Познатата онлајн платформа „Festival Scope“, заедно со Европската филмска академија и другите партнери од филмската индустрија, испрати отворено писмо во кое се залага за слободата на говор и демократските вредности, давајќи и поддршка на Триша Татл, на која и се заканува отказ. Истовремено барајќи потписи и од сите нас за да го поддржиме нејзиното останување како уметничка директорка на Берлинале. Имено, германските власти свикаа кризен состанок по сите скандали што се случија на фестивалот, а особено поради пропалестинските говори на крајот и очигледно, за да ја оправдаат својата улога, сега бараат жртвено јагне
Пишува: Сунчица Уневска

Ќе биде ли Триша Татл пуштена низ вода, сега откако беше принудена да се бори со сите контроверзии за време на Берлинскиот фестивал. Проблемот настана токму со обидот да не се зборува за политика, за првпат во историјата на фестивалот. Зошто? Затоа што на германската влада, која му дава голема голема поддршка на Берлинале, не и одговараше да биде прозвана за нејзината улога во актуелните настани во светот денеска. Од таму и тргна сè…
Туниската режисерка ја одби наградата за „Гласот на Хинд Раџаб“
Туниската режисерка Каутер Бен Ханија лани во Венеција го претстави својот нов филм „Гласот на Хинд Раџаб“, направен според вистински настани за петгодишното палестинско девојче убиено од израелската армија, заедно со семејството и спасувачите од Црвениот крст, кој крена голема прашина, но и покрај тоа што е извонредно направен, не го доби „Златниот“ туку „Сребрениот лав“. За истиот филм годинешното Берлинале, кое ќе биде запаметено по контроверзиите предизвикани со обидот да се заобиколи политиката, на настанот насловен како „Филмот за мир“ сакаше да и даде статуетка на Бен Ханија за овој филм означувајќи го како „most valuable“ (највредно или најзначајно дело), награда која авторката ја одби со зборовите дека мирот не е парфем што се прска преку насилството за да можат моќните да се чувствуваат префинето и пријатно.

Особено, изразувајќи огорченост што на истиот настан беше награден и пензионираниот израелски генерал, Ноам Тибон. „Ако зборуваме за мирот, тогаш мора да зборуваме за правдата, а правдата значи одговорност“, нагласи таа.
Бен Ханија на гала-вечерата во Берлин, што се одржа во понеделникот, истакна дека убиството на петгодишното палестинско девојче не е исклучок, туку дел од системскиот геноцид, додавајќи дека тоа убиство е овозможено со соучесништво на најмоќните светски влади и институции. Таа ја остави својата награда на подиумот одбивајќи да и дозволи на индустријата да го користи нејзиниот документарец за „перење на слики“. „Одбивам да дозволам нејзината смрт да стане кулиса за пристојните говори за мирот. Кога мирот ќе ја има тежината на правна и морална обврска, вкоренета во одговорноста за геноцидот, тогаш ќе се вратам и ќе ја прифатам наградата со радост“.
Германските институции обвинети за двојни стандарди
Колку и да се обидуваше да ја ублажи ситуацијата годинешното Берлинале, сепак, ќе биде запаметено по жестоките реакции поради обидот да биде (навидум) „аполитично“ и поради „двојните стандарди“ со оглед на институционалното молчење на фестивалот за геноцидот во Газа наспроти неговата гласно искажаната солидарност со настаните во Украина и во Иран. Токму тоа и го напишаа во отвореното писмо филмските работници, поттикнати од изјавите на годинешниот претседател на жирито, германската филмска икона, Вим Вендерс, кој рече дека филмот треба да остане надвор од политиката. Тоа буквално покрена бранови од реакции и направи целиот фестивал да помине во знакот на политиката и обидите да се докаже дека нема цензура и дека фестивалот останува политички ангажиран.

