктивноста и да не мора да се грижат за постарите. При примањето на наградата Маскаро рече дека сакал да направи филм за тоа како никогаш не е доцна да се пронајде нова смисла во животот, но и дека тоа е anti-age парабола која го коментира присилното раселување на населението.

Наградата на жирито, пак, отиде повторно во Јужна Америка, за аргентинскиот филм „Порака“ на Иван Фунд. Тоа е филм за дарбата на една млада девојка, која може да комуницира со животните. Фунд зборуваше за тоа дека времињата се тешки во Аргентина, за тоа дека треба да се направи демонтажа на кинематографијата и на културата, додавајќи дека оваа „мечка“ сега е противтежа која покажува дека филмот ќе продолжи да живее.

„Сребрената мечка“ за најдобра режија му припадна на кинескиот режисер Хуо Менг за филмот „Да се живее земјата“. Овој филм и аргентинскиот „Порака“ донесоа изненадување, бидејќи, за разлика од норвешкиот и бразилскиот котираа доста слабо од страна на критиката и нејзините гласови што се објавуваат секојдневно во „Скрин интернешенел“. Но, очигледно жирито не мислеше така, па Менг беше награден за приказната која е сместена во 1990-тите години и за тоа како социо-економската трансформација влијаела на животите на бројните семејства.

Австралиската актерка Роуз Брн сосема заслужено ја освои „Мечката“ за најдобра улога во филмот „Кога би имала нозе, би те шутнала“ на Мери Бронштајн. Таа е фасцинантна уште од првиот кадар. Тоа е филм за една мајка која се чини дека е на работ на нервен слом, но која некако волшебно успева цело време да се одржи на површината на водата, додека се обидува да најде баланс меѓу својата работа како психотерапевт и мајка на дете со посебни потреби.

Додека, наградата за најдобра споредна улога ја доби Ендру Скот за филмот „Сина месечина“ на Ричард Линклејтер. Интересно е дека Ендру Скот пред само пет години бил претставен на Берлинале во програмата „Шутинг старс“, а уште поинтересно е што сите очекуваа дека наградата ќе ја добие Итан Хоук. Да не се разбереме погрешно, Хоук дефинитивно го одигра брилијантно писателот Лоренц Харт, но Скот во улогата на бродвејскиот композитор Ричард Роџерс, исто така, си го заслужи ова признание.

Романскиот режисер Раду Жуде, кој во филмот „Континентал ‘25“ повторно силно ја критикува својата земја, особено во поглед на градежната мафија, национализмот и корупцијата, ја однесе наградата за сценарио. Не дека ова беше филм за награда, „Континентал ‘25“ му е далеку послаб филм од претходните, па сепак начинот на кој ја доловува состојбата во Романија е секако интригантен. Така и се гледаше на неговата награда, како на „најскандалозен момент“ на вечерта, бидејќи ја доби за „изразување на дехуманизираните последици од техно-капиталистичкото општество“. Што, впрочем, и е вистина. Но, би рекла дека повеќе неговите изјави беа скандалозни отколку наградата.

„Со оглед на тоа што утре (односно денеска) се избори во Германија, само се надевам дека фестивалот следната година нема да го отвори филмот ‘Триумфот на волјата’ на Лени Рифенштал (алудирајќи на нацистичкиот пропаганден филм во услови кога има алармантен подем на крајната десница во Германија)“. Инаку, тој својата награда му ја посвети на Луис Буњуел, роден баш на 22 февруари 1900 година, изразувајќи надеж дека во Европа ќе има помалку „скапана солидарност“ и дека Хаг ќе ја одработи својата работа околу „убиствените гадови“.  

Оваа година Берлинале под водство на новата директорка Триша Татл ја укина програмата „Средби“ и ја воведе програмата на дебитанти, „Перспективи“. Интересно е дека оваа програма донесе доста добри остварувања, што секако беше неочекувано, бидејќи сепак се работи за први филмови. Главната награда ја доби мексиканскиот режисер Ернесто Мартинез Бучио за филмот „Ѓаволот пуши (и изгорените кибритчиња ги става во иста кутија)“.

А она што е особено интересно е дека програмата се отвори со словенечкиот филм на Уршка Џукиќ, „Мали проблематични девојки“, кој во оваа програма ја доби и наградата „Фипресци“.

Она што беше изненадување е дека, и покрај зовриената политичка атмосфера, а и покрај почетните жешки говори на Тод Хејнс и Тилда Свинтон, фестивалот потоа помина во мирна и позитивна атмосфера и без протестни политички говори на крајот, за разлика од лани, на пример. Додека, посетеноста беше неверојатно голема, така што само продадени влезници имаше над 330 илјади. Сепак, годинава на фестивалот, иако политичката поделеност во Берлин беше толку очигледна, преовлада уметноста и филмот.