Но, дали е така? Бидејќи, сепак, изјаснување за Газа немаше, освен од страна на филмаџиите кои имаа свои филмови на фестивалот и од филмските работници кои масовно го потпишуваа писмото барајќи слобода на изразување и одговорност. Веќе пишувавме дека индиската писателка, Арундати Рој, добитничка на Букеровата награда за „Богот на малите нешта“, беше згрозена од изјавите дека филмот треба да биде надвор од политиката и го напушти фестивалот. Веднаш потоа се огласија и филмаџиите, отпрвин 80, па бројката стигна до 105, кои потпишаа протестно писмо каде што го изразија своето очекување институциите во филмската индустрија да одбијат да бидат соучесници во страшното насилство кое и понатаму се спроведува над Палестинците.
„Вџашени сме, пишува во писмото, со учествувањето на Берлинале во цензурирање на уметниците кои се противат на израелскиот геноцид во Газа и од клучната улога која ја има германската држава во неговото овозможување.“ Филмаџиите што минатата година на Берлиналето се залагаа за достоинство, живот и слобода во Палестина изјавија дека биле агресивно укорени од страна на програмерите. „Заедно со нашите колеги ја отфрламе оваа институционална репресија и антипалестински расизам“, истакнаа тие.
Протестно писмо за Берлинале да ја исполни својата морална должност
Вим Вендерс се најде во центарот, филмаџиите се оградија од неговата изјава тврдејќи дека филмот не е и никогаш не бил спротивност на политиката. Напротив, не може да се одвои едното од другото. Тие потсетија на говорот на Вим Вендерс што го одржал во 2017 година по повод 30-годишнината од Европската филмска академија, кога поради порастот на национализмот во Европа изјавил: „Имаме заедничка одговорност во Европа и за Европа, одговорност која ги преминува нашите национални граници. Ние како филмска заедница, како филмско семејство, сме во совршена позиција да направиме разлика со нашите приказни, со нашата фантазија, со нашите звукови и слики, носејќи поголема одговорност од било кога.“

Како што беше истакнато, ситуацијата во меѓународниот филмски свет се менува. Многу меѓународни фестивали го поддржаа културниот бојкот против Израел, а повеќе од 5.000 филмски работници, вклучувајќи ги и водечките холивудски и меѓународни личности го најавија своето одбивање на соработка со израелските филмски компании. Сепак, Берлинале до сега не ги исполни барањата да даде изјава со која го потврдува палестинското право на живот и слобода, осудувајќи го геноцидот над Палестинците. Затоа апелот беше уште посилен: „Го повикуваме Берлинале да ја исполни својата морална должност и јасно да го изрази своето противење на израелскиот геноцид, на злосторствата против човештвото и на воените злосторства против Палестинците и потполно да ја прекине својата вклученост во заштита на Израел од критиките и повиците за одговорност.“
Зад тоа писмо застанаа многу познати имиња, меѓу кои се: Тилда Свинтон, Хавиер Бардем, Марк Рафало, Оливија Колман, Питер Мален, Мајк Ли, Кен Лоуч, Ширин Нешат, Фернандо Меирелес, Гаел Гарсија Бернал, Ема Стоун, Сузан Сарандон, Јоргос Лантимос, Брајан Кокс и уште многу други.
Прекинат преносот во живо од прес-конференцијата со жирито

Интересно е дека уште на самиот почеток преносот во живо од прес-конференцијата на новинарите со жирито беше прекинат тогаш кога германскиот новинар, Тило Јунг, ги спомна изјавите на фестивалот за солидарност со филмаџиите во Иран и Украина и го праша жирито дали го поддржува „тој селективен третман кон човечките права“ кога се работи за Газа и за германската поддршка на Израел. Подоцна директорката Триша Татл се правдаше со техничка грешка и интервенираше со цел расправата да се насочи кон филмот. Во своите изјави таа инсистираше дека од уметниците не би требало да се очекува за зборуваат за сите политички прашања. Но, притисната од настаните и растечкото незадоволство, тврдеше дека Берлинале и понатаму останува отворено и политички ангажирано: „Не веруваме, рече таа, дека на овој фестивал има филмаџија кој е рамнодушен кон големото страдање на луѓето во Газа и на Западниот брег, во Демократската Република Конго, во Судан, во Иран, во Украина, во Минеаполис…“ Релативизирањето не успеа.
Либанските и палестинските деца не се предмет на преговори

Но, сепак, филмаџиите можеа да зборуваат отворено и факт е дека Берлиналето на крајот, на доделувањето на наградите, заврши со многу политички говори. Еден од нив беше и на либанската режисерка Мари-Роуз Оста, која ја доби „Златната мечка“ за својот краток филм, „Еден ден, дете“. Тоа е приказна за едно момче кое во својата фантазија има супер моќ да ги урива авионите. „Но, во стварноста е далеку од тоа“, рече Оста. „Децата на Палестина и на мојот Либан немаат никаква супер моќ да се заштитат од израелските бомби. Ниедно дете не би смеело да има потреба од супер моќ за да го преживее геноцидот што го поддржуваат вето-силите и колапсот на меѓународното право. Ако оваа ‘златна мечка’ нешто значи, тогаш нека биде порака дека либанските и палестински деца не се предмет на преговори“. Овој говор, по краткиот молк, сепак беше испратен со долг аплауз.
Додека, сириско-палестинскиот режисер Абдала Алкатиб беше далеку пожесток. Неговиот палестински филм „Хроники од опсадата“, кој успева да ја долови агонијата на луѓето што се обидуваат да преживеат во воената зона, ја доби главната награда во програмата на дебитанти, „Перспективи“.

При примањето на наградата тој излезе со палестинското знаме и ѝ се обрати директно на германската влада, велејќи: „Вие сте партнери на израелскиот геноцид во Газа. Верувам дека сте доволно интелигентни да ја препознаете оваа вистина, но вие одбирате да не се грижите“. За време на неговиот говор германскиот министер за заштита на околината, Карстен Шнајдер од Социјалдемократската странка, ја напушти салата.
Триша Татл се обиде да го спаси образот, но на крај и погрешно се сликала???
А она што сега следи, е можноста Триша Татл да добие отказ. И покрај нејзините очигледни напори да го спаси образот, да докаже дека нема цензура и дека фестивалот е и тоа како свесен за целата денешна сурова и фрагментирана стварност во светот. „Многу луѓе, рече таа на затворањето, на фестивалот дојдоа носејќи тага, лутина, потреба од неодложно дејствување. Тие чувства се вистински, тие и припаѓаат на нашата заедница. Ги слушаме, и ние бевме оваа година јавно предизвикани. Но, критиката е дел од демократијата, како и несогласувањето. Ги почитуваме луѓето кои зборуваат, па и тогаш кога не се согласуваме. Прикажавме 278 филма од 80 земји. Филмските автори рескираа многу за да ги раскажат своите приказни. Слободното изразување на Берлинале не е еден глас, тоа се многу гласови…“

Тие филмови, како што рече, поттикнуваат, инспирираат и тивко или гласно инсистираат да ги видиме. „Вечерва е нивниот простор и можност да ги слушнеме.“
Таа беше отворена и со сите се сликаше, но сега има голема можност да добие отказ, особено и поради сликата со екипата од палестинскиот филм, на која тие ги носат знамињата и нивните карактеристични шалови. Каква хипокризија. Како и да е, според „Билд“ германскиот министер за култура, Волфрам Веимер, веќе ја разрешил Татл, иако тоа не е официјално. Се знае дека во Германија се одржува итен, кризен состанок за тоа во кој правец треба Берлиналето понатаму да се движи, а филмските организации веќе почнаа да испраќаат барање за поддршка за Триша Татл, сметајќи ја како голем професионалец, кој покажа чувство за водство, застанувајќи зад слободата на говорот и демократските вредности.